Животна приказна
Задржување едноставен живот за да му се служи на Јехова
РАСКАЖАЛА КЛАРА ГЕРБЕР МОЈЕР
Имам 92 години и едвај можам да одам, но сѐ уште имам бистар ум и добро памтење. Колку сум благодарна што ја имав предноста да му служам на Јехова од детството! Тоа што живеев едноставен и некомплициран живот неизмерно придонесе за тоа богатство.
РОДЕНА сум на 18 август 1907, во Алианс, Охајо (САД), како најстара од петте деца. Кога имав осум години, еден полновремен проповедник на Библиските студенти, како што тогаш се нарекуваа Јеховините сведоци, дојде на велосипед до нашата фарма за млечни производи. На врата го пречека мајка ми, Лора Гербер, и тој ја праша дали знае зошто е допуштено злото. Мајка ми отсекогаш си го поставувала тоа прашање.
Откако разговараше со татко ми, кој беше во плевната, мајка ми го нарача комплетот од шест тома на Studies in the Scriptures (Студии на Писмото). Таа просто ги проголта и беше длабоко трогната од библиските вистини што ги учеше. Таа го проучи 6-от том, The New Creation (Новото создание) и јасно ја сфати потребата од христијанско крштавање со потопување. Не знаејќи како да ги најде Библиските студенти, го замоли татко ми да ја крсти во малото поточе на фармата, иако беше студен месец март, 1916.
Недолго потоа, мајка ми виде една реклама во весник која објавуваше говор во Салата Daughters of Veterans во Алианс. Говорот беше со наслов: „Божествениот план на вековите“. Таа веднаш се одѕва бидејќи првиот том од Студии на Писмото го имаше истиот наслов како и говорот. Двоколката беше впрегната, и целото семејство замина на нашиот прв состанок — со коњ и чеза. Оттогаш присуствувавме на состаноците во домовите на браќата во неделите и средите навечер. Кратко потоа, мајка ми повторно ја крсти еден претставник на христијанското собрание. Тате, кој секогаш беше зафатен со работа на фармата, конечно се заинтересира за библиска студија и после неколку години се крсти.
Запознавање со оние кои преземаат водство
На 10 јуни 1917, Џ. Ф. Ратерфорд, тогашниот претседател на Watch Tower Society, го посети Алианс за да зборува на темата „Зошто нациите војуваат?“ Јас имав девет години и присуствував со моите родители и со моите двајца браќа, Вили и Чарлс. Присуствуваше прилично големо мноштво, преку стотина. После говорот на брат Ратерфорд, повеќето од присутните се сликаа пред театарот Колумбија, каде што тој го одржа својот говор. Следната недела, на истата локација, А. Х. Мекмилан одржа говор на тема „Божјето претстојно Царство“. Беше предност овие браќа да го посетат нашето мало гратче.
Значајни рани конгреси
Првиот конгрес на кој присуствував беше во 1918 во Атвотер (Охајо), оддалечен неколку километри од Алианс. Мајка ми таму го праша претставникот на Друштвото дали сум доволно возрасна за да се крстам. Чувствував дека непобитно му бев предадена на Бог да ја вршам неговата волја, па затоа ми дозволија да се крстам тој ден во еден поток во близината на голем овоштарник со јаболка. Се пресоблеков во шаторот кој браќата го имаа подигнато за таа цел и се крстив облечена во стара, тешка ношница.
Во септември 1919, моите родители и јас патувавме со воз за Сандаски (Охајо), на езерото Ири. Таму се качивме на траект и за кратко време стигнавме во Седар Поинт каде што требаше да се одржи нашиот значаен конгрес. Кога слеговме од бродот, на кејот имаше мала тезга за оброци. Зедов хамбургер, нешто што во тие денови беше вистински луксуз за мене. Беше толку вкусен! Најголемиот број присутни на овој осумдневен конгрес беше 7.000. Немаше систем за озвучување, и затоа морав да слушам многу внимателно.
На овој конгрес беше објавено придружното списание на Стражарска кула, со наслов Златен век (сега Разбудете се!). За да присуствувам на овој конгрес, ја пропуштив првата седмица од училишната година, но навистина се исплати. Седар Поинт беше туристичко место и во ресторанот имаше готвачи кои ги подготвуваа оброците за делегатите. Но, од некоја причина, готвачите и келнерките ја напуштија работата и така христијанските браќа кои имаа некое познавање од приготвување храна се фатија за работа и приготвија храна за делегатите. Со децении потоа, Јеховиниот народ ги приготвуваше сопствените оброци на собирите и конгресите.
Ја имавме и предноста да се вратиме во Седар Поинт во септември 1922 за деветдневниот конгрес на кој присуствуваше највисок број од преку 18.000. Во таа прилика брат Ратерфорд нѐ охрабри: „Објавувајте, објавувајте, објавувајте го Царот и неговото Царство“. Меѓутоа, мојата служба започна со дистрибуирање на трактати и Златен век неколку години пред тоа.
Ценење за службата
Во почетокот на 1918, учествував во делењето на трактатот Падот на Вавилон по соседните фарми. Поради студот, загревавме камен од талк на шпоретот на дрва дома и го земавме во чезата за да си ги топлиме стапалата. Се облекувавме во тешки капути и капи поради тоа што чезата имаше само покрив и завеси од страните, но немаше никакво греење. Сепак, тоа беа среќни времиња.
Во 1920 беше подготвено специјално издание на The Finished Mystery (Завршената тајна) наречено ZG, во облик на списаниеa. Моите родители и јас отидовме со оваа публикација во Алианс. Во тие денови секој одеше на врата сам, па така јас со страв се качив на еден трем каде што седеа неколку луѓе. Откако ја завршив мојата презентација, една жена ми рече: „Зарем таа не ни одржа убав говор?“ и ја зеде публикацијата. Тој ден, кога за прв пат изнесов подолга, формална презентација од куќа до куќа, дадов 13 ZG.
Кога бев во деветто одделение, мајка ми доби пневмонија и беше врзана за кревет повеќе од месец. Мојата најмлада сестра, Хејзел, беше доенче, па затоа престанав да одам на училиште за да помагам во работата на фармата и да се грижам за децата. Сепак, нашето семејство сериозно ја сфаќаше библиската вистина и редовно присуствувавме на сите собраниски состаноци.
Во 1928, на Меморијалот на Христовата смрт, на сите присутни ни беше даден трактат со наслов „Where Are the Nine?“ (Каде се деветтемина?). Во него се дискутираше за Лука 17:11—19, каде што Библијата кажува дека само еден од десетте исчистени лепрозни понизно му се заблагодарил на Исус за чудесното лекување. Тоа ме допре до срце. Се запрашав: „Колкаво ценење покажувам јас?“
Поради тоа што работите дома одеа добро а јас бев здрава и без нешто што би ме спречувало, решив да заминам од дома и да стапам во пионерската служба, како што се нарекува полновремената служба. Моите родители ме охрабрија да го сторам тоа. Така, мојата партнерка, Агнес Алета, и јас ја добивме нашата доделба и на 28 август 1928, во 21 часот, се качивме на воз. Двете имавме само еден куфер и училишна чанта во која ја носевме нашата библиска литература. На станицата моите сестри и родителите плачеа, а исто така и ние. Си мислев дека можеби никогаш веќе нема да ги видам затоа што верувавме дека Армагедон е близу. Следното утро стигнавме на нашата доделба во Бруксвил (Кентаки).
Изнајмивме мала соба во еден пансион и купивме конзерви со шпагети и си направивме сендвичи. Секој ден пешачевме во различни правци, работејќи секоја сама и нудејќи им на станарите пет повези за прилог од $1.98. Постепено го обработивме градот, запознавајќи се со многу луѓе кои беа прилично заинтересирани за Библијата.
Отприлика за три месеци, ги посетивме сите во Бруксвил и околината, како и во Огаста. Затоа продолживме да ги работиме градовите Мејсвил, Парис и Ричмонд. Во текот на следните три години, обработивме многу покраини во Кентаки каде што немаше собранија. Честопати ни помагаа пријатели и членови на фамилијата од Охајо, кои доаѓаа и ни се придружуваа во службата на една седмица или повеќе.
Други значајни конгреси
Конгресот во Колумбус, (Охајо), 24—30 јули 1931, беше навистина значаен. Токму тогаш беше објавено дека ќе бидеме идентификувани со библиски темеленото име Јеховини сведоци (Исаија 43:12). Пред тоа, кога луѓето нѐ прашуваа која религија сме, ние велевме: „Меѓународни библиски студенти“. Но, тоа всушност не нѐ разликуваше баш најдобро затоа што имаше библиски студенти поврзани со различни други религиозни групи.
Мојата партнерка, Агнес, се омажи и јас останав сама; затоа бев одушевена кога беше објавено оние кои бараат пионерски партнер да се јават на одредено место. Таму се сретнав со Берта и Елзи Гарти и Беси Енсмингер. Тие имаа два автомобила и бараа четврта сестра пионер да работи со нив. Заминавме заедно од конгресот, иако никогаш порано не се имавме сретнато.
Летото работевме низ државата Пенсилванија. Потоа, како што наближуваше зимата, побаравме доделби во потоплите јужни држави Северна Каролина, Вирџинија и Мериленд. Пролетта се вративме на север. Тоа беше обичај на пионерите тогаш. Во 1934, Џон Бут и Рудолф Абул, кои го следеа тој обичај, ги зедоа со себе Ралф Мојер и неговиот помлад брат Вилард во Хазард (Кентаки).
Ралф го имав сретнато во повеќе прилики и подобро се запознавме за време на големиот конгрес во Вашингтон, кој се одржа од 30 мај до 3 јуни 1935. Седевме заедно на балконот кога беше изнесен говорот за „големото множество“, или „големото мноштво“ (Откровение 7:9—14). Дотогаш верувавме дека оние од големото мноштво се членови на една небесна класа која е помалку верна од 144.000-те (Откровение 14:1—3). Затоа не сакав да бидам една од нив!
Кога брат Ратерфорд објасни дека оние од големото мноштво се земска класа на верни преживеани од Армагедон, многумина беа изненадени. Тогаш ги покани оние од големото мноштво да станат. Јас не станав, но Ралф стана. Подоцна работите ми станаа појасни, така што во 1935 последен пат зедов од симболичниот леб и вино на Меморијалот на Христовата смрт. Меѓутоа, мајка ми продолжи да зема сѐ до својата смрт во ноември 1957.
Траен партнер
Ралф и јас продолживме да се допишуваме. Јас служев во Лејк Пласид (Њујорк), а тој беше во Пенсилванија. Во 1936 тој направи една мала приколка која можеше да ја влече со својот автомобил. Ја донесе од Потстаун (Пенсилванија) во Њуарк (Њу Џерзи) за конгресот кој се одржа таму од 16 до 18 октомври. После програмата една вечер, неколку пионери отидовме да ја видиме новата приколка на Ралф. Тој и јас стоевме внатре во приколката до малиот вграден мијалник кога ме праша: „Ти се допаѓа ли приколкава?“
Кимнав со главата, и тој праша: „Сакаш ли да живееш во неа?“
„Да“, одговорив, а тој толку нежно ме бакна што тоа никогаш нема да го заборавам. После неколку дена, добивме документи за регистрација. На 19 октомври, денот после конгресот, отидовме во Бруклин и имавме обиколка на просториите за печатење на Watch Tower Society. Потоа побаравме подрачје на доделба. Грант Сутер беше одговорен за подрачјата и праша кој ќе го работи. Ралф рече: „Ние, ако можеме да се венчаме“.
„Ако се вратите во 17 часот, би можеле да го средиме тоа“, одговори брат Сутер. Така, таа вечер се венчавме во домот на едни Сведоци во Бруклин Хајтс. Појдовме на ручек со неколку пријатели во еден ресторан во близина и потоа со јавен превоз отидовме до приколката на Ралф во Њуарк (Њу Џерзи).
Кратко потоа, заминавме за Хитсвил (Вирџинија), нашата прва заедничка пионерска доделба. Работевме во покраината Нортамберленд, а потоа продолживме во покраините Фултон и Френклин во Пенсилванија. Во 1939, Ралф беше поканет во зонска служба, активност во која наизменично би посетувале неколку собранија. Служевме во собранија во државата Тенеси. Следната година се роди нашиот син Ален и во 1941 прекинавме со зонската служба. Потоа добивме доделба во Марион (Вирџинија), како специјални пионери. Во тоа време, ова значеше да се поминат 200 часови месечно во службата.
Правиме преиначувања
Во 1943, морав да се откажам од службата на специјален пионер. Животот во приколка, грижата за мало дете, подготовката на оброци, чистата облека за секој од нас, и минувањето околу 60 часови во службата секој месец, беше сѐ што можев да направам. Но Ралф продолжи како специјален пионер.
Се вративме во Алианс (Охајо) во 1945, ја продадовме приколката која девет години ни беше дом и се преселивме на фармата на моите родители. Таму, на тремот пред куќата, се роди нашата ќерка Ребека. Ралф имаше работа со скратено работно време во градот и продолжи како општ пионер. Јас работев на фармата и правев сѐ што можев за да му помогнам да продолжи да пионери. Иако моето семејство ни понуди бесплатна земја и куќа, Ралф одби. Тој сакаше да остане без пречки за да можеме попотполно да се стремиме кон интересите на Царството.
Во 1950 повторно се вративме во Потстаун (Пенсилванија) и изнајмивме куќа за $25 месечно. Во текот на следните 30 години, киријата се покачи само на $75. Чувствувавме дека Јехова ни помага својот живот да го задржиме едноставен (Матеј 6:31—33). Ралф работеше три дена во седмицата како бербер. Секоја седмица ја проучувавме Библијата со нашите две деца, присуствувавме на собраниските состаноци и ја проповедавме добрата вест за Царството како семејство. Ралф служеше како претседавачки надгледник во локалното собрание. Со тоа што го задржавме својот живот едноставен, можевме многу да сториме во Јеховината служба.
Загубата на мојот драг другар
На 17 мај 1981, во Салата на Царството слушавме говор за јавност. На Ралф му беше лошо, отиде позади во салата и потоа му дал на редарот писменце за мене со порака дека ќе си оди дома. Ова толку не личеше на Ралф што замолив некој веднаш да ме одвезе дома. Ралф почина од тежок срцев удар во рок од еден час. До крајот на студијата на Стражарска кула тоа утро, во собранието беше објавено дека почина.
Ралф веќе имаше поминато 50 часови во службата тој месец. Неговата полновремена кариера на пионер траеше повеќе од 46 години. Имаше водено библиски студии со преку стотина луѓе кои на крајот станаа крстени Сведоци на Јехова. Духовните благослови што ги добивме вредеа за сите жртви што ги направивме низ годините.
Благодарна за моите предности
Последниве 18 години живеам сама, присуствувам на состаноците, им проповедам на другите колку што можам и ја проучувам Божјата реч. Сега живеам во пензионерски апартман за остарени лица. Поседувам само малку мебел и одлучив да немам телевизор. Но, мојот живот е исполнет и духовно богат. Моите родители и двајцата браќа беа верни сѐ до својата смрт а моите две сестри продолжуваат верно на патот на вистината.
Се радувам што син ми, Ален, служи како христијански старешина. Многу години поставуваше системи за озвучување во Сали на Царството и во Собирни сали и работеше на поставување на озвучувањето на летните конгреси. Неговата сопруга е лојален Божји слуга и двајцата нивни синови служат како старешини. Ќерка ми, Ребека Карес, помина преку 35 години во полновремена служба, вклучувајќи и четири години во светската централа на Јеховините сведоци во Бруклин. Таа и нејзиниот сопруг последниве 25 години служат во патувачкото дело во различни делови од Соединетите Држави.
Исус рекол дека Царството е како скриено богатство кое може да се најде (Матеј 13:44). Благодарна сум што моето семејство го пронајде тоа богатство пред толку многу години. Каква предност е да се погледне наназад на преку 80 години предадена служба на Бог — без да има што да жалиш! Кога би можела повторно да го живеам својот живот, би го живеела на истиот начин бидејќи навистина ‚Божјата милост е подобра од животот‘ (Псалм 62:3).
[Фуснота]
a Завршената тајна беше седми том од серијата со наслов Студии на Писмото, од кои првите шест ги напиша Чарлс Тејз Расел. Завршената тајна беше издадена после смртта на Расел.
[Слика на страница 23]
Во 1917, во Алианс (Охајо) го слушавме говорот на брат Ратерфорд
[Слика на страница 23]
Со Ралф пред приколката што тој ја направи
[Слика на страница 24]
Со моите две деца денес