Животна приказна
Поучен од Јехова уште од мојата младост
РАСКАЖАЛ РИЧАРД АБРАХАМСОН
„Боже, Ти ми беше учител од мојата младост, и сѐ досега ги разгласувам Твоите чудеса.“ Дозволете ми да ви објаснам зошто овие зборови од Псалм 71:17 имаат посебно значење за мене.
МАЈКА МИ, Фани Абрахамсон, дошла во контакт со Библиските студенти, како што тогаш беа познати Јеховините сведоци, во 1924. Јас сум имал само една година. Како што ги учеше библиските вистини, мајка ми ќе отрчаше кај соседите и ќе им ги кажеше работите што ги научила, а нѐ поучуваше и мене и моите постари брат и сестра. Пред да знам да читам, таа ми помогна да научам напамет многу стихови во врска со благословите на Божјето Царство.
При крајот на 1920-те, нашата група на Библиски студенти во Ла Гранде, во државата Орегон (САД), каде што бев роден и каде што пораснав, се состоеше од само неколку жени и деца. Иако бевме изолирани, еднаш или двапати во годината нѐ посетуваа патувачки министри познати како пилгрими. Тие држеа охрабрувачки говори, нѐ придружуваа во службата од куќа до куќа и покажуваа љубезен интерес за децата. Меѓу тие драги браќа беа Шилд Тутјан, Џин Орел и Џон Бут.
Во 1931, никој од нашата група не можеше да присуствува на конгресот во Колумбус (Охајо), каде што Библиските студенти го усвоија името Јеховини сведоци. Но друштвата, како што тогаш се викаа собранијата, и изолираните групи што немаа претставници на конгресот, во август таа година се состанаа локално и усвоија резолуција со која го прифатија името. И нашата мала група во Ла Гранде го стори тоа. Потоа, во 1933, во кампањата за дистрибуирање на џебната брошура The Crisis (Криза), научив напамет една библиска презентација и првпат сведочев сам од куќа до куќа.
Во текот на 1930-те имаше сѐ поголемо противење на нашето дело. За да излезат на крај со тоа, друштвата беа групирани заедно и одржуваа мали собири и, еднаш или двапати годишно, заедно учествуваа во проповеднички мисии. На овие собири бевме поучувани за методите на проповедање и ни беше покажувано како со почит да се справиме со полицијата која се мешаше. Бидејќи Сведоците често беа изведувани пред полициски или вообичаен суд, го вежбавме материјалот од листот со упатства наречен „Правилник за судски процеси“. Ова нѐ оспособи да се справиме со противењето.
Ран пораст на библиската вистина
Моето ценење за библиските вистини и за библиски темелената надеж за живот на земјата под Божјето небесно Царство растеше. Во тоа време, не се ставаше нагласок на тоа да се крштаваат оние што немаа надеж да владеат на небото со Христос (Откровение 5:10; 14:1, 3). Сепак, ми беше речено дека ако во срцето сум решил да ја вршам Јеховината волја, би било пригодно да се крстам. Тоа и го сторив во август 1933.
Кога имав 12 години, мојата учителка сметаше дека сум добар во јавното говорење, затоа ја поттикна мајка ми да направи подготовки да добијам дополнителна обука. Мајка ми мислеше дека тоа може да ми помогне подобро да му служам на Јехова. Затоа, за моите часови плаќаше така што ѝ ја переше облеката на мојата инструкторка. Обуката се покажа корисна за мојата служба. Кога имав 14 години, добив ревматска треска поради што повеќе од една година не одев на училиште.
Во 1939, еден полновремен министер по име Ворен Хеншел дојде на нашата област.a Духовно, тој ми беше како постар брат, и ме водеше по цел ден во служба на теренот. Набрзо ми помогна да започнам со феријална пионерска служба, привремен облик на полновремена служба. Тоа лето, нашата група беше организирана во друштво. Ворен беше наименуван како слуга на друштвото, а јас како водител на студијата на Стражарска кула. Кога Ворен отиде да служи во Бетел, меѓународното седиште на Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк), јас станав слуга на друштвото.
Започнувам со полновремена служба
Зголемените одговорности од служењето како слуга на друштвото уште повеќе ја зајакнаа мојата желба да стапам во полновремена служба, што и го направив на 17 години, кога завршив трета година средно училиште. Татко ми не ги делеше нашите религиозни верувања, но добро се грижеше за семејството и беше човек со високи начела. Тој сакаше да одам на колеџ. Меѓутоа, рече дека сѐ додека не барам тој да ми плати сместување и храна, можам да правам што сакам. И така јас почнав со пионерска служба на 1 септември 1940.
Кога си заминав од дома, мајка ми ме натера да прочитам Пословици 3:5, 6: „Надевај се на [Имај доверба во, NW] Господа со сето свое срце и не се потпирај врз сопствениот разум. Мисли на Него на сите свои патишта и Тој ќе ги исправи твоите патеки“. Тоа што секогаш го оставав мојот живот во рацете на Јехова, навистина ми беше од голема помош.
Набрзо потоа им се придружив на Џо и Маргарет Харт во службата во северноцентралниот дел на државата Вашингтон. Подрачјето беше разновидно — ранчеви за крупен добиток, ранчеви за овци, индијански резервати како и голем број малечки гратчиња и села. Пролетта 1941 бев доделен како слуга на друштвото во собранието во Веначи (Вашингтон).
На еден од нашите први собири во Вала Вала (Вашингтон) служев како редар и ги пречекував оние што влегуваа во аудиториумот. Забележав како еден млад брат неуспешно се бори да го пушти разгласот да работи. Затоа му предложив да ја преземе мојата доделба а јас неговата. Кога регионалниот слуга, Алберт Хофман, се врати и виде дека сум ја напуштил мојата доделба, со пријателска насмевка ми објасни колку е важно да се остане на доделбата сѐ додека не биде дадено друго упатство. Сѐ уште го памтам неговиот совет.
Во август 1941, Јеховините сведоци планираа голем конгрес во Сент Луис (Мисури). Брачната двојка Харт ставија церада на задниот дел од нивниот камионет и наместија клупи. Патувавме, девет пионери, 2.400 километри до Сент Луис во тој камионет. Ни требаше околу седмица во еден правец. На конгресот, според една полициска проценка, имаше најголем број од 115.000 присутни. Иако веројатно имаше помалку присутни, во тоа време секако имаше повеќе од 65.000 Сведоци во Соединетите Држави. Конгресот навистина беше духовно изградувачки.
Служба во Бетелот во Бруклин
Откако се вратив во Веначи, добив писмо со кое бев замолен да се јавам во Бетелот во Бруклин. Кога пристигнав, на 27 октомври 1941, бев однесен во канцеларијата на брат Натан Х. Нор, надгледникот на печатницата. Тој љубезно ми објасни како е во Бетел и истакна дека, за да се води успешен живот таму, неопходно е да се држиш близу до Јехова. Потоа бев одведен до одделот за испорака и мојата работа беше да ги врзувам кутиите со литература за испорака.
На 8 јануари 1942 почина Џозеф Ратерфорд, кој го имаше водството меѓу Јеховините сведоци во целиот свет. Пет дена подоцна, директорите на Заедницата го избраа брат Нор да го наследи. Кога В. Е. Ван Амбург, долгогодишниот благајник на Заедницата, ѝ го објави ова на бетелската фамилија, рече: „Можам да се сетам кога Ч. Т. Расел почина [1916] и кога беше заменет со Џ. Ф. Ратерфорд. Господ продолжува да го води и да го унапредува Своето дело. Сега, потполно очекувам делото да оди напред со Натан Х. Нор како претседател зашто ова е Господово дело а не човечко“.
Во февруари 1942 беше објавено дека ќе започне „Напреден курс за теократска служба“. Тој курс беше наменет да ги обучи браќата во Бетел да ја подобрат својата способност да истражуваат библиски теми, исправно да го организираат својот материјал и делотворно да го изнесуваат. Со помошта од мојата претходна обука во јавното говорење, можев брзо да напредувам во таа програма.
