Знаеш ли да чекаш?
МОЖЕШ ли да си замислиш колку време поминуваат луѓето секоја година само во чекање? Чекаат ред во продавница или на бензинска пумпа. Чекаат да бидат услужени во ресторан. Чекаат за на лекар или стоматолог. Чекаат автобуси и возови. Да, изненадувачки износ време во животот се поминува во чекање да се случат работите. Според една проценка, само Германците губат 4,7 милијарди часови годишно во чекање поради застој во сообраќајот! Некој пресметал дека ова е еднакво на вкупниот животен век на околу 7.000 луѓе.
Чекањето може многу да фрустрира. Во денешно време изгледа дека никогаш нема доволно време за сѐ, и размислувањето за тие други работи кои треба да ги завршиме може да го направи чекањето вистински испит. Авторот Александар Роуз еднаш рекол: „Половина агонија од живеењето е чекањето“.
Американскиот државник Бенџамин Франклин признал дека чекањето може да биде и скапо. Пред повеќе од 250 години тој забележал: „Времето е пари“. Затоа во бизнисот се бараат начини да се избегне непотребното одолжување во процесот на работата. Повеќе стока произведена за пократко време може да значи поголем профит. Фирмите кои директно ја опслужуваат јавноста настојуваат да понудат брза услуга — фаст фуд, драјв-ин банкарски услуги и ред други работи — бидејќи знаат дека да се угоди на муштеријата вклучува и да се скрати неговото време на чекање.
Попусто трошење на нашиот живот
Ралф Валдо Емерсон, американски поет од 19 век, еднаш се жалел: „Колкав само дел од човечкиот живот е изгубен во чекање!“ Неодамна, авторот Ланс Мороу се жалел во врска со здодевноста и физичката неудобност од чекањето. Но, потоа зборувал за „попрефинетата мизерија на чекањето“. Што е тоа? „Сознанието дека нечие најскапоцено средство, времето, дел од нечиј живот, е украден, неповратно изгубен“. Жалосно, но вистинито. Времето изгубено во чекање е изгубено засекогаш.
Се разбира, ако животот не е толку краток, чекањето нема да биде причина за толкава загриженост. Но, животот е краток. Пред неколку илјади години, библискиот псалмист коментирал: „Дните на нашиот живот се седумдесет години, а ако сме крепки и до осумдесет години; и повеќе време од нив се во труд и болести, бидејќи брзо минуваат и ние летаме со нив“ (Псалм 89:10). Сеедно каде живееме и кои сме, нашиот живот — деновите, часовите, минутите што лежат пред нас кога се раѓаме — се ограничени. Сепак, не можеме да избегнеме ситуации во кои сме присилени дел од тоа скапоцено време да го трошиме во чекање на настани или луѓе.
Да научиме да чекаме
Повеќето од нас сме биле во кола со возач кој постојано се обидува да го претекне возилото пред него. Честопати не постои итна потреба за тоа — возачот нема некој итен договор. Сепак, тој не може да издржи некој друг возач да му го диктира движењето. Неговиот недостиг на стрпливост открива дека не научил да чека. Не научил? Да, знаењето да се чека е лекција која мора да се научи. Никој не е роден со него. Бебињата бараат итно внимание кога се гладни или не им е удобно. Но, дури со текот на растењето тие разбираат дека понекогаш мора да чекаат за она што го сакаат. Навистина, со оглед на тоа што чекањето е неминовен дел од животот, знаењето стрпливо да се чека кога е потребно е обележје на една зрела личност.
Се разбира, постојат итни ситуации во кои нестрпливоста е разбирлива. Еден млад сопруг кој ита со својата сопруга кон болница, бидејќи таа само што не се породила, оправдано би бил нестрплив ако нешто го задржува. Ангелите кои го наговарале Лот да го напушти Содом, не биле подготвени да чекаат додека Лот одолговлекувал. Уништувањето било неизбежно, а на коцка биле животите на Лот и на неговото семејство (1. Мојсеева 19:15, 16). Меѓутоа, во повеќето случаи кога луѓето се присилени да чекаат, не се на коцка животи. Во тие случаи, работите би можеле да бидат поугодни ако секој научи да биде стрплив — дури и ако чекањето е резултат на нечија неефикасност или недостиг на интерес. Освен тоа, полесно би било да се биде стрплив ако секој научи како на полезен начин да го користи времето поминато во чекање. Во рамката на страница 5 има некои предлози за да се направи чекањето не само подносливо туку и корисно.
Не може да се превиди тоа дека нестрпливиот дух би можел да открие горделив став, чувство дека некој е премногу важен за да чека. Секој кој има таков став вреди да ги разгледа следниве зборови од Библијата: „Крајот на една работа е подобар од почетокот нејзин; трпеливиот е подобар од горделивиот“ (Проповедник 7:8). Вообразеноста, или гордоста, е сериозен недостаток на личноста, и библиската изрека вели: „Секој горделив по срце е одвратен пред Господа“ (Изреки 16:5). Според тоа, учењето да бидеме стрпливи — учењето да чекаме — може да бара добро да се преиспитаме себеси и своите односи со луѓето околу нас.
Стрпливоста ќе биде наградена
Обично чекањето ни е полесно ако сме уверени дека она што го чекаме вреди и да задоцни и дека на крај навистина ќе дојде. Во тој поглед, добро е да размислиме за фактот дека сите искрени обожаватели на Бог го чекаат исполнувањето на неговите величествени ветувања кои се наоѓаат во Библијата. На пример, во еден божествено инспириран псалм ни е кажано: „Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно“. Ова ветување го повторил апостол Јован кога рекол: „Оној, што ја извршува волјата Божја, останува довека“ (Псалм 36:29; 1. Јованово 2:17). Јасно, кога би можеле да живееме засекогаш, чекањето не би било голем проблем. Но, сега не живееме засекогаш. Дали е дури и реалистично да говориме за вечен живот?
Пред да одговориме, земи предвид дека Бог ги создал нашите прародители со изглед да живеат засекогаш. Но, само заради тоа што згрешиле, го изгубиле тој изглед и за себеси и за своите деца — меѓу кои сме и ние. Меѓутоа, веднаш после нивниот грев, Бог ја објавил својата намера да ги укине последиците од нивната непослушност. Ветил дека ќе дојде „семе“ (ДХК), и испаднало дека тоа е Исус Христос (1. Мојсеева 3:15; Римјаните 5:18).
Дали како поединци ќе извлечеме корист од исполнувањето на неговите ветувања зависи од нашата одлука. Тоа ќе бара стрпливост. За да ни помогне да го научиме овој вид стрпливост, Библијата нѐ охрабрува да медитираме за примерот на земјоделецот. Тој го сее семето и нема избор освен стрпливо да чека — правејќи го она што може за да ги заштити своите посеви — сѐ до времето на жетва. Тогаш се наградува неговата стрпливост, и тој ги гледа плодовите од својот труд (Јаков 5:7). Апостол Павле спомнува и друг пример на стрпливост. Нѐ потсетува на верните мажи и жени од старо време. Тие со душа го чекале исполнувањето на Божјите намери, но морале да чекаат на Божјето одредено време. Павле нѐ охрабрува да ги имитираме таквите, „кои што преку вера и трпение ги добиваат ветувањата“ (Евреите 6:11, 12).
Да, чекањето е неизбежен животен факт. Но, тој не мора да биде постојан извор на неволја. За оние кои го чекаат исполнувањето на Божјите ветувања, тоа може да биде извор на радост. Тие можат да го исполнат времето поминато во чекање негувајќи близок однос со Бог и правејќи работи кои ја покажуваат нивната вера. И, со молитва, проучување и медитирање, можат да негуваат непоколеблива доверба дека сѐ што ветил Бог ќе се случи во негово одредено време.
[Рамка/слики на страница 5]
НАМАЛИ ЈА АГОНИЈАТА НА ЧЕКАЊЕТО!
Планирај однапред! Ако знаеш дека ќе мора да чекаш, биди подготвен да читаш, пишуваш, везеш, плетеш или да вршиш некаква друга корисна активност.
Користи го времето за да медитираш, нешто што станува сѐ потешко во нашиот свет кој се движи со голема брзина.
Држи си материјал за читање близу до телефонот за да го користиш ако треба да чекаш; за пет или десет минути можеш да прочиташ неколку страници.
Кога чекаш во група, искористи ја приликата, ако е пригодно, да започнеш разговор со другите и да споделиш со нив некои изградувачки мисли.
Држи си листови за белешки или материјал за читање во колата во случај на периоди на непланирано чекање
Затвори ги очите, релаксирај се или моли се.
УСПЕШНОТО ЧЕКАЊЕ ПРВЕНСТВЕНО Е РАБОТА НА СТАВОТ И ПРОМИСЛЕНОСТА.