Имитирај ја Јеховината милост
„Бидете милостиви како што е милостив вашиот Отец“ (ЛУКА 6:36).
1. Како фарисеите покажале дека се немилосрдни?
ИАКО се создадени според Божјиот лик, луѓето честопати пропуштаат да ја имитираат неговата милост (1. Мојсеева 1:27). На пример, размисли за фарисеите. Како група, тие одбиле да се радуваат кога Исус милостиво ја излечил исушената рака на еден човек на Сабат. Наместо тоа, сковале завера против Исус „да Го погубат“ (Матеј 12:9—14). Во една друга прилика, Исус излечил еден човек кој бил слеп од раѓање. Повторно, „некои од фарисеите“ не нашле причина да се радуваат на Исусовото сожалување. Наместо тоа, негодувале: „Не е од Бога Овој Човек, штом не ја уважува саботата“ (Јован 9:1—7, 16).
2, 3. Што мислел Исус со изјавата: „Чувајте се од квасот фарисејски“?
2 Бесчувствителниот став на фарисеите претставувал злосторство кон човештвото и грев против Бог (Јован 9:39—41). Исус со добра причина ги предупредил своите ученици ‚да се чуваат од квасот‘ на таа елитна група и од религионистите, како што биле садукеите (Матеј 16:6). Квасецот во Библијата се користи за да означи грев или расипаност. Со тоа Исус рекол дека учењето ‚фарисејско и садукејско‘ би можело да го расипе чистото обожавање. Како? Така што тоа ги учело луѓето да гледаат на Божјиот закон единствено во смисла на нивните произволни правила и ритуали, додека ги игнорирале „поважните работи“ во кои спаѓала милоста (Матеј 23:23, NW). Овој ритуален облик на религија довел до тоа обожавањето на Бог да биде неподнослив товар.
3 Во вториот дел од својата парабола за расипникот, Исус го разоткрил расипаното размислување на еврејските религиозни водачи. Таткото во параболата, кој го претставува Јехова, бил желен да му прости на својот покајнички син. Но, постариот брат на момчето, кој ги предочувал „фарисеите и книжниците“, имал сосема поинакви чувства во врска со таа работа (Лука 15:2).
Гневот на братот
4, 5. Во која смисла братот на расипникот бил „изгубен“?
4 „А постариот негов син беше в поле; и на враќање, кога се приближи до куќата, чу песни и извици. Па, како повика еден од слугите, го праша: ‚Што е ова?‘ А тој му рече: ‚Брат ти си дојде и татко ти закла угоено теле, оти го виде здрав.‘ Тој се налути [разгневи, NW] и нејќеше да влезе“ (Лука 15:25—28).
5 Очигледно, расипникот не бил единствениот кој имал проблем во Исусовата парабола. „Обата сина кои овде се прикажани — се изгубени“, вели еден прирачник, „едниот преку неправедноста која го деградира, а другиот преку самоправедноста која го заслепува.“ Забележи дека братот на расипникот не само што одбил да се радува туку и ‚се разгневил‘. Грчкиот корен за „гнев“ не укажува толку многу на излив на лутина, туку на една трајна состојба на умот. Изгледа дека братот на расипникот негувал длабоко вкоренета огорченост, па така мислел дека не е прикладно да се прослави враќањето на некој кој, пред сѐ, никогаш не требало да го напушти домот.
6. Кого го претставува братот на расипникот, и зошто?
6 Братот на расипникот добро ги претставува оние кои се огорчувале на сожалувањето и вниманието кое Исус им го пружал на грешниците. Тие самоправедни поединци не биле трогнати од Исусовата милост; ниту, пак, ја одразувале радоста која се појавува на небото кога на некој грешник му е простено. Наместо тоа, Исусовата милост го испровоцирала нивниот гнев и тие почнале да ‚мислат лошо‘ во своите срца (Матеј 9:2—4). Во една прилика фарисеите толку многу се налутиле што повикале еден човек кого Исус го излечил и потоа го ‚испадиле‘ од синагогата — очигледно така што го истерале! (Јован 9:22, 34). Исто како братот на расипникот кој ‚нејќел да влезе‘, така и еврејските религиозни водачи со одбивност реагирале кога имале прилика да ‚се радуваат со радосните‘ (Римјаните 12:15). Како што продолжил со параболата, Исус понатаму го разоткрил нивното злобно резонирање.
Погрешно резонирање
7, 8. а) На кој начин братот на расипникот не го сфатил значењето на синовството? б) Како постариот син се разликувал од таткото?
7 „Тогаш излезе татко му и го молеше. А тој му одговори на татка си и му рече: ‚Еве, ти служам толку години и никогаш не ја прекршив твојата заповед; и мене не си ми дал ни едно јаре, за да се провеселам со моите пријатели; а кога дојде овој твој син, што го упропасти својот имот со блудници, за него ти закла угоено теле‘“ (Лука 15:28—30).
8 Со овие зборови, братот на расипникот јасно се произнел дека не го сфатил вистинското значење на синовството. Тој му служел на таткото слично на начинот на кој еден вработен му служи на работодавецот. Така и му рекол на таткото: „Ти служам“. Точно е дека овој најстар син никогаш не го напуштил домот ниту, пак, се огрешил на заповедта од татко му. Но, дали неговата послушност била мотивирана од љубов? Дали нашол вистинска радост во служењето на својот татко или, пак, наместо тоа, се препуштил на големо самозадоволство, верувајќи дека е добар син едноставно затоа што ги извршува своите должности „на полето“? Ако тој навистина бил оддаден син, зошто тогаш не го одразувал умот на својот татко? Кога му била дадена прилика да покаже милост кон својот брат, зошто во неговото срце немало место за сожалување? (Спореди Псалм 49:20—22.)
9. Објасни како еврејските религиозни водачи личат на постариот син.
9 Еврејските религиозни водачи личеле на овој постар син. Верувале дека му се лојални на Бог бидејќи строго се придржувале кон еден кодекс на закони. Се разбира, послушноста е животоважна (1. Царства 15:22). Но, со тоа што претерано ги нагласувале делата, тие го претвориле обожавањето на Бог во една механичка рутина, само надворешен изглед на оддаденост без вистинска духовност. Нивните умови биле опседнати со традиции. Срцата им биле без љубов. Тие дури го сметале обичниот народ за нечистотијата под нивните нозе, дури и презирно укажувале на нив како на ‚проклет народ‘ (Јован 7:49). Всушност, како можел Бог да биде импресиониран од делата на тие водачи кога срцата им биле далеку од него? (Матеј 15:7, 8).
10. а) Зошто зборовите „милост сакам, а не жртва“ биле прикладен совет? б) Колку е сериозно да се има недостиг на милост?
10 Исус им рекол на фарисеите да ‚одат и да научат што значи: „Милост сакам, а не жртва“‘ (Матеј 9:13; Осија 6:6). Нивните приоритети биле замаглени, зашто без милост сите нивни жртви би биле безвредни. Ова е навистина сериозна работа, зашто Библијата наведува дека ‚немилостивите‘ се вброени меѓу оние кои Бог ги смета како такви кои „заслужуваат смрт“ (Римјаните 1:31, 32). Затоа, не изненадува тоа што Исус рекол дека, како класа, религиозните водачи биле предодредени за вечно уништување. Очигледно, нивната немилосрдност многу придонела за да го заслужат овој суд (Матеј 23:33). Но, можеби поединци од оваа класа би можеле да бидат достигнати. Во заклучокот на својата парабола, Исус се обидел да го исправи размислувањето на тие Евреи преку зборовите кои таткото му ги кажал на својот постар син. Да видиме како.
Милоста на таткото
11, 12. Како таткото во Исусовата парабола се обидува да резонира со својот постар син, и што би можело да биде значајно во неговата употреба на фразата „твојот брат“?
11 „А он му рече: ‚Синко, ти си секогаш со мене и сѐ мое е твое; но требаше да се зарадуваме и развеселиме, оти овој твој брат беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде‘“ (Лука 15:31, 32).
12 Забележи дека таткото го употребил изразот ‚твојот брат‘. Зошто? Па, сети се дека претходно, додека му зборувало на својот татко, постарото момче го нарекло расипникот ‚твојот син‘ — а не „мојот брат“. Се чини дека тој не ја признал фамилијарната врска меѓу себе и својот брат. Затоа, сега таткото, всушност, на постарото момче му вели: ‚Тоа не е само мој син. Тој е твој брат, твое сопствено тело и крв. Ја имаш секоја причина да се радуваш на неговото враќање!‘ Исусовата порака требало да им биде јасна на еврејските водачи. Грешниците кои тие ги презирале, всушност, биле нивни „браќа“. Навистина, „нема праведник на земјата, кој прави добро и никако не греши“ (Проповедник 7:20). Значи, угледните Евреи ја имале секоја причина да се радуваат кога грешниците се каеле.
13. Со какво отрезнувачко прашање нѐ остава наглото завршување на Исусовата парабола?
13 После молбата на таткото, параболата неочекувано завршува. Тоа е како Исус да ги поканува своите слушатели самите да си напишат крај на приказната. Каква и да била реакцијата на постариот син, секој слушател се соочил со прашањето: ‚Дали ти ќе учествуваш во радоста што се доживува на небото кога некој грешник се кае?‘ Денешните христијани исто така имаат прилика да го покажат својот одговор на тоа прашање. Како?
