Вистинското христијанство преовладува!
„Јеховината реч моќно растеше и преовладуваше“ (ДЕЛА 19:20).
1. Опиши го растот на христијанството во првиот век.
РАСПАЛЕНИ со моќта од светиот дух, раните христијани ја објавувале Божјата реч со ревност која не можела да се задуши. Еден историчар напишал: „Христијанството се ширело низ римскиот свет со извонредна брзина. До 100 година, веројатно во секоја провинција која се граничела со Средоземјето имало христијанска заедница“.
2. Како се обидел Сатана да ѝ зададе противудар на добрата вест, и како било претскажано тоа?
2 Сатана Ѓаволот не можел да ги замолчи раните христијани. Наместо тоа, тој му задал противудар на ефектот на добрата вест со други средства — отпадот. Исус го претскажал ваквиот развој во својата парабола за пченицата и плевелот (Матеј 13:24-30, 36-43). Апостол Петар исто така предупредил дека во собранието ќе се јават лажни учители кои ќе воведат погубни секти (2. Петрово 2:1-3). На сличен начин, апостол Павле конкретно предупредил дека на Јеховиниот ден ќе му претходи отпад (2. Солуњаните 2:1-3).
3. Што се случило по смртта на апостолите?
3 По смртта на апостолите, добрата вест паднала во сенка на паганските учења и филозофии. Како што било претскажано, лажните учители ја извртеле и ја загадиле чистата порака на вистината. Вистинското христијанство постепено било замрачено од еден фалсификат наречен христијански свет. Настанала свештеничка класа која се обидела да ја држи Библијата подалеку од рацете на обичниот народ. Иако бројот на оние кои се нарекувале христијани се зголемил, нивното обожавање не било чисто. Христијанскиот свет географски пораснал и станал една моќна институција и доминантна сила во западната култура, но го немал ниту Божјиот благослов ниту неговиот дух.
4. Зошто сплетката на Сатана да ја осуети Божјата намера била безуспешна?
4 Меѓутоа, Сатановата сплетка да ја осуети Јеховината намера била осудена на пропаст. Дури и во текот на најмрачните денови на отпадот, вистинското христијанство сѐ уште било живо меѓу некои. Мажи кои ја препишувале Библијата вложиле огромни напори тоа да го направат точно. На тој начин, самата Библија останала целосна, иако нејзината порака била искривена од многумина кои се исповедувале како такви кои имаат авторитет да поучуваат за неа. Низ вековите, изучувачи како Ероним и Тиндејл смело ја преведувале и ја дистрибуирале Божјата реч. Милиони луѓе биле изложени на Библијата и на некаков облик на христијанство, иако тоа било фалсификат.
5. Што претскажал пророк Даниел во врска со „вистинското спознание“?
5 На крај, како што е претскажано во книгата Даниел, ‚вистинското спознание станало изобилно‘. Тоа се случило во „времето на крајот“ — времето во кое живееме ние сега (Даниел 12:4, NW). Светиот дух ги водел љубителите на вистината низ целиот свет до точно спознание на вистинскиот Бог и на неговата намера. Дури и по векови отпадничко учење, Божјата реч преовладува! Денес, добрата вест се објавува насекаде, посочувајќи им ја на луѓето надежта за еден прекрасен нов свет (Псалм 37:11). Да го разгледаме сега овој современ раст на Божјата реч.
Растот на Речта денес
6. Кои вистини ги разбрале Библиските студенти до 1914 година?
6 Кон крајот на 19 век, библиската вистина оживеала една мала група Библиски студенти, денес познати како Јеховини сведоци. До 1914 за нив Библијата веќе била жива. Ги разбрале прекрасните вистини во врска со Божјата намера. Биле длабоко поттикнати од љубовта што ја покажал Јехова со тоа што го испратил својот Син на Земјата, отворајќи го на тој начин патот до вечен живот. Исто така, го запознале и го сфатиле Божјето име и неговата личност. Освен тоа, увиделе дека „времињата на незнабошците“ веќе завршиле, што сигнализирало дека е близу времето кога владата на Божјето Царство ќе донесе благослови за човештвото (Лука 21:24, СП). Каква само славна добра вест! Овие динамични вистини требало да се споделат со сите, насекаде. На коцка биле животи!
