Да се живее со ризици
„Во еден обичен ден не можеш да направиш ама баш ништо — вклучувајќи го и спиењето — а да не е ризично до степен да ти биде последното нешто во животот“ (списание Discover).
ЖИВОТОТ е спореден со газење по минско поле, зашто во секој момент може да дојде до повреда или смрт, честопати без предупредување. Факторите на ризик варираат од земја до земја. Во нив спаѓаат сообраќајните несреќи, граѓанските војни, гладот, СИДА-та, ракот, срцевите заболувања и уште многу други работи. Во супсахарска Африка, на пример, СИДА-та станала убиец број еден. Во една од последниве години „одзела 2,2 милиона животи, бројка која е за 10 пати поголема од данокот кој го зеле сите граѓански војни во Африка“, се вели во U.S.News & World Report.
Во меѓувреме, светот троши милијарди на продолжување на животот и на намалување на ризикот од болести и инвалидност. Многу од идеите кои се унапредуваат како, на пример, здравите навики на исхрана и пиење и физичките вежби, можат да донесат некои корисни резултати. Меѓутоа, постои извор на веродостојни информации за секоја важна фасета на живеењето кој може да ти помогне да уживаш еден посигурен, побезбеден живот. Тој извор е Библијата. Таа содржи упатства за тоа како да се справиме
со еден широк спектар грижи кои ги погодуваат нашето здравје и нашата благосостојба. Се разбира, Библијата не се занимава детално со секој проблем. Сепак, дава одлични начела за да нѐ води во работи како што се навиките на исхрана, физичката кондиција, умствениот став, сексот, употребата на алкохол, тутун и таканаречената дрога за рекреација, и во бројни други работи.
Животот на многу луѓе е оптоварен и со финансиска несигурност. И во тој поглед Библијата ни доаѓа на помош. Таа не само што охрабрува на мудро гледиште кон парите и раководењето со нив туку покажува и како да се биде подобар работник или работодавец. Едноставно кажано, Библијата е здрав водич не само за финансиската сигурност и за физичката благосостојба туку и за самиот живот. Дали би сакал да дознаеш колку може да биде практична Библијата денес? Те молиме, читај понатаму.