Обрни внимание на Божјата пророчка реч за нашево време
„Знај сине човечки дека видението се однесува на крајот од времето [времето на крајот, NW]“ (ДАНИИЛ 8:17).
1. Што сака Јехова целото човештво да знае за нашево време?
ЈЕХОВА не го чува само за себе знаењето за идните настани. Напротив, тој е Оној кој открива тајни. Всушност, тој сака сите да знаеме дека се наоѓаме длабоко во „времето на крајот“ (NW). Каква животоважна вест е тоа за шесте милијарди луѓе кои живеат сега на Земјата!
2. Зошто луѓето се загрижени за иднината на човештвото?
2 Чудно ли е тоа што овој свет е при крај? Човекот може да шета на месечината, но на многу места не може без страв да шета по улиците на оваа планета. Може да го наполни својот дом со современи удобности, но не може да го запре бранот на распаднати семејства. И може да придонесе за ерата на информации, но не може да ги поучи луѓето да живеат заедно во мир. Ваквите неуспеси ги поддржуваат изобилните библиски докази дека живееме во времето на крајот.
3. Кога на Земјата биле за првпат употребени зборовите „времето на крајот“?
3 Овие впечатливи зборови — „времето на крајот“ — на Земјата за првпат ги употребил ангелот Гавриил пред 2.600 години. Еден преплашен Божји пророк го чул Гавриил како вели: „Знај сине човечки дека видението се однесува на крајот од времето [времето на крајот, NW]“ (Даниил 8:17).
Ова е „времето на крајот“!
4. На кои други начини Библијата укажува на времето на крајот?
4 Изразите „времето на крајот“ (NW) и „одреденото време на крајот“ (NW) се појавуваат шестпати во книгата Даниил (Даниил 8:17, 19; 11:35, 40; 12:4, 9). Тие се однесуваат на „последните денови“ кои ги претскажал апостол Павле (2. Тимотеј 3:1—5). Исус Христос укажал на овој период како на период на неговата ‚присутност‘ (NW) како востоличен Цар на небото (Матеј 24:37—39).
5, 6. Кој ‚пребарувал‘ во времето на крајот, и со каков резултат?
5 Во Даниил 12:4 се вели: „А ти, Данииле, сокри ги овие зборови и запечати ја оваа книга до последното време [времето на крајот, NW]; мнозина ќе ја прочитаат [ќе пребаруваат, NW] и знаењето ќе се умножи“. Голем дел од она што го напишал Даниил било скриено и запечатено за човечкото разбирање со векови. Но, како е денес?
6 Во ова време на крајот, многу верни христијани ‚пребарувале‘ по страниците на Божјата реч, Библијата. Каков бил резултатот? Со Јеховин благослов во нивните напори, вистинското спознание се умножило. На пример, помазаните сведоци на Јехова биле благословени со увид кој им овозможил да разберат дека Исус Христос станал небесен Цар во 1914 година. Во склад со зборовите на апостолот запишани во 2. Петрово 1:19—21, тие помазаници и нивните лојални другари ‚обрнуваат внимание на пророчката реч‘ и се апсолутно сигурни дека ова е времето на крајот.
7. Кои се некои извештаи што ја прават книгата Даниил единствена?
7 Книгата Даниил е единствена на повеќе начини. На нејзините страници, еден цар се заканува дека ќе ги погуби своите мудреци бидејќи не можат да го откријат и протолкуваат неговиот загадочен сон, но Божјиот пророк ја решава загатката. Тројца младичи кои одбиваат да обожаваат еден многу голем лик се фрлени во вжарена печка, но сепак преживуваат без да бидат опалени. Во текот на една празнична прослава, стотици лица здогледуваат рака која пишува мистериозни зборови на еден ѕид од палатата. Злобни заговорници предизвикуваат еден постар човек да биде фрлен во лавовска јама, но тој излегува без гребнатинка. Во визија се видени четири ѕверови, на кои им се дава пророчко значење кое се протега сѐ до времето на крајот.
8, 9. Како може книгата Даниил да ни користи особено сега, во времето на крајот?
8 Јасно, книгата Даниил содржи две многу различни нишки. Едната е раскажувачка, а другата пророчка. Обете можат да ја изградат нашата вера. Расказите ни покажуваат дека Јехова Бог ги благословува оние кои задржуваат интегритет кон него. Пророчките делови, пак, ја изградуваат верата на тој начин што покажуваат дека Јехова го знае правецот на историјата со векови — па дури и со милениуми — однапред.
