Надгледниците и слугите помошници — теократски наименувани
„Пазете на себе и на целото стадо, во кое светиот дух ве наименува за надгледници“ (ДЕЛА 20:28).
1, 2. Како се исполнува Исаија 60:22?
ЈЕХОВА уште одамна претскажал дека во времето на крајот ќе се случи нешто значајно. Преку пророкот Исаија било кажано: „Од мал народ ќе се намножат илјади, од најслабиот — силен народ. Јас, Господ, ќе побрзам да го завршам тоа навреме“ (Исаија 60:22, СП).
2 Постои ли доказ дека ова пророштво се исполнува денес? Секако! Во текот на 1870-тите, во Алегени (Пенсилванија, САД) било формирано едно собрание на Јеховиниот народ. Од таков мал почеток, изникнале и цветаат десетици илјади собранија низ целиот свет. Милиони објавители на Царството — еден силен народ — сега се поврзани со повеќе од 91.000 собранија во 235 земји по целата Земја. Несомнено, ова потврдува дека Јехова го забрзува собирањето на вистински обожаватели пред да избие ‚големата неволја‘, која сега е толку близу (Матеј 24:21; Откровение 7:9-14).
3. Што значи да се биде крстен ‚во името на Таткото, на Синот и на светиот дух‘?
3 Откако лично му се предале на Јехова, во согласност со Исусовите упатства, овие милиони се крстиле „во името на Таткото и на Синот и на светиот дух“ (Матеј 28:19). Крштавањето „во името на Таткото“ значи дека овие предадени поединци го признаваат Јехова за свој небесен Татко и Животодавец и дека се подложуваат на неговиот суверенитет. Крштавањето ‚во името на Синот‘ означува дека го признаваат Исус Христос како свој Откупител, Водач и Цар. Исто така, ја признаваат улогата на Божјиот свет дух, или активна сила, во насочувањето на нивниот живот. Ова покажува дека тие се крстиле ‚во името на светиот дух‘.
4. Како се ординирани христијанските министри?
4 При своето крштавање, новите ученици се ординирани како министри на Јехова Бог. Кој ги ординира? Во принцип, зборовите запишани во 2. Коринќаните 3:5 се применуваат на нив: „Нашата соодветна оспособеност [како министри] доаѓа од Бог“. Тие не би можеле да посакаат поголема чест од таа да бидат ординирани од самот Јехова Бог! По своето крштавање, и понатаму духовно ќе растат како министри на ‚добрата вест‘ сѐ додека го прифаќаат водството од Божјиот дух и продолжуваат да ја применуваат неговата Реч (Матеј 24:14; Дела 9:31).
Теократско — а не демократско — наименување
5. Дали христијанските надгледници и слуги помошници се избираат демократски? Објасни.
5 За да се згрижат духовните потреби на сѐ поголемиот број активни министри потребно е зрело надгледување од квалификувани надгледници и спремна помош од слуги помошници (Филипјаните 1:1). Како се наименувани тие духовни мажи? Не со методите што се користат во христијанскиот свет. На пример, христијанските надгледници не се избираат демократски, т.е. со добивање гласови од мнозинството кое е поврзано со собранието. Наместо тоа, овие наименувања се вршат теократски. Што значи тоа?
6. а) Што е вистинска теократија? б) Зошто наименувањата на надгледниците и на слугите помошници се теократски?
6 Едноставно кажано, вистинската теократија е владеење на Бог. Сведоците на Јехова доброволно се подложуваат на неговото владетелство и соработуваат заедно за да ја вршат божествената волја (Псалм 143:10; Матеј 6:9, 10). Наименувањата на христијанските надгледници, или старешини, и на слугите помошници се теократски бидејќи процесот на препорачување и наименување на такви одговорни мажи се врши во склад со Божјата подготовка изложена во Светото писмо. А како „Главатар на сѐ“, се разбира, Јехова има право да одреди како ќе функционира неговата видлива организација (1. Летописи 29:11; Псалм 97:9).
7. Како се управувани Јеховините сведоци?
