По што го мериш успехот?
ЕДЕН речник го дефинира успехот како „постигнување богатство, одобрување или углед“. Дали оваа дефиниција е комплетна? Дали богатството, одобрувањето или угледот се единствените мерила за успех? Пред да одговориш, размисли за ова: додека бил жив, Исус Христос не стекнал материјално богатство. Тој не стекнал одобрување од повеќето луѓе; ниту, пак, бил високо ценет од оние кои го диктирале трендот во негово време. Сепак, Исус бил успешен човек. Зошто?
Додека бил на Земјата, Исус бил „богат пред Бога“ (Лука 12:21). По неговото воскресение, Бог го наградил така што го овенчал „со слава и чест“. Јехова го возвишил својот Син ‚на повисока положба и љубезно му дал име кое е над секое друго име‘ (Евреите 2:9; Филипјаните 2:9). Исусовиот животен правец го израдувал Јеховиното срце (Пословици 27:11). Неговиот живот на Земјата бил успешен бидејќи ја постигнал својата цел. Исус ја извршил Божјата волја и му донел чест на Неговото име. Бог пак, од своја страна, го почестил Исус со такво богатство, одобрување и углед какво што ниеден академик, политичар или спортска ѕвезда нема никогаш да ги постигне. Исус бил навистина најуспешниот човек кој некогаш одел по Земјата.
Христијанските родители сфаќаат дека ако нивните млади ги следат Христовите стапки, станувајќи богати пред Бог во онаа смисла во којашто бил Исус, ќе пожнеат богати благослови сега и ќе уживаат незамисливи награди во претстојниот систем на работи. Не постои подобар начин една млада личност да ги следи Христовите стапки отколку да го врши делото што го вршел Исус — ако е возможно, да учествува во полновремената служба.
Меѓутоа, во некои култури преовладува обичај младите да не стапуваат во полновремена служба. Кога еден млад човек ќе заврши со школувањето, од него може да се очекува да најде работа со полно работно време, да стапи во брак и да води еден нормален живот. Понекогаш, младите луѓе кои потекнуваат од таква средина погрешно се воздржуваат да стапат во полновремена служба (Пословици 3:27). Зошто? Затоа што поради притисокот се приспособуваат кон мерилата кои преовладуваат во таа култура. Тоа се случило со Роберт.a
Кога се судруваат културата и совеста
Роберт бил воспитан како Јеховин сведок. Во своите тинејџерски години, неговото однесување и избор на другари не биле баш пожелни. Мајка му почнала да се загрижува за него. Затоа замолила еден пионер, полновремен министер на Јеховините сведоци, да го охрабри. Роберт објаснува што се случило потоа.
„Навистина го ценев интересот што го покажуваше братот пионер за мене. Неговиот добар пример ме наведе да сакам да започнам со пионерење како кариера веднаш штом ќе го завршам училиштето. Тогаш мајка ми повторно се загрижи — но од друга причина. Знаете, во нашата култура е сосема во ред една девојка да почне да пионери веднаш кога ќе го заврши училиштето, но од момчето се очекува најпрвин да се обезбеди финансиски, и дури потоа може да размислува за пионерење.
Научив занает и започнав сопствен бизнис. Набрзо бев толку длабоко заплеткан во бизнисот што само механички одев на состаноци и проповедав. Почна да ме гризе совеста — знаев дека можам да му служам на Јехова во уште поцелосна мера. Сепак, беше вистинска борба да се ослободам од она што другите го очекуваа од мене, но среќен сум што успеав. Сега сум оженет, и веќе две години со сопругата сме пионери. Неодамна бев наименуван за слуга помошник во собранието. Можам искрено да кажам дека сега чувствувам вистинско задоволство додека му служам на Јехова со сето срце, со целиот мој потенцијал.“
Ова списание секогаш одново ги охрабрува младите да научат некој занает или да стекнат некои корисни квалификации — додека сѐ уште одат на училиште, ако е можно. Со каква цел? Да се збогатат? Не. Првенствена причина е тоа што ќе можат самите на исправен начин да се издржуваат како возрасни и да му служат на Јехова колку што можат поцелосно, особено во полновремена служба. Но, честопати се случува младите мажи и жени толку да се заплеткаат во стремењето кон световна кариера што се намалува важноста на службата. Некои не ни помислуваат да стапат во полновремена служба. Зошто?
Коментарите на Роберт фрлаат светлина врз оваа тема. Откако научил занает, Роберт започнал бизнис. Набрзо, се нашол на една симболична подвижна лента која не го водела никаде. Целта му била финансиски да се обезбеди. Но, дали некој внатре или надвор од христијанското собрание некогаш во потполност ја постигнува таа цел? Христијаните треба да настојуваат да бидат финансиски одговорни, марливо да се грижат за своите финансиски обврски; но треба и да сфатат дека во овие несигурни времиња, малкумина воопшто достигнуваат ниво на кое сметаат дека се навистина финансиски обезбедени. Затоа Исусовото ветување запишано во Матеј 6:33 е толку утешително за христијаните.
Роберт е среќен што решил да ги следи желбите на своето срце наместо она што му го диктира неговата култура. Денес тој ужива кариера на полновремена служба. Да, полновремената служба е почесна кариера. Роберт има мир во себе бидејќи му служи на Јехова, како што вели тој, ‚со целиот свој потенцијал‘.
Искористи ги најдобро своите таленти
Меѓу Јеховините сведоци има многу надарени луѓе. Некои имаат извонредни интелектуални способности; други се талентирани во физички активности. Сите овие дарови доаѓаат од Јехова кој „им дава на сите живот и здив и сѐ“ (Дела 17:25). Без животот, овие дарови не би имале никаква вредност.
Тогаш, сосема е пригодно животот што сме му го предале на Јехова да го користиме во службата за него. Тоа решил да го прави и еден талентиран млад човек. Тој живеел во првиот век н.е. Како член на едно угледно семејство, младоста ја поминал во добро познатиот град Тарс во Киликија. Иако по раѓање бил Евреин, од својот татко наследил римско граѓанство. Тоа му донело многу права и привилегии. Кога пораснал, го студирал Законот кај еден од најпрочуените „професори“ од тоа време — Гамалиел. Се чинело дека набрзо ќе стекне „богатство, одобрување и углед“ (Дела 21:39; 22:3, 27, 28).
Кој бил овој млад човек? Се викал Савле. Но, Савле станал христијанин и на крај апостол Павле. Тој ги оставил своите првобитни амбиции, и целиот свој живот ѝ го посветил на Јеховината служба како христијанин. Павле станал познат, не како истакнат правник туку како ревносен проповедник на добрата вест. Откако поминал речиси 30 години како мисионер, Павле им напишал писмо на своите пријатели во Филипи. Во него направил преглед на некои од своите минати достигнувања пред да стане христијанин, и потоа рекол: „Поради [Исус Христос] ја прифатив загубата на сите работи и ги сметам за куп смет за да го добијам Христос“ (Филипјаните 3:8). Не, Павле не жалел за начинот на кој го искористил својот живот!
А што е со обучувањето кое го добил Павле од Гамалиел? Дали некогаш му користело? Да! Тој во неколку прилики придонел за „одбраната и законското утврдување на добрата вест“. Но, главната работа на Павле била да биде проповедник на добрата вест — нешто што не би можел никогаш да го научи од своето претходно школување (Филипјаните 1:7; Дела 26:24, 25).
Слично и денес, некои можат да ги користат своите дарови и таленти, па дури и своето образование за унапредување на интересите на Царството. Ејми, на пример, поседува две универзитетски дипломи: една за трговија, а друга за право. Некогаш имала доходовна работа во некоја правна фирма, но денес служи како неплатен доброволен министер во една од канцелариите на подружниците на Watch Tower Society. Еве како таа го опишува својот сегашен живот: „Верувам дека го направив најдобриот можен избор во животот . . . Немам желба да си го сменам местото со ниту еден од моите универзитетски колеги. Горда сум на правецот што го избрав. Имам сѐ што ми треба и што сакам — задоволен, среќен живот и кариера која ме исполнува и ми донесува задоволство“.
Ејми избрала правец кој ѝ донел душевен мир, задоволство и Јеховин благослов. Сигурно дека христијанските родители не сакаат ништо помалку за своите деца!
Успех во христијанската служба
Се разбира, животоважно е да имаме исправно гледиште за успехот во самата христијанска служба. Не е тешко да се чувствуваме успешни кога сме си поминале убаво во службата, сме дале библиска литература или сме ги вовеле станарите во поттикнувачки библиски дискусии. Но, ако ретко наоѓаме уво кое слуша, би можеле да бидеме искушани да дојдеме до заклучок дека само си го трошиме времето. Но, запомни дека една од дефинициите за успех е ‚постигнување одобрување‘. Чие одобрување сакаме ние да го стекнеме? Јеховиното, се разбира. Можеме да го добиеме сеедно дали луѓето ја слушаат нашата порака или не. Исус им дал на своите ученици една вредна лекција во тој поглед.
Ќе се сетиш дека Исус испратил 70 проповедници на Царството ‚во секој град и место каде што и самиот имал намера да дојде‘ (Лука 10:1). Тие требало да проповедаат во градовите и селата без придружба на Исус. Ова било ново искуство за нив. Затоа Исус им дал детални упатства пред да ги испрати. Кога ќе сретнеле некој „пријател на мирот“, требало да му дадат темелно сведоштво во врска со Царството. Меѓутоа, кога ќе биле одбиени, требало да си продолжат по патот, без да се секираат. Исус објаснил дека оние кои ќе одбиеле да ги слушаат, всушност, го отфрлале самиот Јехова (Лука 10:4—7, 16).
Кога тие 70-мина ја завршиле својата проповедничка задача, се вратиле кај Исус „со радост, велејќи: ‚Господи, дури и демоните ни се покоруваат кога го користиме твоето име‘“ (Лука 10:17). Сигурно било возбудливо за тие несовршени луѓе да истеруваат моќни духовни суштества! Меѓутоа, Исус ги предупредил своите воодушевени ученици: „Не радувајте се на тоа што духовите ви се покоруваат, туку радувајте се што вашите имиња се запишани на небесата“ (Лука 10:20). Тие 70-мина можеби немале секогаш моќ да истеруваат демони ниту, пак, секогаш постигнувале позитивни резултати во службата. Но, ако останеле верни, секогаш ќе имале Јеховино одобрување.
Дали ги цениш полновремените слуги?
Еднаш, еден младич му рекол на некој христијански старешина: „Кога ќе матурирам, ќе се обидам да најдам работа. Ако не најдам работа, тогаш ќе размислам да стапам во некој облик на полновремена служба“. Меѓутоа, тоа не е гледиштето на повеќето кои стапиле во пионерска служба. Некои, за да пионерат, се откажале од приликите да се стремат по доходовна кариера. Други одбиле возбудливи прилики за образование. Слично на апостол Павле, тие направиле жртви, но како Павле, Роберт и Ејми, не жалат за изборот што го направиле. Ја ценат предноста да ги користат своите дарби за фалба на Јехова, кој е достоен за најдоброто што можеме да го дадеме.
Многу верни Сведоци на Јехова од различни причини не се во состојба да пионерат. Можеби треба да се грижат за некои библиски обврски. Сепак, ако му служат на Бог со сето ‚срце, душа и ум‘, му угодуваат на Јехова (Матеј 22:37). Иако не можат и самите да пионерат, признаваат дека оние кои пионерат избрале прекрасна кариера.
Апостол Павле напишал: „Престанете да се обликувате според овој систем на работи“ (Римјаните 12:2). Во склад со советот на Павле, не смееме да дозволиме културните или световните мерила на овој систем да го обликуваат нашето размислување. Сеедно дали можеш да пионериш или не, направи ја Јеховината служба средиште на својот живот. Сѐ додека го имаш Јеховиното одобрување, ќе бидеш успешен.
[Фуснота]
a Имињата се променети.
[Слика на страница 19]
Немој да се заглавуваш на некоја симболична подвижна лента која не води никаде