9 Различните пророштва кои ги запишал Даниил го насочуваат вниманието кон Божјето Царство. Додека го набљудуваме исполнувањето на тие пророштва, се зајакнува нашата вера, како и нашето уверување дека живееме во времето на крајот. Но, некои критичари го напаѓаат Даниил, велејќи дека пророштвата во книгата која го носи неговото име всушност биле напишани после настаните кои се чинело дека се нивно исполнување. Ако ваквите тврдења се точни, тоа би покренало сериозни прашања во врска со она што го претскажала книгата Даниил за времето на крајот. А скептиците ги доведуваат под знак прашалник расказите во книгата. Затоа, ајде да испитаме.
На суд!
10. Во која смисла книгата Даниил се наоѓа на оптуженичка клупа?
10 Замисли си дека си во судница и дека присуствуваш на едно судење. Јавниот обвинител тврди дека обвинетиот е виновен за измама. Книгата Даниил се претставува како автентично дело напишано од еден еврејски пророк кој живеел во текот на седмиот и шестиот век пр.н.е. Меѓутоа, критичарите тврдат дека книгата е измама. Затоа, да видиме најпрвин дали раскажувачкиот дел од книгата е во склад со историските факти.
11, 12. Што се случило со обвинението дека Валтазар бил само измислена личност?
11 Да претпоставиме дека го разгледуваме она што би можело да се нарече случај на монархот кој недостига. Даниил, поглавје 5, покажува дека Валтазар владеел како цар во Вавилон кога во 539 пр.н.е. градот бил поразен. Критичарите го оспорувале овој момент бидејќи името Валтазар не можело да се најде на ниедно место надвор од Библијата. Наместо тоа, древните историчари го идентификувале Набонид како последен цар на Вавилон.
12 Меѓутоа, во 1854 година, во урнатините на древниот вавилонски град Ур, во денешен Ирак, биле ископани мали глинени цилиндри. Овие документи со клинесто писмо вклучувале молитва во која цар Набонид укажувал на „Бел-сар-усур, мојот најстар син“. Дури и критичарите морале да се сложат: Тој бил Валтазар од книгата Даниил. Значи, монархот кој недостига воопшто не недостигал, едноставно не им бил познат на световните извори. Ова е само еден од многуте докази дека записите на Даниил навистина се автентични. Таквиот доказ покажува дека книгата Даниил сигурно е дел од Божјата реч која го заслужува нашето грижливо внимание токму сега, во времето на крајот.
13, 14. Кој бил Навуходоносор, и на кој лажен бог му бил особено оддаден?
13 Составен дел на книгата Даниил се пророштвата кои го вклучуваат маршот на светските сили и делата на некои нивни владетели. Еден од владетелите би можел да се нарече воин кој изградил империја. Како престолонаследник на Вавилон, тој и неговата војска ги разбиле силите на египетскиот фараон Нехо кај Каркемиш. Но, една порака го натерала победничкиот вавилонски кнез да им ги препушти последните акции на своите генерали. Кога дознал дека татко му, Набополасар, умрел, овој млад човек по име Навуходоносор го презел престолот во 624 пр.н.е. Во текот на своето 43-годишно владеење изградил империја која ги опфаќала подрачјата кои некогаш ги зафаќала Асирија, и го проширил своето подрачје на владеење во Сирија и во Палестина сѐ до границата на Египет.
14 Религиозната оддаденост на Навуходоносор била насочена првенствено кон Мардук, главниот бог на Вавилон. Царот му ја припишувал на Мардук заслугата за сите свои победи. Во Вавилон, Навуходоносор ги изградил и ги украсил храмовите на Мардук и на голем број други вавилонски божества. Златниот лик кој го поставил овој вавилонски цар во низината Деир, можеби му бил посветен на Мардук (Даниил 3:1, 2). А изгледа и дека Навуходоносор многу се потпирал на гатање при планирањето на своите воени потези.
15, 16. Што направил Навуходоносор за Вавилон, и што се случило кога се фалел со неговата величественост?
15 Довршувајќи ги масивните двојни ѕидини на Вавилон кои почнал да ги гради татко му, Навуходоносор го направил главниот град навидум неосвоив. За да ѝ удоволи на својата медиска царица, која копнеела по брдата и шумите на својата татковина, се известува дека Навуходоносор ги изградил висечките градини — едно од седумте чуда на древниот свет. Тој го направил Вавилон највеличествениот град со бедеми од тоа време. И колку само бил горд на тоа седиште на лажното обожавање!
16 „Зар не е величествен овој Вавилон, што го изградив!“, се фалел Навуходоносор еден ден. Меѓутоа, според Даниил 4:27—33, ‚тој збор уште бил во устата на царот‘, кога тој го изгубил разумот. Неспособен да владее седум години, јадел трева, токму како што претскажал Даниил. Потоа неговото царство било обновено. Дали го знаеш пророчкото значење на сево ова? Можеш ли да објасниш како неговото главно исполнување нѐ доведува токму до времето на крајот?
Собирање на пророчките нишки
17. Како би го опишал пророчкиот сон кој му го испратил Бог на Навуходоносор во втората година од неговото владеење како светски владетел?
17 Сега да собереме некои пророчки нишки во книгата Даниил. Во втората година од владеењето на Навуходоносор како светски владетел од библиското пророштво (606/605 пр.н.е.) Бог му испратил еден застрашувачки сон. Според Даниил, поглавје 2, сонот бил за огромен лик со златна глава, сребрени гради и раце, бакарен стомак и бедра, железни нозе и стапала од железо измешано со глина. Што претставувале различните делови на ликот?
18. Што претставувале златната глава, сребрените гради и раце и бакарниот стомак и бедра на ликот од сонот?
18 Божјиот пророк му рекол на Навуходоносор: „Ти царе . . . ти си таа златна глава“ (Даниил 2:37, 38). Навуходоносор предводел една династија која владеела над Вавилонската Империја. Таа била соборена од Медо-Персија, претставена со сребрените гради и раце. Потоа дошла Грчката Империја, означена со бакарниот стомак и бедра. Како настанала таа светска сила?
19, 20. Кој бил Александар Велики, и каква улога одиграл за Грција да стане светска сила?
19 Во четвртиот век пр.н.е. еден млад човек одиграл значајна улога во исполнувањето на Данииловото пророштво. Тој бил роден во 356 пр.н.е. и на светот му е познат како Александар Велики. Откако врз татко му Филип бил извршен атентат во 336 пр.н.е., 20-годишниот Александар го наследил престолот на Македонија.
20 Во почетокот на мај 334 пр.н.е., Александар тргнал во еден освојувачки поход. Имал мала, но ефикасна војска од 30.000 пешаци и 5.000 коњаници. Кај реката Граник, во северозападниот дел на Мала Азија (сега Турција), Александар во 334 пр.н.е. ја извојувал првата битка против Персијците. До 326 пр.н.е. овој непопустлив освојувач ги покорил и отишол на исток сѐ до реката Инд, која се наоѓа во денешен Пакистан. Но, додека бил во Вавилон, Александар ја изгубил својата последна битка. На 13 јуни 323 пр.н.е., откако живеел само 32 години и 8 месеци, му се предал на најстрашниот непријател, смртта (1. Коринтјаните 15:55). Меѓутоа, со неговите победи Грција станала светска сила, како што било претскажано во Данииловото пророштво.
21. Освен Римската Империја, која друга светска сила била претставена со железните нозе на ликот од сонот?
21 Што претставуваат железните нозе на огромниот лик? Тие го претставуваат Рим кој бил како железо и кој ја здробил и уништил Грчката Империја. Не покажувајќи почит кон Божјето Царство кое го објавувал Исус Христос, Римјаните го погубиле на маченички столб во 33 н.е. Со цел да го уништи вистинското христијанство, Рим ги прогонувал Исусовите ученици. Меѓутоа, железните нозе на ликот од сонот на Навуходоносор не ја претставувале само Римската Империја, туку и неговиот политички израсток — англо-американската светска сила.
22. Како ликот од сонот ни помага да увидиме дека се наоѓаме длабоко во времето на крајот?
22 Грижливото проучување покажува дека се наоѓаме длабоко во времето на крајот, зашто сме дојдени до стапалата од железо и глина на ликот од сонот. Некои денешни влади се како железо, или авторитативни, додека, пак, други се како глина. И покрај кршливата природа на глината, од која е направено „човечкото семе“, владетелствата слични на железо биле принудувани да му дозволат на обичниот народ да има некаков глас во владите кои владеат над него (Даниил 2:23; Јов 10:9). Секако, авторитативната влада и обичниот народ не можат да се спојат исто како што не можат да се спојат железото и глината. Но, наскоро Божјето Царство ќе го оконча овој политички расцепкан свет (Даниил 2:44).
23. Како би ги опишал сонот и визиите кои ги имал Даниил во првата година од владеењето на Валтазар?