7 За разлика од многуте религиозни групи во христијанскиот свет, Јеховините сведоци не решаваат сами за обликот на духовна управа под која ќе дејствуваат. Овие искрени христијани настојуваат да се држат за Јеховините мерила. Надгледниците меѓу нив не се поставени на таа положба од некој конгрегациски, хиерархиски или презвитеријански облик на црковна управа. Ако елементи од светот настојуваат да ги попречат овие наименувања, Јеховиниот народ одбива да прави компромис. Тој цврсто го задржува ставот кој толку добро го изразиле апостолите во првиот век, кога рекле: „Повеќе мораме да го слушаме Бог како владетел отколку луѓето“ (Дела 5:29). Затоа, Сведоците се подложуваат на Бог во сѐ (Евреите 12:9; Јаков 4:7). Следењето на теократската процедура донесува божествено одобрување.
8. Како се разликуваат демократските и теократските процедури?
8 Како слуги на Големиот Теократ, Јехова, ќе направиме добро ако ги задржиме на ум разликите меѓу демократските и теократските процедури. Демократските процеси бараат подеднаква застапеност и честопати се карактеризираат со кампањи за кандидатура и избирање според мнозинството гласови. При теократските наименувања нема такви процедури. Тие не доаѓаат од луѓе; ниту, пак, поаѓаат од некаков законски ентитет. Изгледа алудирајќи на сопственото наименување за „апостол на нациите“ од Исус и Јехова, Павле им рекол на Галатите дека не бил наименуван ‚од луѓе ниту преку човек, туку преку Исуса Христа и преку Бог Таткото, кој го подигнал од мртвите‘ (Римјаните 11:13; Галатите 1:1).
Наименувани од светиот дух
9. Што се вели во Дела 20:28 за наименувањето на христијански надгледници?
9 Павле ги потсетил надгледниците кои живееле во Ефес дека ги наименувал Бог преку светиот дух. Им рекол: „Пазете на себе и на целото стадо, во кое светиот дух ве наименува за надгледници, да го пасете Божјето собрание, кое Бог го купи со крвта на својот сопствен Син“ (Дела 20:28). На тие христијански надгледници им било потребно и понатаму да бидат водени од светиот дух додека ги вршеле своите должности како пастири на Божјето стадо. Ако некој маж кој бил на наименувана положба повеќе не го исполнувал божественото мерило, светиот дух со текот на времето ќе дејствувал за да го отстрани од неговата положба.
10. Во кој поглед светиот дух игра стожерна улога во теократските наименувања?
10 Како светиот дух игра стожерна улога? Пред сѐ, записот во кој се изложени барањата за духовно надгледување бил инспириран од светиот дух. Во своите писма до Тимотеј и Тит, Павле изложил кои мерила треба да ги исполнат надгледниците и слугите помошници. Сѐ на сѐ, тој спомнал 16 различни барања. На пример, надгледниците требало да бидат беспрекорни, умерени во навиките, со здрави мисли, уредни, гостољубиви, оспособени да поучуваат и примерни како семејни поглавари. Требало да бидат урамнотежени во употребата на алкохолни пијалаци, да не бидат љубители на пари и да покажуваат самосовладување. На сличен начин, високи мерила биле поставени и за мажите кои тежнеат да бидат наименувани за слуги помошници (1. Тимотеј 3:1-10, 12, 13; Тит 1:5-9).
11. Кои се некои од квалификациите што мора да ги исполнат мажите кои тежнеат по собраниска одговорност?
11 Прегледот на овие квалификации покажува дека оние кои преземаат водство во обожавањето на Јехова мора да бидат примерни во христијанското однесување. Мажите кои тежнеат по собраниска одговорност мора да даваат доказ дека светиот дух дејствува врз нив (2. Тимотеј 1:14). Мора да се види дека Божјиот дух ги создава во овие мажи плодовите „љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување“ (Галатите 5:22, 23). Тие плодови ќе се видат во нивните постапки со соверниците и со другите. Се разбира, некои можеби ги надминуваат другите во извесни плодови на духот, додека други можеби во поголема мера исполнуваат некои други квалификации за надгледници. Меѓутоа, во нивниот севкупен образец на живеење сите оние кои се надеваат да бидат наименувани за надгледници или слуги помошници треба да покажат дека се духовни мажи, дораснати на барањата од Божјата реч.
12. За кој може да се рече дека е наименуван од светиот дух?
12 Кога Павле ги поттикнал другите да станат негови имитатори, можел да го стори тоа со слобода на говор бидејќи и самиот го имитирал Исус Христос кој ‚ни оставил пример тесно да ги следиме неговите стапки‘ (1. Петрово 2:21; 1. Коринќаните 11:1). Затоа може да се рече дека оние кои ги исполнуваат библиските барања во времето на нивното наименување за надгледници или слуги помошници се наименувани од светиот дух.
13. Како светиот дух им помага на оние што даваат препораки за мажи кои ќе служат во собранието?
13 Постои и еден друг фактор кој покажува како светиот дух дејствува при препорачувањето и наименувањето надгледници. Исус рекол дека ‚Таткото на небото им дава свет дух на оние кои го молат‘ (Лука 11:13). Затоа, кога старешините во локалното собрание се состануваат за да препорачаат мажи за собраниска одговорност, тие се молат за да бидат водени од Божјиот дух. Своите препораки ги темелат на она што е наведено во Божјата инспирирана реч, и светиот дух им овозможува да проникнат дали поединецот кој се зема предвид за наименување ги исполнува библиските барања. Оние кои ги даваат препораките не треба претерано да бидат под влијание на надворешниот изглед, образовните достигнувања или природните способности. Фокусот мора да биде првенствено на тоа дали лицето е духовен човек, човек кому членовите на собранието без колебање ќе му пријдат за духовен совет.
14. Што учиме од Дела 6:1-3?
14 Иако и старешинските тела учествуваат со патувачките надгледници во препорачувањето браќа кои ќе служат како старешини и слуги помошници, вистинските наименувања се прават во склад со образецот поставен во првиот век. Во една прилика, настанала потреба духовно оспособени мажи да се погрижат за една важна задача. Водечкото тело го дало следново упатство: „Побарајте меѓу себе седум осведочени мажи, кои се полни со дух и мудрост, за да ги поставиме над оваа потребна работа“ (Дела 6:1-3). Иако препораките ги дале мажите кои биле на самото место, наименувањата ги извршиле одговорни мажи во Ерусалим. Сличен образец се следи и денес.
15. Како е вклучено Водечкото тело во наименувањето мажи?
15 Водечкото тело на Јеховините сведоци директно ги наименува сите членови на Одборите на подружниците. Кога одлучува кој може да преземе извесна сериозна одговорност, Водечкото тело ја има на ум Исусовата изјава: „Секој кому многу му е дадено, многу и ќе се бара од него; а кому многу му довериле, од него ќе бараат повеќе од обично“ (Лука 12:48). Освен што наименува членови на Одборите на подружниците, Водечкото тело наименува бетелски старешини и патувачки надгледници. Меѓутоа, тоа им дава налог на одговорни браќа да дејствуваат за него во извршувањето на некои други наименувања. И за ова постои библиски преседан.
‚Именувај, како што ти наредив‘
16. Зошто Павле го оставил Тит на Крит, и што покажува тоа во врска со теократските наименувања денес?
16 На својот соработник Тит, Павле му рекол: „Од таа причина те оставив на Крит, за да можеш да ги исправиш работите што беа неисправни и за да можеш да именуваш старешини од град во град, како што ти наредив“ (Тит 1:5). Потоа Павле истакнал кои квалификации треба да ги бара Тит кај мажите кои би се квалификувале за такви наименувања. Затоа, денес Водечкото тело наименува оспособени браќа во подружниците кои го претставуваат при наименувањето старешини и слуги помошници. Се води сметка оние кои дејствуваат како претставници во името на Водечкото тело јасно да ги разбираат и да ги следат библиските упатства при извршувањето такви наименувања. Според тоа, наименувањето оспособени мажи да служат во собранијата на Јеховините сведоци низ целиот свет се врши под водство на Водечкото тело.
17. Како постапува канцеларијата на подружницата со препораките за наименување надгледници и слуги помошници?
17 Кога препораките за наименување надгледници и слуги помошници ќе се поднесат до канцеларијата на подружницата на Watch Tower Society, при извршувањето наименувања искусните мажи се потпираат за водство на Божјиот дух. Овие мажи имаат чувство на одговорност, сфаќајќи дека не смеат пребрзо да положат раце на никого за да не учествуваат во неговите гревови (1. Тимотеј 5:22).
18, 19. а) Како се пренесуваат некои наименувања? б) Како се извршува целокупниот процес на препорачување и наименување?
18 Некои наименувања мора да се пренесат со писмо на кое има службен печат од законски ентитет. Таквото писмо може да се употреби за наименување на повеќе од еден брат во собранието.
19 Теократските наименувања доаѓаат од Јехова преку неговиот Син и Божјиот видлив канал на Земјата, „верниот и разборит роб“ и неговото Водечко тело (Матеј 24:45-47). Целиот процес на препорачување и наименување е управуван, или воден, од светиот дух. Ова е случај бидејќи квалификациите се изложени во Божјата реч, која е инспирирана од светиот дух, а наименуваниот поединец дава доказ дека ги донесува плодовите на тој дух. Затоа наименувањата треба да се сметаат за извршени од светиот дух. Исто како што надгледниците и слугите помошници во првиот век биле наименувани теократски, тоа е случај и денес.
Благодарни за Јеховиното водство
20. Зошто ги делиме чувствата на Давид запишани во Псалм 133:1?
20 Во ова време на духовен просперитет и теократски пораст во активноста на проповедање на Царството, благодарни сме што Јехова е првенствено одговорен за наименувањето надгледници и слуги помошници. Оваа библиска подготовка помага да се задржат Божјите високи мерила за праведност меѓу нас како Јеховини сведоци. Освен тоа, христијанскиот дух и сесрдните напори на овие мажи во голема мера придонесуваат за нашиот прекрасен мир и единство како Јеховини слуги. Затоа, слично на псалмистот, поттикнати сме да извикнеме: „Ете, колку е добро и колку е мило кога браќата живеат заедно!“ (Псалм 133:1).
21. Како денес се исполнува Исаија 60:17?
21 Колку сме само благодарни за Јеховиното водство преку неговата Реч и светиот дух! Навистина се значајни зборовите запишани во Исаија 60:17: „Место бакар, ќе донесам злато, место железо, ќе донесам сребро; место дрва, бакар, место камен, железо. Мирот ќе го поставам за твој главатар, Правдата за владетел“. Додека теократските процедури прогресивно сѐ поцелосно се спроведуваат меѓу Јеховините сведоци, ги доживуваме овие благословени околности во Божјата земна организација.
22. За што сме со право благодарни, и на што треба да бидеме решени?
22 Длабоко сме благодарни за теократските подготовки што постојат кај нас. И многу ја цениме тешката, но задоволувачка работа на теократски наименуваните надгледници и слуги помошници. Со цело срце го величаме нашиот љубезен небесен Татко кој ни дава духовен просперитет и богато нѐ благословува (Пословици 10:22). Затоа, да бидеме решени да одиме во чекор со Јеховината организација. Пред сѐ, да продолжиме заеднички да служиме обединето на чест, фалба и слава на Јеховиното големо и свето име.
Како би одговорил?
• Зошто можеме да кажеме дека наименувањето надгледници и слуги помошници е теократско, а не демократско?
• Како одговорните христијански мажи се наименувани со светиот дух?
• Како е вклучено Водечкото тело при наименувањето надгледници и слуги помошници?
• Што се однесува до теократските наименувања, зошто треба да му бидеме благодарни на Јехова?
[Слики на страница 15]
Старешините и слугите помошници се привилегирани да служат со теократско наименување