Наскоро бев доделен во Службениот оддел, кој ја надгледува службата на Сведоците во Соединетите Држави. Подоцна таа година беше одлучено повторно да се воведе програма за министри што ќе ги посетуваат друштвата на Сведоците. Со текот на времето, овие патувачки министри, наречени слуги на браќата, почнаа да се викаат покраински надгледници. Во текот на летото 1942, во Бетел беше организиран еден курс за да се обучат браќа за овој вид служба, и јас имав предност да бидам меѓу оние што добија обука. Особено се сеќавам дека брат Нор, еден од инструкторите, ни ја нагласи оваа мисла: „Не обидувајте се да им угодите на луѓе. На крај нема да му угодите на никого. Угодете му на Јехова и ќе им угодите на сите што го сакаат“.
Патувачкото дело беше воведено во октомври 1942. Некои од нас во Бетел учествуваа во ова дело одредени викенди, посетувајќи ги собранијата што беа во круг од 400 километри околу Њујорк. Ќе ги разгледавме проповедничката активност на собранието и присуството на состаноците, ќе одржевме состанок со оние што се грижеа за собраниските одговорности, ќе одржевме говор или два и ќе работевме во службата со локалните Сведоци.
Во 1944, бев меѓу оние од Службениот оддел што беа испратени во патувачкото дело на шест месеци и служев во Делавер, Мериленд, Пенсилванија и Вирџинија. Подоцна, неколку месеци ги посетував собранијата во Конектикат, Масачусетс и Роуд Ајленд. Кога се вратив во Бетел, работев со скратено работно време во канцеларијата со брат Нор и неговиот секретар Милтон Хеншел, каде што се запознав со нашето дело низ светот. Исто така, работев со скратено работно време и во канцеларијата на Благајната надгледувана од брат В. Е. Ван Амбург и неговиот помошник, Грант Сјутер. Потоа, во 1946, станав надгледник на неколку канцеларии во Бетел.
Големи промени во мојот живот
Додека служев во собранијата во 1945, во Провиденс (Роуд Ајленд) се запознав со Џулија Чарнаускас. Околу средината на 1947 размислувавме за брак. Многу ја сакав бетелската служба, но во тоа време немаше подготовка за да можеш да го донесеш својот брачен другар да служи таму. Така, во јануари 1948 си заминав од Бетел, и се венчавме со Џулија (Џули). Најдов работа со скратено работно време во еден супермаркет во Провиденс, и ја започнавме нашата заедничка пионерска служба.
Во септември 1949 бев поканет да служам како покраински надгледник во северозападен Висконсин. За мене и за Џули беше голема промена да проповедаме во претежно мали гратчиња и селски подрачја во област каде што имаше млекарски фарми. Зимите беа долги и ладни, и имаше многу седмици со температура под нулата и со многу снег. Немавме автомобил. Меѓутоа, секогаш некој ќе нѐ префрлеше до следното собрание.
Набрзо откако почнав со покраинското дело, имавме покраински собир. Се сеќавам дека толку внимателно проверував да видам дали браќата се погрижиле за сите активности што некои се чувствуваа малку нервозно. Обласниот надгледник, Николас Ковалак, љубезно ми објасни дека локалните браќа се навикнати да ги прават работите на свој начин и дека нема потреба да се обидувам толку да се грижам за сѐ. Оттогаш тој совет ми е од корист кога се справувам со многу задачи.
Во 1950 добив привремена доделба — да го надгледувам сместувањето на делегатите на првиот од многуте наши големи конгреси на стадионот Јенки во Њујорк Сити. Конгресот беше возбудлив од почеток до крај, со делегати од 67 земји и највисок број од 123.707 присутни! По конгресот, јас и Џули се вративме на нашата патувачка служба. Бевме многу среќни во покраинското дело. Меѓутоа, сметавме дека треба и понатаму да се ставаме на располагање. Затоа секоја година пополнувавме молба и за бетелска и за мисионерска служба. Во 1952 бевме воодушевени кога добивме покана да присуствуваме на 20-от клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower, каде што добивме обука за мисионерското дело.
Служба во странство
Откако дипломиравме во 1953, бевме доделени во Британија, каде што служев во обласното дело во јужна Англија. По нешто помалку од една година во оваа активност, во која јас и Џули многу уживавме, бевме изненадени кога добивме доделба да се преселиме во Данска. Во Данска имаше потреба од нов надгледник на канцеларијата на подружницата. Бидејќи јас бев близу и имав добиено обука за тоа дело во Бруклин, бев испратен да помогнам. Со ферибот отидовме до Холандија а оттаму фативме воз до Копенхаген (Данска). Пристигнавме на 9 август 1954.
Еден од проблемите со кои требаше да се справиме беше тоа што неколкумина браќа на одговорни положби пропуштиле да го прифатат водството од седиштето во Бруклин. Исто така тројца од четворицата што ги преведуваа нашите публикации на дански го напуштија Бетелот и на крај престанаа да се дружат со Јеховините сведоци. Но, Јехова одговори на нашите молитви. Двајца пионери, Јирген и Ана Ларсен, кои работеа со скратено работно време во преведувачкото дело, се ставија на располагање полновремено. На тој начин, преведувањето на нашите списанија на дански продолжи без да се пропушти ниеден број. Брачната двојка Ларсен сѐ уште е во Бетелот во Данска, а Јирген е координатор на Одборот на подружницата.
Вистински извор на охрабрување во тие рани години беа редовните посети на брат Нор. Тој ќе си одвоеше време да седне и да поразговара со сите и да раскаже искуства што ни даваа увид како да се справиме со проблемите. За време на една посета во 1955, беше решено дека треба да изградиме нова подружница со објекти за печатење за да можеме да правиме списанија за Данска. Беше купен имот во едно северно предградие на Копенхаген, и летото 1957 се преселивме во новоизградената зграда. Хари Џонсон, кој со својата сопруга Карин неодамна се беше преселил во Данска, откако дипломираа во 26-от клас на Гилеад, помогна да се отвори и да почне да работи нашата печатница.
Ја подобривме нашата организација за одржување големи конгреси во Данска, а искуството што го стекнав додека работев на конгресите во Соединетите Држави се покажа корисно. Во 1961 нашиот голем меѓународен конгрес во Копенхаген беше домаќин на делегати од повеќе од 30 земји. Најголемиот број беше 33.513 присутни. Во 1969 бевме домаќини на она што се покажа како најголем од сите конгреси што беа одржани во Скандинавија, со најголем број од 42.073 присутни!
Во 1963 бев поканет да присуствувам на 38-от клас на Гилеад. Тоа беше приспособен десетмесечен курс наменет особено за обука на персонал на подружницата. Беше задоволство повторно да се биде со бетелската фамилија во Бруклин и да се извлече корист од искуството на оние што долги години работеа и се грижеа за активностите на седиштето.
По овој курс за обука, се вратив во Данска за да продолжам да се грижам за одговорностите таму. Освен тоа, имав предност да служам како зонски надгледник и да ги посетувам подружниците во западна и северна Европа за да го охрабрам персоналот таму и да им помогнам да ги исполнат своите должности. Во поново време ова дело го вршам во западна Африка и на Карибите.
При крајот на 1970-те, браќата во Данска почнаа да бараат локација каде што би можело да се изгради поголем објект за сѐ поголемата активност во преведувањето и печатењето. Беше најден еден убав имот околу 60 километри западно од Копенхаген. Заедно со другите, работев на планирањето и проектирањето на овој нов објект, и јас и Џули со нетрпение очекувавме да живееме со бетелската фамилија во овој убав нов дом. Меѓутоа, работите не излегоа баш така.
Назад во Бруклин
Во ноември 1980, јас и Џули бевме поканети да служиме во Бетелот во Бруклин, каде што пристигнавме на почетокот на јануари 1981. Тогаш бевме во доцните 50-ти, и откако речиси половина наш живот служевме со нашите драги браќа и сестри во Данска, не ни беше лесно да се вратиме во Соединетите Држави. Сепак, не размислувавме за тоа каде повеќе би сакале да бидеме туку се трудевме да се сосредоточиме на нашите нови доделби и кои и да било предизвици што би ги донеле.
