Нашето скапоцено наследство — што ти значи тоа тебе?
„Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот“ (МАТЕЈ 25:34).
1. Какви работи добиваат луѓето во наследство?
СИТЕ луѓе наследиле некои работи. За некои наследството можеби вклучува удобен начин на живот во материјален поглед. За други е живот во сиромаштија. Во некои случаи, претходните генерации, поради она што го доживеале или чуле, предале во наследство силна омраза кон друга етничка група. Меѓутоа, сите ние имаме нешто заедничко. Сите од првиот човек Адам сме добиле во наследство грев. Тоа наследство на крај води до смрт (Проповедник 9:2, 10; Римјаните 5:12).
2, 3. Какво наследство во почетокот му овозможил Јехова на потомството на Адам и Ева, и зошто не го добило?
2 Јехова, како небесен Татко полн со љубов, во почетокот му понудил на човештвото далеку поинакво наследство — вечен живот во совршенство во Рај. На нашите прародители Адам и Ева им бил даден совршен, безгрешен почеток. Јехова Бог му ја дал на човештвото како подарок планетата Земја (Псалм 113:24). Тој ја обезбедил градината Едем како модел за тоа каква би можела да стане целата Земјина топка и пред нашите прародители поставил прекрасна, предизвикувачка задача. Требало да раѓаат деца, да се грижат за Земјата и за целокупниот нејзин разновиден растителен и животински свет, и да ги прошират границите на Рајот по целата Земјина топка (1. Мојсеева 1:28; 2:8, 9, 15). Нивното потомство требало да учествува во тоа. Какво само прекрасно наследство можеле да му предадат!
3 Меѓутоа, за да уживаат во сето ова, Адам и Ева и нивното потомство морале да имаат добар однос со Бог. Тие му должеле на Јехова љубов и послушност, но Адам и Ева пропуштиле да го ценат она што им го дал Бог и биле непослушни на неговата заповед. Тие го изгубиле својот рајски дом и славните изгледи што Бог ги поставил пред нив. Затоа не можеле да им ги предадат ни на своето потомство (1. Мојсеева 2:16, 17; 3:1—24).
4. Како можеме да го добиеме наследството над кое Адам изгубил право?
4 Јехова милосрдно направил подготовка со цел потомството на Адам и Ева да може да има прилика да го добие наследството над кое Адам изгубил право. Како? Во Божје одредено време, неговиот сопствен Син, Исус Христос, го положил својот совршен човечки живот во корист на потомството на Адам. Преку ова средство, Христос ги откупил сите нив. Меѓутоа, наследството не станува нивно автоматски. Потребна им е одобрена положба кај Бог, која можат да ја стекнат ако практикуваат вера во гревоискупувачката вредност на Исусовата жртва и ако ја покажуваат таа вера со послушност (Јован 3:16, 36; 1. Тимотеј 2:5, 6; Евреите 2:9; 5:9). Дали со својот животен правец покажуваш ценење за таа подготовка?
Наследство предадено преку Авраам
5. Како Авраам покажал ценење за својот однос со Јехова?
5 Додека ја спроведувал својата намера со Земјата, Јехова постапил со Авраам на еден посебен начин. Го упатил тој верен маж да ја напушти својата татковина и да се пресели во една земја која требало да му ја покаже лично Бог. Авраам спремно послушал. Откако пристигнал таму, Јехова рекол дека Авраамовото потомство, а не самиот Авраам, ќе ја добие земјата во наследство (1. Мојсеева 12:1, 2, 7). Како реагирал Авраам? Бил спремен да му служи на Јехова секаде и секогаш онака како што ќе го упател Бог за да може неговото потомство да го добие своето наследство. Авраам му служел на Јехова во земја што не била негова 100 години, сѐ до својата смрт (1. Мојсеева 12:4; 25:8—10). Дали и ти ќе си го сторел истото? Јехова рекол дека Авраам бил негов ‚пријател‘ (Исаија 41:8).
6. а) Што покажал Авраам со спремноста да го жртвува својот син? б) Какво скапоцено наследство можел да му пренесе Авраам на своето потомство?
6 Авраам многу години чекал син, Исак, кого многу го сакал. Кога момчето достигнало години на млад возрасен човек, Јехова го упатил Авраам да го земе момчето и да го принесе како жртва. Авраам не знаел дека токму тогаш требало да покаже што ќе стори самиот Бог кога ќе го даде како жртва својот Син; сепак, послушал и баш во моментот кога го принесувал Исак како жртва, Јеховиниот ангел го спречил (1. Мојсеева 22:9—14). Јехова веќе рекол дека ветувањата што му ги дал на Авраам ќе се исполнат преку Исак. Според тоа, Авраам очигледно имал вера дека, ако е потребно, Бог би можел да го врати Исак од мртвите, иако такво нешто никогаш порано не се случило (1. Мојсеева 17:15—18; Евреите 11:17—19). Бидејќи Авраам не го поштедил дури ни својот син, Јехова изјавил: „Ќе бидат благословени преку потомството [семето, NW] твое сите народи на земјата“ (1. Мојсеева 22:15—18). Ова покажало дека Семето спомнато во 1. Мојсеева 3:15 (NW), месијанскиот ослободител, ќе дојде преку лозата на Авраам. Какво само скапоцено наследство било тоа!
7. Како Авраам, Исак и Јаков покажале ценење за своето наследство?
7 Авраам не го знаел значењето на она што го правел Јехова тогаш; ниту, пак, го знаеле тоа неговиот син Исак или внук му Јаков, кои станале „наследници на истото ветување“. Но, сите тие имале доверба во Јехова. Тие не се приврзале кон некој од градовите-царства во земјата бидејќи очекувале нешто подобро — „град, што има [вистински, NW] основи и чиј градител и творец е Бог“ (Евреите 11:8—10, 13—16). Сепак, сите од потомството на Авраам не ја ценеле скапоценоста на наследството кое било ставено на располагање преку Авраам.
Некои кои го презреле наследството
8. Како Исав покажал дека не ја ценел скапоценоста на своето наследство?
8 Исав, постариот син на Исак, како првороден пропуштил да го цени правото на првородство. Тој не ги ценел светите работи. Затоа, кога еден ден Исав бил гладен, му го продал на брата си Јаков своето право како првороденец. За што? Во замена за еден оброк од леб и вариво од леќа! (1. Мојсеева 25:29—34; Евреите 12:14—17). Нацијата, преку која ќе бидат исполнети Божјите ветувања на Авраам, потекнала од Јаков чие име Бог го сменил во Израел. Какви прилики им отворило тоа специфично наследство?
9. Поради своето духовно наследство, какво избавување доживеало потомството на Јаков, односно Израел?
9 Во текот на еден период на глад, Јаков и неговото семејство се преселиле во Египет. Таму се намножиле и станале многубројни, но станале и робови. Меѓутоа, Јехова не го заборавил својот сојуз со Авраам. Во свое одредено време Бог ги ослободил синовите на Израел од ропство и ги информирал дека ќе ги однесе во „земја, каде што тече мед и млеко“, земјата што му ја ветил на Авраам (2. Мојсеева 3:7, 8; 1. Мојсеева 15:18—21).
10. До каков извонреден развој на настаните дошло на гората Синај во врска со наследството на синовите на Израел?
10 Кога синовите на Израел биле на пат кон Ветената земја, Јехова ги собрал на гората Синај. Таму им рекол: „Ако го слушате гласот Мој и го пазите заветот мој, ќе ми бидете народ избран меѓу сите народи, зашто Моја е земјата цела. И вие ќе ми бидете царство на свештеници и народ свет [света нација, NW]“ (2. Мојсеева 19:5, 6). Откако народот доброволно и едногласно се сложил со ова, Јехова им го дал својот Закон — нешто што не го сторил со ниеден друг народ (Псалм 147:8, 9).
11. Кои се некои од скапоцените работи што биле вклучени во духовното наследство на синовите на Израел?
11 Какво само духовно наследство имала таа нова нација! Го обожавале единствениот вистински Бог. Тој ги избавил од Египет и биле очевидци на настани кои влеваат страв кога бил даден Законот на гората Синај. Нивното наследство понатаму се зголемувало додека преку пророците добивале додатни ‚Божји свети објави‘ (Римјаните 3:1, 2, NW). Нив Јехова ги назначил да бидат негови сведоци (Исаија 43:10—12). Месијанското Семе требало да се појави во нивната нација. Законот кој укажувал на него, требало да го идентификува, и да им помогне да ја сфатат потребата од него (Галатјаните 3:19, 24). Освен тоа, ним би им била дадена приликата да служат во поврзаност со тоа месијанско Семе како царство на свештеници и света нација (Римјаните 9:4, 5).
12. Иако влегле во Ветената земја, што пропуштиле да доживеат Израелците? Зошто?
12 Верно на своето ветување, Јехова ги одвел Израелците во Ветената земја. Но, како што подоцна објаснил апостол Павле, поради нивниот недостиг на вера таа земја не се покажала во вистинска смисла „место на починка“ (NW). Како народ, тие не влегле во „Божјата починка“ (NW) бидејќи пропуштиле да ја согледаат и да работат во склад со намерата на Божјиот сопствен ден на починка, кој започнал после создавањето на Адам и Ева (Евреите 4:3—10).
13. Над што изгубил право Израел како нација заради пропустот да го цени своето духовно наследство?
13 Природниот Израел можел да го обезбеди целосниот број на оние кои ќе имаат удел со Месијата во неговото небесно Царство како царство на свештеници и света нација. Но, тие не го ценеле своето скапоцено наследство. Само еден остаток од природни Израелци го прифатиле Месијата кога дошол. Како резултат на тоа, само мал број од нив биле вклучени во претскажаното царство на свештеници. Царството било одземено од природниот Израел и било ‚дадено на нацијата која ги донесува неговите плодови‘ (Матеј 21:43, NW). Која е таа нација?
Наследство на небесата
14, 15. а) После смртта на Исус, како нациите почнале да се благословуваат преку „семето“ на Авраам? б) Што добиваат во наследство членовите на „Израилот Божји“?
14 Нацијата на која ѝ било дадено Царството е „Израилот Божји“, духовниот Израел, составен од 144.000 следбеници на Исус Христос родени со дух (Галатјаните 6:16; Откровение 5:9, 10; 14:1—3). Некои од тие 144.000 биле природни Евреи, но повеќето биле од нееврејските нации. На тој начин почнало да се исполнува ветувањето кое му го дал Јехова на Авраам, дека преку неговото „семе“ (NW) ќе бидат благословени сите нации (Дела 3:25, 26; Галатјаните 3:8, 9). Во тоа почетно исполнување, луѓето од нациите биле помазани со свет дух и усвоени од Јехова Бог како духовни синови, браќа на Исус Христос. На тој начин и тие станале второстепен дел од тоа „семе“ (Галатјаните 3:28, 29).
15 Пред својата смрт, на потенцијалните еврејски членови на таа нова нација Исус им го најавил новиот сојуз, кој требало да стане полноважен преку неговата сопствена крв. На темел на нивната вера во таа полноважна жртва, оние кои биле земени во тој сојуз требало да бидат направени „совршени“ (Евреите 10:14—18). Тие можеле да бидат ‚прогласени за праведни‘ (NW) и нивните гревови да бидат простени (1. Коринтјаните 6:11). Така, во таа смисла тие се како и Адам пред да згреши. Меѓутоа, тие нема да живеат во земниот рај. Исус рекол дека ќе оди за да им приготви место на небото (Јован 14:2, 3). Тие се откажуваат од своите земни изгледи за да имаат ‚наследство запазено на небесата за нив‘ (1. Петрово 1:4). Што прават таму? Исус објаснил: „Склучувам со вас сојуз . . . за царство“ (Лука 22:29, NW).
16. Каква прекрасна задача во службата лежи за помазаните христијани?
16 Од небесата, оние кои ќе владеат со Христос, меѓу другото, ќе ги отстранат од Земјата сите траги од побуната против Јеховиниот суверенитет (Откровение 2:26, 27). Како второстепен дел од духовното семе на Авраам, тие ќе учествуваат во донесувањето на благословот — живот во совршенство за луѓето од сите нации (Римјаните 8:17—21). Какво само скапоцено наследство имаат тие! (Ефесјаните 1:16—18).
17. Кои аспекти од своето наследство ги уживаат помазаните христијани додека сѐ уште се на Земјата?
17 Но, наследство на Исусовите помазани следбеници не е само за во иднина. На начин на кој никој друг не можел, Исус им помогнал да го запознаат Јехова, единствениот вистински Бог (Матеј 11:27; Јован 17:3, 26). Со збор и со пример, тој ги научил што се мисли со ‚доверба во Јехова‘ (NW) и што вклучува послушноста кон Јехова (Евреите 2:13; 5:7—9). Исус им доверил спознание за вистината во врска со Божјата намера и ги уверил дека светиот дух ќе ги води до едно поцелосно разбирање (Јован 14:24—26). Во нивните мисли и срца ја врежал важноста на Божјето Царство (Матеј 6:10, 33). Исто така, Исус им ја доверил задачата да сведочат и да прават ученици од луѓето во Ерусалим, Јудеја, Самарија, па сѐ до најоддалечените делови од Земјата (Матеј 24:14; 28:19, 20; Дела 1:8).
Скапоцено наследство за едно големо мноштво
18. На кој начин се исполнува денес Јеховиното ветување дека сите нации ќе бидат благословени преку „семето“ на Авраам?
18 Веројатно, целосниот број на духовниот Израел, тоа „мало стадо“ од наследници на Царството, веќе е избран (Лука 12:32). Веќе со децении Јехова го свртува вниманието кон собирањето на едно големо мноштво други од сите нации. На тој начин, ветувањето кое Јехова му го дал на Авраам дека преку неговото „семе“ ќе бидат благословени сите нации се исполнува во голема мера. Радосно е тоа што овие благословени исто така му принесуваат света служба на Јехова и признаваат дека нивното спасение зависи од верата во Јагнето Божје, Исус Христос (Откровение 7:9, 10). Дали си ја прифатил Јеховината љубезна покана да бидеш дел од таа среќна група?
19. Кое наследство го очекуваат оние од нациите кои сега се благословени?
19 Какво скапоцено наследство им нуди Јехова на оние кои не се од малото стадо. Не, тоа не е наследство на небесата. Тоа е наследството кое можел Адам да му го предаде на своето потомство — изгледот за вечен живот во совршенство во рај кој постепено ќе ја опфати целата Земјина топка. Тоа ќе биде свет во кој „смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе“ (Откровение 21:4). Значи, Божјата инспирирана реч тебе ти вели: „Надевај се на [Имај доверба во, NW] Господа и прави добро; живеј на земјата и таа ќе те храни изобилно. Утешувај се со Господа, и Он ќе ти даде срцето твое што ќе посака. Уште малку, и грешникот ќе го нема . . . А кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир. Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно“ (Псалм 36:3, 4, 10, 11, 29).
20. Како ‚другите овци‘ уживаат голем дел од духовното наследство на помазаните христијани?
20 Исусовите „други овци“ имаат наследство во земното подрачје на небесното Царство (Јован 10:16а). Иако тие нема да бидат на небесата, голем дел од духовното наследство кое го уживаат помазаниците им е предадено ним. Преку колективното тело на помазаниот ‚верен и разборит роб‘ (NW), на другите овци им е отворено разбирање за скапоцените ветувања кои се наоѓаат во Божјата реч (Матеј 24:45—47; 25:34). Заедно, помазаниците и другите овци го познаваат и го обожаваат единствениот вистински Бог, Јехова (Јован 17:20, 21). Заедно, тие му благодарат на Бог за гревоискупувачката вредност на Исусовата жртва. Служат заедно како едно стадо под еден Пастир, Исус Христос (Јован 10:16б). Сите тие се дел од едно глобално братство полно со љубов. Заедно учествуваат во предноста да бидат Сведоци на Јехова и на неговото Царство. Да, ако си предаден и крстен слуга на Јехова, сево ова е вклучено во твоето духовно наследство.
21, 22. Како сите ние можеме да покажеме дека високо го цениме нашето духовно наследство?
21 Колку ти е скапоцено тебе ова духовно наследство? Дали доволно го цениш за вршењето на Божјата волја да го направиш најважното нешто во својот живот? Како доказ за тоа, дали внимаваш на советот од неговата Реч и од неговата организација редовно да присуствуваш на сите состаноци на христијанското собрание? (Евреите 10:24, 25). Дали тоа наследство ти е од толкава вредност што продолжуваш да му служиш на Бог и покрај тешкотиите? Дали твоето ценење за него е доволно силно за да те зајакне да се спротивставиш на секое искушение да се стремиш по правец кој би можел да те наведе да го изгубиш правото на него?
22 Нека сите ние високо го цениме духовното наследство кое ни го дал Бог. Додека ги држиме очите цврсто фиксирани на Рајот што стои пред нас, целосно да учествуваме во духовните предности кои Јехова ни ги дава сега. Ако навистина го градиме животот околу нашиот однос со Јехова, даваме уверлив доказ за тоа колку ни е всушност скапоцено нашето наследство дадено од Бог. Да бидеме меѓу оние кои изјавуваат: „Ќе Те превознесувам, Боже мој, Цару мој, и ќе го благословувам името Твое сега, секогаш и во сите векови“ (Псалм 144:1).
Како би објаснил?
• Ако Адам му бил лојален на Бог, какво наследство ќе ни предал?
• Како постапило потомството на Авраам со наследството кое му било на располагање?
• Што е вклучено во наследството на Христовите помазани следбеници?
• Што е наследството на големото мноштво, и како тоа може да покаже дека навистина го цени?
[Слики на страница 20]
Потомството на Авраам добило ветување за скапоцено наследство
[Слики на страница 23]
Дали го цениш твоето духовно наследство?