Утеши се во Јеховината сила
„Кога ќе се соберат грижи во моето срце, Твоите утехи ми ја веселат душата“ (ПСАЛМ 94:19, Душан Константинов).
ЗА СИТЕ оние кои копнеат по олеснување, Библијата има зборови на утеха. Тогаш не е ни чудо што The World Book Encyclopedia вели дека „безброј луѓе се обраќале кон Библијата за утеха, надеж и водство во текот на времиња на неволја и неизвесност“. Зошто?
Затоа што Библијата е инспирирана од нашиот Творец полн со љубов, ‚Богот на секоја утеха‘, Оној „Кој нѐ утешува при секоја наша мака“ (2. Коринтјаните 1:3, 4). Тој е ‚Богот на утехата‘ (Римјаните 15:5). Јехова дал пример во обезбедувањето на средството за олеснување на сите нас. Го испратил на Земјата својот единороден Син, Христос Исус, за да ни даде надеж и утеха. Исус поучувал: „Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3:16). Библијата го опишува Јехова како оној кој ‚од ден на ден нѐ носи, нашиот Спасител‘ (Псалм 68:19, Душан Константинов). Богобојазливите луѓе можат со доверба да речат: „Господ ми е секогаш пред очите; бидејќи ми е од десната страна, нема да се сопнам“ (Псалм 16:8, Душан Константинов).
Таквите библиски стихови ја покажуваат длабоката љубов што ја има Јехова Бог кон нас луѓето. Станува јасно дека тој има искрена желба — а и способност — да пружи обилна утеха и да ја ублажи нашата болка во времиња на мака. „Он му дава сила на уморениот и му дарува јачина на изнемоштениот“ (Исаија 40:29). Тогаш, како можеме да се утешиме во Јеховината сила?
Ублажувачките ефекти на Јеховината грижа
Псалмистот напишал: „Довери Му ја на Господа сета своја грижа и Тој ќе те поткрепи: не ќе остави никогаш да се сопне праведникот“ (Псалм 55:22, Душан Константинов). Да, Јехова Бог покажува интерес за човечкото семејство. Апостол Петар ги уверил христијаните од првиот век: „Он [Бог] се грижи за вас“ (1. Петрово 5:7). Исус Христос ја нагласил вредноста што им ја придава Бог на луѓето со зборовите: „Зарем не се продаваат пет врапчиња за две парички од мала вредност? Па сепак, ниедно од нив не е заборавено пред Бог. А вам дури и сите влакна на главата ви се избројани. Не плашете се; вие вредите повеќе од многу врапчиња“ (Лука 12:6, 7, NW). Ние сме толку вредни за Бог што тој го забележува дури и најситниот детаљ за нас. Тој знае работи кои дури ниту ние самите не ги знаеме бидејќи е длабоко заинтересиран за секого од нас.
Тоа што го почувствувала овој личен интерес од Јехова се покажало многу утешително за Светлана, младата проститутка спомната во претходната статија. Таа стапила во контакт со Јеховините сведоци во моментот кога сакала да изврши самоубиство. Потоа прифатила библиска студија, и тоа ѝ помогнало да го запознае Јехова како вистинска личност која е заинтересирана за нејзината благосостојба. Тоа го трогнало нејзиното срце, и ја мотивирало да го промени својот начин на живот и да му се предаде на Бог. Исто така, тоа ѝ ја дало на Светлана неопходната мера самопочит која ѝ била потребна за да истрае и покрај своите проблеми и да стекне позитивно гледиште за животот. „Уверена сум“, вели таа сега, „дека Јехова никогаш нема да ме напушти. Увидов дека е вистина она што е запишано во 1. Петрово 5:7. Таму се вели: ‚Сите ваши грижи оставете ги на Него, зашто Он се грижи за вас‘.“
Библиски темелената надеж утешува
Еден посебен начин на кој Бог дава утеха е преку неговата пишана Реч која содржи прекрасна надеж за иднината. Апостол Павле напишал: „А сѐ, што беше порано напишано, за наша поука беше напишано, та преку трпението и преку утехата од Писмата да имаме надеж“ (Римјаните 15:4). Павле ја разјаснил врската меѓу вистинската надеж и утехата кога напишал: „А . . . Бог и Отец наш, Кој нѐ возљуби и преку благодатта Своја ни даде вечна утеха и добра надеж, нека ги утеши срцата ваши и да ве утврди во секое слово и добро дело!“ (2. Солунјаните 2:16, 17). Оваа „добра надеж“ го вклучува изгледот за совршен, среќен и бескраен живот на рајска земја (2. Петрово 3:13).
Таквата сигурна и светла надеж го охрабрила Лиманис, парализираниот алкохоличар спомнат во претходната статија. Читајќи ја литературата на Јеховините сведоци темелена на Библијата, тој се радувал што можел да научи за новиот свет под Божјето Царство, каде што неговото здравје ќе биде целосно обновено. Во Библијата го прочитал следново сјајно ветување за едно чудесно лечење: „Тогаш ќе им се отворат очите на слепите, ушите на глувите ќе се отнат; тогаш куциот ќе скока како елен, и јазикот на немиот ќе пее; зашто води ќе бликнат во пустињата, и потоци во степите“ (Исаија 35:5, 6). За да се квалификува за живот во тој Рај, Лиманис направил големи промени. Прекинал со пиењето, и неговите промени не останале незабележани од соседите и познаниците. Сега тој води неколку библиски студии, споделувајќи ја со другите утехата која ја дава таа библиски темелена надеж.
Улогата на молитвата
Кога од некоја причина многу страдаме, можеме да најдеме утеха молејќи му се на Јехова. Тоа може да ни го тргне товарот. Додека се молиме, можеме да бидеме утешени потсетувајќи се на работи кои се кажани во Божјата реч. Најдолгиот псалм во Библијата е како една прекрасна молитва. Нејзиниот составувач пеел: „Се сеќавам, о Господи, за Твоите дамнешни пресуди и тоа ме утешува“ (Псалм 119:52, Душан Константинов). Во крајно тешки ситуации, особено кога се работи за здравствена криза, честопати нема еден одговор за сѐ. Со својата сопствена сила можеби не знаеме каде да се обратиме. Многумина увиделе дека откако сториле сѐ што е во рамките на човечките можности, обраќањето на Бог во молитва резултирало со голема утеха и, понекогаш, со неочекувани решенија (1. Коринтјаните 10:13).
Пет, која била итно пренесена во одделот за итни случаи во болницата, го почувствувала овој утешителен ефект на молитвата. Откако оздравела, рекла: „Му се молев на Јехова и навистина сфатив дека морам да го оставам својот живот во негови раце, имајќи доверба дека ќе направи онака како што е неговата волја. За целото тоа време бев спокојна; го чувствував Божјиот мир спомнат во Филипјаните 4:6, 7“. Колку само можат да бидат утешителни овие стихови за сите нас! Таму Павле нѐ опоменува: „За ништо не грижете се, туку во сѐ преку молитва и молба со благодарност изјавувајте ги пред Бога своите барања, и мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исуса Христа“.
Светиот дух како утешител
Ноќта пред својата смрт, Исус јасно им дал до знаење на своите апостоли дека наскоро ќе ги напушти. Ова ги вознемирило и ожалостило (Јован 13:33, 36; 14:27—31). Сфаќајќи дека имаат потреба од понатамошна утеха, Исус ветил: „Јас ќе Го помолам Отецот, и Он ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека“ (Јован 14:16). Исус овде укажувал на Божјиот свет дух. Меѓу другото, Божјиот дух ги утешил апостолите во текот на нивните испити и ги зајакнал и понатаму да ја вршат Божјата волја (Дела 4:31).
Енџи, чиј сопруг за малку ќе умрел после тешка несреќа, можела успешно да излезе на крај со сета мака и болка во својата ситуација. Што ѝ помогнало? Таа вели: „Без поддршката од Јеховиниот свет дух, не ќе можевме да го издржиме она што го доживеавме и да останеме јаки. Јеховината сила навистина се покажа во нашите слабости, и тој се докажа како тврдина во времето на нашата несреќа“.
Утешително братство
Сеедно каква може да биде ситуацијата во животот на некој поединец, и без разлика на тоа какви болни околности можат да се развијат, тој би требало да најде утеха во братството кое постои во Јеховиното собрание. Ова братство обезбедува духовна поддршка и помош за оние кои се поврзани со него. Во него може да се најде група од полни со љубов, заинтересирани и утешителни пријатели кои се спремни и сакаат да им помагаат и да ги тешат другите во време на неволја (2. Коринтјаните 7:5—7).
Членовите на христијанското собрание се поучени да ‚им прават добро на сите, а најмногу на своите по вера‘ (Галатјаните 6:10). Библиски темеленото школување кое го добиваат, ги поттикнува да покажуваат братска љубов и нежна наклоност еден кон друг (Римјаните 12:10; 1. Петрово 3:8). Духовните браќа и сестри во собранието се поттикнати да бидат љубезни, да ги утешуваат другите и да бидат нежно сочувствителни (Ефесјаните 4:32).
Џо и Ребека, кои трагично го изгубиле својот син, доживеале таква поддршка од членовите на христијанското собрание. Тие велат: „Јехова и неговото собрание полно со љубов ни помогнаа во тешкиот период. Добивме стотици картички, писма и телефонски повици. Ова ни помага да сфатиме колку е скапоцено нашето братство. Додека бевме зашеметени од трагедијата, многу локални собранија ни притекоа на помош, подготвувајќи оброци и чистејќи ја куќата“.
Утеши се!
Кога бурните ветрови на неволја ќе почнат да завиваат, и немилосрдниот дожд и град на несреќа продолжуваат да удираат, Бог е спремен да ни даде утешителна заштита. Еве како еден псалм опишува како Тој обезбедува утешително засолниште: „Ќе те заштити со Своите крила, и ќе се засолниш под неговите крила“ (Псалм 91:4, Душан Константинов). Овде илустрацијата можеби се однесува на орел. Таа претставува слика на птица која насетувајќи опасност заштитнички ги раширува крилјата над своите младенчиња. Во една уште подлабока смисла, Јехова станува вистински Заштитник за сите кои наоѓаат засолниште кај него (Псалм 7:1, NW).
Ако сакаш да научиш повеќе за Бог, за неговата личност, за неговите намери и способност да утешува, поканет си да ја проучуваш неговата Реч. На Јеховините сведоци ќе им биде драго да ти помогнат во тоа настојување. Да, и ти можеш да се утешиш во Јеховината сила!
[Слики на страница 7]
Библиски темелената надеж за иднината може да пружи утеха