Јеховините сведоци — одат напред со цврсто уверување!
Извештај од годишниот состанок
ВО ОВИЕ денови на скептицизам и сомневања, Јеховините сведоци се истакнуваат како христијани кои имаат цврсто уверување. Ова јасно беше дадено до знаење на годишниот состанок на Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania, што се одржа во Собирната сала на Јеховините сведоци во Џерси Сити (Њу Џерси), на 7 октомври 2000.a
Во своите уводни забелешки, претседавачот Џон И. Бар, член на Водечкото тело на Јеховините сведоци, наведе: „Од милијардите луѓе на Земјата, само ние знаеме и веруваме дека Јеховиниот љубен Син, Христос Исус, сега е востоличен на небесата и владее среде своите непријатели“. Доказ за таквото цврсто уверување беше изнесен во шест возбудливи извештаи од целиот свет.
Победа над спиритизмот со библиската вистина на Хаити
Спиритизмот е прилично раширен на Хаити. „Обично“, раскажа координаторот на Одборот на подружницата, Џон Норман, „луѓето се занимаваат со вуду за да се заштитат.“ Кога ја изгубил едната нога во некоја несреќа, кај еден врач се појавиле сомневања. ‚Како можеше ова да ми се случи мене ако ме штитат духови?‘ — се прашувал. Како и многу други, Јеховините сведоци го поучиле и овој човек за вистината и му помогнале да се ослободи од спиритизмот. Потенцијалот за пораст на Хаити се гледа од фактот што на 19 април 2000, на Меморијалот на Христовата смрт биле присутни четирипати повеќе од бројот на објавители на Царството во таа земја.
Ревност на огромното подрачје на Кореја
Во Кореја, 40 проценти од Јеховините сведоци се во полновремена служба. „Со оваа огромна војска“, рече координаторот на Одборот на подружницата Милтон Хамилтон, „нашето подрачје од над 47 милиони луѓе се обработува отприлика еднаш месечно.“ Особено е забележителен порастот во собранијата со знаковен јазик. Во една покраина со знаковен јазик, се водат 800 домашни библиски студии. Ова е во просек една студија на објавител. За жал, младите браќа сѐ уште одат в затвор поради нивната неутралност. Но, со овие верни христијани се постапува добро, и честопати се ставаат на работни места на кои е потребна доверливост.
Задоволување на барањата за раст во Мексико
Во август 2000 во Мексико известија служба на теренот највисок број од 533.665 објавители на Царството. На Меморијалот беа присутни трипати повеќе од тој број. „Наша цел за годинава е да изградиме уште 240 Сали на Царството“, рече координаторот на Одборот на подружницата Роберт Трејси. „Сепак“, додаде тој, „ни требаат уште многу повеќе.“
Младите Јеховини сведоци во Мексико се примерни. Во врска со една млада личност, еден католички свештеник рекол: „Би сакал меѓу моите следбеници да имам само еден како него. Им се восхитувам на овие луѓе заради нивната цврста волја и мудрото користење на Библијата. Тие го бранат Бог дури и по цена на својот живот“.
Интегритет среде немири во Сиера Леоне
Од април 1991, кога во Сиера Леоне избувна граѓанска војна, илјадници луѓе беа убиени, ранети или осакатени. „Војната и тешкотиите имаат длабок ефект врз луѓето“, извести координаторот на Одборот на подружницата Бил Коен. „Многумина кои беа рамнодушни кон нашата порака сега ја слушаат со интерес. Не е необично луѓето да дојдат право од улица во нашите Сали на Царството за да присуствуваат на својот прв состанок. Браќата честопати се запирани на улица и од нив се бара библиска студија.“ И покрај натамошната нестабилност во земјата, делото на проповедање на Царството донесува плодови во Сиера Леоне.
Огромна градежна програма во Јужна Африка
Моментално, на подрачјето за кое се грижи канцеларијата на подружницата во Јужна Африка има потреба од неколку илјади Сали на Царството. Веќе се изградени стотици сали. „Наместо да се состануваат во колиба или под дрво, како што правеа порано, нашите браќа можат да се состануваат во пригодно место со соодветни седишта“, забележа членот на Одборот на подружницата Џон Кикот. „Иако повеќето Сали на Царството имаат скромен дизајн, тие обично се истакнуваат како најдостоинствени градби во околината. На некои подрачја е утврдено дека по изградбата на Сала на Царството, следната година собранието се зголемува за повеќе од двапати.“
Нова генерација Сведоци во Украина
Во текот на 2000 службена година, оваа земја доживеа највисок број од 112.720 објавители. Од нив над 50.000 ја дознаа библиската вистина во текот на последните пет години. „Навистина, Јехова подигна една нова, млада генерација Сведоци да го објавуваат неговото име!“ — рече Џон Дидер, координатор на Одборот на подружницата. „Во изминативе две години“, додаде тој, „поделивме повеќе од 50 милиони списанија, што е еднакво на бројот на населението на земјата. Секој месец, во просек добиваме по илјада писма од заинтересирани луѓе кои бараат повеќе информации.“
Други возбудливи обележја на програмата
Даниел Сидлик, член на Водечкото тело, одржа говор кој го плени вниманието. Статијата „Како Водечкото тело се разликува од една законска корпорација“, која се наоѓа во ова списание, се темели на таа информативна презентација.
Теодор Џерес од Водечкото тело изнесе едно предавање кое наведе на размислување, со наслов „Надгледниците и слугите помошници се теократски наименувани“. Една од статиите во ова списание зборува на таа тема.
Годишниот состанок вклучуваше и еден возбудлив говор кој го одржа Дејвид Сплејн, член на Водечкото тело, на темел на годишниот стих за 2001 година. Темелен на зборовите на апостол Павле, тој гласеше: ‚Стојте потполни и со цврсто уверување во сета Божја волја‘ (Колошаните 4:12). Јеховините сведоци по целиот свет се решени да го прават тоа додека верно ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство низ целата земја (Матеј 24:14).
[Фуснота]
a Со програмата беа електронски поврзани неколку локации, при што вкупно беа присутни 13.082 лица.