ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w00 15/3 стр. 10-15
  • ‚Боже, испрати ја Твојата светлина‘

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • ‚Боже, испрати ја Твојата светлина‘
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2000
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Светлината продолжува да свети
  • Светлината станува сѐ појасна
  • Откриени — но во Божје одредено време
  • Биди спремен да го преиначиш своето гледиште
  • Следи ја светлината на светот
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Носители на светлина — за каква цел?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Блесоци на светлина — големи и мали — втор дел
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Кој ја следи светлината на светот?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2000
w00 15/3 стр. 10-15

‚Боже, испрати ја Твојата светлина‘

„Испрати ја Твојата светлина и Твојата вистина да ме водат“ (ПСАЛМ 42:3).

1. Како Јехова ги открива своите намери?

ЈЕХОВА е многу обѕирен во однос на начинот на кој им ги објавува своите намери на своите слуги. Наместо да ја открие вистината наеднаш, со еден заслепувачки блесок светлина, тој нѐ просветлува постепено. Нашето патување по патеката на животот би можело да се спореди со пешачењето по една долга патека на кое поаѓа еден излетник. Поаѓа рано наутро и може малку да види. Како што сонцето постепено почнува да се искачува над хоризонтот, излетникот може да распознае некои обележја на својата околина. Останатото го гледа како нејасна контура. Но, додека сонцето и понатаму се издига, тој може да гледа на сѐ поголемо растојание. Така е и со духовната светлина што ја дава Бог. Тој ни дозволува да ги сфатиме работите една по една. Божјиот Син, Исус Христос, давал духовно просветлување на сличен начин. Да разгледаме како Јехова го просветлувал својот народ во древни времиња и како го прави тоа денес.

2. Како Јехова давал просветлување во претхристијанските времиња?

2 Составувачи на 42. Псалм веројатно биле синовите на Кореј. Како Левити, тие биле привилегирани да ги поучуваат луѓето за Божјиот закон (Малахија 2:7). Секако, Јехова бил нивниот Голем Учител, и на него гледале како на Извор на целокупната мудрост (Исаија 30:20). „Боже . . . испрати ја Твојата светлина и Твојата вистина“, се молел псалмистот, „да ме водат“ (Псалм 42:1, 3). Сѐ додека Израелците му биле верни, Јехова ги поучувал за своите патишта. Неколку века подоцна, Јехова ги повластил со светлина и вистина од еден многу истакнат вид. Бог го сторил тоа кога на Земјата го испратил својот Син.

3. На кој начин Евреите биле ставени на испит преку Исусовото поучување?

3 Како човек, Исус Христос, Божјиот Син бил „светлина на светот“ (Јован 8:12). Тој го поучувал народот за ‚многу работи со параболи‘, за нови работи (Марко 4:2). На Понтиј Пилат му рекол: „Моето царство не е од овој свет“ (Јован 18:36). Тоа било нова идеја за еден Римјанин, а сигурно и за националистички настроените Евреи зашто тие мислеле дека Месијата ќе ја натера Римската Империја да клекне на колена и ќе му ја врати на Израел поранешната слава. Исус ја одразувал светлината од Јехова, но неговите зборови не ги задоволиле еврејските владетели на кои ‚им била помила човечката слава отколку славата Божја‘ (Јован 12:42, 43). Многу луѓе избрале да ги држат своите човечки традиции наместо да ја прифатат духовната светлина и вистината од Бог (Псалм 42:3; Матеј 13:15).

4. Од каде знаеме дека Исусовите ученици требало да продолжат да растат во разбирањето?

4 Меѓутоа, мал број мажи и жени со искрени срца радосно ја прифатиле вистината за која поучувал Исус. Тие постојано напредувале во своето разбирање на Божјите намери. Но, кога се приближил крајот на земниот живот на нивниот Учител, тие сѐ уште имале многу да учат. Исус им рекол: „Имам уште многу да ви кажувам, но сега не можете да носите“ (Јован 16:12). Да, учениците требало да продолжат да растат во разбирањето на Божјата вистина.

Светлината продолжува да свети

5. Кое прашање се појавило во првиот век, и на кого лежела одговорноста да го реши?

5 После смртта и воскресението на Исус, светлината од Бог засветила уште посилно отколку пред тоа. Во една визија што му ја дал на Петар, Јехова открил дека оттогаш па наваму и необрезаните не-Евреи можеле да станат следбеници на Христос (Дела 10:9—17). Тоа било откровение! Сепак, подоцна се појавило прашањето: Дали Јехова бара тие не-Евреи, откако ќе станат христијани, да се обрежат? На тоа прашање не било одговорено во визија, и оваа работа станала предмет на вжештена дебата меѓу христијаните. Морала да се реши за да не биде поткопано нивното скапоцено единство. Затоа, во Ерусалим ‚апостолите и старешините се собрале за да го разгледаат тоа прашање‘ (Дела 15:1, 2, 6).

6. Каква процедура следеле апостолите и постарите мажи кога го разгледувале прашањето за обрежување?

6 Како можеле присутните на тој состанок да одредат која е Божјата волја за не-Евреите кои поверувале? Јехова не испратил ангел за да претседава на дискусиите ниту, пак, ги повластил присутните со некоја визија. Сепак, апостолите и постарите мажи не биле сосема оставени без упатство. Тие го разгледале сведоштвото на некои еврејски христијани кои виделе како Бог почнал да им обрнува внимание на луѓето од нациите, излевајќи го својот свет дух врз необрежаните не-Евреи. Исто така, го истражувале Писмото за водство. Како резултат на тоа, ученикот Јаков дал препорака на темел на еден просветлувачки стих. Додека размислувале за доказот, Божјата волја се разјаснила. За да уживаат Јеховино одобрување, луѓето од нациите не мораат да се обрежат. Апостолите и постарите мажи не губеле време писмено да ја изнесат одлуката за да можат сохристијаните да бидат водени од неа (Дела 15:12—29; 16:4).

7. На кој начин напредувале христијаните од првиот век?

7 За разлика од еврејските верски водачи, кои ги држеле традициите на своите прататковци, повеќето еврејски христијани се радувале кога го добиле ова извонредно ново разбирање на Божјата намера во врска со луѓето од нациите, иако нејзиното прифаќање барало промена во гледиштето во врска со не-Евреите општо земено. Јехова го благословил нивниот понизен дух и ‚црквите се утврдувале во верата, а и по број се умножувале секој ден‘ (Дела 15:31; 16:5).

8. а) Од каде знаеме дека со привршувањето на првиот век можело да се очекува поголема светлина? б) Кои умесни прашања ќе ги разгледаме?

8 Во текот на првиот век, духовната светлина продолжила да свети. Но, Јехова не им го открил на раните христијани секој аспект од своите намери. На соверниците од првиот век апостол Павле им рекол: „Сега гледам нејасно како во [метално, NW] огледало“ (1. Коринтјаните 13:12). Таквото огледало немало најдобра рефлективна површина. Значи, сфаќањето на духовната светлина во почетокот требало да биде ограничено. После смртта на апостолите, светлината се заматила извесно време, но во поново време библиското спознание станало изобилно (Даниил 12:4). Како Јехова го просветлува својот народ денес? И како треба да реагираме кога тој го проширува нашето разбирање на Писмото?

Светлината станува сѐ појасна

9. Која единствена и делотворна метода за проучување на Библијата ја користеле раните Библиски студенти?

9 Првиот вистински зрак светлина во нашево време почнал да се појавува во последната четвртина од 19 век кога една група христијански мажи и жени започнале со марливо и сериозно проучување на Писмото. Тие развиле практична метода за проучување на Библијата. Некој ќе поставел прашање; потоа групата ги анализирала сите сродни библиски стихови. Кога изгледало дека некој библиски стих му противречи на друг, тогаш овие искрени христијани настојувале да ги ускладат тие два стиха. За разлика од верските водачи од тоа време, Библиските студенти (како што тогаш биле познати Јеховините сведоци) биле одлучни да дозволат водич да им биде Светото писмо, а не традициите или некоја човечка догма. Откако ќе ги разгледале сите библиски докази кои ги имале на располагање, воделе евиденција за своите заклучоци. На тој начин им било разјаснето разбирањето за многу основни библиски доктрини.

10. Какви корисни помагала за проучување на Библијата напишал Чарлс Тејз Расел?

10 Истакнат меѓу Библиските студенти бил Чарлс Тејз Расел. Напишал серија од шест корисни помагала за проучување на Библијата со наслов Studies in the Scriptures (Студии на Писмото). Брат Расел имал намера да напише и седми том, кој би ги објаснувал библиските книги Језекиил и Откровение. „Кога ќе го најдам клучот“, рекол тој, „ќе го напишам седмиот том.“ Меѓутоа, додал: „Ако Господ му го даде клучот на некој друг, тогаш тој може да го напише“.

11. Каква врска постои меѓу темпирањето и нашето разбирање на Божјите намери?

11 Штотуку спомнатата изјава на Ч. Т. Расел илустрира еден важен фактор во нашата способност да разбереме извесни библиски делови — темпирањето. Брат Расел знаел дека не би можел да ја присили светлината да засвети врз книгата Откровение исто како што ни еден излетник не може да го натера сонцето да изгрее пред да му дојде одреденото време.

Откриени — но во Божје одредено време

12. а) Кога библиското пророштво најдобро се разбира? б) Кој пример покажува дека нашата способност да го разбереме библиското пророштво зависи од Божјиот временски распоред? (Види ја фуснотата.)

12 Исто како што апостолите разбрале многу пророштва во врска со Месијата дури после смртта и воскресението на Исус така и денешните христијани го разбираат библиското пророштво до најситниот детаљ дури откако тоа ќе се исполни (Лука 24:15, 27; Дела 1:15—21; 4:26, 27). Откровението е пророчка книга, па затоа треба да очекуваме најјасно да ја разбереме додека се одвиваат настаните што ги опишува. На пример, Ч. Т. Расел не можел точно да го разбере значењето на симболичниот див ѕвер со скерлетна боја спомнат во Откровение 17:9—11, бидејќи организациите кои ги претставува дивиот ѕвер, имено Лигата на народите и Обединетите нации, се појавиле дури после неговата смрт.a

13. Што се случува понекогаш кога е фрлена светлина врз некоја библиска тема?

13 Кога раните христијани дознале дека и необрежани не-Евреи можат да станат соверници, таа промена водела до едно ново прашање во врска со потребата луѓето од нациите да бидат обрежани. Ова ги поттикнало апостолите и постарите мажи да го преиспитаат целото тоа спорно прашање за обрежувањето. Истиот образец се следи и денес. Понекогаш некој брилијантен зрак светлина врз некоја библиска тема ги наведува Божјите помазани слуги, ‚верниот и разборит роб‘ (NW), да ги преиспитаат сродните теми, како што илустрира и следниот неодамнешен пример (Матеј 24:45).

14-16. Како едно преиначување на нашето гледиште во врска со духовниот храм влијаело врз нашето разбирање на поглавјата 40 до 48 од Језекиил?

14 Во 1971 беше издадено едно објаснување на пророштвото на Језекиил во книгата “The Nations Shall Know That I Am Jehovah”—How? (Нациите ќе дознаат дека јас сум Јехова — како?) Едно поглавје од таа книга кратко дискутираше за Језекииловата визија за храмот (Језекиил, поглавја 40 до 48). Во тоа време, средиштето беше на тоа како Језекииловата визија за храмот ќе се исполни во новиот свет (2. Петрово 3:13).

15 Меѓутоа, две статии, објавени во англиското издание на Стражарска кула од 1 декември 1972, влијаеја врз нашето разбирање на Језекииловата визија. Тие дискутираа за големиот духовен храм што го опишал апостол Павле во Евреите, поглавје 10. Стражарска кула објасни дека Светото одделение и внатрешниот двор од духовниот храм се однесуваат на состојбата на помазаниците додека сѐ уште се наоѓаат на Земјата. Кога неколку години подоцна повторно беа разгледани поглавјата 40 до 48 од Језекиил, беше разбрано дека како што денес функционира духовниот храм така денес мора да функционира и храмот кој Језекиил го видел во визија. Како тоа?

16 Во визијата на Језекиил свештениците биле видени како се движат во дворовите на храмот додека им служат на несвештеничките племиња. Овие свештеници јасно го претставуваат ‚царското свештенство‘, Јеховините помазани слуги (1. Петрово 2:9). Меѓутоа, тие нема да служат во земните дворови на храмот низ Илјадагодишното владеење на Христос (Откровение 20:4). Во голем дел од тој период, ако не и во целиот, помазаниците ќе му служат на Бог во Најсветата светиња на духовниот храм, „во самото небо“ (Евреите 9:24). Бидејќи свештениците се видени како одат ваму-таму во дворовите од храмот на Језекиил, исполнувањето на таа визија сигурно се одвива денес, додека некои од помазаниците сѐ уште се на Земјата. Во склад со тоа, во изданието на ова списание од 1 март 1999 беше изнесено едно преиначено гледиште за оваа тема. Значи, цело време сѐ до крајот на 20 век била фрлана духовна светлина врз пророштвото на Језекиил.

Биди спремен да го преиначиш своето гледиште

17. Какви преиначувања си направил во личното гледиште откако си ја спознал вистината, и како си извлекол корист од нив?

17 Секој кој сака да ја спознае вистината, мора да биде спремен да ‚ја поробува секоја мисла за да ја направи послушна на Христос‘ (2. Коринтјаните 10:5). Тоа не е секогаш лесно, особено кога имаме цврсто вкоренети гледишта. На пример, пред да ја научиш Божјата вистина можеби си уживал во славењето на некои верски празници со своето семејство. Откако си почнал да ја проучуваш Библијата, си сфатил дека тие прослави всушност имаат паганско потекло. Можеби во почетокот нерадо си го применувал она што си го учел. Но, на крај, љубовта кон Бог се покажала појака од религиозното чувство и си престанал да учествуваш во прослави кои не му се угодни на Бог. Зарем Јехова не ја благословил твојата одлука? (Спореди Евреите 11:25.)

18. Како треба да реагираме кога е разјаснето нашето разбирање на библиската вистина?

18 Ние секогаш извлекуваме корист кога постапуваме на Божји начин (Исаија 48:17, 18). Затоа, кога нашето гледиште за некој библиски текст е разјаснето, да се радуваме што вистината напредувала! Всушност, фактот што и понатаму сме просветлувани потврдува дека се наоѓаме на исправната патека. „Патеката на праведните“ е таа која „е како болскава светлина, која свети сѐ повеќе и повеќе дури не настане ден“ (Изреки 4:18). Точно, во моментов, некои аспекти на Божјата намера ги гледаме „во нејасна контура (NW)“. Но, кога ќе дојде Божјето одредено време, ќе ја видиме вистината во сета нејзина убавина, под услов нашите нозе да останат цврсто на „патеката“. Во меѓувреме, да воскликнуваме на вистините кои Јехова ги разјаснува и да чекаме просветлување на оние кои сѐ уште не се јасно разбрани.

19. Кој е еден начин да ја покажеме нашата љубов кон вистината?

19 Како можеме на практичен начин да ја покажеме својата љубов кон светлината? Еден начин е редовно да ја читаме Божјата реч — доколку е можно секој ден. Дали следиш редовна програма на читање на Библијата? Списанијата Стражарска кула и Разбудете се! исто така нѐ снабдуваат со изобилство здрава духовна храна во која можеме да уживаме. Земи ги предвид и книгите, брошурите и другите публикации кои се подготвени во наша полза. А како е со охрабрувачките извештаи за активностите на проповедање на Царството кои се објавуваат во Годишникот на Јеховините сведоци?

20. Каква врска постои меѓу светлината и вистината од Јехова и нашето присуство на христијанските состаноци?

20 Да, Јехова на прекрасен начин одговорил на молитвата изразена во Псалм 42:3. На крајот од тој стих читаме: „Да ме доведат [Твојата светлина и вистина] во Твојата света гора и во твоето живеалиште [Твојот величествен шатор, NW]“. Дали со нетрпение чекаш да го обожаваш Јехова заедно со мноштво други? Духовната поука која се изнесува на нашите состаноци е еден важен начин на кој Јехова денес дава просветлување. Што можеме да сториме за да го продлабочиме своето ценење за христијанските состаноци? Те покануваме под молитва да ја разгледаш оваа тема во следната статија.

[Фуснота]

a После смртта на Ч. Т. Расел, била подготвена една публикација која била означена како седми том од Студии на Писмото, во обид да се даде објаснување на книгите Језекиил и Откровение. Тој том делумно се темелел на коментарите кои Расел ги дал за тие библиски книги. Меѓутоа, времето да се открие значењето на тие пророштва сѐ уште не било дојдено и, општо земено, објаснувањето кое било дадено во тој том од Студии на Писмото било нејасно. Во наредните години, Јеховината незаслужена љубезност и развојот на настаните на светската сцена им овозможиле на христијаните поточно да проникнат во значењето на тие пророчки книги.

Можеш ли да одговориш?

• Зошто Јехова ги открива своите намери постепено?

• Како апостолите и постарите мажи во Ерусалим го решиле спорното прашање за обрежувањето?

• Каква метода за проучување на Библијата усвоиле раните Библиски студенти, и зошто таа била единствена?

• Илустрирај како духовната светлина се открива во Божје одредено време.

[Слика на страница 12]

Чарлс Тејз Расел знаел дека светлината врз библиската книга Откровение ќе засветли во Божје одредено време

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели