Некој навистина се грижи
ИЛЈАДНИЦИ луѓе покажуваат дека навистина се грижат. Тие го немаат бездушното, себично гледиште дека проблемите на другите не се нивна грижа. Наместо тоа, прават сѐ што можат — понекогаш го ставаат на коцка дури и сопствениот живот — за да ги ублажат страдањата. Тоа е една огромна задача, задача усложнета од моќни сили кои се надвор од нивна контрола.
Факторите како што се алчноста, политичките интриги, војните и природните катастрофи можат да ги осуетат дури и „најпросветлувачките и најодлучните обиди да се искорени гладот“, вели еден човек кој работи во акциите за помош. Отстранувањето на гладот е само еден од многуте проблеми со кои се соочуваат грижливите луѓе. Тие се борат и со работи како што се болеста, сиромаштијата, неправдата и огромните страдања кои ги предизвикува војната. Но, дали победуваат?
Главниот менаџер на една агенција за помош рекол дека оние кои вложуваат такви „просветлувачки и одлучни напори“ за да ги ублажат гладот и болката се исти како сочувствителниот Самарјанин кој е опишан во илустрацијата на Исус Христос (Лука 10:29—37). Но, што и да прават, рекол тој, бројот на жртвите едноставно продолжува да расте. Затоа прашал: „Што треба да стори добриот Самарјанин доколку патува по истиот пат секој ден, и тоа неколку години, и секоја седмица наоѓа друга жртва покрај патот?“
Би било лесно човек да подлегне на она што е опишано како ‚смртоносна болест на исцрпеност на дарителот‘ и едноставно да се предаде на фрустрација. Оние кои навистина се грижат — што им служи на чест — не попуштаат (Галатјаните 6:9, 10). На пример, еден човек кој пишал до британскиот Jewish Telegraph ги пофалил Јеховините сведоци кои за време на нацистичка Германија „им помогнале на илјадници Евреи да ја преживеат бедата на Аушвиц“. „Кога немаше доволно храна“, рекол писателот, „тие го делеа својот леб со нашите [еврејски] браќа и сестри!“ Сведоците и понатаму прават сѐ што можат со средствата што ги имаат.
Сепак, вистината е дека колку и да се дели лебот, сепак, тоа нема да донесе целосен крај на човечките страдања. Целта на ова не е да се обезвредни она што го прават сочувствителните луѓе. Секоја постапка со која прикладно се намалува страдањето се исплаќа. Тие Сведоци до некој степен ја ублажиле болката на другите затвореници, а нацизмот најпосле бил уништен. Меѓутоа, светскиот систем кој предизвикува такво угнетување е сѐ уште жив, и сѐ уште е голем бројот на луѓето кои не покажуваат грижа. Навистина, ‚[има генерација чии, NW] заби [се] како мечеви, а катниците нејзини се како ножеви, за да ги изедува сиромасите по земјата и немоќните меѓу луѓето‘ (Изреки 30:14). Веројатно се прашуваш зошто ова е така.
Зошто сиромаштија и угнетување?
Исус Христос еднаш рекол: „Сиромасите секогаш ги имате со вас, и кога сакате, можете да им направите добро“ (Марко 14:7). Дали Исус мислел дека сиромаштијата и угнетувањето никогаш нема да престанат? Дали, како некои луѓе, веруваш дека таквите страдања се дел од некој Божји план за да им даде на сочувствителните прилика да покажат колку се грижат? Не! Исус не верувал во тоа. Тој едноставно ја истакнал поентата дека сиромаштијата ќе биде дел од животот сѐ додека постои овој систем на ствари. Но, Исус го знаел и ова: Првобитната намера на неговиот небесен Татко не била да постојат такви околности на Земјата.
Јехова Бог ја создал Земјата за да биде рај, а не место измачувано од сиромаштија, неправда и угнетување. Тој покажал колку се грижи за човечкото семејство со тоа што направил прекрасни подготовки кои требало да придонесат да се ужива во животот. Па, размисли и за самото име на градината во која се нашле нашите прародители Адам и Ева! Била наречена Едем, што значи „задоволство“ (1. Мојсеева 2:8, 9). Јехова не ги ограничил луѓето само на основните потреби за преживување во некаква здодевна, сурова околина. Кога завршил со своето дело на создавање, Јехова го проверил она што го имал создадено и изјавил дека е „многу добро“ (1. Мојсеева 1:31).
Тогаш, зошто ширум Земјата денес земаат замав сиромаштијата, угнетувањето и другите причини за страдање? Сегашниов зол систем на ствари постои бидејќи нашите прародители избрале да се побунат против Бог (1. Мојсеева 3:1—5). Ова го наметнало прашањето дали Бог има право да бара послушност од своите творби. Значи, Јехова им дозволил на Адамовите потомци еден ограничен период на независност. Бог сѐ уште се грижи за она што му се случува на човечкото семејство. Тој направил подготовка да ја отстрани целокупната штета која настанала со побуната против него. И многу скоро, Јехова ќе им стави крај на сиромаштијата и угнетувањето — всушност, на сите страдања (Ефесјаните 1:8—10).