Пристигнавме во Бруклин и се сместивме. Џули беше доделена во сметководствениот оддел и вршеше слична работа на работата што ја вршеше во Данска. Јас бев доделен во Одделот за пишување за да помогнам со распоредот за обработка на нашите публикации. Почетокот на 1980-те беше време на промени во нашите активности во Бруклин, бидејќи преминавме од користење на машини за чукање и композиција со жешко олово на компјутерска обработка и офсет печатење. Не знаев ништо за компјутери но имав некакво разбирање за организациските процеси и за работењето со луѓе.
Наскоро потоа имаше потреба да се зајакне организацијата на Уметничкиот оддел зашто преминавме на офсет печатење во боја и користење на илустрации и фотографии во боја. Иако немав искуство како уметник, можев да помогнам со организацијата. Така, имав предност девет години да го надгледувам тој оддел.
Во 1992 бев доделен да помагам во Одборот за издавање на Водечкото тело и бев преместен во канцеларијата на Благајната. И понатаму служам овде во поврзаност со финансиските активности на Јеховините сведоци.
Служба уште од младоста
Уште од рана младост и во текот на 70 години предадена служба, Јехова стрпливо ме поучува преку својата Реч, Библијата, и преку браќата во неговата прекрасна организација што се спремни да помогнат. Повеќе од 63 години уживам во полновремената служба, од кои преку 55 со мојата лојална сопруга, Џули. Навистина се чувствувам богато благословен од Јехова.
Во 1940, кога си заминав од дома за да стапам во пионерска служба, татко ми се потсмеваше со мојата одлука и ми рече: „Синко, кога ќе си заминеш од дома за да го правиш тоа, немој да мислиш дека можеш да дотрчаш назад кај мене за помош“. Низ годините никогаш не морав да го направам тоа. Јехова дарежливо се грижи за моите потреби, честопати преку сохристијаните спремни да помогнат. Подоцна, татко ми почна да го цени нашето дело и дури и напредуваше во учењето на библиската вистина пред да почине во 1972. Мајка ми, која имаше надеж за небесен живот, продолжи верно да му служи на Јехова сѐ до својата смрт во 1985, на 102 години.
Иако се јавуваат проблеми во полновремената служба, јас и Џули никогаш не сме помислиле да ја напуштиме нашата доделба. Јехова отсекогаш нѐ поддржувал во оваа одлука. Дури и кога на моите остарени родители им требаше помош, сестра ми, Викторија Марлин, се понуди да помогне и љубезно се грижеше за нив. Длабоко сме ѝ благодарни за нејзината љубезна помош, која ни помогна да продолжиме со полновремената служба.
Џули лојално ме поддржуваше на сите наши доделби, сметајќи го тоа како дел од нејзиното предание на Јехова. И иако сега имам 80 години и некои здравствени проблеми, се чувствувам богато благословен од Јехова. Наоѓам големо охрабрување од псалмистот, кој откако објавил дека Бог го поучувал од младоста, молел: ‚Ни во староста, Боже, не ме оставај; за да раскажувам на сите идни поколенија за Твојата сила‘ (Псалм 71:17, 18).
[Фуснота]
a Ворен беше постар брат на Милтон Хеншел, кој долги години служеше како член на Водечкото тело на Јеховините сведоци.
[Слика на страница 20]
Со мајка ми во 1940, кога почнав со пионерење
[Слика на страница 21]
Со другите пионери, Џо и Маргарет Харт
[Слика на страница 23]
На нашата венчавка во јануари 1948
[Слика на страница 23]
Во 1953 со другите од класот во Гилеад. Одлево надесно: Дон и Вирџинија Ворд, Гертруда Стегенга, Џули и јас
[Слика на страница 23]
Со Фредерик В. Франц и Натан Х. Нор во Копенхаген (Данска), 1961
[Слика на страница 25]
Со Џули денес