Утеха за угнетените
ДАЛИ си забележал дека во текот на твојот живот извесни зборови секогаш одново биле повторувани во ударните наслови? Дали ти е доста од читањето такви зборови како што се војна, криминал, катастрофа, глад и страдање? Но, еден збор очигледно бил отсутен од новинските извештаи. Сепак, тоа е збор што претставува нешто што на човештвото му е многу потребно. Тој збор е „утеха“.
„Да утеши“ значи „да даде сила и надеж“ и „да ја олесни жалоста или неволјата“ на некого. Покрај сиот овој метеж низ кој поминал светот во овој XX век, надежта и олеснувањето на жалоста се крајно потребни. Вистина, некои од нас денес уживаат повеќе материјални и телесни удобности отколку што нашите претци воопшто си замислувале дека се можни. Главно, тоа е благодарение на научниот напредок. Но, науката и технологијата не нѐ утешиле во смисла да ги отстранат сите причини за страдање на човештвото. Кои се тие причини?
Пред многу векови, мудриот човек Соломон зборувал за една основна причина за страдање кога рекол: „Човекот господари над човек на своја штета“ (Проповедник 8:9). Науката и технологијата не биле во состојба да ја променат склоноста на човекот да сака да доминира со другите луѓе. Во XX век, ова довело до угнетувачки диктаторства во земјите и до ужасни војни меѓу земјите.
Од 1914 година па наваму, преку сто милиони луѓе биле убиени како последица на војните. Помисли колкава човечка болка претставува оваа бројка — милиони ужалени семејства на кои им е потребна утеха. А војните доведуваат до други видови страдање покрај насилната смрт. На крајот од Втората светска војна, во Европа имаше преку 12 милиони бегалци. Во последниве години, од воените зони во Југоисточна Азија побегнаа над еден и пол милион лица. Војната на Балканот принуди над два милиона лица да побегнат од своите домови — во многу случаи за да избегнат „етничко чистење“.
Сигурно дека на бегалците им е потребна утеха, особено на оние кои заминуваат од своите домови со ништо друго освен со поседот што можеле да го понесат, без да знаат каде да одат или каква иднина ги чека нив и нивните семејства. Таквите луѓе спаѓаат меѓу најјадните жртви на угнетување; на нив им е потребна утеха.
Во помирните делови од Земјата, милиони живеат во вистинско ропство на светскиот економски систем. Вистина, некои имаат изобилство материјални добра. Но, повеќето се соочуваат со секојдневна борба за живеачка. Многумина се во потрага по пристоен стан. Сѐ поголем број се невработени. „Светот“ — предвидува еден африкански весник — „се стреми кон една беспримерна криза во поглед на вработувањето, која до 2020 година ќе има преку 1,3 милијарди луѓе кои се во потрага по работа.“ Секако дека на економски угнетените им е потребна „сила и надеж“ — утеха.
Како реакција на очајните околности, некои се свртуваат кон криминален живот. Се разбира, тоа само им создава тешкотија на нивните жртви, а високите стапки на криминал го зголемуваат чувството на угнетеност. Еден неодамнешен ударен наслов во The Star, весник од Јоханесбург (Јужна Африка), гласел: „Еден обичен ден во ‚најубиствената земја на светот‘“. Статијата опишала еден типичен ден во и околу Јоханесбург. Тој ден, четворица луѓе биле убиени, а на осуммина им биле украдени нивните моторни возила. Биле известени седумнаесет кражби во едно предградие од средна класа. Освен тоа, имало извесен број вооружени пљачки. Според весникот, полицијата го опишала ова како „релативно мирен ден“. Разбирливо е што роднините на жртвите од убиства, како и оние кои се подложени на провали во нивните домови и на крадење автомобили, се чувствуваат крајно угнетени. Ним им е потребно охрабрување и надеж — утеха.
Во некои земји има родители кои ги продаваат своите деца на проституција. Во врска со една азиска земја, кон која туристите се слеваат на „секс турнеи“, се известува дека има два милиона проститутки, од кои многу биле купени или киднапирани како деца. Дали има поединци кои се поугнетени од овие јадни жртви? Дискутирајќи за оваа одвратна трговија, списанието Time извести за една конференција на организациите на жените од Југоисточна Азија, одржана во 1991 година. Во него се проценуваше дека „од средината на 70-тите години па наваму, ширум светот биле продадени 30 милиони жени“.
Секако, децата не мора да бидат продадени на проституција за да бидат малтретирани. Еден сѐ поголем број се физички злоупотребувани или дури и силувани во своите сопствени домови од страна на родителите и роднините. Таквите деца може долго време да носат емоционални лузни. Секако, како трагични жртви на угнетување, ним им е потребна утеха.
Еден древен проучувач на угнетувањето
Цар Соломон бил стаписан од обемот на човечкото угнетување. Тој напишал: „Се свртив и ги видов сите неправди, што стануваат под сонцето; и ете, солзите на онеправданите, а утешител немаат; силата е во рацете на клеветниците [угнетувачите, НС], а закрилник [утешител, НС] нема“ (Проповедник 4:1).
Ако мудриот цар увидел уште пред 3.000 години дека угнетуваните имаат очајна потреба од утешител, што би рекол тој денес? Меѓутоа, Соломон знаел дека ниеден несовршен човек, вклучувајќи се и самиот себе, не може да ја даде утехата што му била потребна на човештвото. Бил потребен некој поголем за да ја скрши моќта на угнетувачите. Дали постои таква личност?
Во Библијата, Псалм 71 зборува за еден голем утешител на сите луѓе. Псалмот бил напишан од Соломоновиот татко, цар Давид. Неговиот натпис гласи: „За Соломон“ (НС). Очигледно бил напишан од остарениот цар Давид за Оној кој требало да го наследи неговиот престол. Тој Оној, според псалмот, требало да донесе трајно ослободување од угнетување. „Во Негово време ќе зацари правда, и ќе има изобилен мир сѐ додека не се одземе месечината. И ќе владее од море до море и . . . до краиштата на земјата“ (Псалм 71:7, 8).
Кога Давид ги напишал овие зборови, веројатно мислел на својот син Соломон. Но, Соломон увидел дека е вон негова моќ да му послужи на човештвото на начинот што е опишан во псалмот. Тој можел да ги исполни зборовите од псалмот само на еден помал начин и во корист на израелската нација, а не во полза на целата Земја. Очигледно, овој инспириран пророчки псалм укажувал на некој кој е многу поголем од Соломон. Кој бил тој? Тоа би можел да биде само Исус Христос.
Кога еден ангел го објавил Исусовото раѓање, тој рекол: „Ќе му Го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давида“ (Лука 1:32). Освен тоа, Исус се осврнал на себеси како на „поголем од Соломона“ (Лука 11:31). Од Исусовото воскреснување на Божјата десна страна, тој бил на небото — на местото од кое може да ги исполни зборовите од Псалм 71. Понатаму, тој ја добил моќта и власта од Бог да го скрши јаремот на човечките угнетувачи (Псалм 2:7—9; Даниил 2:44). Значи, Исус е тој кој треба да ги исполни зборовите од Псалм 71.
Угнетувањето наскоро ќе заврши
Што значи ова? Тоа значи дека слободата од сите облици на човечко угнетување наскоро ќе биде стварност. Беспримерното страдање и угнетување што биле видени во текот на овој XX век, биле проречени од Исус како дел од знакот што ќе го означи „свршетокот на светот“ (Матеј 24:3). Меѓу другото, тој прорекол: „Ќе се дигне народ против народ, и царство против царство“ (Матеј 24:7). Тоа обележје на пророштвото почнало со своето исполнување отприлика во времето кога избувнала Првата светска војна во 1914 година. „Бидејќи беззаконијата ќе се умножат,“ — додал Исус — „кај мнозина љубовта ќе олади“ (Матеј 24:12). Беззаконието и недостигот на љубов произвеле една злобна и угнетувачка генерација. Според тоа, мора да е близу времето кога Исус Христос ќе интервенира како нов Цар на Земјата (Матеј 24:32—34). Што ќе значи тоа за угнетуваните луѓе кои имаат вера во Исус Христос и кои на него гледаат како на божествено поставен Утешител на човештвото?
За одговор на ова прашање, да прочитаме некои додатни зборови од Псалм 71, што се исполнуваат во Христос Исус: „Он ќе избави беден од силник и сиромав, кој нема помошник. Ќе го поштеди бедниот и сиромавиот и ќе го спаси животот на сиромасите; од лихви и неправди ќе ги избави душите нивни, и чесно ќе биде името нивно пред Него“ (Псалм 71:12—14). На тој начин, Божјиот поставен Цар, Исус Христос, ќе се погрижи никој да не мора да страда поради угнетување. Тој ја има моќта да ги оконча сите облици на неправда.
‚Тоа звучи прекрасно‘ — би можел некој да рече — ‚но, што е со сегашноста? Каква утеха постои за оние кои страдаат токму сега?‘ Всушност, постои утеха за угнетените. Следните две статии во ова списание ќе покажат дека милиони лица веќе доживуваат утеха преку негувањето близок однос со вистинскиот Бог, Јехова, и со неговиот сакан Син, Исус Христос. Еден таков однос може да нѐ утеши во текот на овие угнетувачки времиња и може да доведе некого до вечен живот без угнетување. Во молитва до Бог, Исус рекол: „А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа“ (Јован 17:3).
[Слика на страници 4 и 5]
Во Божјиот нов свет ниеден човек нема да угнетува друг