Да ја имитираме Божјата милост денес
14. а) Како можеме да го примениме Павловиот совет кој се наоѓа во Ефесјаните 5:1 кога станува збор за милоста? б) Од кое погрешно разбирање во врска со Божјата милост треба да се чуваме?
14 Павле ги советувал ефесјаните: „И така, угледајте се на Бога, како чеда возљубени“ (Ефесјаните 5:1). Според тоа, како христијани треба да ја цениме Божјата милост, да ја всадиме длабоко во нашите срца и потоа да ја покажеме оваа особина во нашите постапки со другите. Меѓутоа, едно предупредување е на место. Божјата милост не би требало погрешно да се протолкува како да е ублажување на гревот. На пример, постојат некои кои би можеле ноншалантно да резонираат: ‚Ако направам грев, секогаш можам да му се молам на Бог за простување и тој ќе биде милостив‘. Таквиот став би бил еднаков на она што библискиот писател Јуда го нарекол ‚претворање на незаслужената љубезност на нашиот Бог во изговор за распуштено однесување‘ (Јуда 4, NW). Иако Јехова е милостив, тој „никако не дава ослободување од казна“ кога има работа со непокајнички виновници (2. Мојсеева 34:7, NW; спореди Исус Навин 24:19; 1. Јованово 5:16).
15. а) Зошто особено старешините треба да задржат урамнотежено гледиште за милоста? б) Иако не го толерираат намерното погрешно постапување, што треба да настојуваат да прават старешините, и зошто?
15 Од друга страна, пак, треба исто толку да внимаваме да се чуваме од една друга крајност — склоноста да станеме крути и осудувачки настроени кон оние кои покажуваат вистинско каење и побожно жалење поради своите гревови (2. Коринтјаните 7:11, NW). Бидејќи грижата за Јеховините овци им е доверена на старешините, неопходно е тие да задржат урамнотежено гледиште во тој поглед, особено кога се занимаваат со правни работи. Христијанското собрание мора да се задржи чисто, а библиски е исправно ‚лошиот да се исфрли‘ преку исклучување (1. Коринтјаните 5:11—13). Истовремено, добро е да се покаже милост кога постои очигледна основа за тоа. Затоа, иако старешините не го толерираат намерното погрешно постапување, тие се стремат да се движат во полн со љубов и милосрден правец во границите на правдата. Тие секогаш се свесни за библиското начело: „Зашто за оној кој не практикува милост, неговиот суд ќе биде без милост. Милоста воскликнува триумфално над судот“ (Јаков 2:13, NW; Изреки 19:17; Матеј 5:7).
16. а) Со помош на Библијата, покажи дека Јехова навистина сака да му се вратат оние кои грешат. б) Како можеме да покажеме дека и ние изразуваме добредојде кога се враќаат покајничките грешници?
16 Параболата за расипникот јасно покажува дека Јехова сака лицата кои грешат да се вратат кај него. Навистина, тој им пружа покана дури и тогаш кога докажуваат дека се безнадежни (Језекиил 33:11; Малахија 3:7; Римјаните 2:4, 5; 2. Петрово 3:9). Исто како таткото на расипникот, со оние кои се враќаат Јехова постапува со достоинство, прифаќајќи ги назад како осамостоени членови на семејството. Дали го имитираш Јехова во тој поглед? Како реагираш кога некој соверник — кој извесно време бил исклучен — е повторно примен? Веќе знаеме дека постои ‚радост на небото‘ (Лука 15:7). Но, дали постои радост и на Земјата, во твоето собрание, па и во твоето срце? Или, пак, како постариот син во параболата, постои некаква огорченост како да не заслужува добредојде оној кој, пред сѐ, не требало да го напушта Божјето стадо?
17. а) Каква ситуација се развила во Коринт во првиот век, и како Павле ги советувал да се справат со таа работа оние кои биле во собранието? б) Зошто опомената на Павле е практична, и како можеме да ја примениме денес? (Види ја и рамката оддесно.)
17 Како помош за да се преиспитаме во тој поглед, разгледај што се случило околу 55 н. е. во Коринт. Еден тамошен човек кој бил отстранет од собранието, на крај го очистил својот живот. Што требало да прават браќата? Дали на неговото покајание требало да гледаат со скептицизам и да продолжат да го одбегнуваат? Напротив, Павле ги поттикнал коринтјаните: „Така што за вас е подобро да му простите и да го утешите, за да не пропадне од преголема жалост; затоа ве молам кон него да покажете љубов“ (2. Коринтјаните 2:7, 8). Честопати, покајничките виновници се особено подложни на чувства на срам и очај. Затоа, тие треба да бидат уверени дека се сакани од нивните соверници и од Јехова (Јеремија 31:3; Римјаните 1:12). Тоа е животоважно. Зошто?
18, 19. а) Како коринтјаните претходно покажале дека се премногу попустливи? б) Како можел немилосрдниот став да предизвика коринтјаните да бидат ‚измамени од Сатана‘?
18 Додека силно ги поттикнувал коринтјаните да практикуваат простување, Павле навел една од причините за тоа — „да не бидеме измамени од Сатана, зашто не сме во незнаење за неговите намери“ (2. Коринтјаните 2:11, NW). Што мислел со тоа? Па, претходно Павле морал да го укори коринтското собрание затоа што било премногу попустливо. Тие дозволиле истиот тој човек да прави грев неказнето. Со тоа, собранието — а особено неговите старешини — би играле по свирката на Сатана, зашто тој би се радувал кога би го довел собранието на лош глас (1. Коринтјаните 5:1—5).
19 Ако сега се свртеле во друга крајност и одбиеле да му простат на покајникот, Сатана би ги измамил во еден друг правец. Како? Така што би можел да ја искористи нивната грубост и немилосрдност. Доколку покајничкиот грешник „пропадне од преголема жалост“ — или, како што тоа го преведува Today’s English Version, „стане толку жалосен, па во потполност се откаже“ — каква само тешка одговорност би сноселе старешините пред Јехова! (Спореди Језекиил 34:6; Јаков 3:1.) Откако ги предупредил своите следбеници да не соблазнат ‚еден од тие мали‘, Исус со добра причина рекол: „Пазете на себе. Ако згреши против тебе братот твој, скарај го, и ако се покае — прости му“a (Лука 17:1—4).
20. На кој начин има радост и на небото и на Земјата кога еден грешник се кае?
20 Илјадници лица кои секоја година се враќаат на чистото обожавање се благодарни за милоста која им ја покажал Јехова. „Не се сеќавам на некој период во животот кога сум била толку среќна за нешто“, вели една христијанска сестра во врска со нејзиното повторно примање. Се разбира, нејзината радост одекнува меѓу ангелите. Нека и ние се придружиме во ‚радоста на небото‘ која се доживува кога се кае некој грешник (Лука 15:7). На тој начин ќе ја имитираме Јеховината милост.
[Фусноти]
a Иако се чини дека оној кој погрешно постапувал во Коринт бил повторно примен за еден релативно краток временски период, тоа не треба да се користи како мерило за сите исклучувања. Секој случај е поинаков. Некои виновници почнуваат да манифестираат вистинско каење речиси веднаш откако се отстранети. Кај други, пак, потребно е прилично време пред да биде очигледен таков став. Меѓутоа, во сите случаи, оние кои се повторно примени мораат најпрвин да дадат доказ за побожно жалење и, онаму каде што е можно, мораат да манифестираат дела кои се достојни на каење (Дела 26:20; 2. Коринтјаните 7:11).
Како повторување
◻ На кој начин братот на расипникот личи на еврејските религиозни водачи?
◻ На кој начин братот на расипникот не го сфатил вистинското значење на синовството?
◻ Кога размислуваме за Божјата милост, кои две крајности треба да ги избегнуваме?
◻ Како денес можеме да ја имитираме Божјата милост?
[Рамка на страница 17]
„ПОТВРДЕТЕ ЈА СВОЈАТА ЉУБОВ КОН НЕГО“
Во врска со истераниот виновник кој манифестирал каење, на коринтското собрание Павле му рекол: „Силно ве поттикнувам да ја потврдите својата љубов кон него“ (2. Коринтјаните 2:8, NW). Грчкиот збор преведен со „потврдите“ е правен термин што значи да се „прогласи за полноважно“. Да, покајниците кои се повторно примени треба да осетат дека се сакани и дека се повторно добредојдени како членови на собранието.
Меѓутоа, мораме да запомниме дека повеќето од собранието не се свесни за посебните околности кои воделе до отстранување на лицето или, пак, до негово повторно примање. Освен тоа, можеби има некои кои биле лично погодени или повредени — можеби дури и долгорочно гледано — од погрешното постапување на покајникот. Затоа, кога ќе се даде соопштение за повторно примање, ако сме осетливи за тие работи, разбирливо е дека изразите на добредојде би ги одложиле додека да можеме тоа да го сториме лично.
Колку само се зајакнува верата на оние кои се повторно примени кога знаат дека се добредојдени назад како членови на христијанското собрание! Ќе можеме да ги охрабриме тие покајници ако разговараме со нив и ако се радуваме на нивното друштво во Салата на Царството, во службата и во други прикладни прилики. Со тоа што на тој начин ја потврдуваме, т. е. ја прогласуваме за полноважна нашата љубов кон тие драги лица, во никој случај не ја минимизираме сериозноста на гревовите кои ги извршиле. Наместо тоа, заедно со небесните мноштва се радуваме на фактот што тие го отфрлиле грешниот правец и се вратиле кај Јехова (Лука 15:7).
[Слика на страница 15]
Постариот син одбил да се радува на враќањето на својот брат