За мене Јехова е Бог на срдечна љубезност
РАСКАЖАЛ ЈАНИС АНДРОНИКОС
Беше 1956 година. Само девет дена после мојата венчавка, стоев пред еден апелационен суд во Комотини, северна Грција. Се надевав дека 12-месечната казна, што ја добив затоа што го проповедав Божјето Царство, ќе биде укината. Одлуката на апелациониот суд — шест месеци затвор — ја разби таа надеж и се покажа само како почеток на една долга низа судења. Меѓутоа, низ сето тоа, за мене Јехова се покажа како Бог на срдечна љубезност.
ВО ВРЕМЕТО кога сум се родил, на 1 октомври 1931, моето семејство живеело во градот Кавала, македонскиот Неапол кој го посетил апостол Павле во текот на своето второ мисионерско патување. Мајка ми стана Јеховин сведок кога имав пет години, и иако беше речиси неписмена, направи сѐ што можеше за да всади во мене љубов кон Бог и страв од него. Татко ми беше крајно конзервативен човек кој тврдоглаво се држеше за грчката православна традиција. Тој не се интересираше за библиската вистина и ѝ се противеше на мајка ми, често прибегнувајќи кон насилство.
Значи, пораснав во поделено домаќинство, во кое татко ми ја тепаше и ја малтретираше мајка ми, па дури и нѐ напушти. Уште од моето рано детство, мајка ми нѐ носеше мене и сестричката на христијанските состаноци. Меѓутоа, кога наполнив 15 години, младешките желби и духот на независност ме одвратија од Јеховините сведоци. Сепак, мојата верна мајка напорно пробуваше, и пролеа многу солзи во своите обиди да ми помогне.
Поради сиромаштијата и лошиот начин на живот што го водев, сериозно се разболев и морав да останам в кревет повеќе од три месеци. Во тој период, еден многу понизен брат, кој ѝ помогна на мајка ми да ја дознае вистината, забележа кај мене искрена љубов кон Бог. Сметаше дека би можело да ми се помогне духовно да се опоравам. Другите му велеа: „Си го губиш времето обидувајќи се да му помогнеш на Јанис; тој никогаш нема да се прибере“.Но, стрпливоста на овој брат и неговата истрајност додека ми помагаше даде плод. На 15 август 1952, на возраст од 21 година, го симболизирав моето предание на Јехова со крштавање во вода.
Штотуку венчан и в затвор
Три години после тоа се запознав со Марта, една духовно настроена сестра со извонредни особини, и наскоро се свршивме. Еден ден навистина се збунив кога Марта ми рече: „Денес планирам да проповедам од врата до врата. Ќе сакаш ли да дојдеш со мене?“ Дотогаш немав учествувано во оваа гранка на делото и претежно проповедав неформално. Во тоа време делото на проповедање во Грција беше под забрана, и нашата проповедничка активност моравме да ја вршиме скришно. Поради тоа имаше голем број апсења, судски случаи и сурови затворски казни. Сепак, не можев да ѝ речам ‚не‘ на мојата свршеница!
Во 1956 Марта ми стана сопруга. Всушност тогаш, девет дена после свадбата, ја добив шестмесечната затворска казна од апелациониот суд во Комотини. Тоа ме потсети на едно прашање кое некое време пред тоа јас ѝ го поставив на една христијанска сестра, пријателка на мајка ми: „Како можам да покажам дека сум вистински Сведок на Јехова? Никогаш не сум имал прилика да ја докажам мојата вера“. Кога оваа сестра ми дојде на посета в затвор, ме потсети на тоа прашање и ми рече: „Сега можеш да му покажеш на Јехова колку го сакаш. Ова е твоја задача“.
Кога дознав дека мојот адвокат пробал да собере пари за да ме ослободи од затвор со кауција, му реков дека претпочитам да ја одлежам мојата казна. Колку само бев среќен на крајот од шесте месеци поминати в затвор кога видов како други двајца затвореници ја прифатија вистината! Во текот на следните години, бев вклучен во голем број судски случаи заради добрата вест.
Избори за кои никогаш не зажаливме
Во 1959, неколку години откако ме пуштија, служев како собраниски слуга, т. е. претседавачки надгледник, и бев поканет да присуствувам на Школата за служба за Царството — курс за обука на собраниски старешини. Но, истовремено ми беше понудено едно постојано вработување во државната болница, работа која мене и на моето семејство ќе ни пружеше финансиска сигурност во животот. Што да изберам? Веќе работев привремено во болницата три месеци, и директорот беше многу задоволен од мојата работа, но кога добив покана за школата, тој не ми дозволи да земам дури ни неплатено отсуство. Откако во молитва размислив за таа дилема, одлучив на прво место да ги ставам интересите на Царството и ја одбив понудата за работа (Матеј 6:33).
Отприлика во истото време, во нашето собрание почнаа да служат обласни и покраински надгледници. Поради силното противење на грчкото православно свештенство и на властите, состаноците моравме да ги одржуваме тајно, во приватни домови. После еден состанок, ми пристапи обласниот надгледник и ме праша дали сум размислувал да стапам во полновремена служба. Неговиот предлог ја погоди правата жица во моето срце, бидејќи тоа ми беше сон уште откако се крстив. Му одговорив: „Сакам, и тоа многу“. Меѓутоа, веќе имав додатна одговорност околу подигањето на ќерката. Братот ми рече: „Имај доверба во Јехова, и тој ќе ти помогне да ги оствариш своите планови“. На тој начин, без да ги занемариме семејните одговорности, мојата сопруга и јас можевме да ги преиначиме своите околности, така што во декември 1960 почнав да служам како специјален пионер во Источна Македонија (Грција) — еден од само петте специјални пионери во земјата.
Откако една година работев како специјален пионер, канцеларијата на подружницата во Атина ме покани да служам како патувачки надгледник. Кога се вратив дома, после еден месец обука за овој облик на службата, и додека сѐ уште ѝ ги раскажував на Марта моите искуства, ме посети директорот на еден голем рудник за манган и ми предложи да станам менаџер на одделението за рафинирање, нудејќи ми великодушен петгодишен договор, убава куќа и автомобил. Ми остави два дена за да му дадам одговор. Повторно, без никакво колебање, му се помолив на Јехова: „Еве ме мене, испрати ме мене!“ (Исаија 6:8). Мојата сопруга во потполност се сложи со мене. Со доверба во Бог почнавме со патувачкото дело, и Јехова со својата срдечна љубезност никогаш не нѐ изневери.
Служење во добро и зло
Иако имавме економски проблеми, продолживме напред и Јехова се грижеше за неопходните работи. Во почетокот ги посетував собранијата на мал мотоцикл, поминувајќи растојанија и до 500 километри. Многупати имав тешкотии, а имав и неколку несреќни случаи. Една зима, додека се враќав од едно собрание и преминував преку еден надојден поток, моторот откажа, а јас се намокрив до коленици. Потоа на мотоциклот му издиша гумата. Ми помогна еден минувач кој имаше пумпа, и на тој начин можев да стигнам до најблиското село каде што ја поправив гумата. Конечно стигнав дома во три часот наутро, премрзнат и исцрпен.
Во една друга прилика, додека патував од едно собрание до друго, мотоциклот се лизна и паднав на колена. Од тоа панталоните ми се искинаа и ми се натопија со крв. Немав други панталони, па затоа таа вечер говорот го изнесов со панталоните на еден друг брат, кои ми беа преголеми. Сепак, никаква тешкотија не можеше да ја потисне мојата желба да му служам на Јехова и на саканите браќа.
Во еден друг несреќен случај, бев тешко повреден — ја скршив раката и предните заби. Тогаш дојде на посета сестра ми, која не е Сведок, а која живееше во Соединетите Држави. Какво само олеснување беше кога ми помогна да си купам кола! Кога браќата од подружницата во Атина слушнаа за мојот несреќен случај, ми испратија едно охрабрувачко писмо, во кое меѓу другото беа и зборовите од Римјаните 8:28 (NW), каде што делумно се вели: „Бог прави сите негови дела да соработуваат заедно за доброто на оние кои го љубат Бог“. Честопати, ова уверување се покажуваше многу вистинито во мојот живот!
Пријатно изненадување
Во 1963 со еден специјален пионер работев во едно село каде што луѓето не беа баш приемчиви. Решивме да работиме одвоено и секој да земе по една страна од улицата. Во една куќа, уште не бев ни тропнал на вратата кога една жена брзо ме повлече внатре, ја затвори и ја заклучи вратата зад мене. Бев збунет и се прашував што се случува. Кратко потоа, таа набрзина го повика внатре и специјалниот пионер. Потоа, госпоѓата ни рече: „Пст! Не мрдајте!“ По кратко време, однадвор слушнавме непријателски настроени гласови. Луѓето нѐ бараа. Кога работите се смирија, госпоѓата ни рече: „Ова го сторив за да ве заштитам. Ве почитувам бидејќи верувам дека вие сте вистински христијани“. Искрено ѝ се заблагодаривме и си заминавме, оставајќи ѝ многу литература.
После четиринаесет години, додека бев на еден обласен конгрес во Грција, ми пријде една жена и ми рече: „Брате, се сеќаваш ли на мене? Јас сум жената која те засолна од противниците кога дојде да сведочиш во нашето село“. Таа имигрирала во Германија, ја проучувала Библијата и се поврзала со Јеховиниот народ. Сега, целото нејзино семејство е во вистина.
Секако, сиве овие години бевме благословени со многу „препорачувачки писма“ (2. Коринтјаните 3:1). Извесен број од оние на кои имавме предност да им помогнеме да стекнат спознание за библиската вистина, сега служат како старешини, слуги помошници и пионери. Колку само е возбудливо да се види како од една рака објавители колку што имаше во покраините кога служев, во почетокот на 1960-тите, бројот порасна на 10.000 обожаватели на Јехова! Сета заслуга за тоа му припаѓа на нашиот Бог на срдечна љубезност кој нѐ користи на свој сопствен начин.
„На болничката постела“
Во текот на годините кои ги поминавме во патувачкото дело, Марта се покажа како извонредна помошничка која секогаш имаше радосен став. Меѓутоа, во октомври 1976 сериозно се разболе и ѝ беше извршена една болна операција. Заврши како параплегичар во инвалидска количка. Како можевме да се справиме со трошокот и емоционалното страдање? Со тоа што повторно положивме доверба во Јехова, ја доживеавме неговата љубезна и великодушна рака. Кога заминав да служам во Македонија, Марта остана во домот на еден брат во Атина заради физикална терапија. Таа имаше обичај да ми телефонира со овие охрабрувачки зборови: „Добро сум. Ти продолжи, а кога повторно ќе можам да се движам, јас ќе те придружувам со мојата инвалидска количка“. И всушност, така и правеше. Нашите сакани браќа од Бетелот ни испраќаа голем број охрабрувачки писма. Марта секогаш одново беше потсетувана на зборовите од Псалм 41:3 (NW): „Самиот Јехова ќе го поткрепи на болничката постела; целата постела сигурно ќе ја промениш за време на неговата болест“.
Поради овие сериозни здравствени проблеми, во 1986 беше одлучено дека ќе биде подобро да служам како специјален пионер во Кавала, каде што и живеам, во близина на семејството на нашата драга ќерка. Минатиот март мојата драга Марта почина, верна до крај. Пред тоа, кога браќата ќе ја прашаа: „Како си?“, таа обично одговараше: „Бидејќи сум блиска со Јехова, многу добро сум!“ Кога се подготвувавме за состаноците или кога добивавме искушувачки покани да служиме на подрачја каде што жетвата е обилна, Марта имаше обичај да каже: „Јанис, ајде да одиме да служиме онаму каде што има поголема потреба“. Таа никогаш не го изгуби својот ревносен дух.
Пред неколку години и јас морав да се соочам со еден голем здравствен проблем. Во март 1994, ми беше дијагностициран срцев проблем опасен за животот, и беше неопходна операција. Повторно почувствував како Јеховината љубезна рака ме поддржува низ тој критичен период. Никогаш нема да ја заборавам молитвата што ја кажа еден покраински надгледник на мојот болнички кревет кога излегов од интензивна нега, како и прославата на Меморијалот кој го одржав токму во болничката соба со четворица пациенти кои покажаа извесен интерес за вистината.
Јехова беше наш помошник
Времето лета, а нашето тело слабее, но нашиот дух се обновува преку проучувањето и службата (2. Коринтјаните 4:16). Веќе има 39 години откако реков: „Еве ме мене, испрати ме мене!“ Тоа беше еден исполнет, среќен и наградувачки живот. Да, понекогаш мислам дека „сум сиромав и беден“, но тогаш со доверба во Јехова можам да кажам: „Ти си помошник мој и заштитник мој“ (Псалм 39:17). Тој за мене навистина беше Бог на срдечна љубезност.
[Слика на страница 25]
Со Марта во 1956
[Слика на страница 26]
Пристаништето во Кавала
[Слика на страница 26]
Со Марта во 1997