Моќта на молитвата
Сонцето заоѓа над градот Нахор на Средниот Исток. Еден Сириец по име Елиезер стигнува со поворка од десет камили до еден бунар надвор од градот. Иако без сомнение е уморен и жеден, Елиезер повеќе е загрижен за потребите на другите. Дошол од странска земја за да најде сопруга за синот на својот господар. Освен тоа, таа сопруга мора да ја најде меѓу роднините на господарот. Како ќе ја изврши оваа тешка задача?
ЕЛИЕЗЕР верува во моќта на молитвата. Со извонредна вера, како на дете, тој го изнесува следново понизно барање: „Господи [Јехова, NW], Боже на господарот мој Авраама, испрати ми ја денес во пресрет онаа, која ја барам, и направи му милост на господарот мој Авраама. Еве, јас ќе стојам крај овој извор, и ќерките на градските жители ќе дојдат да налеат вода. И на која девојка ќе ѝ речам — ‚Наведни ја стомната своја да пијам‘ — а таа ќе рече — ‚На, пиј, и камилите твои ќе ги напојам‘ — додека се напивам, неа си ја определил за слугата твој Исака; и по тоа ќе разберам дека си му направил милост на господарот мој Авраама“ (1. Мојсеева 24:12—14).
Довербата што ја има Елиезер во моќта на молитвата не е залудна. Баш првата жена која доаѓа на бунарот е внуката на Авраамовиот брат! Таа се вика Ребека, не е мажена, и е морално чиста и убава. Значајно е тоа што таа не само што му дава на Елиезер да се напие вода, туку понудува да ги напои и сите негови камили. Подоцна, после едно семејно советување, Ребека спремно се сложува да оди со Елиезер во далечна земја за да му стане сопруга на Исак, синот на Авраам. Каков само драматичен и јасен одговор на молитвата на Елиезер во време кога Бог повремено на чудесен начин интервенирал во настаните!
Од молитвата на Елиезер можеме многу да научиме. Од неа се гледа неговата извонредна вера, понизност и несебична грижа за потребите на другите. Исто така, молитвата на Елиезер ја покажува неговата подложност на Јеховиниот начин на постапување со човештвото. Несомнено, тој бил свесен за Божјата посебна приврзаност кон Авраам, како и за Неговото ветување дека преку Авраам ќе дојдат идните благослови за целото човештво (1. Мојсеева 12:3). Затоа Елиезер својата молитва ја започнал со зборовите: ‚Јехова, Боже на господарот мој Авраама‘.
Исус Христос бил потомок на Авраам преку кој требало да биде благословено целото послушно човештво (1. Мојсеева 22:18). Денес, ако сакаме нашите молитви да бидат одговорени, треба да покажеме дека понизно го признаваме Божјиот начин на постапување со човештвото преку Неговиот Син. Исус Христос рекол: „Ако останете во Мене, и зборовите Мои во вас, тогаш, што и да посакате, барајте, и ќе ви биде“ (Јован 15:7).
Еден следбеник на Христос, кој ја доживеал вистинитоста на овие Исусови зборови, бил апостол Павле. Неговата вера во моќта на молитвата сигурно не била залудна. Тој ги охрабрил сохристијаните сите свои тегобни грижи да ги изнесат пред Бог во молитва и посведочил: „За сѐ имам сила со помош на оној кој ми дава моќ“ (Филипјаните 4:6, 7, 13, NW). Дали ова значи дека Бог ги исполнил сите молитвени барања на Павле? Да видиме.
Сите барања не се исполнуваат
Во својата несебична служба, Павле страдал од она што го опишал како ‚трн во телото‘ (2. Коринтјаните 12:7). Тоа можеби била душевна и емоционална неволја предизвикана од противниците и од ‚лажните браќа‘ (2. Коринтјаните 11:26; Галатјаните 2:4). Или, пак, можеби било физичка тегоба поради некоја хронична болест на очите (Галатјаните 4:15). Во секој случај, овој ‚трн во телото‘ му ја одземал силата на Павле. „Трипати Го молев Господа да го отстрани од мене“, напишал тој. Меѓутоа, барањето на Павле не било исполнето. Му било објаснето дека доволни му се духовните користи кои веќе ги имал добиено од Бог — како што била силата да ги поднесе испитите. Освен тоа, Бог рекол: „Мојата сила наполно се покажува во слабоста“ (2. Коринтјаните 12:8, 9).
Што учиме од примерите на Елиезер и Павле? Јехова Бог навистина ги сослушува молитвите на оние кои понизно настојуваат да му служат. Но, тоа не значи дека секогаш ги исполнува нивните барања затоа што Бог има далекосежно гледање на работите. Тој подобро знае од нас што е во наша најголема полза. Што е уште поважно, тој секогаш постапува во склад со својата објавена намера која е запишана во Библијата.
Време за духовно лечење
Бог ветува дека ќе го излечи човештвото од сите физички, душевни и емоционални болести во текот на Илјадагодишното владеење на неговиот Син над Земјата (Откровение 20:1—3; 21:3—5). Искрените христијани желно ја очекуваат оваа ветена иднина, со целосна вера во Божјата моќ да го направи тоа реалност. Иако не очекуваат такво чудесно лечење сега, тие го молат Бог за утеха и сила при справувањето со испитите (Псалм 55:22, NW). Кога се разболуваат можат исто така да се молат за Божје водство да добијат најдобар медицински третман во рамките на своите економски можности.
Некои религии ги охрабруваат болните да се молат да бидат излечени сега, укажувајќи на чудесните лечења што ги вршеле Исус и неговите апостоли. Но, таквите чуда биле извршени со посебна цел. Тие служеле за да докажат дека Исус Христос е вистинскиот Месија и да покажат дека Божјата наклоност е префрлена од еврејската нација на младото христијанско собрание. Во тоа време, чудесните дарови биле потребни за да се зајакне верата на новоформираното христијанско собрание. Кога тоа младо собрание застанало, така да се каже, на свои нозе и станало зрело, чудесните дарови ‚исчезнале‘ (1. Коринтјаните 13:8, 11).
Во ова пресудно време, Јехова Бог ги води своите обожаватели во поважното дело на духовно лечење. Додека сѐ уште имаат време, луѓето треба итно да се одѕвијат на овој повик: „Барајте го Господа, кога можете да Го најдете; викајте Го додека е близу. Нечесниот нека го остави патот свој, и беззаконикот — помислите свои и нека се обрне кон Господа, нашиот Бог, — и Он ќе го помилува, зашто е многу милостив“ (Исаија 55:6, 7).
Ова духовно лечење на покајничките грешници се врши преку проповедањето на добрата вест за Божјето царство (Матеј 24:14). Овластувајќи ги своите слуги да го извршат ова животоспасувачко дело, Јехова Бог им помага на милиони луѓе од сите нации да се покаат за своите гревови и да дојдат во поволен однос со него пред крајот на овој злобен систем. Молитвите на сите кои искрено се молат за такво духовно лечење и на сите кои се молат за помош при извршувањето на ова дело на лечење се навистина одговорени.
[Извор на слика на страница 3]
Елиезер и Ребека/The Doré Bible Illustrations/Dover Publications