ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w05 1/11 стр. 8-12
  • Се исполнија ‚желбите на моето срце‘

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Се исполнија ‚желбите на моето срце‘
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Стекнување подлабок увид
  • Почнувам со полновремена служба
  • Го надминувам обесхрабрувањето
  • Прво листа на чекање, потоа брза одлука
  • Во мислите сѐ уште ми е Африка
  • Среќна што сум повторно во Того
  • Во Африка заедно со Осеан
  • Благодарна за Јеховината верна поддршка
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Дали децата се безбедни со вашето куче?
    Разбудете се! 1997
  • Тие се ставиле на располагање — во западна Африка
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2014
  • Сега можам да им помагам на другите
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2015
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
w05 1/11 стр. 8-12

Животна приказна

Се исполнија ‚желбите на моето срце‘

РАСКАЖАЛА ДОМИНИК МОРГУ

Беше декември 1998 година и јас конечно бев во Африка! Ми се исполни сонот од детството. Отсекогаш се воодушевував кога ќе помислев на широко отворените пространства и фасцинантниот животински свет на Африка. Сега се најдов токму таму! Во исто време ми се оствари и уште еден сон. Служев како полновремен проповедник во странство. На мнозина, сето ова можеби им изгледаше невозможно. Видот ми е тешко оштетен, и кога одам по прашливите африкански улици ми помага едно куче водич, но кое е дресирано да го прави тоа по улиците во европските градови. Да ви раскажам како ми се укажа можност да служам во Африка и како Јехова ми ги исполни ‚желбите на моето срце‘ (Псалм 37:4).

РОДЕНА сум на 9 јуни 1966 година, во јужна Франција како најмала од седумте деца — две момчиња и пет девојчиња — на моите добри родители. Но, во мојот детски живот постоеше една темна страна. Како и баба ми, мајка ми и една моја сестричка, страдав од една наследна болест која на крајот водеше до потполно слепило.

Како тинејџерка, на своја кожа ја почувствував болката на расизмот, предрасудите и лицемерието, што ме натера да се бунтувам против општеството. Во тој тежок период од мојот живот се преселивме во Еро. Таму се случи нешто прекрасно.

Едно неделно утро на нашата врата тропнаа две жени кои беа Јеховини сведоци. Мајка ми се знаеше со нив, па ги покани да влезат внатре. Едната жена ја праша мајка ми дали се сеќава на тоа дека во една прилика ѝ ветила дека, кога – тогаш, ќе прифати да ја проучува Библијата. Мајка ми немаше заборавено туку само праша: „Кога почнуваме?“ Се договорија да се гледаат секоја недела попладне, и така мајка ми почна да ја учи „вистината на добрата вест“ (Галатите 2:14).

Стекнување подлабок увид

Мајка ми не го жалеше трудот што го вложи за да го разбере и запомни она што го учеше. Бидејќи беше слепа, мораше сѐ да учи напамет. Сведоците беа многу стрпливи со неа. А јас, пак, кога и да дојдеа тие, се затворав во својата соба и излегував дури откако ќе си заминеа. Но, едно утро се сретнав со едната од нив, Ежени, и поразговаравме малку. Ми кажа дека Божјето Царство ќе им стави крај на лицемерието, омразата и предрасудите што постојат во светот. „Само Бог го има решението“, рече. Ме праша дали сакам да знам повеќе? Следниот ден, започнав со проучување на Библијата.

Сѐ што учев за мене беше нешто што првпат го слушав. Сфатив дека постои добра причина за тоа што Бог привремено допушта да се случуваат лоши работи на Земјата (Битие 3:15; Јован 3:16; Римјаните 9:17). Увидов и дека Јехова не нѐ оставил без надеж. Ни ветил нешто прекрасно — дека ќе ни даде вечен живот на Земјата која ќе биде рај (Псалм 37:29; 96:11, 12; Исаија 35:1, 2; 45:18). Во тој рај, ќе ми се врати видот, кој сѐ повеќе го губев (Исаија 35:5).

Почнувам со полновремена служба

На 12 декември 1985 година, се крстив во вода во знак на своето предание на Јехова, што претходно го направи и мојата сестра Мари-Клер. Наскоро се крсти и брат ми, Жан-Пјер, како и мојата мила мајка.

Во моето собрание имаше неколку општи пионери, односно полновремени проповедници. Ме храбреше нивната радост и одушевеност за службата на проповедање. Дури и Мари-Клер, со оштетен вид и со ортопедско помагало на едната нога, започна со полновремена служба. До ден-денес, нејзиниот пример за мене е силен поттик. Тоа што често се дружев со пионерите, и во собранието и дома, помогна во мене да се роди силна желба и јас да се вклучам во полновремената служба. Така, во ноември 1990, почнав да служам како пионер во Безие (Псалм 94:17-19).

Го надминувам обесхрабрувањето

Од голема помош во службата ми беше будната грижа од другите пионери. Но и покрај тоа, одвреме-навреме моите ограничувања ме разочаруваа затоа што посакував да можам да правам повеќе. Но, Јехова ми даваше поддршка секогаш кога бев разочарана. Го пребарав Индексот на публикации на Watch Tower за да најдам животни приказни на пионери кои, исто како мене, имаат оштетен вид. Се зачудив колку многу ги имаше! Од практичните и охрабрувачки работи што ги прочитав во нив научив дека треба да ја ценам вредноста на она што можам да го направам и да се помирам со своите ограничувања.

Заработував за живот така што чистев во трговските центри заедно со други Сведоци. Еден ден забележав дека колегите пак ги чистат местата што јас веќе ги имав исчистено. Очигледно, не беше исчистено како што треба. Отидов кај Валери, пионерка што беше одговорна за нашиот тим, и ја замолив искрено да ми каже дали им ја отежнувам работата на другите. Таа љубезно ме остави сама да решам кога веќе не би можела да работам. Престанав да чистам во март 1994 година.

Повторно ме обзеде чувство дека сум бескорисна. Горливо му се молев на Јехова и знам дека ги чу моите молби. Уште еднаш се покажа од огромна корист проучувањето на Библијата и на христијанските публикации. Но и покрај тоа што видот ми беше сѐ послаб, во мене сѐ повеќе растеше желбата да му служам на Јехова. Што можев да сторам?

Прво листа на чекање, потоа брза одлука

Поднесов молба за обука во Центарот за рехабилитација на слепи лица и лица со оштетен вид и по некое време ме примија на три месеци. Тоа беше паметно потрошено време. Успеав да увидам до кој степен ме ограничува мојот хендикеп и научив да се приспособам на тоа. Приликата да се запознаам со други лица што страдаа од различен хендикеп ми помогна да сфатам колку е скапоцена надежта што ми ја дава мојата вера. Јас барем имав некаква цел во животот и можев да правам нешто корисно. Тој период научив и француско Брајово писмо.

Кога се вратив дома, семејството веднаш забележа колку ми помогна обуката. Сепак, едно нешто што воопшто не го сакав беше белиот стап што требаше да го употребувам. Поминав низ многу маки додека не се помирив со таа „прачка“. Многу подобро ќе беше да имав некаква друга помош — на пример, куче водич.

Пополнив барање за куче, но ми кажаа дека веќе има долга листа на чекање. Исто така, заводот мораше да испита дали ги исполнувам условите за тоа. Куче водич не се дава на кого и да било. Еден ден, една жена што помагаше во управувањето со едно здружение за слепи ми кажа дека локалниот тениски клуб сака да донира куче водич на некој што е слеп или со оштетен вид од нашата околина. Рече дека на ум сум ѝ дошла јас. Ме праша дали би прифатила. Ја прифатив љубезната понуда, уверена дека во сето тоа беше вмешана Јеховината рака. Но, мораше да почекам.

