ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w00 1/7 стр. 22-27
  • Светлоносец на многу нации

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Светлоносец на многу нации
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2000
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Раните години
  • На пат кон странски терени
  • Следи Европа
  • Проповедање во Советскиот Сојуз
  • Брак и второ патување
  • Краток семеен живот
  • Верниот пример на татко ми
    Разбудете се! 1994
  • Дали го гледаш Јехова како Татко?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
  • Јехова, нашиот Татко, многу нѐ сака!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2020
  • 1923 — пред сто години
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2023
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2000
w00 1/7 стр. 22-27

Животна приказна

Светлоносец на многу нации

ПРИКАЗНА ЗА ЏОРЏ ЈАНГ

РАСКАЖАЛА РУТ ЈАНГ НИКОЛСОН

„Зошто тогаш оваа тишина на нашите проповедалници? . . Какви луѓе би биле ние ако молчиме откако сме докажале дека овие работи за кои ви пишувам се точни? Да не ги држиме луѓето во незнаење, туку да ја објавуваме вистината, но не на апологетски ниту на прикриен начин.“

ОВИЕ зборови биле дел од писмото на татко ми долго 33 страници со кое барал неговото име да се избрише од црковниот регистар. Тоа било во 1913 година. Оттогаш започнал да води еден возбудлив живот што довел до тоа да служи како светлоносец на многу нации (Филипјаните 2:15). Уште од мала собирав приказни за искуствата на татко ми од роднините и од историскиот материјал, и пријателите ми помогнаа да го составам мозаикот за неговиот живот. Животот на татко ми во многу погледи ме потсетува на животот на апостол Павле. Слично на тој „апостол на нациите“ (NW) и татко ми секогаш бил спремен да патува за да ја пренесува Јеховината порака до луѓето од сите земји и острови (Римјаните 11:13; Псалм 106:1—3). Дозволете ми да ви раскажам за мојот татко, Џорџ Јанг.

Раните години

Татко ми бил најмалиот син на Џон и Маргарет Јанг, презвитеријанци од Шкотска. Роден е на 8 септември 1886, набрзо откако семејството од Единбург (Шкотска) се преселило во Британска Колумбија, западна Канада. Неговите тројца постари браќа — Александар, Џон и Малколм — се родиле во Шкотска неколку години пред тоа. Меријан, помалата сестра на момчињата, која нагалено ја викале Нели, била две години помала од татко ми.

Растејќи на една фарма во Сенич, недалеку од Викторија (Британска Колумбија), децата уживале. Истовремено научиле да носат одговорности. Затоа, кога нивните родители ќе се врателе од пат во Викторија, работите надвор од куќата биле завршени, а куќата била уредна.

Со текот на времето, татко ми и неговите браќа се заинтересирале за рударство и за трговија со дрвна граѓа. Браќата Јанг стекнале добар глас како извидници по дрвна граѓа (луѓе кои испитувале земја од која што можело да се добие дрвна граѓа) и како купувачи и продавачи на дрвна граѓа. Татко ми ги водел финансиските трансакции.

Конечно, склоноста кон духовните работи го навела татко ми да одлучи да стане презвитеријански министер. Меѓутоа, отприлика во тоа време, длабоко влијание врз неговиот живот извршиле новинските проповеди на Чарлс Тејз Расел, првиот претседател на Zion’s Watch Tower Tract Society. Наученото го поттикнало татко ми да го состави и испрати писмото со кое си дал оставка, како што беше спомнато во почетокот.

Татко ми љубезно, но јасно ги користел библиските стихови за да ги побие црковните учења дека човечката душа е бесмртна и дека Бог вечно ќе ги мачи човечките души во пеколен оган. Ја разоткрил и доктрината за тројство, докажувајќи дека таа има нехристијанско потекло и дека нема никаква поддршка во Писмото. Оттогаш се стремел кон христијанска служба имитирајќи го Исус Христос и понизно ги користел сите свои способности и сила за Јеховина слава.

Во 1917, под водство на Watch Tower Society, татко ми почнал да служи како пилгрим, како што тогаш се нарекувале патувачките претставници на Јеховините сведоци. Во големите и малите градови низ Канада тој држел предавања и ја презентирал програмата со филм и дијапозитиви, позната како „Фото-драма за создавањето“. Театрите биле преполни за време на посетите на татко ми. Распоредот за неговите пилгримски посети излегувал во Стражарска кула сѐ до 1921 година.

Еден весник во Винипег известил дека евангелистот Јанг зборувал пред 2.500 лица и дека мнозина не можеле да добијат влезница бидејќи салата била преполна. Во Отава зборувал на темата „До пеколот и назад“. Таму еден постар човек известил: „Кога заврши, Џорџ Јанг покани на подиумот ред свештеници за да дискутираат со него на таа тема, но ниеден од нив не се ни помрдна. Тогаш знаев дека сум ја пронашол вистината“.

Татко ми се обидувал да збие колку што било можно повеќе духовни активности при своите пилгримски посети. После тоа, брзал да го фати возот за другата планирана станица. Кога патувал со кола, на пат кон следната доделба честопати заминувал долго пред појадокот. Освен што бил ревносен, татко ми имал репутација на обѕирен човек и бил познат по своите христијански дела и великодушност.

Од многуте рани конгреси на кои присуствувал, особено знаменит бил оној што се одржал во Едмонтон (Алберта) во 1918 година. Целото негово семејство било таму за крштавањето на Нели. А тоа бил и последен пат кога момчињата биле заедно. Две години потоа, Малколм умрел од пнеумонија. Исто како своите тројца браќа и татко им, и Малколм негувал надеж за небесен живот, и сите тие му останале верни на Бог до својата смрт (Филипјаните 3:14).

На пат кон странски терени

Откако во септември 1921 татко ми го завршил проповедничкото патување во Канада, тогашниот претседател на Watch Tower Society, Џозеф Ф. Ратерфорд, го упатил да продолжи кон островите на Карибите. Секаде каде што ја презентирал „Фото-драмата за создавањето“ бил добро примен. Од Тринидад напишал: „Местото беше начичкано, и голем број луѓе мораа да се вратат. Втората вечер зградата беше преполна со народ“.

Потоа, во 1923, татко ми добил доделба во Бразил. Таму зборувал пред голема публика, а понекогаш користел и изнајмени толкувачи. Стражарска кула од 15 декември 1923 известила: „Од 1 јуни до 30 септември брат Јанг одржа 21 состанок за јавност, со вкупен број од 3.600 присутни; 48 состаноци на класовите, со 1.100 присутни; подели вкупно 5.000 примероци бесплатна литература на португалски јазик“. Мнозина покажале интерес кога татко ми го одржал говорот „Милиони кои сега живеат нема никогаш да умрат“.

Кога на 8 март 1997 во Бразил беа свечено отворени нови објекти, во брошурата за свечено отворање пишуваше: „1923: Џорџ Јанг пристигнува во Бразил. Организира канцеларија на подружницата во центарот на Рио де Жанеиро“. Иако била достапна библиска литература на шпански, имало потреба од неа и на португалски, главниот јазик во Бразил. Затоа, на 1 октомври 1923 Стражарска кула почнала да се издава и на португалски јазик.

Татко ми остварил многу значајни контакти во Бразил. Еден бил со некој имашлив Португалец по име Џасинту Пиментел Кабрал кој го понудил својот дом за состаноците. Набрзо Џасинту ја прифатил библиската вистина и подоцна станал член на персоналот на подружницата. Друг бил со Мануел да Силва Жордао, млад градинар Португалец. Тој го слушнал јавното предавање од татко ми, што го мотивирало да се врати во Португалија за да служи како колпортер, како што тогаш се нарекувале полновремените слуги на Јеховините сведоци.

Низ Бразил татко ми многу патувал со воз, и успеал да пронајде заинтересирани лица. На едно од своите патувања ги сретнал Бони и Катерина Грин, и останал кај нив скоро две седмици, објаснувајќи им го Писмото. После тоа, отприлика седуммина од нивното семејство го симболизирале своето предание на Јехова со крштавање во вода.

Друг контакт остварил со Сара Белона Фергусон во 1923 година. Во 1867, уште додека била девојче, таа, брат ѝ Еразмус Фалтон Смит и останатиот дел од семејството се преселиле од Соединетите Држави во Бразил. Од 1899 редовно го добивала списанието Стражарска кула по пошта. Посетата на татко ми била долгоочекувана прилика за Сара, нејзините четири деца и некоја жена, која татко ми ја нарекол тетка Сали, да се крстат. Тоа било на 11 март 1924.

Набргу, татко ми почнал да проповеда во другите јужноамерикански земји. На 8 ноември 1924 од Перу го напишал следново: „Штотуку завршив со делењето на 17.000 трактати во Лима и Калао“. Потоа заминал за Боливија за и таму да дели трактати. Во врска со таа посета напишал: „Нашиот Татко ги благословува напорите. Ми помогна еден Индијанец. Неговиот дом е на изворите на Амазон. Тој со себе однесе 1.000 трактати и некои книги“.

Преку напорите на татко ми, семето на библиската вистина се раширило во многу земји на Централна и Јужна Америка. Стражарска кула од 1 декември 1924 известила: „Џорџ Јанг повеќе од две години се наоѓа во Јужна Америка . . . Овој драг брат имаше предност да ја пренесе пораката на вистината до Пунта Аренас, на Магелановиот Премин“. Исто така, татко ми го предводел делото на проповедање во Костарика, Панама и Венецуела. Продолжил и покрај тоа што се заразил од маларија и тоа му влијаело врз здравјето.

Следи Европа

Во март 1925 татко ми запловил кон Европа, каде што се надевал да подели 300.000 библиски трактати во Шпанија и Португалија и да направи подготовки за брат Ратерфорд да одржи јавни предавања. Меѓутоа, откако пристигнал во Шпанија, татко ми изразил воздржаност во врска со идејата брат Ратерфорд да одржи предавања со оглед на атмосферата на религиозна нетолеранција.

Како одговор, брат Ратерфорд му напишал цитирајќи го Исаија 51:16: „И Јас ќе ги вложам Моите слова во устата твоја, и со сенката на раката Своја ќе те покријам, за да го устројам небото и да ја утврдам земјата и да му кажам на Сион: ‚Ти си Мој народ‘“. На тоа, татко ми заклучил: „Сигурно е Господова волја да продолжам, а резултатите да му ги оставам нему“.

На 10 мај 1925 брат Ратерфорд одржал предавање со толкувач во театарот Новедадес во Барселона. Имало над 2.000 присутни, вклучувајќи и еден државен службеник и еден посебен телохранител кој стоел на бината. На сличен начин постапиле и во Мадрид, каде имало 1.200 присутни. Интересот кој произлегол од овие предавања резултирал со основање на канцеларија на подружницата во Шпанија која била воспоставена, како што вели Годишникот на Јеховините сведоци за 1978, „под водството на Џорџ Јанг“.

На 13 мај 1925 брат Ратерфорд зборувал во Лисабон (Португалија). И таму неговата посета наишла на голем успех и покрај обидите на свештенството да го прекине состанокот со тоа што викале и кршеле столици. После предавањата на брат Ратерфорд во Шпанија и Португалија, татко ми продолжил да ја прикажува „Фото-драмата за создавањето“, а направил и подготовки да се печати и дистрибуира библиска литература во овие места. Во 1927 известил дека добрата вест „се објавува во секој голем и мал град во Шпанија“.

Проповедање во Советскиот Сојуз

Следната мисионерска доделба на татко ми била Советскиот Сојуз, каде пристигнал на 28 август 1928. Едно писмо што го напишал тој, со датум од 10 октомври 1928, делумно гласи:

„Откако дојдов во Русија можам од длабочината на срцето вистински да се молам: ‚Да дојде Царството твое‘. Го учам јазикот, но споро ми оди. Мојот толкувач е еден навистина посебен човек, Евреин, но верува во Христос и ја сака Библијата. Имав некои интересни искуства, но не знам колку долго ќе ми биде дозволено да останам. Минатата седмица добив известување да си заминам за 24 часа, но беше решено дека би можел да останам подолго“.

Стапил во контакт со неколку Библиски студенти во Карков, сега еден поголем град во Украина, и взаемната срдечност што произлегла од тоа им донела солзи радосници во очите. Секоја вечер сѐ до полноќ бил одржуван по еден мал конгрес. Пишувајќи подоцна за оваа средба со браќата, татко ми забележал: „Кутри браќа, неколкуте книги што ги имаа беа одземени и властите се непријателски настроени кон нив, но тие се сепак среќни“.

Службата на татко ми во Советскиот Сојуз беше истакната во една посебна брошура што беше подготвена за оние кои на 21 јуни 1997 присуствуваа на свеченото отворање на новите објекти на подружницата во Санкт Петербург (Русија). Во брошурата стои дека татко ми бил испратен во Москва, и се известува дека добил дозвола „да произведе 15.000 примероци од џебните брошури Freedom for the Peoples (Слобода за народите) и Where Are the Dead? (Каде се мртвите?) за дистрибуција во Русија“.

