Да се обожава Бог со вистина
За да му биде прифатливо на Бог, обожавањето мора да се темели на вистината (Јован 4:23). Библијата ги идентификува вистинските обожаватели како такви кои ѝ припаѓаат на ‚Црквата [собранието, NW] на живиот Бог, столб и тврдина на вистината‘ (1. Тимотеј 3:15). Лицата кои го сочинуваат Божјето собрание не само што веруваат во вистината од Божјата Реч туку тие и живеат во склад со неа и ја бранат, разгласувајќи ја низ целата Земја (Матеј 24:14; Римјаните 10:9—15).
ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ се добро познати по своето библиско образовно дело кое сега се извршува во повеќе од 200 земји. Тие ја проучуваат Библијата и поучуваат за неа како за вистина — без да го внесуваат разводнувачкото влијание на човечките филозофии. Дали си запознат со нивните учења кои се темелат на Библијата? Многумина се колебаат да ги слушаат Јеховините сведоци поради негативните информации кои кружат за нив. Но, лицата со искрени срца се поканети самите да одредат дали она што го проповедаат Сведоците е вистината или не. Една таква битна одлука не треба да се темели на гласини. Многумина кои лично ги испитале учењата на Јеховините сведоци извлекле голема корист.
Спознанието за вистината го истерува стравот
На пример, размисли за случајот на Евгенија. Таа била одгледана во строго католичко домаќинство. Татко ѝ бил еден од организаторите на посетата на папата на Мексико во 1979 година. Додека ги посетувала пријателите, Евгенија дошла во контакт со Јеховини сведоци. Со нивна помош почнала погрижливо да го анализира она што го вели Библијата. Таа се сеќава: „Отпрвин почна да ме обзема страв. Ја пронајдов вистината! Но, тоа значеше дека поголемиот дел од моите поранешни верувања се погрешни. Моето семејство, пријателите, луѓето кои ги сакав — сите тие не беа во право. Бев вознемирена. Се прашував како ќе реагира моето семејство на она што неодамна го открив. Како што времето поминуваше и со Јеховина помош почнав да се приспособувам кон ова големо доживување. Еден ден решив да му се доверам на еден куќен пријател — професор по теологија. Му кажав сѐ за мојата желба да ја најдам вистината. Тогаш тој забележа: ‚Ако сакаш да ја запознаеш вистината, побарај ги Јеховините сведоци‘“.
Токму како што Евгенија и стравувала, семејството ја истерало од дома. Меѓутоа, Сведоците продолжиле да ѝ пружаат духовна помош. Таа коментира: „Бев зајакната да заземам став за вистината. Сфатив дека тоа беше нешто за кое вреди да се бориш. Приемот од страна на Јеховините сведоци ми беше многу важен. Се чувствував сакана во христијанското собрание. Тоа што се зближив со Божјата организација ми помогна да го надминам стравот од тоа сама да заземам став“.
Разгледај уште еден пример. Сабрина пораснала навикната да има редовни семејни дискусии за Библијата. Всушност, дома развиле еден облик на ‚семејна религија‘. Ѝ станало обичај да се дружи со членови на различни религии за да ги разоткрива нивните грешки. Кога еден Јеховин сведок ѝ понудил библиска студија, таа спремно ја прифатила со намера да ги побие неговите верувања. Се сеќава: „Откако проучував повеќе од една година, се уплашив да не ја изгубам ‚мојата вистина‘. Лесно ми беше да ја разоткријам измамата на многуте религии во кои бев вклучена, но овојпат не беше така лесно“.
Стравот ја навел Сабрина да прекине со проучувањето на Библијата со Јеховините сведоци. Но, потоа се почувствувала духовно празна. Одлучила повторно да започне со проучување и на крај ја прифатила оваа новопронајдена вистина. Сабрина напредувала до тој степен што посакала да го споделува со другите она што го учела. Дури побарала да ги придружува Сведоците во нивната служба од куќа до куќа. Сабрина објаснува: „Пред да ми биде одобрено да проповедам со Јеховините сведоци, бев запрашана: ‚Дали ти навистина сакаш да бидеш Јеховин сведок?‘ ‚Не!‘ — одговорив. Пак ме обзеде страв“. Конечно, откако продолжила да присуствува на сите состаноци и го набљудувала Божјиот народ и тоа како тој ги применува библиските начела, Сабрина дошла до заклучок дека тоа всушност е вистината. Се крстила и сега е полновремен евангелизатор.
Зошто се толку поинакви?
Некои би можеле да прашаат: ‚Зошто учењата на Јеховините сведоци се толку поинакви од оние на другите религии?‘ Еден краток преглед на она што го веруваат Сведоците ќе ти помогне да увидиш дека тие се искрени христијани, совесни студенти на Библијата. Те охрабруваме во сопствената Библија да ги побараш стиховите од горенаведеното резиме на нивните основни верувања.
Ако одблизу испиташ што веруваат Јеховините сведоци и како тие се придржуваат кон она што го учи Библијата, можеш да бидеш благословен со слободата која ја дава вистината (Јован 17:17). Нема причина да се плашиш од вистината. Запомни го Исусовото ветување: „Ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:32).
[Рамка на страница 6]
НЕКОИ ОСНОВНИ ВЕРУВАЊА НА ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ
◯ Јехова е семоќен Бог. Во најраните манускрипти на Библијата неговото лично име се појавува повеќе од 7.000 пати (Осија 12:5).
◯ Исус Христос е Божји Син кој дошол на Земјата за да го даде својот живот за човештвото (Јован 3:16, 17). Јеховините сведоци ги следат учењата на Исус Христос онака како што се изнесени во евангелијата.
◯ Името Јеховини сведоци се темели на Исаија 43:10 кој вели: „,Мои сведоци‘, вели Господ, ‚сте вие‘“.
◯ Царството за кое се молат луѓето во молитвата „Оче наш“ е небесна влада која наскоро ќе ги отстрани сите страдања и болки во светот за да му направи место на рајот кој го ветува Библијата (Исаија 9:6, 7; Даниил 2:44; Матеј 6:9, 10; Откровение 21:3, 4).
◯ Секој кој ја врши Божјата волја има прилика вечно да ги ужива благословите на Царството (Јован 17:3; 1. Јованово 2:17).
◯ Христијаните мораат да го обликуваат своето однесување спрема она што го вели Библијата. Тие мора да настојуваат да бидат чесни, да водат чист, морален живот и да покажуваат љубов кон ближниот (Матеј 22:39; Јован 13:35; 1. Коринтјаните 6:9, 10).
[Слика на страница 5]
Јеховините сведоци ја разгласуваат библиската вистина до луѓето во повеќе од 200 земји