Животна приказна
Благословена со посебно наследство
РАСКАЖАЛА КЕРОЛ АЛЕН
Бев сама, стискајќи ја во рацете мојата убава нова книга. Ме фати страв и почнаа да ми течат солзи по лицето. Впрочем, бев само седумгодишно девојче изгубено во непознат град, опколено со десетици илјади луѓе!
НЕОДАМНА, речиси после 60 години, ми надојдоа живи спомени од ова искуство од детството, а поводот за тоа беше посетата што ја направивме со мојот сопруг Пол на прекрасниот Образовен центар Watchtower во Патерсон (Њујорк). Тој беше поканет таму за да присуствува на вториот клас од школата за патувачки надгледници на Јеховините сведоци.
Додека го разгледувавме сончевиот хол, забележав една голема изложба со натпис „КОНГРЕСИ“. Близу до средината имаше една стара црно-бела фотографија со деца кои возбудено мавтаат со своите примероци на книгата од моето детство! Брзо го прочитав текстот под сликата: „1941 — Во Ст. Луис (Мисури), кога започна утринската сесија, 15.000 деца — на возраст меѓу 5 и 18 години — беа собрани во главната арена веднаш пред подиумот . . . Брат Ратерфорд го најави излегувањето на новата книга Деца“.
На секое дете му беше даден личен примерок. Потоа децата се вратија на местата каде што седеа нивните родители — сите освен јас. Се загубив! Еден пријателски настроен редар ме зеде, ме стави на една висока кутија за доброволни прилози и ми рече да барам некого кого го познавам. Загрижено го набљудував мноштвото кое се слеваше по широките скали. Одненадеж, здогледав едно познато лице! „Чичко Боб! Чичко Боб!“ Ме пронајдоа! Боб Рајнер ме однесе горе каде што ме чекаа моите загрижени родители.
Рани настани кои го обликуваа мојот живот
Додека ја гледав изложбата ми надојдоа цел порој спомени — настани кои го обликуваа мојот живот и доведоа до тоа да се најдеме во овој прекрасен објект во Патерсон. Во мислите ми навираа настани од пред повеќе од сто години, работи за кои слушав особено од баба ми и дедо ми и од моите родители.
Во декември 1894 еден полновремен министер на Библиските студенти, како што тогаш биле познати Јеховините сведоци, го посетил Клејтон Џ. Вудворт, мојот дедо по татко ми, во неговиот дом во Скрантон (Пенсилванија, САД). Клејтон бил штотуку оженет. Тој му напишал писмо на Чарлс Тејз Расел, претседателот на Watch Tower Bible and Tract Society, кое било објавено во Стражарска кула од 15 јуни 1895. Таму објаснил:
„Ние сме млади сопруг и сопруга, членови на номиналната црква веќе речиси десет години; но кои во моментов, веруваме, истапуваат од нејзината темнина во светлината на новиот ден што сега самнува за посветените деца на Највишиот . . . Уште долго пред да се сретнеме, наша срдечна желба беше да можеме да му служиме на Господ, ако е негова волја, како мисионери на странско поле“.
Подоцна, во 1903, Себастијан и Кетрин Крезги, моите прадедо и прабаба по мајка ми, среќно ја сослушале пораката која им ја донеле двајца претставници на Watch Tower на големата фарма на којашто живееле, во прекрасните планини Поконо во Пенсилванија. Таму живееле и нивните ќерки, Кора и Мери, со своите сопрузи Вашингтон и Едмунд Ховел. Карл Хамерли и Реј Ретклиф, претставници на Watch Tower, останале кај нив цела седмица, поучувајќи ги за многу работи. Сите шест члена на ова семејство слушале, проучувале и набрзо станале ревносни Библиски студенти.
Истата година, 1903, на Кора и Вашингтон Ховел им се родила ќерка по име Кетрин. Приказната за тоа како се омажила за татко ми, Клејтон Џ. Вудворт јуниор, е интересна и, верувам, значајна. Таа го открива љубезниот увид и родителската грижа на дедо ми Клејтон Џ. Вудворт, сениор.
Татко ми добива љубезна помош
Татко ми, Клејтон јуниор, е роден во Скрантон во 1906, на оддалеченост од околу 80 километри од фармата на Ховелови. Во тие рани години, дедо Вудворт добро се знаел со големото семејство Ховел, и честопати уживал во нивната прочуена гостољубивост. Тој бил од голема помош за собранието на Библиските студенти во тоа подрачје. Со текот на времето, дедо ми бил замолен да ги венча тројцата синови на Ховелови и, имајќи ја на ум благосостојбата на својот сопствен син, тој не пропуштал да го земе со себе на секоја од овие венчавки.
Татко ми во тоа време не бил активно вклучен во службата на Библиските студенти. Точно, го возел дедо ми кога тој ги правел своите службени посети, но и покрај охрабрувањето од дедо ми, татко ми немал и самиот активен удел. Во тоа време, интересите на татко ми кон музиката ги истиснале сите други интереси, и тој напредувал кон професионална кариера.
Кетрин, ќерката на Кора и Вашингтон Ховел, исто така станала вешт музичар — свирела и поучувала пијано. Но, токму кога ѝ се отворала можност за остварување професионална кариера, таа ја отфрлила таа амбиција и почнала да учествува во полновремена служба. Дедо ми не можел да има на ум подобра другарка за својот син — барем од моја гледна точка! Татко ми се крстил, и после шест месеци — во јуни 1931 — се венчал со мајка ми.
Дедо ми отсекогаш беше горд на музичките способности на својот син. Беше многу среќен кога татко ми беше замолен да го обучува јадрото на големиот конгресен оркестар за меѓународниот конгрес во Кливленд (Охајо) во 1946 година. Следните години татко ми диригираше со оркестарот на голем број други конгреси на Јеховините сведоци.
Испитот и затворскиот живот на дедо ми
Во холот на Патерсон, Пол и јас наидовме и на изложбата каде што стоеше сликата која можете да ја видите на следната страница. Веднаш ја препознав таа слика, бидејќи дедо ми ми испрати иста таква пред повеќе од 50 години. Тој е оној што стои сосема десно.
За време на патриотската хистерија поврзана со I светска војна, овие осуммина Библиски студенти — вклучувајќи го и Џозеф Ф. Ратерфорд (кој седи во средината), претседателот на Watch Tower Society — биле неправедно затворени и држени в затвор без право на кауција. Оптужбите против нив се сосредоточувале на изјавите во седмиот том од Studies in the Scriptures (Студии на Писмото), со наслов The Finished Mystery (Свршена тајна). Изјавите биле неисправно сфатени како охрабрување Соединетите Држави да не учествуваат во I светска војна.
Во текот на многу години, Чарлс Тејз Расел ги напишал првите шест тома од Студии на Писмото, но умрел пред да успее да го напише седмиот. Затоа, неговите забелешки му биле дадени на дедо ми и на еден друг Библиски студент, и тие го напишале седмиот том. Бил објавен во 1917, пред да заврши војната. На судењето, дедо ми и повеќето од другите биле осудени на четири истовремени казни од по 20 години.
Во текстот под сликата во холот на Патерсон е објаснето: „Девет месеци откако Ратерфорд и неговите соработници беа осудени — и откако заврши војната — на 21 март 1919, апелациониот суд нареди да се пуштат со кауција сите осуммина оптужени, и на 26 март беа пуштени во Бруклин со кауција од по 10.000 долари за секој од нив. На 5 мај 1920, Џ. Ф. Ратерфорд и другите беа ослободени од обвиненијата“.
Откако биле осудени, но пред да бидат испратени во федералниот затвор во Атланта (Џорџија), осуммината ги поминале првите неколку дена во затворот на улицата Рејмонд во Бруклин (Њујорк). Оттаму дедо ми дал опис на ќелијата во која биле ставени, голема 1,8 на 2,4 метри, „среде ужасна нечистотија и неред“. Тој забележал: „Имаш куп весници, и ако во почетокот си склон да не мислиш многу за нив, наскоро ќе сфатиш дека во оваа хартија и сапун и пешкир за миење, лежи твојата единствена шанса за чистота и самопочит“.
Сепак, дедо ми ја задржал смислата за хумор, и го нарекол затворот „Hôtel de Raymondie“, забележувајќи: „Ќе си заминам оттука оној момент кога ќе ми истече пансионот“. Ги опишал и своите прошетки во дворот. Еднаш кога за момент застанал да го исчешлаат, еден џепчија му го истргнал џебниот часовник, но како што напишал: „Синџирот се скрши и го спасив“. Кога го посетив бруклинскиот Бетел во 1958, Грант Сјутер, тогашниот секретар—благајник на Watch Tower Society, ме викна во неговата канцеларија и ми го даде тој часовник. Сѐ уште го чувам.
Ефект врз татко ми
Кога во 1918 дедо ми бил неправедно осуден, татко ми имал само 12 години. Баба ми го заклучила домот и го зела него за да живеат кај мајка ѝ и нејзините три сестри. Моминското презиме на баба ми било Артур, и семејството гордо тврдело дека еден од нивните роднини, Честер Алан Артур, бил 21. претседател на Соединетите Држави.
Откако дедо ми Вудворт добил долга казна за наводните злосторства против Соединетите Држави, Артурови очигледно сметале дека тој го посрамотил нивното семејно име. Во емотивен поглед тоа било болно време за татко ми. Можеби таквото однесување било причина за колебливоста што ја имал во почетокот кон учеството во јавната служба.
Кога дедо ми бил пуштен од затвор, го преселил своето семејство во една голема куќа со релјефна фасада на улицата Квинси во Скрантон. Како дете, добро ја запознав и неа — и убавите порцелански чинии на баба ми. Ги нарекувавме нејзини свети чинии, бидејќи никој освен баба ми не смееше да ги мие. Откако во 1943 баба ми умре, мајка ми честопати канеше гости и ги користеше тие прекрасни чинии.
Зафатени во службата за Царството
Еден друг ден во Патерсон наидов на слика од брат Ратерфорд кога зборувал на конгресот во Седар Поинт (Охајо) во 1919 година. Таму тој ги поттикнал сите ревносно да учествуваат во објавувањето на Божјето Царство и да го користат Златен век, новото списание кое излегло на тој конгрес. Дедо ми бил назначен за издавач, и тој пишуваше статии за него сѐ до 1940-тите, кратко пред да умре. Во 1937 името на тоа списание се смени во Утеха, а во 1946 во Разбудете се!
Дедо ми пишуваше и дома во Скрантон и во централата на Watch Tower на околу 240 километри во Бруклин, минувајќи во секое од тие места по две седмици. Татко ми вели дека се сеќава како машината за чукање на дедо ми многупати се слушала во пет часот наутро. Покрај тоа, дедо ми сериозно си ја сфаќал и одговорноста да учествува во активноста на јавното проповедање. Всушност, тој дизајнирал машки елек со големи внатрешни џебови кој можел да ја собере библиската литература. Мојата 94-годишна вујна Наоми Ховел сѐ уште има еден таков елек. Исто така, тој дизајнирал женска чанта за книги.
Еднаш, после една жива библиска дискусија, партнерот за служба му рекол на дедо ми: „К. Џ., ти направи една грешка“.
„Каква грешка?“ прашал дедо ми. Го проверил својот елек. Обата џеба му биле празни.
„Заборави да му понудиш претплата на Златен век.“ Добро се изнасмеале заради тоа што издавачот заборавил да го понуди своето списание.
Спомени од детството
Се сеќавам дека како дете седев во скутот на дедо ми, држејќи ја мојата мала рака во неговата додека тој ми ја кажуваше „Приказната за прстите“. Почнувајќи со „палецот Тами“ и префрлувајќи се на „показалецот Питер“, тој имаше да каже за секој прст по нешто посебно. Потоа, додека внимателно ќе ги опфатеше сите прсти заедно ја даваше поуката: „Најдобро работат заедно сите, кога секое им помага на другите“.
Откако се венчале, моите родители се преселиле во Кливленд (Охајо) и станале блиски пријатели со Ед и Мери Хупер. Нивните семејства биле Библиски студенти уште од почетокот на векот. Моите родители и чичко Ед и тетка Мери, како што ги викав, беа неразделни. Хуперови го изгубиле своето единствено бебе, девојченце, па затоа кога во 1934 сум се родила јас, им станав нивна посебна „ќерка“. Одгледана во една таква духовно богата средина, му се предадов на Бог и се крстив уште пред да наполнам осум години.
Читањето на Библијата беше дел од моите рани години. Описот на животот во новиот свет во Исаија 11:6—9 ми беше еден од моите омилени библиски стихови. Првиот мој обид да ја прочитам целата Библија беше во 1944, откако го добив мојот личен примерок од American Standard Version, објавена како едно посебно издание на конгресот во Бафало (Њујорк). Колку само бев возбудена да го читам овој превод во кој Божјето име, Јехова, беше вратено на своето исправно место речиси 7.000 пати во „Стариот завет“.
Викендите беа среќни времиња. Моите родители и Хуперови ме земаа со себе кога сведочеа во селските подрачја. Ќе спакувавме ручек и правевме пикник покрај некој поток. Потоа ќе отидевме на нечија фарма каде ќе се одржеше предавање под ведро небо на кое ги поканувавме сите соседи. Животот беше едноставен. Се радувавме како семејства. Извесен број од тие рани пријатели на нашето семејство подоцна станаа патувачки надгледници, вклучувајќи ги Ед Хупер, Боб Рајнер и неговите два сина. Ричард Рајнер сѐ уште е во тоа дело, придружуван од неговата сопруга Линда.
Летата беа особено среќни. Престојував на фармата на Ховелови кај моите братучеди. Во 1949 братучетка ми Грејс се омажи за Малколм Ален. Во тие години не ми беше ни на крај памет дека ќе се омажам за брат му. Мојата помала братучетка Марион беше мисионерка во Уругвај. Таа во 1966 се омажи за Хауард Хилборн. Обете овие мои братучетки многу години со своите сопрузи служеа во централата во Бруклин.
Дедо ми и моето матурирање
Во годините кога бев во гимназија, дедо ми радо се допишуваше со мене. Неговите писма вклучуваа многу стари семејни фотографии со детални белешки отчукани одзади, каде пишуваше за семејната историја. На тој начин, всушност, добив копија од фотографијата од него и од другите кои биле неправедно ставени в затвор.
На крајот од 1951, на дедо ми му беше отстранет гркланот поради рак. И покрај тоа, неговата остроумност не беше оштетена, но зборовите мораше да ги запишува во едно мало тефтерче кое го носеше со себе. Мојот клас во гимназијата требаше да матурира во средината на семестарот, во јануари 1952. Во почетокот на декември, му испратив на дедо ми нацрт од мојот говор на промоцијата. Тој направи некои уводни забелешки и потоа на последната страница ми напиша два збора кои ме погодија в срце: „Дедо е восхитен“. Тој го заврши својот земен пат на 81 година, на 18 декември 1951.a Сѐ уште го чувам тој избледнет нацрт од мојот говор на промоцијата со оние два збора на последната страница.
Веднаш по матурирањето, стапив во пионерска служба, како што го нарекуваат Јеховините сведоци полновременото проповедничко дело. Во 1958, присуствував на мамутскиот конгрес во Њујорк Сити, каде што стадионите Јенки и Поло Граундз беа исполнети со највисок број од 253.922 лица од 123 земји. Таму еден ден сретнав делегат од Африка кој носеше конгресна значка на која пишуваше „Вудворт Милс“. Околу 30 години пред тоа, името го добил по дедо ми!
Среќна заради моето наследство
Кога имав 14 години, мајка ми почна повторно да пионери. Таа умре 40 години после тоа, во 1988, и сѐ уште беше пионер! Татко ми учествуваше во пионерското дело кога можеше. Почина девет месеци пред мајка ми. Оние со кои проучувавме ни станаа драги доживотни пријатели. Некои од нивните синови отидоа да служат во централата во Бруклин, а други стапија во пионерското дело.
За мене 1959 беше една многу значајна година. Тогаш се запознав со Пол Ален. Тој бил наименуван за патувачки надгледник во 1946 кога дипломирал на седмиот клас на Гилеад, школа за обучување мисионери на Јеховините сведоци. Во времето кога се запознавме, ниту еден од нас не знаеше дека следната доделба на Пол ќе биде Кливленд (Охајо), каде што пионерев јас. Татко ми го сакаше Пол, а и мајка ми. Се венчавме во јули 1963 на фармата на Ховелови, опкружени со нашите семејства, каде што говорот го одржа Ед Хупер. Тоа беше сон кој стана реалност.
Пол никогаш не поседувал своја кола. Кога го напуштивме Кливленд за да одиме на неговата следна доделба, сѐ што имавме натоваривме во мојот фолксваген. Честопати пријателите навраќаа во понеделник — денот кога се селевме во друго собрание — да гледаат како се товариме. Беше како циркуска изведба да се види како куфери, актовки, картонски кутии, машина за чукање итн. ги снемува во таа мала кола.
Заедно со Пол пропатувавме безброј километри, радувајќи се на убавите времиња и истрајувајќи во тешките времиња на сегашниов живот — сѐ правевме со силата што само Јехова може да ја даде. Годините ни беа среќни, исполнети со љубов кон Јехова, еден кон друг и кон старите и новите пријатели. Двата месеца што ги поминавме во Патерсон, додека Пол добиваше обука, се врвна точка во нашиот досегашен живот. Тоа што одблизу ја набљудував Јеховината земна организација уште еднаш го потврди уверувањето што ми беше предадено како дел од моето скапоцено духовно наследство: Ова навистина е Божја организација. Колкава само радост е да се биде дури и само еден мал дел од неа!
[Фуснота]
a Види го англиското издание на Стражарска кула од 15 февруари 1952, страница 128.
[Слика на страница 25]
Со Ед Хупер кратко пред конгресот во Ст. Луис во 1941 каде добив личен примерок од книгата „Деца“
[Слика на страница 26]
Дедо ми во 1948
[Слика на страница 26]
На фармата на Ховелови кога се венчале моите родители (во средината)
[Слика на страница 27]
Осуммината Библиски студенти кои биле неправедно затворени во 1918 (дедо ми стои сосема десно)
[Слика на страница 29]
Сите наши световни добра собрани во нашиот фолксваген
[Слика на страница 29]
Со мојот сопруг Пол