Проблем кој човекот не може да го реши
Низ вековите по создавањето на човекот, човештвото уште повеќе се оддалечило од Јеховините мерила (5. Мојсеева 32:4, 5). Отфрлајќи ги и понатаму Божјите закони и начела, луѓето се бореле меѓу себе, а „човекот господари над човек на своја штета“ (Проповедник 8:9). Сите напори да се воспостави едно навистина праведно општество, ослободено од сѐ што ги мачи масите кои страдаат, биле осуетени поради себичноста на оние кои сакаат да постапуваат на свој начин наместо да се подложат на Божјиот суверенитет.
Постои и еден друг проблем — проблем кој многумина можеби го отфрлаат како суеверна бесмислица. Подбуцнувачот на побуната против Бог сѐ уште ги поттикнува луѓето на злоба и себичност. Тоа е Сатана Ѓаволот, кого Исус Христос го нарекол „кнез на овој свет“ (Јован 12:31; 14:30; 2. Коринтјаните 4:4; 1. Јованово 5:19, NW). Во откровението кое му било дадено на апостол Јован, Сатана е идентификуван како надмоќен извор на несреќа — извор кој е првенствено одговорен за ‚мамење на целата вселена‘ (Откровение 12:9—12).
Без оглед на тоа колку некои луѓе се грижат за другите, тие никогаш нема да можат да го отстранат Сатана Ѓаволот или да го изменат овој систем кој е причина за појава на сѐ поголем број жртви. Тогаш, што е потребно за да се решат проблемите на човештвото? Решението не е само во некој кој ќе се грижи. Постои потреба од некој кој има волја и моќ да го тргне Сатана и целиот негов неправеден систем.
„Да биде волјата Твоја . . . на земјата“
Бог ветува дека ќе го уништи овој зол систем на ствари. Тој ги има и волјата и моќта кои се потребни за да го стори тоа (Псалм 146:5, 6; Исаија 40:25—31). Во пророчката библиска книга Даниил е претскажано: „Бог ќе подигне царство, кое нема да се разруши никогаш, и тоа царство нема да биде предадено на друг народ; тоа ќе ги победи и разруши сите царства, а само тоа ќе остане вечно“ — да, вечно (Даниил 2:44). Исус Христос ја имал на ум оваа трајна и добротворна небесна влада кога ги поучувал своите ученици да му се молат на Бог во молитвата: „Да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:9, 10).
Јехова ќе одговори на тие молитви бидејќи навистина се грижи за човечкото семејство. Според пророчките зборови од Псалм 71, Бог ќе го овласти својот Син, Исус Христос, да донесе трајно олеснување за сиромашните, измачените и угнетените кои го поддржуваат Исусовото владетелство. Затоа инспирираниот псалмист пеел: „Он [Божјиот месијански Цар] ќе им суди на бедните меѓу луѓето, и ќе ги спаси синовите на сиромасите, а клеветникот ќе го понизи . . . Он ќе избави беден од силник и сиромав, кој нема помошник. Ќе го поштеди бедниот и сиромавиот и ќе го спаси животот на сиромасите; од лихви и неправди ќе ги избави душите нивни, и чесно ќе биде името нивно пред Него“ (Псалм 71:4, 12—14).
Во една визија која се однесува на нашево време, апостол Јован видел „ново небо и нова земја“, еден сосема нов систем на ствари воспоставен од Бог. Каков само благослов за човештвото кое страда! Претскажувајќи што ќе стори Јехова, Јован напишал: „Чув висок глас од небото како зборува: ‚Ете ја скинијата на Бога меѓу луѓето, и Он ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив — нивни Бог. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина.‘ И Седнатиот на престолот рече: ‚Ете, сѐ ново создавам.‘ И ми рече: ‚Напиши, зашто овие зборови се вистинити и верни‘“ (Откровение 21:1—5).
Да, можеме да веруваме во тие зборови зашто тие се вистинити и верни. Наскоро Јехова ќе дејствува за да ја ослободи Земјата од сиромаштијата, гладот, угнетувањето, болестите и од сета неправда. Како што ова списание честопати истакнуваше на темел на Писмото, постојат изобилство докази кои покажуваат дека живееме во времето кога овие ветувања ќе бидат исполнети. Божјиот ветен нов свет е близу! (2. Петрово 3:13). Наскоро Јехова ќе ‚ја проголта смртта засекогаш‘ и ќе „ги избрише . . . солзите од сите лица“ (Исаија 25:8).
Сѐ додека тоа не се случи, можеме да бидеме среќни што уште сега има народ кој вистински се грижи. Уште поголема причина за среќа е тоа што самиот Јехова Бог навистина се грижи. Наскоро тој ќе го отстрани целокупното угнетување и страдање.
Можеш да имаш апсолутна доверба во Јеховините ветувања. Неговиот слуга Исус Навин имал таква доверба. Без да има некакви сомневања, тој на Божјиот древен народ му рекол: „А вие познавте со сето свое срце и со сета своја душа, дека не беше напразен ниеден збор од сите добри зборови, што ги говореше за вас Господ, вашиот Бог: сѐ се изврши на вас, ни еден збор не остана неисполнет“ (Исус Навин 23:14). Затоа, додека сегашниов систем на ствари постои, не дозволувај да бидеш совладан од испитите со кои можеби ќе се соочиш. Фрли ја сета тегобна грижа врз Јехова, зашто тој навистина се грижи (1. Петрово 5:7).
[Слики на страница 7]
Бо Божјиот ветен нов свет, Земјата ќе биде ослободена од сиромаштија, угнетување, болести и неправда