Ветил — град на доброто и злото
НЕКОИ градови стануваат славни — или озлогласени — заради настаните кои се случуваат во нив. Меѓутоа, Ветил е необичен по тоа што станал познат и по доброто и по злото. Патријархот Јаков го именувал тој град Ветил, што значи „Дом Божји“. Но, илјада година подоцна, пророкот Осија го нарекол тој град „Дом на штетноста“. Како овој град се променил од добро на зло? И што можеме да научиме од неговата историја?
Поврзаноста на Ветил со Божјиот народ почнала во 1943 пр. н. е. кога сѐ уште бил жив Авраам. Во тоа време, градот бил познат како Луз, неговото првобитно хананско име. Бил сместен во ридестиот предел, на околу 17 километри северно од Ерусалим. Замисли си ги Авраам и неговиот внук Лот како ги гледаат плодоносните низини на ниската долина Јордан од една поволна положба која се наоѓала високо во планините околу Ветил. Авраам тактично го свртува вниманието на Лот кон проблемот да одредат пасишта за нивните огромни стада: „Не треба да се караме јас и ти, ни моите пастири со твоите пастири, зашто сме роднини. Не е ли пред тебе целата земја? Оддели се од мене. Ако тргнеш ти на лево, јас ќе тргнам на десно; ако ти појдеш на десно, јас, пак, на лево“ (1. Мојсеева 13:3—11).
Авраам не го барал своето право да избере прв. Наместо тоа, му дозволил на помладиот човек да го избере најдобриот дел. Ние можеме да го имитираме добриот став на Авраам. Можеме да ги смириме спорните прашања со тоа што ќе преземеме иницијатива да зборуваме смирено и да постапуваме несебично (Римјаните 12:18).
Со години подоцна, кога Авраамовиот внук Јаков бил улогорен во Луз, имал еден необичен сон. Тој видел ‚една скала која стои на земјата, а со врвот допира до небото, и Ангели Божји се качувале по неа и слегувале‘ (1. Мојсеева 28:11—19; спореди Јован 1:51). Сонот имал важно значење. Ангелите кои ги видел Јаков требало да му служат во исполнувањето на ветувањето кое му го дал Бог во врска со неговото семе. Јеховината возвишена положба над скалата покажувала дека тој ќе ги води ангелите во тоа дело.
Ова уверување во божествената поддршка длабоко го трогнало Јаков. Кога се разбудил од сонот, тоа место го нарекол Ветил, што значи „Дом Божји“ и му се заветувал на Јехова: „Од сѐ, што ќе ми дадеш, ќе Ти давам Тебе дел десетти“a (1. Мојсеева 28:20—22). Признавајќи дека сѐ што има дошло од Бог, тој посакал да му врати еден обилен дел како симбол на својата благодарност.
Христијаните денес исто така имаат ангели кои служат во нивна корист (Псалм 90:11; Евреите 1:14). И тие можат да го покажат своето ценење за сите благослови — со тоа што се „богати со многу изрази на благодарност на Бог“ (2. Коринтјаните 9:11, 12, NW).
Со текот на времето, потомците на Јаков станале нација. Уште на почетокот од освојувањето на Ханан, нивниот водач Исус Навин праведно го поразил паганскиот цар на Ветил (Исус Навин 12:16). За време на судиите, пророчицата Девора живеела близу Ветил и им ја кажувала Јеховината реч на луѓето. И Самуил редовно го посетувал Ветил додека судел во нацијата Израел (Судии 4:4, 5; 1. Царства 7:15, 16).
Ветил станува центар на отпадништво
Но, поврзаноста на Ветил со чистото обожавање престанала после поделбата на царството, во 997 пр. н. е. Царот Јеровоам го одредил Ветил како центар за обожавање теле — наводно телето го претставувало Јехова (3. Царства 12:25—29). Заради тоа, кога пророкувал за уништувањето на Ветил, Осија укажал на него како на „Бет-Авен“, што значи „Дом на штетноста“ (Осија 10:5, 8).
Иако Ветил станал центар на духовна штетност, настаните поврзани со него и понатаму даваат важни лекции (Римјаните 15:4). Една таква лекција е во врска со еден неименуван пророк кој бил испратен од Јуда во Ветил за да го претскаже уништувањето на неговите олтари и свештеници. Јехова му рекол да наврати и во Јуда — само неколку километри на југ — без да јаде или да пие. Овој пророк смело изрекол пророштво пред Јеровоам, царот на Израел, привикувајќи зло врз олтарот во Ветил. Но, потоа не го послушал Бог со тоа што јадел во куќата на еден стар пророк во Ветил. Зошто? Стариот пророк лажно тврдел дека еден Јеховин ангел му наредил да му пружи гостопримство на другиот пророк. Непослушноста на пророкот од Јуда довела до негова предвремена смрт (3. Царства 13:1—25).
Доколку некој соверник ни предложи да правиме нешто што изгледа сомнително, како би требало да реагираме? Запомни дека дури и еден добронамерен совет може да биде штетен ако е погрешен. (Спореди Матеј 16:21—23.) Ако бараме водство од Јехова преку молитва и проучување на неговата Реч, ќе ја избегнеме трагичната грешка што ја направил неименуваниот пророк (Изреки 19:21; 1. Јованово 4:1).
После околу 150 години, и пророкот Амос отпатувал на север за да пророкува против Ветил. Амос силно ги осудил своите непријателски настроени слушатели, вклучувајќи го и свештеникот Амасија, кој вообразено му рекол да ‚оди и да се насели во земјата Јудина‘. Но, Амос бестрашно му ги кажал на свештеникот Амасија несреќите кои ќе дојдат врз неговото сопствено домаќинство (Амос 5:4—6; 7:10—17). Неговиот пример нѐ потсетува на тоа дека Јехова може да ги осоколи своите понизни министри (1. Коринтјаните 1:26, 27).
На крај, верниот цар на Јуда, Јосија, го срушил ‚жртвеникот што бил во Ветил, го изгорел, го претворил во прав, ја изгорел и дубравата‘ (4. Царства 23:15, 16). Старешините денес можат да го имитираат неговиот добар пример со тоа што ревносно ќе ги следат Божјите упатства и со тоа што ќе преземаат водство за да го одржат собранието чисто.
Овие случки во историјата на Ветил сликовито ги прикажуваат последиците од праведноста и од злобата, од послушноста и од непослушноста кон Јехова. Со години пред тоа, Мојсеј го ставил пред израелската нација овој избор: „Денес ти предложив живот и добро, смрт и зло“ (5. Мојсеева 30:15, 16). Медитирањето за историјата на Ветил ќе нѐ охрабри да се идентификуваме со „Домот Божји“, местото за вистинско обожавање, а не со „Домот на штетноста“.
[Фуснота]
a И Јаков и Авраам доброволно принеле десетти дел.
[Слика на страница 23]
Урнатините кај наоѓалиштето на Ветил, каде што Јеровоам основал центар за обожавање теле