Може ли некој навистина да го промени светот?
„Сиромашните луѓе ни велат дека, пред сѐ, сакаат мир и безбедност — а дури потоа сакаат да си го подобрат животот. Сакаат праведна државна и меѓународна политика за да не бидат спречени нивните напори од водечките сили на богатите земји и богатите компании.“
НА ОВОЈ начин директорката на една меѓународна хуманитарна организација ги опишала надежите и копнежите на сиромашните луѓе. Всушност, нејзините зборови сосем добро ја опишуваат желбата на сите жртви на неправди и трагедии во светот. Сите тие копнеат по еден свет во кој ќе владеат вистински мир и сигурност. Ќе постои ли некогаш таков свет? Има ли некој навистина моќ и способност да го промени овој, во основа, неправеден свет?
Обиди за промена
Многу луѓе се обиделе. На пример, Флоренс Најтингејл, Англичанка од 19 век, го посветила својот живот на идеалот да обезбеди чиста, сочувствителна здравствена нега за болните. Во нејзино време — пред да постојат антисептиците и антибиотиците — здравствената нега не била таква каква што би очекувале денес. Според еден извештај, „медицинските сестри биле необразовани, нечисти и познати по нивното пијанство и неморал“. Дали Флоренс Најтингејл имала некаков успех во нејзините обиди да смени нешто во грижата за болните? Имала. Слично на неа, безброј грижливи, несебични луѓе постигнале извонреден успех на многу подрачја од животот — како на пример во писменоста, образованието, здравството, станбените прашања или програмите за прехрана. Како резултат на тоа, биле направени значителни подобрувања во квалитетот на животот на милиони обесправени луѓе.
Сепак, не можеме да ја игнорираме оваа сурова реалност: животите на милиони луѓе сѐ уште се уништуваат од војна, криминал, болест, глад и други трагични настани. Ирската хуманитарна организација Concern вели: „Сиромаштијата убива 30.000 луѓе секој ден“. Дури и ропството, што било тема на толку многу реформатори во минатото, сѐ уште го има. „Денес има повеќе робови од сите луѓе заедно што биле одведени од Африка во времето на прекуокеанската трговија со робови“, изјавува Disposable People—New Slavery in the Global Economy.
Што ги спречува обидите на луѓето да донесат целосни, трајни промени? Дали само надмоќта на богатите и моќните или е вклучено и нешто повеќе?
Пречки за промените
Според Божјата реч, најголемата пречка за обидите на човекот да создаде вистински праведен свет е Сатана Ѓаволот. Апостол Јован ни кажува дека „целиот свет лежи во власта на злобниот“ (1. Јованово 5:19). Всушност, токму сега Сатана „ја заведува целата населена земја“ (Откровение 12:9). Сѐ додека не се отстрани неговото злобно влијание, ќе има жртви на злобата и неправдата. Што довело до оваа тажна состојба?
Нашите први родители, Адам и Ева, ја добиле Земјата која била предвидена да стане совршен рајски дом за целото човечко семејство — еден свет што бил ‚многу добар‘ (Битие 1:31). Што ги променило работите? Сатана ги променил. Го довел во прашање Божјето право да поставува правила според кои луѓето требало да живеат. Тој сугерирал дека Божјиот начин на владеење не е праведен. Ги наговорил Адам и Ева да изберат да живеат независно, за да можат самите да одлучуваат што е добро а што лошо (Битие 3:1-6). Ова ја поставило и втората пречка за обидите на човекот да создаде праведен свет — гревот и несовршеноста (Римјаните 5:12).
Зошто е дозволено тоа?
Некои можеби ќе прашаат: ‚Но, зошто Бог дозволил да дојде до гревот и несовршеноста? Зошто не ја употребил својата неограничена моќ за да ги уништи бунтовниците и да започне сѐ одново?‘ Тоа изгледа како едноставно решение. Меѓутоа, употребата на сила покренува некои сериозни прашања. Зарем не е точно дека злоупотребата на моќта е една од главните работи од кои се жалат сиромашните и угнетените луѓе? Зарем не се појавуваат сомневања кај искрените луѓе кога некој тиранин ја злоупотребува моќта за да ги отстрани сите што не се согласуваат со неговите ставови?
За да ги увери искрените лица дека Тој не е тиранин кој ја злоупотребува моќта, Бог одлучил да им дозволи на Сатана и на бунтовниците да живеат независно од Божјите закони и начела — но само за ограничено време. Времето требало да покаже дека Божјиот начин на владеење е единствениот исправен начин. Би покажало дека секоја забрана што ја поставува тој е за наше добро. Всушност, тоа веќе се покажа со трагичните последици од побуната против Божјиот начин на владеење. И, тие докажаа дека Бог има потполно право да ја користи својата моќ за да ги уништи злобните кога ќе одлучи да го направи тоа. А тоа ќе биде многу скоро (Битие 18:23-32; Второзаконие 32:4; Псалм 37:9, 10, 38).
Додека да дојде времето Бог да дејствува, ние сме фатени во стапицата на еден неправеден систем, во кој ‚заедно воздивнуваме и заедно сме во болка сѐ досега‘ (Римјаните 8:22). Што и да правиме за да ги промениме работите, не можеме да се ослободиме од Сатана ниту, пак, можеме потполно да ја отстраниме несовршеноста која е коренот на сите страдања што ги доживуваме. Едноставно, за нас е невозможно да ги поправиме последиците од наследениот грев од Адам (Псалм 49:7-9).
Исус Христос ќе донесе трајни промени
Дали ова значи дека ситуацијата е потполно безнадежна? Секако дека не. Некој што е далеку помоќен од смртните луѓе ја добил задачата да направи трајни промени. Кој е тоа? Исус Христос. Тој е опишан во Библијата како Божји Главен Застапник за спасение на луѓето (Дела 5:31).
Тој сега го чека „одреденото време“ од Бог за да дејствува (Откровение 11:18). Што точно ќе стори? Ќе овозможи „обнова на сѐ она за кое Бог говореше преку устата на своите свети пророци од старо време“ (Дела 3:21). На пример, Исус ќе „го спаси бедниот што воздивнува, угнетуваниот, што нема помошник . . ќе ги ослободи од неправдата и насилствата“ (Псалм 72:12-16). Преку Исус Христос, Бог ветува дека ќе „ги прекрати војните до крајот на земјата“ (Псалм 46:9). Тој ветува дека „ниеден жител нема да рече: ‚Болен сум‘“. Слепите, глувите, хромите — сите што страдаат од болести — ќе бидат излечени и ќе имаат совршено здравје (Исаија 33:24; 35:5, 6; Откровение 21:3, 4). Дури и оние што умреле во минатото ќе имаат корист. Тој ветува дека ќе ги врати во живот жртвите на неправдата и угнетувањето (Јован 5:28, 29).
Исус Христос нема да донесе делумна, привремена промена. Тој потполно ќе ги отстрани сите пречки за еден вистински праведен свет. Ќе ги отстрани гревот и несовршеноста и ќе го уништи Сатана Ѓаволот и сите што го имаат неговиот бунтовен став (Откровение 19:19, 20; 20:1-3, 10). Маките и страдањето што Бог ги дозволил привремено ‚нема да се подигнат двапати‘ (Наум 1:9). На тоа мислел Исус кога нѐ поучил да се молиме да дојде Божјето Царство и да се врши Божјата волја „како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10).
Можеби ќе приговориш: ‚Но нели самиот Исус рекол дека ‚сиромасите секогаш ќе ги имаме со нас‘? Зарем тоа не значи дека секогаш ќе има неправда и сиромаштија?‘ (Матеј 26:11). Да, Исус рекол дека секогаш ќе има сиромашни луѓе. Меѓутоа, контекстот на неговите зборови, заедно со ветувањата од Божјата реч, покажува дека тој сакал да каже оти секогаш ќе има сиромашни луѓе сѐ додека трае овој систем. Тој знаел дека ниту еден човек нема да биде способен да го ослободи светот од сиромаштија и неправди. Исто така, знаел дека тој ќе го смени сето тоа. Наскоро ќе воспостави потполно нов систем — „нови небеса и нова земја“ во кои повеќе нема да постојат болка, болест, сиромаштија и смрт (2. Петрово 3:13; Откровение 21:1).
‚Не заборавајте да правите добро‘
Дали ова значи дека е залудно да правиме сѐ што можеме за да им помогнеме на другите луѓе? Никако. Библијата нѐ поттикнува да им помагаме на другите кога се соочуваат со неволји и тешки околности. „Не крати им добротворство на оние што имаат потреба кога можеш да го направиш тоа“, пишува древниот цар Соломон (Пословици 3:27). „Не заборавајте да им правите добро и да делите со другите“, поттикнува апостол Павле (Евреите 13:16).
Самиот Исус Христос нѐ поттикнал да правиме сѐ што можеме за да им помогнеме на другите. Тој ја кажал споредбата со Самарјанинот кој наишол на човек што бил претепан и ограбен. Исус рекол дека Самарјанинот, „трогнат од сожалување“, ги употребил своите средства за да ги превие раните на претепаниот човек и да му помогне да закрепне од повредите (Лука 10:29-37). Тој сочувствителен Самарјанин не го променил светот, но направил голема промена во животот на еден човек. И ние можеме да го направиме истото.
Меѓутоа, Исус Христос може да направи повеќе отколку само да им помага на поединци. Тој навистина може да донесе промени, и тоа наскоро и ќе го направи. Тогаш, жртвите на денешните неправди ќе можат да си го подобрат животот и да живеат во вистински мир и сигурност (Псалм 4:8; 37:10, 11).
Додека чекаме да се случи тоа, никогаш да не се воздржуваме да им „правиме добро“, и духовно и материјално, на сите жртви на овој неправеден свет (Галатите 6:10).
[Слики на страница 5]
Флоренс Најтингејл направила значајни промени во грижата за болните
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на National Library of Medicine
[Слики на страница 7]
Следбениците на Христос им прават добро на другите
[Извор на слика на страница 4]
The Star, Johannesburg, S.A.