Собранија за изградување во љубов и единство
Можеби сте посетиле некој од состаноците на Јеховините сведоци во местото каде што живеете. Таму имало луѓе од сите животни профили — семејства, самци, стари и млади. Сите биле обединети во обожавањето и заинтересирани да им помогнат на другите.
Во секое уредување каде што има голем број луѓе кои сакаат да работат во единство, мора да постои некаков надзор. Бог е Бог на редот, па затоа треба тој ред да се одрази во собранието на неговиот народ. Како и во првиот век, така и денес, оспособени, зрели и искусни христијански мажи се именувани за старешини, односно надгледници. Тие го надгледуваат собранието и се грижат за неговите духовни потреби. Им помагаат други верни мажи познати како слуги помошници. Овие луѓе не примаат плата, ниту имаат било каква финансиска корист, туку служат доброволно, а своите трошоци ги покриваат од заработката што ја остваруваат од светското вработување (1. Коринтјаните 14:33, 40; Филипјаните 1:1; 1. Тимотеј 3:8, 9).
Како се избираат тие? Мораат да бидат верни Божји слуги кои покажуваат одредени библиски квалификации. Некои од тие квалификации се: да биде ’умерен во навиките, со здрав ум, уреден, гостољубив, способен да поучува, (...) разумен; не љубител на пари; маж кој добро управува со своето домаќинство; не новообратен; да има добро сведоштво од оние кои се надвор‘; ’цврсто да се држи за верната реч што се однесува до вештината на поучување‘ (1. Тимотеј 3:1-15, NW; Тит 1:7-9, NW).
Овие луѓе не се поставени во служба со гласање во собранието, каде што често повеќето неодамна станале христијани, туку нив ги препорачуваат зрели и искусни мажи кои се старешини и кои имаат способност на разликување да одредат кој од оние за кои станува збор, ги исполнува библиските барања. Потоа наименувањето на старешини и слуги помошници се врши под надзор на Водечкото тело на Јеховините сведоци, со што се следи примерот на христијанско собрание од првиот век.
Овие старешини, или надгледници, не сочинуваат свештеничка класа. Тие не владеат над другите. Како што рекол Исус, секој кој презема водство мора да им биде слуга на сите. Во собранието на Јеховините сведоци, старешините се вистински соработници за Божјето Царство (Матеј 20:26, 27; 23:8-11; Римјаните 12:8; 1. Коринтјаните 3:5; 4:1, 2; Колосјаните 4:11; 1. Солунјаните 5:12-14).
Како надгледници, тие управуваат со поучувањето кое се врши на состаноците и преземаат водство во делото на проповедање. Проповедањето на добрата вест за Царството на доделеното подрачје е првенствена цел на собранието. Надгледниците исто така служат како пастири, посетувајќи ги членовите на собранието за да ги охрабрат ако е потребно (Матеј 24:14; Дела на апостолите 1:8; 1. Солунјаните 2:11, 12; 5:14, 15; 2. Тимотеј 2:24-26; Евреите 13:17; Јаков 5:13-16; 1. Петрово 5:1-4).
Старешините исто така имаат одговорност да го укорат и казнат секој оној кој можеби оди во погрешна насока и кој би можел да претставува опасност за духовната и моралната чистота и единството на собранието (1. Коринтјаните 5:4, 5, 7, 11-13; Тит 1:9; 2:15; 3:10, 11).
Со редовното дружење со собранието ќе имате добро друштво и многу духовни користи (Псалми 35:18; 84:10)
● Кој ги надгледува работите на секое поединечно собрание?
● На темел на што се именуваат овие надгледници?
● Кои се нивните одговорности?
[Слики на страница 13]
Надгледниците го поучуваат собранието, преземаат водство во проповедањето од куќа до куќа, охрабруваат преку пастирски посети, даваат совет и опомена кога тоа е потребно