Во мислите сѐ уште ми е Африка

Додека чекав, мислите ги насочив во друг правец. Како што веќе спомнав, уште од детството многу ме привлекуваше Африка. И покрај тоа што сѐ повеќе го губев видот, мојата заинтересираност за таму беше посилна од кога и да било, особено откако дознав дека толку многу луѓе во Африка се интересираат за Библијата и сакаат да му служат на Јехова. Нешто пред тоа, онака патем, ѝ спомнав на Валери дека би сакала да ја посетам Африка. Ја прашав дали би сакала да дојде со мене. Таа прифати и испративме писма до неколку подружници на Јеховините сведоци во Африка, во земји каде што се зборува францускиот јазик.

Добивме одговор од Того. Радосна, ја замолив Валери да ми го прочита на глас. Писмото звучеше охрабрувачки, па Валери рече: „Тогаш, зошто да не отидеме?“ Откако зборувавме со браќата од подружницата, ме поврзаа со Сандра, пионерка во главниот град, Ломе. Одлучивме да тргнеме на 1 декември 1998 година.

Каква разлика, но какво задоволство беше тоа! Откако слетавме во Ломе, излегувајќи од авионот ја почувствувавме африканската жештина, небаре нѐ обвиткува со ќебе. Сандра нѐ пречека. Никогаш претходно се немавме видено, но од првиот миг се чувствувавме како да се знаеме којзнае од кога. Кратко пред да дојдеме ние, Сандра и нејзината партнерка во пионерење, Кристина, биле доделени да служат како специјални пионери во Таблигбо, мало гратче во внатрешноста. Сега ние ја имавме честа да им се придружиме на нивната нова доделба. Останавме околу два месеца, а кога си заминувавме, бев сигурна дека пак ќе се вратам.

Среќна што сум повторно во Того

Во Франција веднаш започнав со подготовките за моето второ патување во Того. Со поддршка од семејството, можев да планирам да останам таму шест месеци. Така, во септември 1999 година, повторно се најдов во авион што леташе за Того. Но, овојпат патував сама. Замислете си како се чувствувало моето семејство кога ме гледале како заминувам сама и покрај мојот хендикеп! Но, немаше причина за загриженост. Ги уверив родителите дека моите пријатели, кои веќе ги чувствував како родени браќа и сестри, ќе ме чекаат во Ломе.

Какво задоволство ми носеше тоа што повторно бев таму каде што толку многу луѓе сакаа да дознаат повеќе за Библијата! Не е реткост да се видат луѓе што ја читаат Библијата на улица. Во Таблигбо луѓето ве викаат кај нив за да поразговарате за Библијата. И каква неповторлива прилика беше за мене да живеам заедно со две сестри пионерки во нивните скромни услови за живеење! Се запознав со една поинаква култура, поинаков начин на гледање на работите. Прво и најважно, забележав дека браќата и сестрите во Африка ги ставаат интересите на Царството на прво место во животот. На пример, тоа што мораат да одат пеш неколку километри за да стигнат до Салата на Царството не ги спречува да одат на состаноците. Исто така, научив многу од нивната топлина и гостољубивост.

Еден ден, додека се враќавме од службата на проповедање, ѝ се доверив на Сандра дека се плашам да се вратам во Франција. Мојот вид беше уште послаб. Помислив на преполните и бучни улици во Безие, на скалилата во зградите и на уште многу други работи што му го отежнуваат животот на некој со слаб вид. За разлика од тоа, улиците во Таблигбо, иако неасфалтирани, беа тивки — без многу метеж и сообраќај. Како ќе се снајдам во Франција сега, откако толку се навикнав на Таблигбо?

Два дена потоа се јави мајка ми за да ми каже дека школата за тренирање на кучиња водичи ме очекува. Еден млад лабрадор ретривер што се викаше Осеан спремно чекаше да почне да „гледа“ место мене. Повторно, моите потреби беа задоволени а моите грижи растерани. По шест месеци служба исполнета со задоволство во Таблигбо, повторно бев на пат кон Франција за да се запознаам со Осеан.

По неколку месеци обука, Осеан ми беше доверена на грижа. Во почетокот не беше лесно. Мораше да научиме како да се разбираме меѓусебно. Но, постепено сфатив колку многу ми беше потребна Осеан. Всушност, сега ја чувствувам како дел од себе. Можеби се прашувате како реагираа луѓето во Безие кога ќе ме видеа на својата врата со куче? Наидов на многу разбирање и љубезност. Осеан стана „главна личност“ во соседството. А бидејќи многу луѓе не се чувствуваат баш најпријатно кога се со некој хендикепиран, кучето ми помогна природно да зборувам за својата болест. Луѓето ќе се ослободеа и ќе ме сослушаа. Осеан навистина на најдобар можен начин ми помагаше да започнам разговор.

Во Африка заедно со Осеан

Ја немав заборавено Африка, и сега се подготвував за своето трето патување таму. Овој пат со мене дојде и Осеан. Ме придружуваа и еден млад брачен пар, Антони и Аурора, и другарка ми Каролина — сите пионери како и јас. На 10 септември 2000 година пристигнавме во Ломе.

Отпрвин, мнозина се плашеа од Осеан. Само малкумина во Ломе имаа видено толкаво куче, затоа што во Того кучињата најчесто се мали. Кога ја видоа опремата што ја носеше кога ми помагаше, некои си помислија дека е диво животно што треба да се скроти. А Осеан пак, зазеде одбрамбен став, спремна да ме заштити од сѐ што ѝ изгледаше како закана. Сепак, брзо се навикна на новата околина. Кога ја носи опремата, си ја врши работата — дисциплинирана е, одговорна, секогаш покрај мене. Кога е без неа, таа е разиграна, понекогаш и палава. Многу ми е забавно со неа.

Сите бевме поканети да престојуваме кај Сандра и Кристина во Таблигбо. За да им помогнеме на локалните браќа да се навикнат на Осеан, ги каневме на гости кај нас и им објаснувавме која е нејзината улога, зошто ми е потребна, и како треба да се однесуваат со неа. Старешините одобрија Осеан да доаѓа со мене во Салата на Царството. Бидејќи тоа беше нешто дотогаш невидено во Того, беше дадено известување со кое на собранието му беа објаснети работите. Што се однесува до службата, Осеан доаѓаше со мене само кога одев на повторни посети или кога водев библиски студии — прилики кога полесно можев да објаснам зошто ја носам со мене.

Проповедањето овде продолжува да ми биде уживање. Секогаш бев трогната од обѕирноста на нежните луѓе, што се гледаше од нивните љубезни постапки, како на пример кога ќе гледаа што побрзо да ми донесат столче за да седнам. Во октомври 2001 година, кога по четврти пат одев во Того, со мене дојде и мајка ми. По три седмици се врати среќна во Франција, уверена дека ми е добро.

Длабоко сум му благодарна на Јехова што имав прилика да служам во Того. Уверена сум дека Јехова ќе продолжи да ми ги исполнува „желбите на моето срце“ додека јас се трудам да му дадам сѐ што можам во службата.a

[Фуснота]

a Сестра Моргу се врати во Франција и успеа да појде во Того уште еднаш, од 6 октомври 2003 до 6 февруари 2004 година. За жал, поради здравствени проблеми, тоа може да е нејзиното последно патување за Того во овој систем на работи. Но, нејзина најсилна желба и понатаму продолжува да биде да му служи на Јехова.

[Слики на страница 10]

Отсекогаш се воодушевував кога ќе помислев на широко отворените пространства и фасцинантниот животински свет на Африка

[Слика на страница 10]

Осеан доаѓаше со мене на повторни посети

[Слика на страница 11]

Старешините одобрија Осеан да доаѓа со мене на состаноците

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели