Продолжете да работите на вашето спасение!
„Возљубени мои . . . со страв и трепет градете го [продолжете да работите на, NW] вашето спасение“ (ФИЛИПЈАНИТЕ 2:12).
1, 2. Кои популарни идеи може да наведат многу луѓе да мислат дека тие немаат контрола над тоа како ќе испадне нивниот живот?
„ДАЛИ си роден таков?“ Неодамна, тоа прашање беше испишано на насловната страница на едно популарно списание. Под ударниот наслов се појавија зборовите: „Личноста, темпераментот, па дури и изборот во животот. Новите студии покажуваат дека тоа е воглавно во твоите гени“. Таквите тврдења можат да наведат некои да мислат дека имаат мала контрола над сопствениот живот.
2 Други се плашат дека лошото воспитание од нивните родители или лошото поучување од нивните наставници на некој начин ги осудило на несреќен живот. Можеби тие се чувствуваат осудени да ги повторуваат грешките на родителите, да постапуваат според своите најлоши склоности, да се покажат неверни на Јехова — накратко, да прават лош избор. Дали тоа е она за кое поучува Библијата? Секако, постојат религионисти кои инсистираат на тоа дека Библијата научува такво нешто — доктрината за предодреденост. Според оваа доктрина, Бог уште одамна го предодредил секој настан во твојот живот.
3. Каква охрабрувачка порака има Библијата во врска со нашата способност да преземеме одговорност за иднината?
3 На сите овие различни идеи заедничка им е пораката: Ти имаш мал избор, мала контрола над тоа како ќе испадне твојот живот. Тоа е обесхрабрувачка порака, зарем не? А обесхрабрувањето го зголемува проблемот. Изреки 24:10 вели: „Ако во злочест ден си се покажал слаб, скудна ти е силата“. Но, ние сме охрабрени да научиме дека, според Библијата, можеме да ‚работиме на нашето спасение‘ (Филипјаните 2:12, NW). Како можеме да ја зацврстиме нашата доверба во ова позитивно учење од Писмото?
Дело на ‚градење‘ кое го вршиме во самите нас
4. Иако 1. Коринтјаните 3:10—15 говори за градење со огноотпорен материјал, на што не укажува тоа?
4 Размисли за илустрацијата на апостол Павле која се наоѓа во 1. Коринтјаните 3:10—15. Таму тој говори за едно христијанско градежно дело, а начелото од неговата илустрација може да се примени и на внатрешната и на надворешната служба. Дали тој укажува на фактот дека, дали некој ученик на крај ќе избере да му служи на Јехова и ќе остане при тој избор, во потполност е одговорност на оние кои го поучуваат и го школуваат? Не. Павле нагласил дека важно е учителот да го изврши градежното дело колку што може најдобро. Но, како што научивме во претходната статија, тој не рекол дека студентот или ученикот нема избор во врска со таа работа. Точно, Павловата илустрација се сосредоточува на делото кое го вршиме во другите, а не на сопственото изградување. Тоа е очигледно бидејќи Павле зборува дека немарното градежно дело ќе се уништи додека самиот градител ќе се спаси. Сепак, Библијата понекогаш ја применува истата стилска фигура на делото кое го вршиме во самите нас.
5. Кои стихови покажуваат дека христијаните мора да вршат едно дело на ‚градење‘ во себеси?
5 На пример, разгледај го Јуда 20, 21: „А вие, возљубени, изградувајќи се во пресветата ваша вера и молејќи се преку Светиот Дух, запазете се во љубовта Божја“. Тука Јуда го користи истиот грчки збор за ‚градење‘ кој Павле го користи во 1. Коринтјаните, поглавје 3, но се чини дека неговата поента е да се изградуваме себеси на темелот на нашата вера. Кога ја запишал илустрацијата за човекот кој ја основал својата куќа на камен, за „темел“ Лука го користи истиот грчки збор кој Павле го користи во својата илустрација за христијанското градење (Лука 6:48, 49). Освен тоа, Павле користи сликовит говор за поставување „темел“ кога силно ги поттикнал своите сохристијани духовно да напредуваат. Да, Божјата Реч нѐ поучува да вршиме дело на ‚градење‘ во самите нас (Ефесјаните 3:15—19; Колосјаните 1:23; 2:7).
6. а) Илустрирај како секој христијански ученик е резултат од еден здружен градежен проект. б) Каква одговорност има секој поединечен ученик?
