Да се држиме блиску до Божјата организација
РАСКАЖАЛ РОЈ А. РАЈАН
СЕНДХИЛ, Мисури, со право беше наречен така, бидејќи беше едвај нешто повеќе од голем песочен рид на отворениот ритчест селски пејсаж. Ова село на крстопат се наоѓаше пет километри западно од Ратлиџ и имаше само осум или девет куќи, една методистичка црква и мал ковачки дуќан. Таму се родив јас на 25. октомври 1900.
ТАТКО МИ беше селскиот ковач. Иако моите родители ретко одеа в црква, мајка ми почна да ме праќа во неделното училиште во Методистичката црква. Не ми се допаѓаше името методист, бидејќи мислев дека треба да биде христијанин; но сепак развивав жед за библиската вистина и се интересирав за вечен живот.
Кога имав 16 години, отидов да работам за железницата во Санта Фе. Еден од Меѓународните истражувачи на Библијата (како што тогаш се викаа Јеховините сведоци) по име Џим дојде да работи во нашата железничка бригада, а јас и тој често работевме заедно. Џим раскажуваше, а јас слушав што имаше да каже во врска со Библијата. Тоа ми звучеше добро, па го замолив да ми позајми некоја од неговите книги.
Џим ми го позајми првиот том од Studies in the Scriptures (Студии на Писмото), издаден од Чарлс Т. Расел од Меѓународното здружение на истражувачи на Библијата. Кога му ја вратив, му реков да ми даде уште томови. Кратко после тоа, Џим ја напушти железницата, а следниот пат кога го видов беше на улица во Ратлиџ како зема порачки за илустрираната книга Scenario of the Photo-Drama of Creation (Сценарио на фото-драмата за создавањето). Подоцна ме покани на состаноците на групата кои се одржуваа во неговиот дом. Секоја недела пешачев по пет километри до Ратлиџ на состанок.
Кога во 1919 година беше објавено списанието Golden Age (сега Пробудите се!), сакав да започнам со службата на проповедање. Еден друг нов Истражувач на Библијата и јас бевме решени да го растураме ова ново списание од врата до врата. Помалку се плашевме да ги посетуваме луѓето во нашиот град, па затоа се качивме на воз и отидовме во соседниот град. Кога пристигнавме изутрината, секој од нас замина на своја страна и чукавме на вратите сѐ до пладнето, иако не бевме обучувани за оваа работа. Воспоставив две претплати, а едната беше за еден човек со кого работев во железницата.
На 10. октомври 1920 се крстив во едно вештачко езерце близу Ратлиџ. Моите родители беа против тоа што се дружам со Меѓународните истражувачи на Библијата. Тоа беше поради противењето поттикнато од црквата коешто Истражувачите на Библијата го доживуваа за време на воените 1914-18. Меѓутоа, подоцна татко ми почна да посетува некои состаноци на Истражувачите на Библијата и да го чита The Golden Age. Пред да умре, мајка ми стана понаклонета за нашето разбирање на библиската вистина. Сепак никој од моето семејство никогаш не ја прифати вистината.
Време на испитување
Во тие рани денови освен мене имаше уште само тројца кои во Ратлиџ редовно ги посетуваа состаноците за студирање на Библијата. Овие тројца на крајот ја напуштија организацијата. Едниот беше одличен говорник кој држеше јавни предавања во подрачјето. Меѓутоа, стана горд на своите способности и сметаше дека под неговото достоинство е да учествува во проповедањето од куќа до куќа како што правеле првите христијани (Дела на св. апостоли 5:42; 20:20).
Кога овие тројца престанаа да се дружат со Меѓународните истражувачи на Библијата, се сеќавам дека се чувствував како апостолот Петар во времето кога Исус им говорел на луѓето за ‚јадењето на Исусовото тело и за пиењето на неговата крв‘. Спрепнати од неговото учење, многумина во таа прилика го напуштиле. Тогаш Исус ги прашал апостолите: „Да не сакате и вие да си отидете?“ Петар одговорил: „Господи, при кого ќе отидеме? Ти имаш зборови за живот вечен“ (Јован 6:67, 68).
