Дали некој навистина се грижи?
„Солзите на онеправданите“ станале порој. Ги леат жртвите на безброј „неправди“ низ целиот свет. Жртвите честопати мислат дека ‚немаат утешител‘ — дека навистина никој не се грижи за нив (Проповедник 4:1).
И ПОКРАЈ овој порој од солзи, некои се рамнодушни на страдањата на другите луѓе. Тие намерно ја игнорираат нивната болка, како што во илустрацијата на Исус Христос постапиле свештеникот и Левитот со еден човек кој бил нападнат, опљачкан и оставен полумртов покрај патот (Лука 10:30—32). Сѐ додека за нив и за нивното семејство работите одат релативно добро, тие не се загрижени за другите. Всушност, велат: „Баш ми е гајле!“
Ова не би требало да нѐ изненади. Апостол Павле претскажал дека во „последните денови“ многу луѓе ќе бидат без „природна наклоност“ (2. Тимотеј 3:1, 3, NW). Еден набљудувач се жалел на безгрижните ставови кои се развиле. „Старата ирска филозофија и традиција на грижа и делење“, рекол тој, „е заменета со еден нов кодекс — заработка и грабање само за себе.“ Ширум светот луѓето заработуваат и грабаат само за себе, со речиси потполна рамнодушност кон лошата состојба на другите.
Потреба некој да се грижи
Секако дека постои потреба некој да се грижи. На пример, размисли за еден осамен човек од Германија кој бил „најден седнат пред својот телевизор — пет години после неговата смрт на Божиќ“. Овој „разведен самотник и инвалид“, огорчен од своите лоши искуства во животот, не му недостасувал никому сѐ додека банковната сметка со која ја плаќал киријата не била испразнета. Навистина никој не се грижел за него.
Размисли и за беспомошните жртви на моќните, алчни надгосподари. Во едно подрачје, околу 200.000 луѓе (четвртина од населението) „умреле од угнетување и глад“ откако земјата им била насилно одземена. Или, помисли на децата кои биле изложени на речиси неверојатно дивјаштво. Во еден извештај стоело: „Процентот на деца [во една земја] кои се сведоци на повеќекратни ужаси — убиства, тепање, силување — понекогаш извршени и од други адолесценти, е зашеметувачки“. Сега можеш да сфатиш зошто една жртва на таквите неправди можела низ солзи да праша: „Дали некој навистина се грижи за мене?“
Според еден извештај на Обединетите нации, 1,3 милијарди луѓе од земјите во развој мора да преживеат со сума која е еднаква на помалку од еден американски долар дневно. Сигурно тие се прашуваат — дали некој се грижи. Така се прашуваат и илјадници бегалци кои, како што вели еден извештај во The Irish Times, „се соочуваат со непријатен избор — да останат во некој мизерен камп или негостољубива земја или, пак, да се обидат да се вратат во татковината која сѐ уште е растргната од војна или етнички поделби“. Во истиот извештај беше вклучена и оваа депримирачка процедура: „Затвори си ги очите, изброј до три и едно дете веќе умрело. Тоа е едно од 35.000-те деца кои денес ќе умрат од неисхранетост или од болест која можела да се спречи“. Не е ни чудо што многумина плачат во тага и горчина! (Спореди Јов 7:11.)
Дали сево ова едноставно било така предвидено? Реалистично гледано, дали постои некој кој не само што се грижи туку и има моќ да го запре страдањето, како и да ја излечи сета болка што ја доживуваат луѓето?
[Извор на слика на страница 2]
Насловна страница и страница 32: Reuters/Никола Солиќ/Archive Photos
[Извор на слика на страница 3]
A. Boulat/Sipa Press