Откако се вратил од Русија, татко ми бил доделен во пилгримското дело во Соединетите Држави. Во Јужна Дакота го посетил домот на Нелена и Верда Пул, телесни сестри кои после неколку години станале мисионерки во Перу. Тие со наклоност изразија ценење за неуморната служба на татко ми, забележувајќи: „Сигурно е дека браќата во тие денови навистина имаа пионерски дух додека одеа во странство со малку световни добра, но со срце полно со љубов кон Јехова. Тоа всушност е она што ги туркаше да постигнат сѐ што постигнаа“.

Брак и второ патување

Низ годините татко ми се допишувал со Клара Хуберт од островот Манитулин (Онтарио). Обајцата биле присутни на конгресот во Колумбус (Охајо) на 26 јули 1931, кога Библиските студенти го усвоиле името Јеховини сведоци (Исаија 43:10—12). После една седмица се венчале. Набрзо, татко ми повторно бил на пат, на своето второ мисионерско патување низ островите на Карибите. Таму помогнал да се организираат состаноци и да се обучат други за службата од куќа до куќа.

Мајка ми добивала слики, разгледници и писма од Суринам, Сент Китс и од многу други места. Во писмата се известувало за напредокот на делото на проповедање и понекогаш имало и некои податоци за птиците, животните и растенијата од земјата во која престојувал. Во јуни 1932 татко ми завршил со својата доделба на Карибите и, патувајќи со трета класа, како и обично, се вратил во Канада. После тоа, тој и мајка ми учествувале во полновремената служба заедно, поминувајќи ја зимата 1932/33 во подрачјето на Отава со една голема група други полновремени министри.

Краток семеен живот

Во 1934 се родил брат ми Дејвид. Уште како мал, ќе застанел на кутијата за шешири на мајка ми и вежбал како држи „предавања“. Тој покажува ревност за Јехова целиот свој живот, како татко му. Тројцата патувале со кола, со звучна опрема прикачена на покривот, посетувајќи ги собранијата од источниот сѐ до западниот брег на Канада. Јас сум родена 1938 година додека татко ми служел во Британска Колумбија. Дејвид се сеќава како татко ми ме ставил на креветчето и како тој, мајка ми и Дејвид клечеле околу него додека татко ми кажувал благодарна молитва за мене.

Зимата 1939 сме живееле во Ванкувер, а татко ми ги посетувал собранијата во тоа подрачје. Меѓу многуте писма што ги собравме низ годините, едно имаше датум од 14 јануари 1939, напишано додека тој бил во Вернон (Британска Колумбија). Татко ми се имаше обратено до Клара, Дејвид и Рут со зборовите: „Само мал бакнеж и прегратка“. Во него имаше порака за секого од нас. Тој зборуваше дека жетвата таму е голема, но дека има малку работници (Матеј 9:37, 38).

Една седмица откако од својата доделба се вратил во Ванкувер, татко ми се онесвестил на еден состанок. Дијагнозата открила дека има канцероген тумор во мозокот. На 1 мај 1939 го заврши својот земен пат. Јас сум имала девет месеци, а Дејвид скоро пет години. Нашата сакана мајка, која исто така имаше небесна надеж, му остана верна на Бог сѐ до својата смрт на 19 јуни 1963 година.

Како се чувствувал татко ми во врска со неговата предност да ја пренесува добрата вест до многу земји е прекрасно илустрирано во едно од неговите писма до мајка ми. Меѓу другото рекол: „Јехова љубезно ми дозволи да отидам во овие земји како светлина која ја носи пораката за Царството. Нека се слави Неговото свето име. Преку кревкоста, неспособноста и слабоста зрачи неговата слава“.

Сега децата, внуците и правнуците на Џорџ и Клара Јанг исто така му служат на нашиот Бог кој е полн со љубов, Јехова. Ми беше речено дека татко ми честопати цитирал од Евреите 6:10 каде што се вели: „Бог не е неправеден, та да го заборави делото ваше и трудот на љубовта, што ги покажавте во Негово име“. И ние не го забораваме делото на татко ми.

[Слика на страница 23]

Татко ми, десно, со неговите тројца браќа

[Слики на страница 25]

Татко ми (стои) со браќата Вудворт, Ратерфорд и Мекмилан

Долу: татко ми (сосема лево) во група со брат Расел

[Слики на страница 26]

Татко ми и мајка ми

Долу: нивната свадба

[Слика на страница 27]

Со Дејвид и мајка ми неколку години после смртта на татко ми

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели