Кирил Лукарис — човек кој високо ја ценел Библијата
Било еден летен ден 1638 година. Рибарите на Мраморното Море во близина на Константинопол (денешен Истанбул), главниот град на Отоманската империја, се преплашиле кога виделе како по површината на водата плови леш. Кога одблизу го погледнале, со ужас сфатиле дека задавеното тело било телото на екуменскиот патријарх на Константинопол, поглаварот на Православната црква. Тоа бил трагичниот крај на Кирил Лукарис, истакната религиозна личност од 17 век.
ЛУКАРИС не живеел доволно долго за да го дочека остварувањето на својот сон — излегување на преводот на Христијанските грчки списи на говорен грчки јазик. Еден друг сон на Лукарис исто така никогаш не се остварил — да види како Православната црква се враќа на ‚евангелската едноставност‘. Кој бил овој човек? Со какви пречки се соочил во своите напори?
Шокиран од недостигот на образование
Кирил Лукарис е роден 1572 година во Кандија, која ѝ припаѓала на Венеција, (сега Хераклион), Крит. Како талентиран човек, студирал во Венеција и Падова (Италија), и потоа во голема мера патувал низ таа како и низ други земји. Огорчен од фракциските борби во самата црква и привлечен од реформаторските движења во Европа, веројатно ја посетил Женева која тогаш била под влијание на калвинизмот.
Додека бил во посета на Полска, Лукарис видел дека тамошните православни, како свештениците така и лаиците, како последица од својот недостиг на образование се наоѓале во жалосна духовна состојба. Кога се вратил во Александрија и Константинопол, се вознемирил кога видел дека од некои цркви биле отстранети дури и проповедалниците — местата од каде што се читало Писмото!
Во 1602 Лукарис заминал за Александрија каде што го наследил престолот на својот роднина, патријархот Мелетиос. Потоа почнал да се допишува со различни реформаторски настроени теолози од Европа. Во едно од тие писма истакнал дека Православната црква задржала многу погрешни практики. Во други писма ја нагласил потребата црквата да го замени суеверието со ‚евангелската едноставност‘ и да се потпира само на авторитетот на Писмото.
Исто така, Лукарис го вознемирувало и тоа што духовниот авторитет на црковните отци бил подеднакво почитуван како и зборовите на Исус и на апостолите. „Повеќе не можам да слушам како луѓето велат дека коментарите од човечката традиција имаат еднаква тежина како и Писмото“, напишал тој (Матеј 15:6). Додал дека, според негово мислење, обожавањето ликови е катастрофално. Според него, привикувањето „светци“ е навреда за Посредникот, Исус (1. Тимотеј 2:5).
Патријаршискиот престол на продажба
Со таквите идеи, како и со својата одбојност кон Римокатоличката црква, Лукарис си навлекол омраза и прогонство од језуитите и од оние во Православната црква кои биле склони кон единство со католиците. И покрај тоа противење, во 1620 Лукарис бил избран за патријарх на Константинопол. Во тоа време патријаршијата на Православната црква била под доминација на Отоманската Империја. Отоманската влада била спремна за пари да симне некој патријарх и да признае нов.
Непријателите на Лукарис, главно језуитите и моќното и застрашувачко папско Congregatio de Propaganda Fide (Собрание за пропагирање на верата), продолжиле да го клеветат и да коваат завери против него. „За да ја постигнат оваа цел, језуитите не бирале средства — измама, клевета, ласкање и пред сѐ мито, чија делотворност била далеку ненадминлива како средство за стекнување на наклоноста на [отоманските] веледостојници“, забележува делото Kyrillos Loukaris. Како резултат на тоа, во 1622 Лукарис бил протеран на островот Родос, а Григориј од Амасија ја купил службата за 20.000 сребреници. Меѓутоа, Григориј не успеал да ја донесе ветената сума, па затоа Антимус од Адријанопол ја купил службата, но подоцна се повлекол. Зачудува тоа што Лукарис бил вратен на патријаршискиот престол.
Лукарис бил одлучен да ја искористи оваа нова прилика за да го школува православното свештенство и лаиците и со таа цел објавил еден библиски превод и теолошки трактати. За да го постигне ова, средил да се донесе една машина за печатење во Константинопол под покровителство на амбасадорот на Англија. Меѓутоа, кога машината пристигнала, во јуни 1627, непријателите на Лукарис го обвиниле дека ја користи за политички цели, и на крај ја уништиле. Сега Лукарис морал да користи печатарски машини во Женева.
Превод на Христијанските списи
Огромната почит што ја имал Лукарис кон Библијата и кон нејзината моќ да школува, ја стимулирале неговата желба тие зборови да ги направи достапни за обичниот човек. Признал дека јазикот користен во оригиналните инспирирани грчки манускрипти на Библијата повеќе не бил разбирлив за просечниот човек. Затоа, првата книга за која Лукарис дал овластување била преводот на Христијанските грчки списи на грчкиот јазик кој се зборувал во негово време. Максимус Калиполитес, школуван калуѓер, почнал да работи на неа во март 1629. Многу православни сметале дека преведувањето на Писмото е нешто срамно, без разлика на тоа што во спротивно текстот би бил многу нејасен за читателите. За да ги смири, Лукарис дал да се испечатат оригиналниот текст и современиот превод во паралелни колони, додавајќи само неколку забелешки. Бидејќи Калиполитес умрел набрзо откако го доставил манускриптот, самиот Лукарис ги прочитал текстовите спремни за коректура. Овој превод бил отпечатен кратко после смртта на Лукарис, во 1638.
И покрај мерките на претпазливост, преводот поттикнал бура на неодобрување од страна на многу епископи. Љубовта на Лукарис кон Божјата реч била повеќе од видлива во предговорот на овој библиски превод. Тој напишал дека Писмото, изнесено на јазикот кој го говорел народот, е „една блажена порака која ни е дадена од небото“. Ги опоменал луѓето „да ја дознаат и да се запознаат со целата [библиска] содржина“ и рекол дека не постои друг начин да се научи „точно за работите поврзани со верата . . . сочувана преку божественото и светото Евангелие“ (Филипјаните 1:9, 10).
Лукарис остро ги разобличувал оние кои забранувале да се проучува Библијата, како и оние кои одбивале да го прифатат преводот од оригиналниот текст: „Ако зборуваме или читаме без разбирање, тоа е како да ги фрламе нашите зборови во ветар“. (Спореди 1. Коринтјаните 14:7—9.) На крајот од предговорот, напишал: „Додека сите вие го читате ова божествено и свето Евангелие на својот мајчин јазик, извлечете ја користа која се добива од неговото читање . . . и нека Бог секогаш го осветлува вашиот пат кон она што е добро“ (Изреки 4:18).
Исповедување на верата
Откако го започнал тој библиски превод, Лукарис презел уште еден смел чекор. Во 1629 во Женева го објавил делото Confession of Faith (Исповедување на верата). Тоа било лична изјава на верувањата за кои тој се надевал дека Православната црква ќе ги прифати. Според книгата The Orthodox Church (Православна црква), тоа Исповедување „ја лишува православната доктрина од свештенството и светиот ред од целокупното негово значење, и го осудува обожавањето икони и привикувањето светци како облици на идолопоклонство“.
Исповедување се состои од 18 статии. Втората статија изјавува дека Писмото е инспирирано од Бог и дека неговиот авторитет го надминува авторитетот на црквата. Таму се вели: „Веруваме дека Светото писмо е дадено од Бог . . . Веруваме дека авторитетот на Светото писмо е над авторитетот на црквата. Да се биде поучуван од Светиот дух е нешто сосема поинакво од тоа да се биде поучуван од човек“ (2. Тимотеј 3:16).
Осмата и десеттата статија тврдат дека Исус Христос е единствен Посредник, Првосвештеник и Глава на собранието. Лукарис напишал: „Веруваме дека нашиот Господ Исус Христос е седнат од десната страна на Својот Татко и дека таму посредува за нас, извршувајќи ја самиот службата како вистински и законски првосвештеник и посредник“ (Матеј 23:10).
Дванаесеттата статија изјавува дека црквата може да залута, заменувајќи го вистинитото со лажно, но дека може да ја спаси светлината на светиот дух преку трудот на верните министри. Во осумнаесеттата статија Лукарис тврди дека чистилиштето е само измислица: „Очигледно е дека не смее да се дозволи измислување на чистилиште“.
Додатокот на Исповедување содржи извесен број прашања и одговори. Таму Лукарис најпрвин нагласува дека Писмото треба да го чита секој верник и дека е штета ако еден христијанин пропушта да ја чита Божјата реч. Потоа додава дека апокрифните книги треба да се одбегнуваат (Откровение 22:18, 19).
Четвртото прашање гласи: „Што треба да мислиме за иконите?“ Лукарис одговара: „Поучени сме од Божественото и Свето писмо кое јасно вели: ‚Не прави за себе идол, ниту каква слика на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата; немој да им се клањаш, ниту да им служиш; [2. Мојсеева 20:4, 5]‘ бидејќи ние не треба да ја обожаваме творбата туку само Творецот и Создателот на небото и на Земјата, и Само нему да му бидеме оддадени . . . Обожавањето и служењето [на икони], кои се забранети . . . во Светото писмо, го отфрламе, за да не заборавиме, па наместо Творецот и Создателот да обожаваме бои, уметност и творби“ (Дела 17:29).
Иако Лукарис не можел потполно да проникне во сите погрешни работи во ерата на духовна темнина во која живеел,a сепак, вложил пофални напори Библијата да биде авторитет на црковната доктрина и да го школува народот за нејзините учења.
Веднаш по излегувањето на ова Исповедување, се кренал нов бран на противење против Лукарис. Во 1633, Кирил Контари, митрополит од Берија (сега Алепо), личен непријател на Лукарис поддржуван од језуитите, се обидел да се пазари со Отоманците околу патријаршискиот престол. Меѓутоа, планот пропаднал кога Контари не можел да ги плати парите. Лукарис ја задржал службата. Следната година Атаназиј од Солун платил околу 60.000 сребреници за таа служба. Лукарис повторно бил симнат. Но, во рок од еден месец бил повикан и повторно примен. Дотогаш Кирил Контари ги собрал своите 50.000 сребреници. Овојпат Лукарис бил протеран на Родос. После шест месеци, неговите пријатели успеале повторно да го вратат.
Меѓутоа, во 1638 језуитите и нивните православни соработници го обвиниле Лукарис за велепредавство против Отоманската Империја. Овојпат султанот наредил да биде убиен. Лукарис бил уапсен, и на 27 јули 1638 бил качен на мал чамец како да ќе биде протеран. Штом чамецот запловил по морето, тој бил задавен. Неговото тело било погребано во близината на брегот, а потоа откопано и фрлено в море. Го пронашле рибарите, а подоцна го погребале неговите пријатели.
Поуки за нас
„Не треба да се превиди дека една од примарните цели [на Лукарис] била да го просветли и издигне образовното ниво на своето свештенство и стадо, кое во шеснаесеттиот и почетокот на седумнаесеттиот век било спуштено на крајно ниско ниво“, вели еден изучувач. Голем број пречки му оневозможиле на Лукарис да ја постигне својата цел. Тој петпати бил отстрануван од патријаршискиот трон. Триесет и четири години после неговата смрт, членовите на еден синод во Ерусалим ги анатемосале неговите верувања како ерес. Тие изјавиле дека Писмото „не треба да го чита туку-така секој, туку само оние кои проникнуваат во длабоките работи на духот после соодветно истражување“ — т. е. само наводно школуваното свештенство.
Уште еднаш владејачката свештеничка класа ги задушила напорите Божјата реч да се направи достапна за нејзиното стадо. Таа насилно го замолкнала гласот кој укажувал на некои грешки во нејзините небиблиски верувања. Таа покажала дека спаѓа меѓу најголемите непријатели на религиозната слобода и вистина. За жал, ова е став кој на различни начини опстојува сѐ до ден-денес. Тоа е отрезнувачко потсетување на она што се случува кога интригите подбуцнати од црквата застануваат на патот на слободата на мислата и изразувањето.
[Фуснота]
a Во своето Исповедување тој го поддржува тројството и доктрините за предодреденост и бесмртна душа — кои се небиблиски учења.
[Истакната мисла на страница 29]
Лукарис вложил пофални напори Библијата да биде авторитет за црковната доктрина и да ги школува луѓето за нејзините учења
[Рамка/слика на страница 28]
Лукарис и Александрискиот кодекс
Една од скапоценостите на Британската библиотека е Александрискиот кодекс — библиски манускрипт од петтиот век н. е. Од неговите можни 820 оригинални листови, сочувани се 773.
Иако Лукарис бил патријарх на Александрија (Египет), тој поседувал огромна збирка книги. Кога станал патријарх во Константинопол, го зел со себе Александрискиот кодекс. Во 1624 му го дал на британскиот амбасадор во Турција како подарок за англискиот крал Џејмс I. После три години тој бил предаден на неговиот наследник Чарлс I.
Во 1757 Кралската библиотека на царот ѝ била дадена на британската нација, и така овој извонреден кодекс сега е изложен во галеријата John Ritblat во новата Британска библиотека.
[Извори на слики]
Gewerbehalle, Vol. 1
Од The Codex Alexandrinus in Reduced Photographic Facsimile, 1909
[Извор на слика на страница 26]
Bib. Publ. Univ. de Genève