6 Дали изградбата на еден христијанин е работа само на еден човек? Па, замисли си дека си решил да градиш куќа. Одиш кај некој архитект за планови. Иако имаш намера голем дел од работата да извршиш самиот, сепак изнајмуваш претприемач да работи со тебе и да ти даде совет за најдобрите методи. Ако тој положи солиден темел, ти помогне да ги разбереш плановите, ти предложи да го купиш најдобриот материјал, па дури и многу те поучи околу градењето, веројатно ќе се сложиш дека тој извршил една добра работа. Но, што ако го игнорираш неговиот совет, купиш евтин или шкарт материјал, па дури и застраниш од плановите на архитектот? Сигурно дека, ако куќата пропадне, не би можел да го обвиниш претприемачот или архитектот! На сличен начин, секој христијански ученик е резултат на еден здружен градежен проект. Јехова е главниот архитект. Тој го поддржува верниот христијанин кој, како еден од ‚соработниците на Бога‘, поучува и изградува еден студент (1. Коринтјаните 3:9). Сепак, вклучен е и студентот. На крајот на краиштата, тој е одговорен за сопствениот правец на живеење (Римјаните 14:12). Доколку тој сака да има убави христијански особини, мора напорно да работи на тоа да ги стекне, да ги вгради во себеси (2. Петрово 1:5—8).
7. Со какви предизвици се соочуваат некои христијани, и што може да ги утеши?
7 Тогаш, дали тоа значи дека генетиката, околината и квалитетот на нашите учители се безначајни? Далеку од тоа. Божјата Реч признава дека сите тие се важни и имаат свое влијание. Многу грешни, негативни склоности се вродени и борбата со нив може да биде многу тешка (Псалм 50:5; Римјаните 5:12; 7:21—23). Поучувањето од родителите и домашната средина можат да имаат огромен учинок врз младите — на добро или на лошо (Изреки 22:6; Колосјаните 3:21). Исус ги осудил еврејските религиозни водачи за лошите последици што ги имало нивното поучување врз другите (Матеј 23:13, 15). Денес, таквите фактори имаат влијание врз сите нас. На пример, некои од Божјиот народ се соочуваат со предизвици како последица на тешкото детство. Ним им е потребна нашата љубезност и соживување. Исто така, тие можат да се утешат и од библиската порака дека не се осудени да ги повторуваат грешките на родителите или да се покажат неверни. Разгледај како некои од царевите од древната Јуда ја илустрираат оваа поента.
Царевите на Јуда правеле сопствен избор
8. Каков лош пример имал Јотам во својот татко, но сепак каков избор направил?
8 Озија станал цар на Јуда на млада возраст од 16 години, и владеел 52 години. Во текот на поголемиот дел од тој период, тој ‚го вршел она, што било угодно во очите на Господа, токму како што постапувал татко му Амасиј‘ (4. Царства 15:3). Јехова го благословил со серија сјајни воени победи. Но, за жал, успехот го удрил Озија во глава. Станал вообразен и се побунил против Јехова така што принел темјан на олтарот во храмот — должност која била резервирана за свештениците. Озија бил укорен, но реагирал само со лутина. Потоа, бил понижен — погоден со лепра и присилен до крајот на својот живот да живее во изолација (2. Летописи 26:16—23). Како реагирал неговиот син Јотам на сето тоа? Младичот можел лесно да падне под влијание на својот татко и можел да се огорчи на Јеховината исправка. Луѓето, општо земено, можеби биле под лошо влијание бидејќи извршувале погрешни религиозни практики (4. Царства 15:4). Но, Јотам направил свој избор. „Тој го вршеше она што Му беше угодно пред очите на Господа“ (2. Летописи 27:2).
9. Кои биле некои од добрите влијанија врз Ахаз, но каков испаднал неговиот живот?
9 Јотам владеел 16 години и за цело време му останал верен на Јехова. Затоа, неговиот син Ахаз имал одличен пример на верен татко. Ахаз имал и други добри влијанија. Бил благословен да живее кога во земјата активно пророкувале верните пророци Исаија, Осија и Михеј. Сепак, тој направил лош избор. „Тој не го вршеше угодното во очите Господови, како што правеше таткото негов Давид.“ Направил ликови на Ваал и ги обожавал, па дури и изгорел некои свои синови во жртвените огнови на паганските богови. И покрај најдобрите влијанија, тој катастрофално потфрлил како цар и како слуга на Јехова (2. Летописи 28:1—4).
10. Каков татко бил Ахаз, но каков избор направил син му Езекија?
10 Од гледна точка на чистото обожавање, тешко е да се замисли полош татко од Ахаз. Меѓутоа, неговиот син Езекија не можел да бира кој да му биде татко! Младите синови кои Ахаз ги заклал како жртва на Ваал веројатно биле браќа на Езекија. Дали оваа ужасна заднина го осудила Езекија да води живот на неверност кон Јехова? Напротив, Езекија станал еден од неколкуте навистина големи цареви на Јуда — верен, мудар и омилен човек. „И [се покажа дека, NW] Господ беше со него“ (4. Царства 18:3—7). Всушност, постои причина да веруваме дека, додека сѐ уште бил млад принц, Езекија бил инспириран писател на Псалм 118. Ако е така, тогаш не е тешко да се види зошто тој ги напишал зборовите: „Душата моја засолзи од тага“ (Псалм 118:28). И покрај своите тешки неволји, Езекија дозволил Јеховината Реч да го води во животот. Псалм 118:105 вели: „Твоето слово е светилник на нозете мои и светлина за патеката моја“. Да, Езекија направил сопствен избор — исправен избор.
11. а) И покрај доброто влијание од татко му, во колкава крајност отишла побуната на Манасија против Јехова? б) Каков избор направил Манасија при крајот на својот живот, и што можеме да научиме од тоа?
11 Но, парадоксално е тоа што од еден од најдобрите цареви на Јуда потекнал еден од најлошите. Манасија, синот на Езекија, унапредувал идолопоклонство, спиритизам и масовно насилство во размери кои биле без преседан. Извештајот вели дека ‚Господ му говорел на Манасија и на луѓето негови‘, веројатно преку пророците (2. Летописи 33:10). Според еврејската традиција, Манасија реагирал на тој начин што го расекол Исаија со пила. (Спореди Евреите 11:37.) Без оглед на тоа дали ова е точно или не, Манасија пропуштил да ги слуша сите божествени предупредувања. Всушност, тој живи изгорел некои од своите синови како жртви, слично како што правел дедо му Ахаз. Сепак, кога подоцна во животот директно се соочил со жестоки испити, овој злобен човек се покајал и ги променил своите патишта (2. Летописи 33:1—6, 11—20). Неговиот пример нѐ учи дека ако некое лице направило ужасен избор, не мора да значи дека тоа е непоправливо. Тоа може да се промени.
12. Какви спротивни избори направиле Амон и неговиот син Јосија во врска со службата на Јехова?
12 Синот на Манасија, Амон, можел многу да научи од каењето на својот татко. Но, тој направил погрешен избор. Всушност, Амон ‚ги умножил гревовите свои‘, сѐ додека на крај не му бил извршен атентат. Неговиот, пак, син Јосија претставувал освежувачки контраст. Очигледно, Јосија избрал да научи од она што му се случило на неговиот дедо. Почнал да владее на само осумгодишна возраст. Кога имал само 16 години, почнал да трага по Јехова и после тоа се докажал како примерен, верен цар (2. Летописи 33:20—34:5). Тој направил избор — исправен избор.
13. а) Што учиме од јудејските цареви кои ги разгледавме? б) Колку е важно воспитувањето од родителите?
13 Од ова кратко разгледување на седум цареви на Јуда учиме една силна лекција. Во некои примери, најлошите цареви имале најдобри синови, и обратно — најдобрите цареви имале најлоши синови. (Спореди Проповедник 2:18—21.) Ова не ја намалува важноста на родителското воспитување. Родителите кои ги воспитуваат своите деца според Јеховиниот пат, сигурно му ја даваат на своето потомство најдобрата прилика да станат верни слуги на Јехова (5. Мојсеева 6:6, 7). Сепак, некои деца, и покрај најдобрите напори на верните родители, избираат да следат погрешен правец. Други деца, пак, и покрај најлошото влијание од родителите, избираат да го љубат Јехова и да му служат. Со негов благослов, тие го прават успешен својот живот. Дали понекогаш се прашуваш како ќе биде во твојот случај? Тогаш, разгледај некои од Јеховините лични гаранции дека ти можеш да направиш исправен избор!
Јехова верува во тебе!
14. Од каде знаеме дека Јехова ги разбира нашите ограничувања?
14 Јехова гледа сѐ. Изреки 15:3 вели: „Очите Господови се на секое место: тие ги гледаат и лошите и добрите“. Цар Давид за Јехова рекол: „Твоите очи го видоа зародишот мој и во Книгата Твоја сѐ е запишано за мене, дури и деновите мои се забележани кога уште не постоеше ниеден“ (Псалм 138:16). Па така, Јехова знае против кои негативни склоности се бориш ти — дали си ги наследил или, пак, си ги стекнал како резултат на другите влијанија кои се вон твоја контрола. Тој точно разбира како тие влијаеле врз тебе. Ги разбира твоите ограничувања дури и подобро отколку што и самиот ти ги разбираш. Исто така, тој е милостив. Никогаш не очекува од нас повеќе отколку што можеме разумно да сториме (Псалм 102:13, 14).
15. а) Што е еден извор на утеха за оние кои биле намерно повредувани од другите? б) Со каква одговорност го удостојува Јехова секого од нас?
15 Од друга страна, пак, Јехова не нѐ гледа како беспомошни жртви на околностите. Доколку во минатото сме имале лоши искуства, можеме да најдеме утеха во сигурноста на фактот дека Јехова мрази секакво намерно штетно однесување (Псалм 10:5; Римјаните 12:19). Тогаш, дали тој ќе нѐ изземе ако се одвратиме и свесно правиме погрешни избори? Се разбира, не. Неговата Реч вели: „Секој ќе го понесе своето бреме“ (Галатјаните 6:5). Јехова го удостојува секое свое интелигентно суштество со одговорноста да постапува исправно и да му служи. Тоа е онака како што Мојсеј ѝ рекол на нацијата Израел: „Ви сведочам денес со небото и со земјата: живот и смрт ти предложив јас, благослов и проклетство. Избери го животот, за да живееш ти и потомството твое“ (5. Мојсеева 30:19). Јехова е уверен дека и ние можеме да направиме исправен избор. Од каде го знаеме тоа?
16. Како можеме да бидеме успешни во ‚работењето на нашето спасение‘?
16 Забележи што напишал апостол Павле: „Затоа, возљубени мои . . . со страв и трепет градете го [работете на, NW] вашето спасение, оти Бог е Оној, Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја“ (Филипјаните 2:12, 13). Оригиналниот грчки збор преведен со „работете на“ тука означува да се доврши нешто. Така, никој од нас не е осуден да потфрли или да престане. Јехова Бог мора да е сигурен дека ние можеме да го довршиме делото кое ни го дал — делото кое води до наше спасение — инаку тој не би инспирирал една таква изјава. Но, како ние успеваме? Не со сопствена сила. Ако сме биле доволно силни во себе и за себе, немало да има потреба од „страв и трепет“. Напротив, Јехова ‚прави во нас‘, неговиот свет дух дејствува во нашиот ум и срце, помагајќи ни да ‚сакаме и да дејствуваме‘. Со таа помош полна со љубов, дали постои некаква причина зошто не би направиле исправен избор во животот и не би живееле според него? Не! (Лука 11:13).
17. Кои промени кај себе можеме да ги направиме, и како Јехова ни помага во тоа?
17 Ќе имаме препреки кои треба да ги надминеме — можеби животен век со лоши навики и штетни влијанија кои можат да го искриват нашето размислување. Сепак, со помош на Јеховиниот дух, можеме да ги надминеме! Како што им напишал апостол Павле на христијаните во Коринт, Божјата Реч е доволно моќна за да ги преврти дури и ‚цврсто утврдените работи‘ (2. Коринтјаните 10:4, NW). Всушност, Јехова може да ни помогне да направиме сеопфатни промени кај себе. Неговата Реч нѐ поттикнува да ‚го отфрлиме од себе стариот човек‘ и да ‚се облечеме во новиот човек, создаден според Бога во правда и светост‘ (Ефесјаните 4:22—24). Може ли Јеховиниот дух навистина да ни помогне да ги направиме тие промени? Сигурно! Божјиот дух произведува во нас плодови — убави, драгоцени особини кои сите ние сакаме да ги негуваме. Прва од нив е љубовта (Галатјаните 5:22, 23).
18. За каков избор е целосно способен секој човек кој размислува, и на каква одлучност треба да ни помогне тоа?
18 Тука лежи една голема вистина која ослободува. Јехова Бог има неограничена способност за љубов, а ние сме создадени според неговиот лик (1. Мојсеева 1:26; 1. Јованово 4:8). Затоа, можеме да избереме да го љубиме Јехова. Токму таа љубов — а не нашиот поранешен живот, не нашите стекнати грешки, не нашата наследена склоност да постапуваме погрешно — е клучот за нашата иднина. Љубовта кон Јехова Бог е она што им било потребно на Адам и Ева за да останат верни во Едем. Таквата љубов е она што му е потребно на секого од нас за да го преживееме Армагедон и да го положиме последниот испит на крајот од Христовото Илјадагодишно владеење (Откровение 7:14; 20:5, 7—10). Секој од нас, без разлика на тоа какви му се околностите, може да негува таква љубов (Матеј 22:37; 1. Коринтјаните 13:13). Да бидеме одлучни да го љубиме Јехова и да градиме врз таа љубов за сета вечност.
Што мислиш?
◻ Кои популарни идеи му противречат на библиското позитивно учење во врска со одговорноста на поединецот?
◻ Какво градежно дело мора секој христијанин да врши во самиот себе?
◻ Како примерите на царевите на Јуда покажуваат дека секој поединец си прави сопствен избор?
◻ Како Јехова нѐ уверува дека можеме да правиме исправен избор во животот, без оглед на негативните влијанија кои ги има околу нас?
[Слика на страница 15]
Дали твојата иднина е одредена со генетиката?
[Слика на страница 17]
И покрај лошиот пример од својот татко, цар Јосија избрал да му служи на Бог