Млади кои ‚имаат доверба во Јехова‘
МЛАДИТЕ немаат исклучително право на убавината, ниту старите имаат исклучителна повластица за мудроста. (Спореди Изреки 11:22; Проповедник 10:1.) Напротив, оние кои поседуваат трајна убавина и вистинска мудрост се оние кои имаат доверба во Јехова и кои со цело срце велат за него: „Ти си мој Бог“ (Псалм 30:14; Изреки 9:10; 16:31, НС).
Ширум светот постои растечко мноштво од прекрасни луѓе, и млади и стари, кои ја покажуваат својата мудрост така што му служат на Бог и ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство. Земи ја за пример, осумгодишната Сабрина.
Сабрина живее во Германија и оди во второ одделение. Таа е прва од Јеховините сведоци која го посетува тоа училиште. За жал, била мета на навредите од нејзините школски другарчиња сѐ до денот кога наставникот ги замолил учениците да ја донесат својата омилена книга на часот. Сабрина решила да ја донесе книгата Моја книга со библиски приказни. Ноќта пред тоа, иако била загрижена, добро се подготвила за часот. Бидејќи во нејзиното одделение имало 26 ученици, знаеле дека можеби нема да има доволно време. Но била решена да не дозволи никој да ја прекине во нејзината презентација и била сигурна дека Јехова ќе ѝ помогне. На договорениот ден, наставникот прашал кој ја понел својата книга и кој сака прв да ја покаже. На изненадување, само Сабрина ја донела својата. Застанала пред одделението и почнала да зборува, да чита и да ги покажува сликите од книгата и да објаснува дека сето тоа се темели на Библијата. На крајот рекла: „Кој е заинтересиран да ја добие книгава?“ Му дала еден примерок на наставникот, а во текот на наредните неколку дена, им дала уште десет книги на некои од соучениците. Единствениот коментар на наставникот бил: „Никогаш не сум видел вакво нешто“. Ѝ дал 5 на Сабрина за нејзиниот труд.
Всушност, голем број млади Сведоци се среќни објавители на добрата вест во училиштето. Друг пример е Ерика, 11-годишна објавителка од Мексико. Уште од детството била поучувана да го сака Јехова. Нејзиниот успех во училиштето е извонреден. Една од нејзините задачи била да подготви материјал за сидата и за зависноста од тутун и алкохол. Добро се подготвила, користејќи го списанието Разбудете се!, и ги добила највисоките оценки. Нејзината наставничка ја запрашала каде ги нашла информациите, па ѝ биле дадени списанијата кои содржеле статии на тие теми. Подоцна, наставничката ги употребила овие списанија за да дискутира за темата со целото одделение. Поради однесувањето на Ерика, нејзиното почитување спрема наставниците и високите оценки, ги исполнила условите да добие подароци, дипломи и делумна школарина. Меѓутоа, таа мисли дека нејзиното најголемо постигнување е тоа што се идентификувала како Јеховин сведок, што била во можност да даде библиска литература и што го возвишила Божјето име.
Потоа, тука е Шанон, десетгодишно момче кое живее на Нов Зеланд. Тој има само едно око; другото го изгубил од рак кога бил бебе. Кога имал седум години, мајка му на Шанон почнала да ја проучува Библијата со Јеховини сведоци. Но, недолго откако ги започнала своите библиски подуки, почнала да живее во див брак со некој маж и решила да го прекине проучувањето. Шанон ја молел да продолжи со неговото проучување на Библијата. Желбата му била исполнета. Сведоците продолжиле да ги посетуваат и на крајот сите три члена на домаќинството ја проучувале Библијата и духовно напредувале. Откако законски се венчале, мајката и очувот на Шанон биле крстени.
Еден ден Шанон и сопругата на покраинскиот надгледник биле заедно во служба на проповедање. Еден станар го запрашал Шанон: „Што ти се случило со окото?“ „Имав рак на него, па мораше да биде отстрането“ — одговорил тој. „Наскоро Јехова ќе ми даде ново во Рајот, и токму затоа сме тука за да ви кажеме за тоа“.