Стојте потполни и со цврсто уверување
Храбрите чувари на интегритетот триумфираат над нацистичкото прогонство
„БИДИ мудар, сине мој, и зарадувај ми го срцето, за да можам да му одговарам на оној, кој ме укорува [ми се подбива, NW]“ (Пословици 27:11). Овој срдечен повик открива дека Божјите интелигентни суштества можат да го израдуваат Јеховиното срце со својата верност и лојалност (Софонија 3:17). Меѓутоа, Сатана, оној кој се подбива, е решен да го скрши интегритетот на оние кои му служат на Јехова (Јов 1:10, 11).
Особено од почетокот на 20 век, кога бил исфрлен од небото во близина на Земјата, Сатана покажува голем гнев кон Јеховиниот народ (Откровение 12:10, 12). Сепак, вистинските христијани стојат „потполни и со цврсто уверување“ и го чуваат својот интегритет кон Бог (Колошаните 4:12). Да разгледаме накратко еден извонреден пример на такво чување на интегритетот — примерот на Јеховините сведоци во Германија пред и за време на II светска војна.
Ревносна активност води до испити на интегритетот
Во 1920-тите и почетокот на 1930-тите, Bibelforscher, како што тогаш биле познати Јеховините сведоци во Германија, дистрибуирале огромни количини библиска литература. Меѓу 1919 и 1933, кај секое семејство во Германија оставиле во просек по осум книги, брошури или списанија.
Во тоа време Германија била една од земјите со најголема концентрација на помазани следбеници на Христос. Всушност, од 83.941 лице низ целиот свет кое зело учество во Господовата вечера во 1933, речиси 30 проценти живееле во Германија. Набргу, овие германски Сведоци доживеале исцрпувачки испити на интегритетот (Откровение 12:17; 14:12). Отпуштањето од работа, рациите во домовите и исфрлањето од училиштата набрзо ескалирале во тепање, апсење и затворање (Слика 1). Како последица од тоа, во годините кои воделе до II светска војна, Јеховините сведоци сочинувале 5 до 10 проценти од сите кои биле ставени во концентрационите логори.
Зошто нацистите ги прогонувале Сведоците
Но, зошто Јеховините сведоци предизвикале бес кај нацистичкиот режим? Во својата книга Hitler—1889-1936; Hubris (Хитлер — 1889-1936: Надуеност) Јан Крша, професор по историја, забележува дека Сведоците станале мета на прогонство бидејќи одбивале „да се повинат на тоталните барања на нацистичката држава“.
Книгата Betrayal—German Churches and the Holocaust (Предавство — германските цркви и холокаустот), уредена од Роберт П. Ериксен, професор по историја, и Сузан Хешел, професор по еврејски студии, објаснила дека Сведоците „одбивале да учествуваат во насилство или во употреба на воена сила . . . Сведоците верувале во политичка неутралност, што значело дека тие не гласале за Хитлер ниту отпоздравувале со Хитлеровиот поздрав“. Ова, додава истиот извор, го распалило гневот кај нацистите и ги изложило Сведоците на опасност бидејќи „националсоцијализмот не толерирал такво одбивање“.
Светски протест и потполн напад
На 9 февруари 1934, Џозеф Ф. Ратерфорд, кој бил во челните редови на делото во тоа време, преку еден посебен гласник му испратил на Хитлер протестно писмо како реакција на нацистичката нетолеранција (Слика 2). На 7 октомври 1934, по писмото на Ратерфорд до Хитлер, следеле уште околу 20.000 протестни писма и телеграми од Јеховини сведоци од 50 земји, вклучувајќи ја и Германија.
Нацистите одговориле на тој начин што го засилиле прогонството. На 1 април 1935, Сведоците биле забранети во целата држава. А на 28 август 1936, Гестапо започнал еден потполн напад против нив. Сепак, Сведоците „продолжиле да дистрибуираат памфлети и на друг начин да ја одржуваат својата вера“, забележува Предавство — германските цркви и холокаустот.
На пример, токму пред носот на Гестапо, на 12 декември 1936, околу 3.500 Сведоци дистрибуирале десетици илјади примероци од една печатена резолуција во врска со малтретирањето што го доживувале тие. Во врска со оваа кампања, Стражарска кула известила: „Тоа беше голема победа и остар убод на непријателот, на неопислива радост на верните работници“ (Римјаните 9:17).
Прогонството не успева!
Трагањето на нацистите по Јеховините сведоци продолжило. До 1939 биле затворени шест илјади од нив, а илјадници биле испратени во концентрациони логори (Слика 3). Каква била ситуацијата на крајот од II светска војна? Околу 2.000 затворени Сведоци умреле, од кои над 250 со погубување. Сепак, професорите Ериксен и Хешел напишале дека „Јеховините сведоци во голема мера ја задржале својата вера наспроти неволјата“. Како резултат на тоа, кога режимот на Хитлер паднал, повеќе од илјада Сведоци излегле победоносно од логорите (Слика 4; Дела 5:38, 39; Римјаните 8:35-37).
Што му дало на Јеховиниот народ сила да го издржи прогонството? Адолф Арнолд, преживеан од еден концентрационен логор објаснил: „Дури и ако си на дното, Јехова те гледа, знае низ што поминуваш и ќе ти ја даде потребната сила за да ја надвладееш ситуацијата и да останеш верен. Неговата рака не е прекратка“.
Колку убаво се применуваат на овие верни христијани зборовите на пророкот Софонија! Тој изјавил: „Господ, твојот Бог, е во твоја средина, силен Спасител! Тој ќе ти се радува тебе, полн со веселба, ќе ти биде милостив во Својата љубов, ќе воскликнува радосно над тебе“ (Софонија 3:17). Нека сите обожаватели на вистинскиот Бог денес ја имитираат верата на тие лојални Сведоци кои го задржале интегритетот наспроти нацистичкото прогонство и нека на сличен начин го израдуваат Јеховиното срце (Филипјаните 1:12-14).
[Извор на слика на страница 8]
Państwowe Muzeum Oświȩcim-Brzezinka, Со љубезна дозвола на USHMM Photo Archives