Неправеден свет
СЕ СОГЛАСУВАШ ли дека живееме во еден неправеден свет? Сигурно се согласуваш. Факт е дека, колку и да сме талентирани или колку и мудро да го планираме својот живот, сепак немаме никаква гаранција дека ќе имаме пари, успех, па дури и храна. Честопати се случува она што го рекол мудриот цар Соломон од старо време: „Храната не ја добиваат најмудрите, ниту богатството најумните, ниту пак славата најучените“. Зошто? Затоа што, како што продолжува Соломон, „за сите нив се пресудни времето и приликите“ (Проповедник 9:11, Радосна вест).
‚Кога неочекувано ќе дојде тешко време‘
Да, „времето и приликите“, што честопати значи да се најдеш на погрешно место во погрешно време, многу често ги уништуваат нашите најдобри планови и очекувања. Според Соломон, „како што рибите налетуваат во погубна мрежа, и како што птиците се заплеткуваат во примки, така и синовите човечки се уловуваат во тешко време, кога тоа неочекувано ќе дојде за нив“ (Проповедник 9:12, ПСП). На пример, милиони луѓе неуморно обработуваат земја за да обезбедат храна за своите семејства, но тогаш неочекувано се фатени во стапицата на „тешко време“ затоа што нема дожд и сушата им ги уништува посевите.
Некои се обидуваат да помогнат, но дури и помошта што остатокот од светот ја дава за жртвите од ‚тешкото време‘ честопати изгледа неправедна. На пример, според една водечка хуманитарна организација, во борбата против гладот за една година „целиот континент [Африка] примил помош во износ од само една петтина од парите што биле наменети за Војната во заливот“. Дали било праведно што богатите земји дале пет пати повеќе пари за да водат војна во една земја отколку што дале за да се ублажат болката и страдањето предизвикани од глад на еден цел континент? И дали е праведно во ова време кога мнозина напредуваат материјално, 25 проценти од жителите на Земјата сѐ уште да живеат во крајна сиромаштија или секоја година да умираат четири милиони деца од болести кои можат да се спречат? Секако дека не е!
Се разбира, кога ‚неочекувано ќе дојде тешко време‘ вклучено е и нешто повеќе од „времето и приликите“. Во светот околу нас исто така владее и ужасно насилство, врз кое ние не можеме да влијаеме и кое одредува што ќе се случи со нас. Тоа сигурно беше случај во Беслан (Северна Осетија), есента во 2004 година, кога стотици луѓе, од кои повеќето беа деца на нивниот прв училиштен ден, беа убиени во сурова борба меѓу терористите и полицијата. Навистина, смртта или преживувањето во оваа трагедија во голема мера беше работа на случајност — но основната причина за ова „тешко време“ беа човечките судири.
Дали секогаш ќе биде вака?
Кога зборуваат за правдата, некои велат: „Таков е животот. Секогаш било така и секогаш ќе биде“. Според нив, силните секогаш ќе ги угнетуваат послабите, богатите секогаш ќе ги експлоатираат сиромашните. Тие велат дека сето ова, заедно со „времето и приликите“, ќе го погодуваат човекот сѐ додека има луѓе.
Дали навистина мора да биде така? Ќе биде ли некогаш можно оние што своите способности ги користат разумно и мудро, да пожнеат праведна награда за нивниот труд? Може ли некој да направи нешто за да донесе трајни промени во овој неправеден свет? Разгледај што има да каже следната статија на таа тема.
[Извор на слика на страница 2]
НАСЛОВНА СТРАНИЦА: Човек со дете: UN PHOTO 148426/McCurry/Stockbower
[Извор на слика на страница 3]
MAXIM MARMUR/AFP/Getty Images