Иако Петар не разбрал потполно што мислел Исус со ‚јадењето на неговото тело и пиењето на неговата крв‘, тој увидел дека Исус ги имал зборовите на животот. Токму тоа го чувствував за организацијата. Таа ја имаше вистината иако секогаш не го разбирав потполно сето она кое го читав во публикациите. Сепак, кога ќе беше кажано нешто што не го разбирав, никогаш не се препирав заради тоа. Подоцна работата беше разјаснета или гледиштата беа повремено поправани. Секогаш бев среќен што стрпливо чекав на разјаснување (Соломонови изреки 4:18)
Прилагодувања за пионерска служба
Во јули 1924 присуствував на меѓународниот конгрес во Колумбус (Охајо, САД). Во The Golden Age беше опишан како „најголем конгрес на Истражувачите на Библијата што е одржан дотогаш“. Таму беше усвоена возбудливата резолуција под наслов „Обвинение“. Информациите кои ги примив како и духот што беше покажан на тој конгрес ме охрабрија да станам полновремен слуга, односно пионер.
Штом се вратив од конгресот, ја напуштив работата во железницата, и заедно со уште еден Истражувач на Библијата почнавме да служиме како пионери. Меѓутоа, по околу една година здравјето на моите родители се влоши до тој степен што им беше неопходна моја помош. Прекинав со пионерството и добив работа во една компанија за цевки, но бидејќи луѓето кои работеа таму имаа лошо влијание на мене, ја напуштив таа работа и преминав на одгледување на пчели и продавање мед.
Есента 1933 умреа обата мои родитела, ослободувајќи ме од обврски. Така во пролетта 1934 ги оставив моите пчели и почнав да се грижам за едно друго лице, изградив автомобил со приколка во која живеев, и повторно започнав со полновремената служба како пионер. Најпрвин работев со еден постар Сведок во околината на Квинси, Илиноис. Подоцна се преселив назад во Мисури, кадешто се приклучив на една група пионери.
Во 1935 имаше голема суша на Средниот Запад, а бидејќи работевме во подрачје кое беше претежно земјоделско, работата беше напорна. Никој немаше пари, па благодарните луѓе често ни даваа прехранбени производи или други артикли кога им остававме литература.
Пионерство на Југот
Таа зима се преселивме во Арканзас за да го избегнеме студот. Бевме во можност да растуриме повеќе литература во тоа подрачје и да ги добиеме сите конзервирани производи коишто можевме да ги употребиме. Честопати примавме и други работи кои можеа да се заменат за пари, вклучувајќи и стари предмети од алуминиум, стар месинг или бакар, стари ладилници од автомобили и акумулатори. Со тоа можевме да заработиме за бензин за мојот Форд модел А којшто го употребувавме во службата.
Служевме во покраините Њутн, Серси и Карол во планинската висорамнина Озарк. Искуствата што ги имавме од проповедањето меѓу планинците од Арканзас би можеле да исполнат цела книга. Бидејќи патиштата беа примитивни или воопшто не постоеја во тие денови, голем дел од нашата работа ја извршувавме пеш. Некои пионери од нашата група имаа обичај да јаваат на коњ за да допрат до луѓето од повисоките планински подрачја.
Еднаш слушнавме за некој заинтересиран човек по име Сем, кого најпосле го најдовме каде живее на врвот од планината. Тој нѐ пречека со раширени раце и беше среќен што можевме да останеме на ноќевање. Иако жената на Сем не ја интересираше нашата вест, неговиот 16-годишен син, Рекс, беше заинтересиран. Кога заминавме, Сем нѐ покани да дојдеме пак. Така по две недели повторно престојувавме кај него.
Овој пат жената на Сем беше таа која на заминувањето нѐ покани да дојдеме пак. Рече дека сме имале добро влијание на Рекс. „Тој е ужасно лош на пцуење“, објасни таа, „и ми се чини дека повеќе не пцуе ниту приближно толку откако вие момци дојдовте кај нас.“ По повеќе години повторно го сретнав Рекс кога присуствуваше на мисионерската школа Гилеад во Јужен Ленсинг, Њујорк. Исксуствата како што е ова ми пружаа големо задоволство низ сиве овие години.
Бетелската служба
Кога поднесов молба за пионер, воедно се пријавив да служам во главната централа на Јеховините сведоци во Њујорк, наречена Бетел. Пролетта 1935 бев известен дека мојата молба е прифатена и дека треба да се јавам на фармата на Друштвото Стражарска кула во Јужен Ленсинг, Њујорк, за да почнам со мојата бетелска служба. Веднаш направив подготовки некои браќа во верата да го преземат мојот пионерски автомобил со приколка.
Се одвезов до Њујорк со мојот Форд модел А и таму пристигнав изутрината на 3. мај 1935 околу десет и пол часот. Околу еден часот бев ставен да цепам дрва. Утредента ми беше речено да се јавам во млекарницата за да помогнам околу кравите молзници. Во млекарницата работев неколку години, понекогаш молзев наутро и навечер, а дење работев во градините и со жетварите. Исто така се грижев за пчелите и собирав мед за бетелската фамилија. Во 1953 бев префрлен во погонот за производство на сирење.
Еден од оние кои најмногу влијаеја на мојот живот со својот извонреден пример на понизност, лојалност и послушност кон Јехова беше Волтер Џон Торн, наречен „татенце“. Тој беше еден од оние 21 Истражувачи на Библијата кои во 1894 беа наименувани за први ходочасници — мажи кои вршеа работа слична на денешните покраински надгледници — и кои посетуваа повеќе собранија за да ги охрабрат. По повеќе години патувачка служба, братот Торн дојде на Царската фарма и работеше во кокошарникот. Во многу прилики го чув како вели: „Секогаш кога ќе почнам да мислам високо за себеси, ќе се свртам во аголот и ќе си речам: ‚Ти мала трошко прав. Што си ти за да бидеш горд?‘“
Друг скромен човек кој беше жив пример за мене, беше Џон Бот, сега член на Водечкото тело на Јеховините сведоци. Долги години беа цитирани неговите зборови: „Не е толку важно каде служиш, туку она што е важно е кому му служиш“. Едноставна изјава, но колку е точна! Служењето на Јехова е најголемата од сите предности!
Една од врвните точки во мојата бетелска служба беше отворањето на мисионерската школа Гилеад на Царската фарма во 1943 година. Дружењето со многу пионери од разни делови на светот беше навистина возбудливо. Во тие денови имаше по стотина студенти во секој клас, така што секои шест месеци на Царската фарма доаѓаа стотици нови. Промоциите привлекуваа илјадници луѓе во оваа образовна установа во селското подрачје во внатрешноста на државата Њујорк.
Нова работа
Кога Гилеад школата беше преселена во Бруклин, а повеќето спални соби и училници во Јужен Ленсинг продадени, млекарницата беше преселена на фармите на Стражарска кула во Волкил, Њујорк. Така есента 1969 јас бев префрлен на фармата во Волкил и продолжив да правам сирење до 1983. Потоа добив нова работа и почнав да работам на уредување на земјиштето.
Пред извесно време додека ме интервјуираа, ме запрашаа што мислам за тоа кога ми дадоа нова работа после 30 години правење сирење. „Не ми сметаше“, забележав отворено, „бидејќи правењето сирење и онака не ми се допаѓаше.“ Поентата беше дека можеме да бидеме среќни во служењето на Јехова во која и да е задача ако задржиме исправен поглед и понизно се подложиме на теократското водство. И така, иако правењето сирење навистина не ми се допаѓаше, уживав во мојата задача бидејќи ѝ помагав на бетелската фамилија. Ако верно и без мрморење му служиме на нашиот величествен Бог, Јехова, можеме да бидеме среќни сеедно каква е нашата задача.
Во моиве поодминати години не мислам дека би можел да бидам во подобра ситуација отколку да служам во Бетелот. Добро сум згрижен и бев во можност постојано да ги вршам своите работни задачи иако имам 90 години. Долги години имав предност да претседавам на програмата на утринското обожавање на бетелската фамилија овде на фармите на Стражарска кула. Секогаш кога имам прилика, ги храбрам новите во Бетелот да ги искористат сите службени предности кои им се дадени и да научат да бидат задоволни и среќни со нив.
За сиве овие години сум бил во можност неколку пати да посетам странски земји — Индија, Непал, Далечниот Исток и Европа. Следниов совет би можел да им биде од помош на оние во нивните матични собранија на Јеховиниот народ ширум светот: Биди среќен и задоволен со своите сегашни околности и цветај во духовен поглед на почвата кадешто си засаден.
Избрав да останам самец бидејќи тоа ми овозможи непречено да продолжам со својата служба за Бог. Како награда за верноста, нашиот величествен Бог ни го дал изгледот за вечен живот. За многумина тоа ќе значи бескраен живот во рајски дом овде на Земјата. Други од нас копнежливо очекуваат бескраен живот на небесата, кога ќе се грижиме за што и да е што ќе ни биде доделено.
Некој би помислил дека моиве 90 години биле долг, богат живот. Мојот живот беше богат, но не и доволно долг. Ако се држиме блиску до Божјата организација и неговите зборови на вистината, ќе можеме вечно да го продолжиме својот живот.a
[Фуснота]
a Во времето кога Рој Рајан ги запишуваше своите животни искуства, неговото здравје ненадејно се влоши. На 5. јули 1991, недолго по своето редовно претседавање на утринското обожавање на фармите на Стражарска кула, тој го заврши својот земски животен пат.
[Слика на страница 26]
Братот Рајан на својот почеток, покрај еден Форд модел Т