Животна приказна
„О, кога би имал вера која нема да се повлече!“
РАСКАЖАЛ ХЕРБЕРТ МИЛЕР
Неколку месеци откако војската на Хитлер ја нападна Холандија, Јеховините сведоци беа забранети. Набргу моето име се појави на нацистичкиот список на најбарани личности, и ме гонеа како животно.
ЕДНАШ бев толку исцрпен од криење и трчање што на мојата сопруга ѝ реков дека дури ќе ми олесни ако војската ме фати. Потоа ми дојдоа на ум зборовите од една песна: „О, кога би имал вера која нема да се повлече, иако напаѓана од секој непријател“.a Размислувањето за таа песна ми ја обнови силата и ми ги врати спомените на моите родители во Германија и за денот кога пријателите ми ја пееја оваа песна при збогувањето со мене. Ќе може ли да споделам со вас некои мои спомени?
Примерот на моите родители
Кога сум се родил, во 1913 во градот Копиц (Германија), моите родители биле членови на Евангелистичката црква.b После седум години, во 1920, татко ми ја напуштил црквата. На 6 април замолил за Kirchenaustrittsbescheinigung (Изјава за истапување од црквата). Службеникот во државната матична служба на градот пополнил една изјава. Меѓутоа, после една седмица татко ми пак се вратил во канцеларијата објаснувајќи дека во изјавата не било наведено името на неговата ќерка. Службеникот пополнил и втор документ каде стоело дека истапувањето од црквата важи и за Марта Маргарета Милер. Во тоа време, сестра ми Маргарета имала една и пол година. Кога станувало збор за служењето на Јехова, татко ми не се задоволувал само со делумни мерки!
Истата година моите родители биле крстени од Библиските студенти, како што тогаш биле познати Јеховините сведоци. Татко ми строго нѐ воспитуваше нас децата, но неговата лојалност кон Јехова ни олеснуваше да го прифатиме неговото водство. Лојалноста исто така ги поттикна моите родители да прават преиначувања. На пример, едно време не ни дозволуваа да си играме надвор во неделите. Меѓутоа, една недела во 1925, родителите ни рекоа дека ќе излеземе на прошетка. Зедовме со нас ужина и убаво си поминавме — каква само промена беше за разлика од тоа цел ден да се биде затворен дома! Татко ми рече дека извлекол поука од некои точки од неодамнешниот конгрес што го исправило неговото гледиште за активностите во недела. Тој и во други прилики ја покажуваше истата спремност да се приспособи.
Иако имаа слабо здравје, моите родители не се воздржуваа од делото на проповедање. На пример, за да го дистрибуираме трактатот Ecclesiastics Indicted (Свештениците обвинети), една вечер се качивме на воз со другите од собранието и отпатувавме во градот Регенсбург, на околу 300 километри од Дрезден. Следниот ден, откако ги дистрибуиравме трактатите низ градот, пак се вративме со воз. Додека стигнавме дома, поминаа речиси 24 часа.
Го напуштам домот
Моето дружење со Jugendgruppe (Младинската група) во нашето собрание исто така ми помогна духовно да растам. Секоја седмица, младите кои имаа над 14 години се состануваа со некои од постарите браќа од собранието. Игравме игри и свиревме на музички инструменти, ја проучувавме Библијата и разговаравме за творештвото и за науката. Меѓутоа, во 1932, кога наполнив 19 години, моето дружење со таа група заврши.
Во април истата година, татко ми доби писмо од канцеларијата на Watch Tower Society во Магдебург. Заедницата бараше некој кој може да вози автомобил и кој сака да пионери. Знаев дека моите родители имаа желба да бидам пионер, но јас сметав дека не би можел. Бидејќи родителите ми беа сиромашни, почнав да поправам велосипеди и машини за шиење, како и машини за чукање и друга канцелариска опрема уште на 14-годишна возраст. Како можев да го напуштам семејството? Ним им беше потребна мојата поддршка. Освен тоа, не бев ни крстен. Татко ми седна со мене и ми постави неколку прашања за да види дали разбирам што вклучува крштавањето. Кога моите одговори го убедија дека доволно сум напредувал духовно за да се крстам, тој ми рече: „Треба да се понудиш за оваа задача“. Тоа и го сторив.
После една седмица добив покана да заминам за Магдебург. Кога им кажав на пријателите во Младинската група, тие сакаа да ме испратат со една весела песна. Беа изненадени од песната која ја избрав бидејќи сметаа дека е премногу сериозна. Сепак, некои ги грабнаа своите виолини, мандолини и гитари и сите пееја: „О, кога би имал вера која нема да се повлече, иако е напаѓана од секој непријател; која нема да се поколеба на работ од која и да било земна неволја“. Тој ден не ни сфаќав колку често тие зборови ќе ме зајакнуваат во годините што доаѓаа.
Бурен почеток
Откако браќата во Магдебург ги испитаа моите возачки вештини, мене и на уште четворица други пионери ни доверија автомобил, па се упативме кон Шнајфел, регион во близина на Белгија. Набрзо сфативме дека нашиот автомобил беше нешто неопходно. Католичката црква во тој регион негодуваше на нашето присуство, а селаните, подбуцнати од свештениците, честопати чекаа за да нѐ истераат. Многупати автомобилот ни помогна за конец да побегнеме пред нивните мотики и вили.
После Меморијалот, во 1933, регионалниот надгледник Паул Гросман ни кажа дека делото на Заедницата во Германија е под забрана. Кратко потоа, канцеларијата на Заедницата ме замоли да појдам со автомобилот во Магдебург, да ја соберам литературата оттаму и да ја пренесам до Саксонија, покраина на околу 100 километри од Магдебург. Меѓутоа, додека стигнав во Магдебург, Гестапо (Нацистичката тајна полиција) веќе ја имаше затворено канцеларијата на Заедницата. Го оставив автомобилот кај еден брат во Лајпциг и се вратив дома — но не за долго.
Канцеларијата на Заедницата во Швајцарија ме покани да почнам да пионерам во Холандија. Планирав да заминам за седмица или две. Но, татко ми ме советуваше да тргнам веднаш. Го послушав неговиот совет, и за неколку часа си заминав оддома. Следниот ден дошла полиција во домот на татко ми за да ме уапси под обвинение за дезертерство. Но, задоцнија.
Започнување во Холандија
На 15 август 1933 пристигнав во еден пионерски дом во Хамштад, град на 25 километри од Амстердам. Следниот ден излегов да проповедам без да знам ниту еден холандски збор. Наоружан со картичка за сведочење, на која се наоѓаше печатена проповед, почнав. Колкаво само охрабрување беше за мене кога една католичка ја зеде книгата Reconciliation! (Помирување!). Истиот ден, поделив и 27 брошурки. На крајот од првиот ден бев восхитен што можев повторно да проповедам на слобода.
Во тие денови пионерите немаа друг извор на приход освен прилозите што ги добиваа за дадената литература. Тие пари се користеа за да се купи храна и за другите потреби. Ако на крајот од месецот останеше некоја пара, им се поделуваа на пионерите за личните трошоци. Во материјален поглед имавме малку, но Јехова толку добро се грижеше за нас што во 1934 можев да посетам еден конгрес во Швајцарија.
Верна придружничка
На конгресот ја видов 18-годишната Ерика Финке. Неа ја знаев уште од времето кога живеев дома. Таа ѝ беше пријателка на сестра ми Маргарета, и секогаш бев импресиониран од цврстиот став на Ерика за вистината. Недолго откако се крстила, во 1932, некој го информирал Гестапо дека таа одбила да рече: „Хајл Хитлер!“ Гестапо ја пронашол и барал да дознае зошто го одбила тоа. На офицерот во полициската станица Ерика му го прочитала стихот од Дела 17:3 и објаснила дека Бог поставил само еден човек за Спасител, Исус Христос. „Има ли и други кои веруваат како тебе?“ сакал да знае офицерот. Ерика одбила да каже имиња. Кога полицаецот ѝ се заканил дека ќе ја притвори, Ерика му рекла дека порадо ќе умре отколку да каже имиња. Тој зинал во неа и извикал: „Излегувај одовде. Оди си дома. Хајл Хитлер!“
После конгресот, се вратив во Холандија, а Ерика остана во Швајцарија. Но, обајцата чувствувавме дека нашето пријателство порасна. Додека сѐ уште беше во Швајцарија, Ерика слушна дека Гестапо ја барал кај неа дома. Таа реши да остане и да пионери во Швајцарија. По неколку месеци, Заедницата ја замоли да замине за Шпанија. Пионереше во Мадрид, па во Билбао, а потоа во Сан Себастијан каде што прогонството подбуцнато од свештенството ги доведе неа и нејзината партнерка пионерка во затвор. Во 1935 им беше наредено да ја напуштат Шпанија. Ерика дојде во Холандија, и истата година се венчавме.
На хоризонтот се надвиснуваат облаци на војна
После нашата венчавка, пионеревме во Хамштад, и подоцна се преселивме во градот Ротердам. Таму, во 1937, ни се роди синот Волфганг. По една година се преселивме во градот Гронинген, во северниот дел на Холандија, каде што го делевме домот со пионерите од Германија, Фердинанд и Хелга Холторф и нивната ќерка. Во јули 1938 Заедницата нѐ извести дека холандската влада издала предупредување дека на Сведоците со германско државјанство повеќе нема да им биде дозволено да проповедаат. Отприлика истото време бев наименуван за зонски слуга (покраински надгледник), и нашето семејство се пресели на Lichtdrager (Светлоносец), бродот на Заедницата кој служеше како база за пионерите кои проповедаа во северниот дел на Холандија. Претежно бев отсутен од моето семејство, одејќи на велосипед од едно до друго собрание за да ги храбрам браќата да продолжат со проповедањето. А браќата го правеа токму тоа. Некои дури ги зголемија своите активности. Вим Кетелари беше добар пример во тоа.
Кога го запознав, Вим беше млад човек кој ја препозна вистината, но беше многу зафатен како наемник. „Ако сакаш да имаш време да му служиш на Јехова“, го советував, „треба да најдеш некоја друга работа.“ Тоа и го стори. Подоцна, кога повторно се сретнавме, го охрабрив да пионери. „Но, морам да работам за да јадам“, ми одговори тој. „Ќе јадеш“, го уверував. „Јехова ќе се грижи за тебе.“ Вим почна да пионери. Подоцна, дури и за време на II светска војна, тој служеше како патувачки надгледник. Денес, во своите 80-ти години, Вим сѐ уште е ревен Сведок. Јехова навистина се грижеше за него.
Под забрана и баран
Во мај 1940, отприлика една година откако ни се роди второто дете Реина, холандската војска се предаде и нацистите ја окупираа Холандија. Во јули Гестапо ги презеде канцеларијата и печатницата на Заедницата. Следната година, наиде бран апсења на Сведоците, и бев фатен. Како Сведок и Германец на возраст за регрутација, не беше тешко да се замисли што ќе направи Гестапо со мене. Се обидов да се помирам со помислата дека нема веќе никогаш да го видам своето семејство.
Потоа, во мај 1941, Гестапо ме пушти од затвор и ми нареди да одам и да се пријавам за воена служба. Не можев да поверувам. Истиот ден исчезнав, и истиот месец бев повторно во покраинското дело. Гестапо распиша потерница по мене.
Како се справи моето семејство
Мојата сопруга и децата се преселија во селото Ворден, во источниот дел на земјата. Меѓутоа, за да го намалам ризикот за нив, морав драстично да ги ограничам своите посети дома (Матеј 10:16). Од безбедносни причини, браќата не го користеа моето вистинско име, туку само мојот псевдоним Дојче Јан (Германецот Џон). Дури ни на мојот четиригодишен син Волфганг не му дозволувавме да зборува за „тато“, туку само за „оме Јан“ (чичко Џон). За него ова беше многу тешко во емоционален поглед.
Додека бев во бегство, Ерика се грижеше за децата и продолжи со проповедање. Кога Реина имаше две години, Ерика ја ставала на багажникот од велосипедот и ја носела со себе во проповедање по селата. Иако беше тешко да се најде храна, Ерика никогаш не доживеа некој голем недостиг на храна за семејството (Матеј 6:33). Еден земјоделец, католик, кому еднаш му ја поправив машината за шиење, ѝ давал компири. Исто така, тој ѝ ги пренесуваше на Ерика моите пораки. Еднаш, платила еден гулден за да купи нешто во драгсторот. Сопственикот, знаејќи дека живее кришум и не може да добие бонови за храна, ѝ го дал тоа и плус два гулдени. Таквите изрази на сочувство ѝ помогнаа да преживее (Евреите 13:5).
Работење рамо до рамо со храбрите браќа
Во меѓувреме, продолжив да ги посетувам собранијата — иако контактирав само со одговорните браќа. Бидејќи Гестапо ми беше зад петици, не можев никогаш да останам на едно место повеќе од неколку часа. Повеќето од браќата и сестрите не смееја да се сретнат со мене. Тие се знаеја само со оние Сведоци кои припаѓаа на нивната мала група за проучување на Библијата. Како резултат на тоа, две телесни сестри, кои живееја во различни делови на истиот град, дури по II светска војна открија дека обете станале Сведоци за време на војната.
Друга моја задача беше да наоѓам скривалишта за литературата на Заедницата. Исто така, криевме хартија, матрици за умножување и машини за чукање за да правиме примероци од Стражарска кула, во случај на потреба. Понекогаш, моравме да ги преместуваме книгите печатени од Заедницата од едно скривалиште во друго. Се сеќавам како еднаш пренесовме 30 картони полни со литература истовремено обидувајќи се да не привлекуваме внимание — вознемирувачка работа!
Освен тоа, организиравме превоз за храна од фармите во источна Холандија до градовите на западот, иако ова беше забрането. Ќе натоваревме храна на една коњска кола и ќе се упатевме кон запад. Кога ќе стигневме до некоја река, не можевме да ги користиме мостовите бидејќи ги чуваа војници. Наместо тоа, товарот го растоваравме на мали чамци, ја префрлавме храната преку реката, и потоа пак ја товаравме на друга кола. Кога ќе дојдевме до градот кој ни беше одредиште, чекавме да се стемни, стававме чорапи на копитата на коњот, и тивко одевме до тајното депо за храна на собранието. Оттаму храната беше разнесувана кај браќата кои беа во оскудица.
Ако германската војска откриеше некое такво депо за храна, тоа можеше некого да го чини живот. Сепак, неколку браќа доброволно помагаа. Семејството Блуминк во градот Амерсфорт, на пример, дозволи нивната дневна соба да се користи како складиште за храна, иако куќата им беше на само неколку чекори од гарнизонот на германската војска! Ваквите храбри Сведоци си ги ризикуваа животите во корист на своите браќа.
Јехова ни помогна на мојата сопруга и мене да останеме верни низ тие години на забрана. Во мај 1945 германската војска беше поразена, и мојот живот на бегалец конечно заврши. Заедницата ме замоли да продолжам да служам како патувачки надгледник сѐ додека не бидат на располагање други браќа. Во 1947 мојата работа ја презеде Бертус ван дер Бил.c Дотогаш, се роди нашето трето дете, и се населивме во источниот дел на земјата.
Жалост и радост
После војната дознав дека отприлика една година откако заминав оддома за Холандија, татко ми бил затворен. Бил двапати пуштан поради лошото здравје, но бил повторно затворан. Во февруари 1938 бил испратен во концентрациониот логор Бухенвалд и потоа во Дахау. Умрел таму на 14 мај 1942. Тој остана цврст и лојален до крајот.
И мајка ми била испратена во логорот Дахау. Таму останала сѐ до ослободувањето во 1945. Со оглед на тоа што цврстиот пример на обата мои родитела многу придонесе за духовните благослови што ги уживав, за нас беше предност кога во 1954 таа дојде да живее со нас. Дојде и сестра ми Маргарета — која пионереше во комунистичка Источна Германија од 1945. Иако мајка ми беше болна и не зборуваше холандски, продолжи да учествува во службата на теренот сѐ додека верно не го заврши својот земен пат во октомври 1957.
Конгресот во Нирнберг (Германија) во 1955 беше нешто посебно. Откако пристигнавме таму, браќата од Дрезден ѝ кажаа на Ерика дека на конгресот е и мајка ѝ. Бидејќи во тоа време Дрезден беше под власт на Источна Германија, Ерика ја немаше видено мајка си 21 година. Беше договорена средба, и мајката и ќерката се прегрнаа. Колку само беше среќно тоа повторно обединување!
Со текот на времето, нашето семејство порасна на осум деца. Трагично е тоа што еден од синовите загубивме во сообраќајна несреќа. Меѓутоа, тоа што гледаме како сите други деца му служат на Јехова ни е извор на длабока радост. Среќни сме што нашиот син Волфганг и неговата сопруга се во покраинското дело, а дека и нивниот син служи како покраински надгледник.
Благодарен сум што бев сведок на напредокот на Јеховиното дело во Холандија. Кога почнав да пионерам овде во 1933, имаше околу сто Сведоци. Денес, ги има повеќе од 30.000. Иако нашата физичка сила сега опаѓа, Ерика и јас сѐ уште сме одлучни да живееме според зборовите на таа песна од старите денови: „О, кога би имал вера која нема да се повлече“.
[Фусноти]
a Песна 194 — Песни за фалба на Јехова (1928).
b Градот Копиц, сега наречен Пирна, е сместен по должината на реката Лаба, 18 километри од градот Дрезден.
c За животната приказна на брат Ван дер Бил види Стражарска кула од 1 јануари 1998, „Нема ништо подобро од вистината“.
[Слика на страница 23]
„Младинската група“ за време на една пауза после службата на теренот
[Слика на страница 24]
Другите пионери и јас го обработувавме подрачјето Шнајфел. Тогаш имав 20 години
[Слика на страница 25]
Со Ерика и Волфганг во 1940
[Слика на страница 26]
Одлево надесно: Внук ми Јонатан и неговата сопруга Мирјам; Ерика, јас, син ми Волфганг и неговата сопруга Јулија
[Слика на страница 26]
Еден брат кој бил во затвор со татко ми ја нацртал оваа слика од него во 1941