23 Поглавје 7 од Данииловото пророштво кое го плени интересот исто така нѐ доведува до времето на крајот. Таму се раскажува за еден настан од првата година на вавилонскиот цар Валтазар. Даниил, кој тогаш бил во своите седумдесетти години, имал „сон и пророчки виденија во главата своја врз своето легло“. Колку само го уплашиле тие визии! „И ете“, воскликнува тој. „Четири небесни ветра се бореа над големо море, и четири големи ѕвера излегоа од морето, секој поинаков од другиот“ (Даниил 7:1—8, 15). Какви само извонредни ѕверови! Првиот е крилест лав, а вториот е како мечка. Потоа доаѓа леопард со четири крилја и четири глави! Необично силниот четврти ѕвер има големи железни заби и десет рогови. Меѓу неговите десет рогови се појавува „мал“ рог кој има „очи, како очи човечки“ и ‚уста која зборува надуено‘. Какви само застрашувачки суштества!
24. Според Даниил 7:9—14, што гледа Даниил на небото, и на што укажува оваа визија?
24 После тоа визиите на Даниил се свртуваат кон небото (Даниил 7:9—14). Се гледа како „Прадревниот“ (ДХК), Јехова Бог, седи славно востоличен како Судија. ‚Илјади илјади му служеле, и десетина илјади по десет илјади стоеле пред Него.‘ Донесувајќи неповолен суд за ѕверовите, Бог им го одзема владетелството и го уништува четвртиот ѕвер. Трајно владетелство над ‚народите, племињата и јазиците‘ му се доделува на ‚некој како Синот Човечки‘. Ова укажува на времето на крајот и на востоличувањето на Синот човечки, Исус Христос, во 1914 година.
25, 26. Кои прашања може да се јават кога ја читаме книгата Даниил, и која публикација може да ни помогне да одговориме на нив?
25 Сигурно дека читателите на книгата Даниил ќе имаат прашања. На пример, што претставуваат четирите ѕверови од Даниил, поглавје 7? Какво е објаснувањето за пророчките ‚седумдесет седмици‘ од Даниил 9:24—27? А што е со Даниил, поглавје 11, и со пророчкиот судир на „северниот цар“ и „јужниот цар“? Што можеме да очекуваме од овие цареви во времето на крајот?
26 Јехова им дал увид во тие работи на своите помазани слуги на Земјата, на ‚светиите на Севишниот‘, како што се наречени во Даниил 7:18. Освен тоа, ‚верниот и разборит роб‘ (NW) направил подготовка да добиеме понатамошен увид во инспирираните записи на пророкот Даниил (Матеј 24:45). Сега тоа е на располагање преку неодамна објавената книга Обрни внимание на Даниеловото пророштво! Оваа прекрасно илустрирана публикација со 320 страници го опфаќа секој дел од книгата Даниил. Се занимава со секое пророштво кое ја изградува верата и со секој расказ кој го запишал саканиот пророк Даниил.
Вистинско значење за нашево време
27, 28. а) Што е точно во врска со исполнувањето на пророштвата во книгата Даниил? б) Во кој период живееме, и што треба да правиме?
27 Разгледај ја оваа значајна точка: Сите пророштва во книгата Даниил се исполниле освен неколку детали. На пример, сега ја гледаме светската ситуација прикажана со стапалата на ликот од сонот на Даниил, поглавје 2. Оковите на пенушката на дрвото од Даниил, поглавје 4, биле тргнати со востоличувањето на месијанскиот Цар, Исус Христос, во 1914 година. Да, како што е претскажано во Даниил, поглавје 7, Прадревниот тогаш му го дал владетелството на Синот човечки (Даниил 7:13, 14; Матеј 16:27—17:9).
28 Оние 2.300 дена од Даниил, поглавје 8, како и 1.290-те и 1.335-те дена од поглавје 12 се веќе минато — зад нас во струјата на времето. Проучувањето на Даниил, поглавје 11, покажува дека конфликтот меѓу „северниот цар“ и „јужниот цар“ веќе е во своите последни фази. Сево ова придодава на библиските докази дека сега се наоѓаме длабоко во времето на крајот. Земајќи го предвид нашето единствено место во струјата на времето, на што треба да бидеме одлучни? Без сомнение, треба да обрнеме внимание на Јеховината пророчка реч.
Како би одговорил?
• Што сака Бог целото човештво да знае за нашево време?
• Како може книгата Даниил да ја изгради нашата вера?
• Кои обележја ги имал ликот од сонот на Навуходоносор, и што симболизирале тие?
• Што е вредно да се забележи во врска со исполнувањето на пророштвата кои се наоѓаат во книгата Даниил?