Еден горделив регент ја губи империјата
„ЦАРОТ Валтазар“, напишал пророкот Даниил, „приреди голема гозба за илјада свои достоинственици и пред очите на илјадата пиеше вино.“ Меѓутоа, додека гозбата траела, царот ‚го изменил лицето, мислите му се смутиле, појасот на бедрата му олабавил и колената негови почнале да се удираат едно со друго‘. Пред да заврши ноќта, ‚Валтазар, царот халдејски, бил убиен. А Дариј Мидијанинот го презел царството‘ (Даниил 5:1, 6, 30, 31).
Кој бил Валтазар? Како дошло до тоа да биде наречен „царот халдејски“? Каков точно бил неговиот статус во Неовавилонската Империја? Како ја изгубил империјата?
Придружен регент или цар?
Даниил укажува на Навуходоносор како на татко на Валтазар (Даниил 5:2, 11, 18, 22). Меѓутоа, овој однос не е дословен. Книгата Nabonidus and Belshazzar од Рејмонд П. Доурти укажува дека можеби Навуходоносор бил негов дедо по мајка му Нитокрис. Исто така, можеби Навуходоносор, со тоа што бил кралски претходник, едноставно му бил „татко“ на Валтазар што се однесува до престолот. (Спореди 1. Мојсеева 28:10, 13.) Во секој случај, клинестите натписи на неколку глинени цилиндри, откриени во јужен Ирак во текот на 19 век, го идентификуваат Валтазар како најстариот син на Набонид, царот на Вавилон.
Бидејќи извештајот во Даниил, поглавје 5, се сосредоточува на настаните од ноќта 539 пр. н. е. кога паднал Вавилон, тој не кажува како Валтазар добил кралски авторитет. Но, археолошките извори даваат некаква претстава за односот меѓу Набонид и Валтазар. „Вавилонските текстови откриваат дека Набонид бил ексцентричен владетел“, вели Ален Милерд, археолог и авторитет за древните семитски јазици. Милерд додава: „Иако не ги игнорирал вавилонските богови, тој . . . обрнувал прилично внимание на богот на месечината во два други града, Ур и Харан. Неколку години од своето владеење, Набонид дури и не живеел во Вавилон туку престојувал во далечната оаза Теима [или Тема] во северна Арабија“. Изгледа дека голем дел од своето владеење Набонид поминал надвор од престолнината Вавилон. За време на неговото отсуство, административната власт му била предадена на Валтазар.
Фрлајќи повеќе светлина врз вистинската положба на Валтазар, еден клинест документ опишан како „Verse Account of Nabonidus“ наведува: „Тој [Набонид] му го довери ‚логорот‘ на својот најстар (син), првородениот; војските насекаде низ земјата ги подреди под негова (заповед). Му препушти (сѐ), [тој] му го довери царувањето“. На тој начин, Валтазар станал придружен регент.
Но, може ли еден придружен регент да се смета за цар? Една статуа на еден древен владетел која била најдена во северна Сирија во 1970-тите, покажува дека не било непознато еден владетел да биде наречен цар кога, всушност, имал помала титула. Тоа била статуа на еден владетел од Гозан и била испишана на асирски и арамејски. Асирскиот натпис го нарекол човекот — управител на Гозан, но паралелниот арамејски натпис го нарекувал цар. Па така, не било без преседан тоа што во службените вавилонски натписи Валтазар бил наречен престолонаследник (кнез), иако во арамејскиот запис на Даниил бил наречен цар.
Подготовката за заедничко владетелство меѓу Набонид и Валтазар продолжила во последните денови на Неовавилонската Империја. Затоа, истата ноќ кога паднал Вавилон, Валтазар понудил да го направат Даниил трет владетел во царството, а не втор (Даниил 5:16).
Премногу самоуверен и горделив регент
Последните настани од владеењето на Валтазар покажуваат дека кнезот бил премногу самоуверен и горделив. Кога на 5 октомври 539 пр. н. е. дошол крајот на неговото владеење, Набонид се криел во Борсипа, бидејќи претрпел пораз од силите на Медоперсија. Самиот Вавилон бил под опсада. Но, Валтазар се чувствувал толку безбеден во градот кој бил опколен со масивни ѕидини што истата ноќ одржал „голема гозба за илјада свои достоинственици“. Херодот — грчки историчар од петтиот век пр. н. е. — вели дека внатре во градот луѓето во „тоа време играле и уживале“.
Но, надвор од вавилонските ѕидини, војската на Медоперсија била будна. Под водството на Кир, тие ги свртеле водите на реката Еуфрат кои течеле низ центарот на градот. Неговите војници биле спремни да зашлапаат низ речното корито веднаш штом нивото на водата доволно ќе се спуштела. Тие би се искачиле преку стрмнината и би влегле во градот низ отворените бакарни порти на ѕидот покрај реката.
Ако Валтазар ја забележел активноста надвор од градот, ќе можел да ги затвори бакарните порти, да ги постави своите силни луѓе покрај речните брегови и да го фати во стапица непријателот. Наместо тоа, под дејство на виното, арогантниот Валтазар побарал да бидат донесени садовите од Јеховиниот храм. Потоа тој, неговите гости, неговите сопруги и конкубини пркосно пиеле од нив додека ги фалеле вавилонските богови. Одеднаш, на чудесен начин се појавила една рака и почнала да пишува на ѕидот од палатата. Исполнет со страв, Валтазар ги повикал своите мудреци за да му ја протолкуваат таа порака. Но, тие ‚не можеле да го прочитаат напишаното и да му го објаснат на царот значењето негово‘. Конечно, ‚при царот бил воведен‘ Даниил. Под божествена инспирација, Јеховиниот храбар пророк го открил значењето на чудесната порака, предвидувајќи го паѓањето на Вавилон под Медите и Персијците (Даниил 5:2—28).
Медите и Персијците лесно го зазеле градот, а Валтазар не ја преживеал ноќта. Со неговата смрт и со тоа што Набонид изгледа му се предал на Кир, била окончана Неовавилонската Империја.
[Слика на страница 8]
Даниил ја толкува кобната порака за Вавилонската Империја