7. Како преовладала библиската вистина во денешно време?
7 Јехова ги благословил тие грст христијани помазани со дух. Денес, бројот на оние кои го прифаќаат вистинското христијанство надминал шест милиони. Божјата реч се шири и географски, зашто Јеховини сведоци има во 235 земји. Освен тоа, библиската вистина извршила силно влијание, преовладувајќи над сите препреки, религиозни и други. Оваа глобална проповедничка активност го зголемува несоборливиот доказ дека Исус е присутен во моќта на Царството (Матеј 24:3, 14).
8. Што рекле некои за растот на Јеховините сведоци?
8 Исто како што историчарите коментирале за зачудувачкиот раст на христијанството во првиот век така многу изучувачи коментирале за растот на Јеховиниот народ во денешно време. Во Соединетите Држави, двајца изучувачи подеднакво рекле: „Во изминатите 75 години, Јеховините сведоци одржуваат едно неверојатно темпо на раст . . . и тоа на глобално ниво“. Еден весник од Источна Африка укажува на Сведоците како на „една од најбрзо растечките и највисоко почитуваните светски религии меѓународно познати по нивната целосна приврзаност кон библиските учења“. Еден конзервативен католички весник, кој се издава во Европа, укажува на „огромниот раст на Јеховините сведоци“. Што придонесува за ваквиот раст?
Светиот дух дејствува денес
9. а) Која е првенствена причина поради која Божјата реч преовладува денес? б) Како Јехова ги привлекува луѓето кон себе?
9 Првенствена причина поради која Божјата реч преовладува денес е тоа што Јеховиниот дух силно дејствува, исто како што дејствувал во првиот век. Исус рекол: „Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото кој ме испрати“ (Јован 6:44). Овие зборови укажуваат дека Бог љубезно ги привлекува оние кои се исправно наклонети, апелирајќи на нивните срца. Преку проповедничката активност на своите Сведоци, Јехова ги извлекува за својата служба „пожелните работи од сите нации“ (NW) — кротките луѓе на Земјата слични на овци (Агеј 2:6, 7).
10. Какви видови луѓе се одѕиваат на Божјата реч?
10 Светиот дух не само што го оспособил Божјиот народ да ја однесе Божјата реч до најоддалечениот дел на Земјата; тој ги поттикнува сите видови луѓе да се одѕвијат на добрата вест. Навистина, оние кои ја прифатиле Божјата реч дошле од „секое племе и јазик и народ и нација“ (Откровение 5:9; 7:9, 10). Тие можат да се најдат меѓу богатите и сиромашните, високо образованите и неписмените. Некои ја прифаќаат речта во услови на војна и сурово прогонство, додека други го прават тоа во времиња на мир и просперитет. Под секаков вид влада, во сите култури, од концентрациони логори до палати, мажи и жени поволно реагираат на добрата вест.
11. Како дејствува светиот дух во животот на Божјиот народ, и која разлика е очигледна?
11 И покрај зачудувачката разноликост, Божјиот народ живее во единство (Псалм 133:1-3). Ова го засилува доказот дека светиот дух дејствува во животот на оние кои му служат на Бог. Неговиот дух е моќна сила на добро која им овозможува на неговите слуги да покажуваат љубов, радост, мир, љубезност и други привлечни особини (Галатите 5:22, 23). Денес, ние јасно го сфаќаме она што уште одамна го претскажал пророкот Малахија: „Тогаш . . . ќе го разликувате праведникот од грешникот, оној, кој Му служи на Бога од оној, кој не Му служи“ (Малахија 3:18).
Божјата реч преовладува кај ревните работници
12. Како гледаат Јеховините сведоци на делото на евангелизирање, и каква реакција очекуваат на својата проповедничка активност?
12 Јеховините сведоци денес не се некакви пасивни посетители на црквите. Тие земаат активен удел во делото на евангелизирање. Слично на раните христијани, тие спремно се даваат за да ја вршат Божјата волја, настојувајќи да им помогнат на другите да научат за ветувањата за Јеховиното Царство. Тие се Божји соработници кои, во склад со неговиот свет дух, ги собираат другите за Јеховината служба. Притоа, ја одразуваат Јеховината милост и љубов кон безверното човештво. А тоа го прават и покрај тоа што наидуваат на апатија, исмејување и прогонство. Исус ги подготвил своите следбеници за различни реакции на добрата вест. Тој рекол: „Робот не е поголем од својот господар. Ако ме прогонуваа мене, ќе ве прогонуваат и вас; ако го држеа мојот збор, ќе го држат и вашиот“ (Јован 15:20).
13. Кои обележја, што му недостигаат на христијанскиот свет, изобилуваат меѓу Јеховините сведоци?
13 Ние не можеме а да не бидеме импресионирани од сличноста меѓу Јеховините сведоци денес и оние кои го прифатиле вистинското христијанство во првиот век. Подеднакво впечатлив е и контрастот меѓу Јеховините сведоци и христијанскиот свет денес. Откако пишувал за ревноста на раните христијани во евангелизирањето, еден изучувач се жали: „Сѐ додека не дојде до преобразување во животот на современата црква така што задачата на евангелизмот повторно ќе стане нешто на кое ќе се гледа како на задолжително за секој крстен христијанин, што ќе биде поткрепено со квалитетот на живеењето кој го надминува најдоброто што неверувањето може да го даде, не постои веројатност дека ќе постигнеме голем напредок“. Токму тие обележја кои му недостигаат на христијанскиот свет, изобилуваат меѓу Јеховините сведоци! Нивната вера е жива, вистинска, и е вера која се темели на библиската вистина која тие се чувствуваат поттикнати да ја споделуваат со сите кои ќе слушаат (1. Тимотеј 2:3, 4).
14. Како гледал Исус на својата служба, и каков став покажуваат неговите ученици денес?
14 Исус многу сериозно ја сфатил својата служба, и таа му била од главен интерес. На Пилат му рекол: „Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината“ (Јован 18:37). Божјиот народ се чувствува како и Исус. Имајќи ја библиската вистина во своите срца, тие настојуваат да изнајдат начини да ја споделуваат со колку што е можно повеќе луѓе. Некои од овие начини одразуваат извонредна досетливост.
15. Како некои покажале досетливост во проповедањето на добрата вест?
15 Во една јужноамериканска земја, Сведоците патувале по притоката на реката Амазон за да ги достигнат луѓето со вистината. Меѓутоа, кога во 1995 избувнала граѓанска војна, цивилната пловидба по должината на реката била забранета. Одлучни да продолжат да ги снабдуваат заинтересираните со библиски публикации, Сведоците одлучиле пораката да плови низводно. Пишувале писма и нив, заедно со примероци од списанијата Стражарска кула и Разбудете се!, ги ставале во празни пластични шишиња. Потоа ги фрлале шишињата во реката. Ова траело четири и пол години сѐ додека реката не била повторно отворена за цивилите. Сите луѓе по должината на реката им биле благодарни на Сведоците за литературата. Една госпоѓа, библиска студентка, ги прегрнала со солзи во очите и им рекла: „Мислев дека никогаш повторно нема да ве видам. Меѓутоа, кога почнав да ја добивам литературата во шишињата, знаев дека не сте ме заборавиле!“ Други, кои живееле по должината на реката, рекле дека честопати ги читале списанијата. Многу населби имале „пошта“ — вител каде што повремено се собирале пловните објекти. Тоа било место каде што заинтересираните често проверувале дали имаат „пошта“ од горниот дел на реката.
16. На кој начин тоа што се ставаме на располагање понекогаш го отвора патот за правење ученици?
16 Проповедањето на добрата вест е водено и поткрепувано од Јехова Бог и од неговите моќни ангели (Откровение 14:6). Ако само се ставиме на располагање, понекогаш се јавуваат неочекувани прилики за правење ученици. Во Најроби (Кенија) две христијанки завршиле со посетувањето на куќите кои им биле доделени во службата на теренот. Одеднаш една млада жена им пристапила и возбудено им рекла: „Се молев да сретнам некој како вас“. Ги преколнувала Сведоците веднаш да дојдат кај неа дома за да подискутираат, и истиот ден со неа била започната библиска студија. Зошто жената им пристапила на двете христијанки со толкава итност? Отприлика две седмици пред тоа, ѝ умрело бебето. Затоа, кога видела како еден младич го носи трактатот „Дали постои надеж за нашите мртви?“ таа очајнички посакала да го добие и го замолила момчето да ѝ го даде. Тоа одбило, но покажало кон Сведоците кои му го дале трактатот. Наскоро жената добро духовно напредувала и подобро можела да излезе на крај со болната загуба на своето дете.
Божјата љубов мора да преовлада
17-19. Каква љубов покажал Јехова кон човештвото преку откупнината?
17 Растот на Божјата реч низ целата Земја е тесно поврзан со откупната жртва на Христос Исус. Исто како откупнината, проповедничкото дело е израз на Јеховината љубов кон луѓето насекаде. Апостол Јован бил инспириран да напише: „Бог толку многу го љубеше светот што го даде својот единороден Син за секој кој практикува вера во него, да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16).
18 Размисли само за љубовта што ја покажал Јехова давајќи ја откупнината. Бог со еони уживал близок однос со својот ценет единороден Син, „почетокот на Божјето создавање“ (Откровение 3:14). Исус силно го љуби својот Татко, а Јехова го љубел својот Син уште „пред основањето на светот“ (Јован 14:31; 17:24). Јехова дозволил овој љубен Син да се подложи на смрт за да можат луѓето да добијат вечен живот. Каков само израз на љубов кон човештвото, што влева стравопочит!
19 Јован 3:17 вели: „Бог не го испрати својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку него“. Значи, Јехова го испратил својот Син во една љубезна мисија на спасение, а не мисија на суд или осуда. Ова е во склад со зборовите на Петар: „[Јехова] не сака никој да биде уништен, туку сака сите да дојдат до покајание“ (2. Петрово 3:9).
20. На кој начин спасението е поврзано со проповедањето на добрата вест?
20 Со тоа што обезбедил законска основа за спасение по голема лична цена, Јехова сака колку што е можно повеќе луѓе да извлечат корист од неа. Апостол Павле напишал: „,Секој кој го повикува името на Јехова, ќе биде спасен‘. Но, како ќе го повикаат оној во кого не положиле вера? Како, пак, ќе поверуваат во оној за кого не чуле? А како ќе чујат ако некој не проповеда?“ (Римјаните 10:13, 14).
21. Како треба да гледаме на приликата да учествуваме во делото на проповедање?
21 Колкава само прекрасна предност е да се учествува во ова глобално дело на проповедање и поучување! Тоа дело не е лесно, но сепак, колку Јехова се радува кога гледа како неговиот народ верно живее во вистината и ја споделува добрата вест со другите! Значи, сеедно какви се твоите околности, нека Божјиот дух и љубовта во срцето те мотивираат да учествуваш во ова дело. И запомни дека она што гледаме дека се постигнува низ целиот свет дава уверлив доказ дека наскоро Јехова Бог ќе го исполни своето ветување да ги воведе славните „небеса и нова земја“ во кои „ќе престојува праведност“ (2. Петрово 3:13).
Се сеќаваш ли?
• Зошто отпадот не можел да ги замолчи проповедниците на добрата вест?
• Како преовладува Божјата реч во нашево време?
• На кои начини Божјиот дух дејствува денес?
• Како е поврзана откупнината со проповедањето на добрата вест?
[Графикон/слика на страница 16]
(Види во публикацијата)
Раст во бројот на објавители на Царството во 20 век
Просек на објавители (во милиони)
6,0
5,5
5,0
4,5
4,0
3,5
3,0
2,5
2,0
1,5
1,0
0,5
1900 1910 1920 1930 1940 1950 1960 1970 1980 1990 2000
[Слики на страница 15]
ЕРОНИМ
ТИНДЕЈЛ
ГУТЕНБЕРГ
ХУС
[Извор на слика]
Гутенберг и Хус: Од книгата The Story of Liberty (Приказна за слободата), 1878
[Слика на страница 15]
Библиските студенти ја објавуваат добрата вест во 1920-тите
[Слики на страници 16 и 17]
Низ целата Земја луѓето се одѕиваат на добрата вест
[Слика на страница 18]
Исто како откупната жртва на Исус Христос, проповедничкото дело ја велича Божјата љубов