‚Јехова, Бог штедар и милостив‘
„[Јехова, NW], Бог штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и вистински!“ (2. МОЈСЕЕВА 34:6).
1. а) Каква утеха им пружа Библијата на оние кои виделе како некое сакано лице застранува од чистото обожавање? б) Како гледа Јехова на оние кои грешат?
„ЌЕРКА ми ми рече дека повеќе не сака да биде дел од христијанското собрание“, вели еден христијански татко. „Со денови, седмици, па дури и со месеци после тоа чувствував измачувачка болка во телото. Тоа беше полошо и од смрт.“ Навистина е болно да се види како некое љубено лице застранува од патот на чистото обожавање. Дали си имал такво искуство? Ако да, ќе бидеш утешен од сознанието дека Јехова се соживува со тебе (2. Мојсеева 3:7; Исаија 63:9). Но, како тој гледа на оние кои грешат? Библијата покажува дека Јехова милостиво ги поканува да се вратат во неговата наклоност. Тој ги преколнувал бунтовните Евреи од времето на Малахија: „Обрнете се кон Мене, и Јас ќе се обрнам кон вас“ (Малахија 3:7).
2. Како Библијата покажува дека милоста е составен дел од Јеховината личност?
2 Божјата милост му била нагласена на Мојсеј на гората Синај. Таму Јехова се открил себеси како „Бог штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и вистински!“ (2. Мојсеева 34:6). Оваа изјава нагласува дека милоста е составен дел од Јеховината личност. Тој ‚сака сите да се обрнат кон покајание‘, напишал христијанскиот апостол Петар (2. Петрово 3:9). Секако, Божјата милост не е безгранична. „Но никако не дава ослободување од казна“, му било кажано на Мојсеј (2. Мојсеева 34:7, NW; 2. Петрово 2:9). Сепак, „Бог е љубов“ и милоста е една голема фасета на таа особина (1. Јованово 4:8; Јаков 3:17). Јехова нема ‚вечно да се гневи‘ и тој „има обичај да се смилува“ (Михеј 7:18, 19).
3. Како Исусовото гледиште за милоста е спротивно на гледиштето на книжниците и фарисеите?
3 Исус бил совршен одраз на својот небесен Татко (Јован 5:19). Неговото милостиво постапување со виновниците не значело преминување преку нивните гревови, туку било израз на истите нежни чувства кои ги покажал кон оние кои биле физички болни. (Спореди Марко 1:40, 41.) Да, Исус ја вброил милоста во „поважните работи“ од Божјиот закон (Матеј 23:23, NW). Наспроти тоа, размисли за книжевниците и фарисеите, чии ситничарски претстави за правдата обично во потполност ја елиминирале милоста. Кога виделе дека Исус има работа со грешници, тие негодувале: „Овој прима грешници и јаде со нив“ (Лука 15:1, 2). На оние кои го обвинувале, Исус им одговорил со три илустрации. Секоја од нив ја подвлекува Божјата милост.
4. Кои две илустрации ги раскажал Исус, и која била поентата на секоја од нив?
4 Прво, Исус зборувал за еден човек кој оставил 99 овци за да побара една изгубена. Која била неговата поента? „Така и на небото ќе биде поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници, што немаат потреба од каење.“ Потоа, Исус зборувал за жена која барала една изгубена драхма и откако ја пронашла се израдувала. Како го применил тоа? „Таква радост, ви велам, станува и пред ангелите Божји за еден грешник, што се кае.“ Третата илустрација Исус ја раскажал во облик на парабола.a Многумина ја сметаат како најдобриот расказ кој некогаш бил кажан. Едно разгледување на оваа парабола ќе ни помогне да ја сфатиме Божјата милост и да ја имитираме (Лука 15:3—10).
Бунтовниот син си заминува од дома
5, 6. Како помладиот син во Исусовата трета илустрација покажал вчудовидувачки недостиг на ценење?
5 „Еден човек имаше два сина. Помладиот од нив му рече на татка си: ‚Татко, дај ми го делот што ми припаѓа од имотот!‘ И таткото им го раздели имотот. По неколку дена, помладиот син, кога собра сѐ, отиде во далечна земја и таму го потроши својот дел, живеејќи блудно [развратен живот, NW]“ (Лука 15:11—13).b
6 Помладиот син овде покажал еден вчудовидувачки недостиг на ценење. Како прво, тој го побарал своето наследство, а потоа го потрошил „живеејќи развратен живот“. Изразот „развратен живот“ е преведен од еден грчки збор кој значи „распуштено живеење“. Еден изучувач вели дека тој збор „изразува состојба кога некој му се препушта на карактерот до крајност“. Со добра причина младиот човек од Исусовата парабола честопати е наречен расипник, збор кој опишува лице кое безгрижно е разуздано и расипничко.
7. Кој денес личи на расипникот, и зошто многу такви поединци бараат независност во „далечна земја“?
7 Дали денес има луѓе кои личат на расипникот? Да. За жал, еден релативно мал број луѓе го напуштаат безбедниот „дом“ на нашиот небесен Татко Јехова (1. Тимотеј 3:15). Некои од нив мислат дека средината во Божјето домаќинство е премногу ограничувачка, дека Јеховиното будно око повеќе е пречка отколку што е заштита. (Спореди Псалм 31:8.) Размисли за една христијанка која била одгледана во склад со библиските начела, но која подоцна се впуштила во злоупотреба на алкохол и дрога. Осврнувајќи се на тој мрачен период од својот живот, таа вели: „Сакав да докажам дека можам да постигнам подобар живот. Сакав да го правам она што сакам и не сакав некој да ме исправа“. Исто како расипникот, оваа млада жена барала независност. Трагично е тоа што поради нејзините небиблиски практики морала да биде отстранета од христијанското собрание (1. Коринтјаните 5:11—13).
8. а) Каква помош може да им се понуди на оние кои сакаат да живеат спротивно на Божјите мерила? б) Зошто треба да се обрне отрезнувачко внимание на изборот во врска со обожавањето?
8 Кога некој соверник покажува желба да живее спротивно на Божјите мерила — тоа навистина го кине срцето (Филипјаните 3:18). Кога ова се случува, старешините и другите кои имаат духовни квалификации се стремат да го исправат лицето што греши (Галатјаните 6:1). Сепак, никој не е присилен да го прифати јаремот на христијанското учеништво (Матеј 11:28—30; 16:24). Дури и младите — кога стануваат полнолетни — мораат да направат личен избор во врска со обожавањето. На крајот на краиштата, секој од нас е лице со слободна волја кое ќе положи сметка за себе пред Бог (Римјаните 14:12). Се разбира, и ќе ‚жнееме што сме сееле‘ — лекција која расипникот во Исусовата парабола наскоро требало да ја научи (Галатјаните 6:7, 8).
Очај во една далечна земја
9, 10. а) Каква промена на околностите доживеал расипникот, и како реагирал на тоа? б) Илустрирај како некои кои денес го напуштаат вистинското обожавање доживуваат слични неповолни околности како расипникот.
9 „Откако потроши сѐ, настана голем глад во таа земја и тој се најде во мака; па отиде при еден човек во таа земја и се погоди, и тој го прати во своето поле да пасе свињи. И страден беше да го наполни својот стомак со рокчиња, што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше“ (Лука 15:14—16).
10 Иако осиромашил, расипникот сѐ уште не размислувал да се врати дома. Наместо тоа, запознал еден граѓанин кој му дал работа да чува свињи. Бидејќи Мозаитскиот закон пропишувал дека свињите се нечисти животни, таквото вработување веројатно би било неприфатливо за еден Евреин (3. Мојсеева 11:7, 8). Но, ако расипникот и чувствувал некои бодежи на совеста, морал да ги потиснува. На крајот на краиштата, не можел да очекува неговиот работодавец, локален граѓанин, да се секира за чувствата на еден странец кој бил во крајна немаштија. Неповолните околности на расипникот се слични на искуството на многумина кои денес го напуштаат правиот пат на чистото обожавање. Таквите честопати се впуштаат во активности кои претходно ги сметале за деградирачки. На пример, еден младинец на 17-годишна возраст се побунил против своето христијанско воспитување. „Неморалот и злоупотребата на дрога ги избришаа годините на поучување темелено на Библијата“, признава тој. Наскоро, овој млад човек се нашол в затвор заради вооружено разбојништво и убиство. Иако подоцна духовно се опоравил, колкава само болна цена морал да плати заради ‚привременото уживање на гревот‘! (Спореди Евреите 11:24—26.)
11. Како била усложнета дилемата на расипникот, и како некои денес откриваат дека световните мамки се „празна измама“?
11 Дилемата на расипникот била усложнета со фактот што ‚никој не му давал ништо‘. Каде биле неговите новопронајдени пријатели? Сега, кога немал ни скршена пара, за нив бил како „предмет на омраза“ (Изреки 14:20, NW). На сличен начин, многумина кои денес застрануваат од верата, откриваат дека мамките и гледиштата на овој свет се еднакви на „празна измама“ (Колосјаните 2:8). „Без Јеховиното водство, поднесов голема болка и јад“, вели една млада жена која за извесен временски период ја напуштила Божјата организација. „Се обидував да се вклопам во светот, но бидејќи навистина не бев како другите, тие ме отфрлаа. Се чувствував како некое изгубено дете на кое му беше потребен татко за да го води. Тогаш сфатив дека ми е потребен Јехова. Никогаш повторно не сакав да живеам независно од него.“ Расипникот во Исусовата илустрација дошол до сличен заклучок.
Расипникот се освестува
12, 13. Кои фактори им помогнале на некои денес да се освестат? (Види ја рамката.)
12 „А кога дојде на себеси [се освести, NW], рече: ‚Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, умирам од глад. Ќе станам и ќе отидам при татка си и ќе му речам: ‚Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници‘. Па стана и отиде при татка си“ (Лука 15:17—20).
13 Расипникот ‚се освестил‘. Некое време тој се оддавал на тежнеење по задоволства, како да живеел во некој свет на сништа. Но, сега станал длабоко свесен за својата вистинска духовна состојба. Да, иако бил паднат, сепак постоела надеж за овој млад човек. Во него можело да се најде нешто добро (Изреки 24:16; спореди 2. Летописи 19:2, 3). А што е со оние кои го напуштаат Божјето стадо денес? Дали би било разумно да заклучиме дека сите тие се безнадежни, дека нивниот бунтовнички правец во секој поглед докажува дека тие згрешиле против Божјиот свет дух? (Матеј 12:31, 32). Не мора да значи. Некои од нив се измачуваат поради својот своеглав правец и, со текот на времето, многумина се освестуваат. „Никогаш, дури ниту еден ден, не го заборавив Јехова“, вели една сестра размислувајќи за времето кое го поминала надвор од Божјата организација. „Секогаш му се молев за да може некако, некогаш, пак да ме прифати во вистината“ (Псалм 118:176).
14. Каква одлука донел расипникот, и како притоа покажал понизност?
14 Но, што можат да сторат во врска со својата ситуација оние кои застраниле? Расипникот во Исусовата парабола решил да се врати дома и да го моли својот татко за прошка. „Прими ме како еден од своите наемници“, одлучил да каже расипникот. Наемник е надничар кој би можел да биде отпуштен во рок од еден ден. Тоа било пониско дури и од статус на роб кој, во извесна смисла, бил како член на семејството. Значи, расипникот не ни помислувал да бара да биде вратен на неговиот поранешен статус на син. Тој бил потполно спремен да ја прифати најниската положба за да ја докажува својата обновена лојалност кон таткото од ден на ден. Меѓутоа, расипникот го чекало изненадување.
Срдечен прием
15-17. а) Како реагирал таткото кога го видел својот син? б) Што е означено со наметката, прстенот и сандалите кои таткото му ги дал на синот? в) Што е покажано со тоа што таткото приредил гозба?
15 „И кога беше уште далеку, го виде таткото негов и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива. И синот му рече: ‚Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син!‘ А таткото им рече на слугите свои: ‚Изнесете најубава промена и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете; па дотерајте и заколете угоено теле: да јадеме и да се веселиме, оти овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде‘. И почнаа да се веселат“ (Лука 15:20—24).
16 Секој родител кој е полн со љубов копнее детето духовно да му се опорави. Според тоа, можеме да си замислиме како таткото на расипникот секој ден се загледувал по патот пред неговиот дом, желно надевајќи се дека синот ќе му се врати. И сега, тој го здогледува син му како доаѓа по патеката! Изгледот на момчето несомнено бил изменет. Сепак, таткото го препознава иако тој ‚уште бил далеку‘. Тој гледа зад парталавата облека и потиштениот дух; го гледа својот син и трча кон него за да го пресретне!
17 Кога таткото стигнал до синот, го прегрнал и нежно го бакнал. Потоа им заповедал на своите слуги да му донесат наметка, прстен и сандали. Оваа наметка не била само некакво парче облека, туку ‚најубавата‘ — можеби богато извезена руба каква што му се изнесувала на почесен гостин. Бидејќи робовите обично не носеле прстен и сандали, таткото дава на знаење дека неговиот син е пречекан назад како потполно осамостоен член на семејството. Но, таткото сторил и повеќе од тоа. Наредил да се направи гозба за да се прослави враќањето на неговиот син. Очигледно, овој човек не му простил на синот безволно или едноставно поради тоа што тоа го наложило враќањето на синот; тој сакал да му прости. Тоа го направило радосен.
18, 19. а) Што учиш за Јехова од параболата за расипничкиот син? б) Како што се гледа од неговите постапки со Јуда и со Ерусалим, на кој начин Јехова ‚е во исчекување‘ да се врати грешникот?
18 Што нѐ учи досега параболата за расипничкиот син во врска со Богот кого имаме предност да го обожаваме? Прво, дека Јехова е „штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и вистински“ (2. Мојсеева 34:6). Навистина, милоста е истакната особина на Бог. Тоа е негов нормален начин на реагирање кон оние кои имаат потреба. Потоа, Исусовата парабола нѐ учи дека Јехова е ‚спремен да прости‘ (Псалм 86:5, NW). Тој е на стража — така да се каже — да ја набљудува секоја промена во срцето на грешните луѓе што би му дало основа да покаже милост (2. Летописи 12:12; 16:9).
19 На пример, размисли за Божјите постапки со Израел. Јехова го инспирирал пророкот Исаија да ги опише Јуда и Ерусалим како ‚болни од главата до петите‘. Сепак, тој исто така рекол: „Јехова ќе биде во исчекување за да покаже наклоност кон вас, и затоа ќе се крене за да покаже милост кон вас“ (Исаија 1:5, 6; 30:18, NW; 55:7; Језекиил 33:11). Исто како таткото во Исусовата парабола, Јехова — така да се каже — ‚стражари на патот‘. Тој желно го очекува враќањето на сите оние кои го напуштиле неговиот дом. Зарем тоа не е она што би го очекувале од еден татко кој е полн со љубов? (Псалм 102:13).
20, 21. а) На кој начин многумина денес се привлечени од Божјата милост? б) За што ќе биде дискутирано во следната статија?
20 Секоја година, Јеховината милост привлекува многумина да се освестат и да се вратат на вистинското обожавање. Каква само радост им донесува тоа на нивните љубени! Земи го за пример христијанскиот татко спомнат во почетокот. За среќа, неговата ќерка духовно се опоравила и сега служи како полновремен министер. „Среќен сум толку колку што човек може да биде среќен во овој стар систем на ствари“, вели тој. „Солзите на тага се заменија со солзи радосници.“ Секако, и Јехова се радува! (Изреки 27:11).
21 Но, во параболата за расипникот има уште нешто. Исус ја продолжил својата приказна за да може да направи разлика меѓу Јеховината милост и крутиот, осудувачки став кој бил вообичаен меѓу книжевниците и фарисеите. Како го сторил тоа — и што значи тоа за нас — ќе биде дискутирано во следната статија.
[Фусноти]
a Тоа не значи дека параболите и другите илустрации кои се раскажани во Библијата навистина се случиле. Освен тоа, бидејќи целта на овие приказни била да се даде една морална лекција, нема потреба да се бара симболичното значење во секој детаљ.
b За пророчкото значење на оваа парабола е дискутирано во изданието на Стражарска кула од 1 ноември 1989, страници 14 и 15.
Како повторување
◻ Како Исусовиот став кон милоста бил во спротивност со ставот на фарисеите?
◻ Кој денес личи на расипникот, и како?
◻ Кои околности го навеле расипникот да се освести?
◻ Како таткото покажал милост кон својот покајнички син?
[Рамка на страница 11]
СЕ ОСВЕСТИЛЕ
Што им помогнало на некои, кои некогаш биле отстранети од христијанското собрание, да се освестат? Следниве коментари фрлаат светлина врз тоа.
„Сѐ уште во срцето знаев каде е вистината. Годините на проучување на Библијата и одењето на христијанските состаноци имаа прилично голем учинок врз мене. Како можев и понатаму да му вртам грб на Јехова? Тој не ме напушти; јас го напуштив него. Конечно, признав дека сум во криво, дека бев тврдоглава и дека цело време Јеховината Реч имаше право — ‚ќе го пожнееш она што го сееш‘“ (К. В.).
„Моето бебе — девојченце — почна да зборува и тоа ме трогна во срцето бидејќи сакав да го поучувам за работи како, на пример, кој е Јехова и како да му се моли. Не можев да спијам. Една доцна вечер отидов во еден парк и само плачев. Плачев и за првпат после еден подолг временски период му се помолив на Јехова. Сѐ што знаев беше тоа дека Јехова ми е повторно потребен во животот и се надевав дека ќе може да ми прости“ (Г. Х.).
„Кога ќе се појавеше темата за религија, јас им кажував на луѓето дека ако треба да ја изберам религијата која учи за вистината, ќе мора да бидам Јеховин сведок. Тогаш им кажував дека порано бев Сведок, но дека не можев да живеам според тоа, па така си заминав. Увидувајќи го тоа, честопати се чувствував виновна и несреќна. На крај си признав: ‚Јас сум бедна. Морам да направам некои драстични промени‘“ (К. Н.).
„Пред триесет и пет години мојот сопруг и јас бевме исклучени. Потоа, во 1991, бевме пријатно изненадени од посетата на двајца старешини кои нѐ информираа за можноста да се вратиме кај Јехова. После шест месеци бевме пресреќни што бевме повторно примени. Мојот сопруг има 79, а јас 63 години“ (К. А.).