Благословите на Царството можеш да ги имаш и ти
ХРИСТИЈАНСКИОТ апостол Павле течно говорел неколку од главните јазици во негово време. Тој стекнал образование еднакво на денешното универзитетско образование. Ги уживал сите предности и права на римски граѓанин (Дела 21:37-40; 22:3, 28). Овие препораки можеле да му овозможат да стане богат и славен. Сепак, тој рекол: „Оние работи кои ми беа добивка ги сметав за загуба поради Христос . . . ги сметам за куп смет за да го добијам Христос“ (Филипјаните 3:7, 8). Зошто Павле дал таква изјава?
Порано познат како Савле од Тарс и како прогонител на оние кои ‚припаѓале на Патот‘, Павле станал верник откако добил визија за воскреснатиот и прославениот Исус (Дела 9:1-19). Ова искуство на патот за Дамаск цврсто го убедило Павле дека Исус е ветениот Месија, или Христос, идниот владетел на ветеното Царство. Исто така, тоа предизвикало драматична промена во животниот пат на Павле, како што се гледа од неговата силна изјава забележана погоре. Со други зборови, бидејќи бил искрен и со чесно срце, Павле се покајал (Галатите 1:13-16).
Во Библијата, глаголот „да се покае“ честопати е преведен од еден грчки збор кој буквално значи „послезнаење“, спротивно на „предзнаење“. Значи, каењето вклучува промена во нечиј ум, став или цел, отфрлање на поранешните патишта како незадоволителни (Дела 3:19; Откровение 2:5). Во случајот на Павле, тој не дозволил овој значаен настан на патот за Дамаск да остане само емоционално или дури и таканаречено духовно искуство. Тоа го разбудило за фактот дека неговиот поранешен начин на живот, во незнаење за Христос, бил ништожен. Сфатил и дека за да извлече корист од своето новопронајдено спознание за Христос, мора да стори нешто за да го исправи својот правец на живот (Римјаните 2:4; Ефешаните 4:24).
Промена која донела благослови
Претходно, спознанието на Павле за Бог во голема мера потекнувало од сектата на фарисеите, на која и самиот бил член. Нивните верувања вклучувале многу човечка филозофија и традиции. Поради тоа што имал религиозни предрасуди, ревноста и трудот на Павле биле насочени во погрешен правец. Иако мислел дека му служи на Бог, тој всушност се борел против него (Филипјаните 3:5, 6).
Откако добил точно спознание за Христос и за неговата улога во Божјата намера, Павле можел да увиди дека пред него стои избор: да остане фарисеј и да продолжи да го ужива својот статус и углед, или да го смени својот животен правец и да почне со сѐ што било потребно за да стекне Божје одобрување? За среќа, Павле направил исправен избор, бидејќи рекол: „Зашто јас не се срамам од добрата вест; всушност, таа е Божја сила за спасение на секој кој има вера, најпрво на Евреинот, а исто така и на Гркот“ (Римјаните 1:16). Павле станал ревен проповедник на добрата вест за Христос и за Царството.
Многу години подоцна, Павле им кажал на своите сохристијани: „Јас уште не сметам дека сум ја дофатил; но има една работа во врска со тоа: Заборавајќи ги работите што се назад и посегајќи по оние што се напред, тежнеам кон целта, кон наградата на горниот позив Божји преку Христос Исус“ (Филипјаните 3:13, 14). Павле извлекол корист од добрата вест бидејќи спремно го напуштил она што го водело во спротивен правец од Бог и со цело срце се стремел по цели кои биле во склад со Божјата намера.
Што би сторил ти?
Можеби ти дури неодамна си ја чул добрата вест за Царството. Дали те привлекува надежта да живееш засекогаш во совршен рај? Би требало, бидејќи сите ние имаме вродена желба да живееме и да уживаме во животот во мир и безбедност. Библијата вели дека Бог ја всадил „вечноста“ во нашето срце (Проповедник 3:11). Затоа е сосема природно да се надеваме на времето кога луѓето ќе можат да живеат засекогаш во мир и среќа. А тоа е, всушност, она што го нуди добрата вест за Царството.
Меѓутоа, за да ти се обистини таа надеж, треба да истражиш и да откриеш во што се состои всушност добрата вест. Апостол Павле опоменал: ‚Уверете се која е добра и прифатлива и совршена волја Божја‘ (Римјаните 12:2). Затоа, исто како Павле, откако ќе стекнеш спознание и разбирање, мора да направиш избор.
Од друга страна, пак, можеби веќе имаш извесни верувања во врска со твојата иднина. Сети се дека пред да стане апостол Павле, Савле си имал свои идеи за Божјата волја. Но, наместо да очекуваш некое чудесно откровение од Бог, зошто да не ги погледнеш работите објективно? Запрашај се: ‚Дали јас навистина знам која е Божјата волја во врска со човештвото и Земјата? Кој доказ можам да го понудам за да ги потврдам моите верувања? Може ли мојот доказ да се одржи кога ќе биде испитан во светлина на Божјата реч, Библијата?‘ Ако ги преиспиташ своите религиозни верувања на ваков начин, нема што да изгубиш. Всушност, треба да сакаш да го сториш тоа бидејќи Библијата нѐ поттикнува: „Уверувајте се во сите работи; држете се цврсто за она што е добро“ (1. Солуњаните 5:21). Впрочем, не е ли Божјето одобрување она што е најважно? (Јован 17:3; 1. Тимотеј 2:3, 4).
Верските водачи можеби ни ветуваат вечна иднина. Но, ако не се темели на библиските учења, тоа ветување нема да ни помогне да ги добиеме благословите на Божјето Царство. Во својата прочуена Проповед на гората Исус силно предупредил: „Нема секој кој ми вели: ‚Господи, Господи‘, да влезе во небесното царство, туку оној кој ја врши волјата на мојот Татко кој е на небесата“ (Матеј 7:21).
Забележи го Исусовиот нагласок на вршењето на волјата на неговиот Татко како критериум за добивање на благословите на Божјето Царство. Со други зборови, она што можеби има изглед на побожност не мора да значи дека е одобрено од Бог. Всушност, Исус понатаму рекол: „Мнозина ќе ми речат во оној ден: ‚Господи, Господи, не пророкувавме ли во твое име, и не истерувавме ли демони во твое име, и не правевме ли многу моќни дела во твое име?‘ Па сепак, тогаш ќе им признаам: Никогаш не сум ве знаел! Бегајте од мене, вие кои вршите беззаконие“ (Матеј 7:22, 23). Јасно, најважно е да бидеме сигурни дека точно разбираме што навистина е добрата вест за Царството и потоа да постапуваме во склад со неа (Матеј 7:24, 25).
На располагање е помош
Веќе над 100 години, Јеховините сведоци ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство. Преку печатена страница и усно, тие им помагаат на луѓето во целиот свет да стекнат точно спознание за тоа што е Царството, кои благослови ќе ги донесе тоа и што мора некој да прави за да ги добие тие благослови.
Те охрабруваме да се одѕвиеш на пораката која ја проповедаат Јеховините сведоци. Ако ја прифатиш добрата вест и постапуваш во склад со неа, можеш да добиеш величествени благослови — не само сега туку и во иднина, кога Божјето Царство ќе владее над целата Земја (1. Тимотеј 4:8).
Дејствувај сега, зашто благословите на Божјето Царство се близу!
[Слики на страница 7]
Преку печатена страница и усно, Јеховините сведоци ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство