Сите вистински христијани се евангелизатори
‚Пејте Му на Господа, благословувајте Го Неговото име! Проповедајте ја од ден на ден [добрата вест за, NW] Неговото спасение‘ (ПСАЛМ 96:2).
1. Која добра вест треба да ја чујат луѓето, и како се Јеховините сведоци примерни во ширењето на таа вест?
ВО СВЕТ во кој секојдневно се случуваат катастрофи, навистина е утешително да се знае дека, како што објавува Библијата, наскоро ќе престанат војната, криминалот, гладот и угнетувањето (Псалм 46:9; 72:3, 7, 8, 12, 16). Навистина, зарем не е ова добра вест што треба секој да ја чуе? Јеховините сведоци мислат така. Тие се познати насекаде како луѓе што проповедаат „добра вест за нешто подобро“ (Исаија 52:7, NW). Точно, многу Сведоци трпат прогонство заради својата решеност да ја кажуваат добрата вест. Но, тие ги имаат при срце најдобрите интереси на луѓето. И какво само досие на ревност и истрајност си изградиле Сведоците!
2. Која е една причина за ревноста на Јеховините сведоци?
2 Ревноста на Јеховините сведоци денес е слична на ревноста на христијаните во првиот век. За нив, римокатоличкиот весник L’Osservatore Romano точно навел: „Првите христијани, веднаш по своето крштавање, сметале дека им е должност да го шират евангелието. Робовите усно го пренесувале евангелието“. Зошто се Јеховините сведоци, слично на тие рани христијани, толку ревносни? Прво, затоа што добрата вест што ја објавуваат потекнува од самиот Јехова Бог. Би можела ли да постои подобра причина за ревност? Нивното проповедање е одговор на зборовите на псалмистот: „,Пејте Му на Господа, благословувајте Го Неговото име! Проповедајте ја од ден на ден [добрата вест за, NW] Неговото спасение‘ (Псалм 96:2).
3. а) Која е втората причина за ревноста на Јеховините сведоци? б) Што е вклучено во ‚спасението од Бог‘?
3 Зборовите на псалмистот нѐ потсетуваат на втората причина за ревноста на Јеховините сведоци. Нивната порака е порака на спасение. Некои поединци работат на медицинското, социјалното, економското или на други полиња за да им го подобрат животот на другите луѓе, и таквите напори се за пофалба. Но, сѐ што човек може да стори за другиот е многу ограничено во споредба со ‚спасението од Бог‘. Преку Исус Христос, Јехова ќе ги спаси кротките од грев, болест и смрт. Оние што извлекуваат корист ќе живеат засекогаш! (Јован 3:16, 36; Откровение 21:3, 4). Денес, спасението спаѓа во ‚чудата‘ што христијаните ги прераскажуваат кога одговараат на зборовите: „Кажувајте им ја на многубошците [Божјата] слава, на сите народи Неговите чуда. Зашто Господ е велик, предостоен за фалба, пострашен е од сите богови!“ (Псалм 96:3, 4).
Примерот на Господарот
4-6. а) Од која трета причина се ревносни Јеховините сведоци? б) Како покажал Исус ревност за делото на проповедање на добрата вест?
4 Јеховините сведоци се ревносни и од една трета причина. Тие го следат примерот на Исус Христос (1. Петрово 2:21). Тој совршен човек со сето срце ја прифатил задачата ‚да им ја донесе Радосната Вест на бедните‘ (Исаија 61:1; Лука 4:17—21). Така станал евангелизатор, оној што ја кажува добрата вест. Патувал низ цела Галилеја и Јудеја „проповедајќи ја добрата вест за царството“ (Матеј 4:23). И затоа што знаел дека многумина ќе се одѕвијат на таа добра вест, на своите ученици им рекол: „Жетвата е голема, а работници малку. Затоа, молете го Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва“ (Матеј 9:37, 38).
5 Во согласност со својата молитва, Исус обучувал и други да бидат евангелизатори. Со текот на времето, ги испратил своите апостоли да одат сами и им рекол: „Додека одите, проповедајте, велејќи: ‚Се приближи небесното царство‘“. Дали за нив ќе било попрактично да воведат програми за намалување на тогашните социјални проблеми? Или, требало да се вклучат во политиката за да се борат со раширената корупција од тоа време? Не. Наместо тоа, Исус го поставил мерилото за сите христијански евангелизатори кога на своите следбеници им рекол: „Додека одите, проповедајте“ (Матеј 10:5—7).
6 Подоцна, Исус испратил една друга група ученици да објавуваат: „Се приближи Божјето царство“. Кога се вратиле да известат за успехот од своето евангелизирачко патување, Исус бил пресреќен. Се помолил: „Јавно те фалам Татко, Господару на небото и на земјата, бидејќи внимателно си ги скрил тие работи од мудрите и умните, а си им ги открил на бебињата“ (Лука 10:1, 8, 9, 21). Исусовите ученици, бивши марливи рибари, земјоделци, итн. биле како бебиња во споредба со високообразованите верски водачи на нацијата. Но, учениците биле обучени да ја објавуваат најдобрата од сите добри вести.
7. Откако Исус се вознел на небото, кому најпрво му ја проповедале неговите следбеници добрата вест?
7 Откако Исус се вознел на небото, неговите следбеници продолжиле да ја шират добрата вест за спасение (Дела 2:21, 38—40). Кому тие најпрво му проповедале? Дали отишле кај нациите што не го познавале Бог? Не, нивниот прв терен бил Израел, народ што го познавал Јехова повеќе од 1.500 години. Дали тие имале право да проповедаат во земја во која веќе се обожавал Јехова? Да. Исус им рекол: „Ќе ми бидете сведоци како во Ерусалим така и во цела Јудеја и Самарија, па сѐ до најоддалечениот дел од земјата“ (Дела 1:8). Израел требало да ја чуе добрата вест исто како и секоја друга нација.
8. Како Јеховините сведоци денес ги имитираат следбениците на Исус од првиот век?
8 На сличен начин, Јеховините сведоци денес проповедаат по целата Земја. Тие соработуваат со ангелот што Јован го видел, кој ‚имал вечна добра вест за да им ја објави како радосна новост на оние кои живеат на земјата, и на секоја нација и племе и јазик и народ‘ (Откровение 14:6). Во 2001 година, тие биле активни во 235 земји и подрачја, вклучувајќи и некои што вообичаено се сметаат за христијански. Дали е погрешно тоа што Јеховините сведоци проповедаат на места каде што христијанскиот свет веќе има основано свои цркви? Некои велат дека тоа е погрешно и можеби дури сметаат дека таквото евангелизирање претставува „крадење овци“. Меѓутоа, Јеховините сведоци се сеќаваат на Исусовите чувства кон понизните Евреи од негово време. Иако тие веќе имале свештенство, Исус не се колебал да им ја каже добрата вест. Тој ‚се сожалил над нив бидејќи биле одрани и расеани како овци без пастир‘ (Матеј 9:36). Кога Јеховините сведоци наоѓаат понизни луѓе, кои не знаат за Јехова и за неговото Царство, дали треба да се воздржуваат да им ја кажат добрата вест на таквите поединци затоа што некоја религија тврди дека има авторитет над нив? Следејќи го примерот на Исусовите апостоли, одговараме со „не“. Добрата вест мора да се проповеда „во сите нации“, без исклучок (Марко 13:10).
Сите рани христијани биле евангелизатори
9. Кој учествувал во делото на проповедање во христијанското собрание во првиот век?
9 Кој учествувал во делото на проповедање во првиот век? Фактите покажуваат дека сите христијани биле евангелизатори. Авторот В. С. Вилијамс забележува: „Општо сведоштво е дека сите христијани во првобитната црква . . го проповедале евангелието“. Во врска со настаните на ден Пентекост 33 н.е., Библијата вели: „Сите [мажи и жени] се исполнија со свет дух и почнаа да зборуваат на различни јазици, како што им даваше духот да изговараат“. Во евангелизаторите спаѓале мажи и жени, млади и стари, робови и слободни (Дела 1:14; 2:1, 4, 17, 18; Јоил 3:1, 2; Галатите 3:28). Кога, поради прогонство, многу христијани биле принудени да бегаат од Ерусалим, ‚оние кои биле распрснати, минувале низ земјата објавувајќи ја добрата вест на речта‘ (Дела 8:4). Сите ‚кои биле распрснати‘, а не само неколку назначени, биле евангелизатори.
10. Кој двократен налог бил исполнет пред уништувањето на еврејскиот систем?
10 Ова било случај во текот на сите тие рани години. Исус прорекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). Во исполнување на тие зборови во првиот век, добрата вест била проповедана насекаде пред римските војски да го уништат еврејскиот религиозен и политички систем (Колошаните 1:23). Освен тоа, сите Исусови следбеници биле послушни на неговата заповед: „Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите нации, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:19, 20). Раните христијани не ги поттикнувале кротките да веруваат во Исус а потоа да ги остават самите да си го најдат патот, како што прават некои денешни проповедници. Наместо тоа, тие ги поучувале да станат ученици на Исус, ги организирале во собранија и ги обучувале да можат и тие да ја проповедаат добрата вест и да прават ученици (Дела 14:21—23). Јеховините сведоци денес го следат тој образец.
11. Кој учествува денес во објавувањето на најдобрата добра вест за човештвото?
11 Голем број Јеховини сведоци, следејќи го примерот на Павле, Варнава и на други од првиот век, заминале како мисионери во странски земји. Нивното дело било навистина корисно, бидејќи не се вклучиле во политиката ниту, пак, на други начини застраниле од налогот да ја проповедаат добрата вест. Тие едноставно биле послушни на Исусовата заповед: „Додека одите, проповедајте“. Меѓутоа, повеќето Јеховини сведоци не се мисионери во странски земји. Многумина од нив заработуваат за живот работејќи световна работа, а некои сѐ уште одат на училиште. Некои подигаат деца. Но, сите Сведоци ја споделуваат со другите добрата вест што ја дознале. Млади и стари, машки и женски, радосно се одѕиваат на библискиот поттик: „Проповедај ја речта, итно прави го тоа во поволно време, во тешко време“ (2. Тимотеј 4:2). Како и нивните претходници од првиот век, тие продолжуваат „без престан да поучуваат и да ја објавуваат добрата вест за Христос, Исус“ (Дела 5:42). Тие ја објавуваат најдобрата добра вест за човештвото.
Прозелитизираат или евангелизираат?
12. Што е прозелитизам, и како почнало да се гледа на него?
12 Во грчкиот јазик постои зборот проселитос, кој значи „преобратеник“. Од него дошол македонскиот збор „прозелитизам“, кој во основа значи „чин на правење преобратеници“. Денес некои велат дека прозелитизмот е штетен. Еден документ издаден од Светскиот црковен концил дури зборува за „гревот на прозелитизмот“. Зошто? Католичкиот светски извештај (Catholic World Report) наведува: „Под постојаната навала од православни жалби, ‚прозелитизмот‘ попримил конотација на присилно преобраќање“.
13. Кои се некои примери за штетен прозелитизам?
13 Дали е прозелитизмот штетен? Може да биде. Исус рекол дека прозелитизмот на книжниците и фарисеите бил штетен за преобратениците што тие ги направиле (Матеј 23:15). Секако дека „присилното преобраќање“ е погрешно. На пример, според историчарот Јосиф, кога ги покорил Идумејците, Јован Хиркан Макавеј „им дозволил да останат во својата земја сѐ додека самите не се обрежале и не биле спремни да ги држат законите на Евреите“. За да живеат под еврејското владетелство, Идумејците морале да ја практикуваат еврејската религија. Историчарите ни кажуваат дека во осмиот век н.е., Карло Велики ги победил паганските Саксонци од северна Европа и брутално ги принудил да се преобратат.a Но, колку биле искрени преобраќањата на Саксонците или на Идумејците? На пример, колку била вистинска приврзаноста на идумејскиот цар Ирод — кој се обидел да го убие бебето Исус — кон божествено инспирираниот Мојсеев закон? (Матеј 2:1—18).
14. Како некои мисионери на христијанскиот свет вршат притисок врз луѓето со цел тие да се преобратат?
14 Дали преобраќањата денес се присилни? Во извесна смисла, некои се присилни. Се вели дека извесни мисионери на христијанскиот свет на потенцијалните преобратеници им нудат школување во странство. Или, успеваат да натераат некој изгладнет бегалец да седи на проповедта за да добие порција храна. Според една изјава дадена во 1992 на еден конгрес на православните архиепископи, „понекогаш прозелитизмот се појавува преку материјално заведување, а понекогаш и преку различни облици на насилство“.
15. Дали Јеховините сведоци прозелитизираат во смисла на современото значење на тој збор? Објасни.
15 Вршењето притисок врз луѓето да си ја сменат религијата е погрешно. Секако, Јеховините сведоци не постапуваат на таков начин.b Според тоа, тие не прозелитизираат во смисла на современото значење на тој збор. Наместо тоа, како и христијаните во првиот век, тие му ја проповедаат добрата вест на секого. Секој што поволно реагира е поканет да стекне повеќе спознание со помош на библиска студија. Таквите заинтересирани луѓе учат да положат вера, цврсто темелена на точното библиско спознание, во Бог и во неговите намери. Како резултат на тоа, тие за спасение го повикуваат Божјето име, Јехова (Римјаните 10:13, 14, 17). Дали ќе ја прифатат добрата вест или не е работа на личен избор. Нема принуда. Ако постои принуда, преобраќањето би било бесмислено. За да биде прифатливо за Бог, обожавањето мора да доаѓа од срце (Второзаконие 6:4, 5; 10:12).
Евангелизирање во наше време
16. Како пораснало делото на евангелизирање на Јеховините сведоци во наше време?
16 Во наше време Јеховините сведоци ја проповедаат добрата вест за Царството во поголемо исполнување на Матеј 24:14. Еден истакнат инструмент во нивното дело на евангелизирање е списанието Стражарска кула.c Во 1879, кога биле издадени првите броеви на Стражарска кула, списанието имало тираж од околу 6.000 примероци на еден јазик. Во 2001 година, 122 години подоцна, тиражот достигнал 23.042.000 примероци на 141 јазик. Тој пораст е придружуван од растот на активноста на евангелизирање на Јеховините сведоци. Спореди ги неколкуте илјади часови што се поминувале годишно во делото на евангелизирање во 19 век со 1.169.082.225 часови посветени во делото на проповедање во 2001 година. Размисли и за 4.921.702 бесплатни библиски студии што биле водени просечно секој месец. Колку огромна извонредна работа била постигната! А тоа го правеа 6.117.666 активни објавители на Царството.
17. а) Кои лажни богови се обожаваат денес? б) Што треба да знае секој сеедно кој е неговиот јазик, националност или општествен статус?
17 Псалмистот вели: „Ништожни се сите богови на народите. Господ [Јехова, NW] ги создаде небесата!“ (Псалм 96:5). Во световниот систем денес, предмети на обожавање се национализмот, националните симболи, истакнати поединци, материјални работи, па дури и самото богатство (Матеј 6:24; Ефешаните 5:5; Колошаните 3:5). Мохандас К. Ганди еднаш рекол: „Според моето цврсто мислење . . . Европа денес е христијанска само по име. Таа, всушност, го обожава Мамон [богатството]“. Факт е дека добрата вест треба да се чуе насекаде. Секој, сеедно кој е неговиот јазик, националност или општествен статус, треба да знае за Јехова и за неговите намери. Ние сакаме сите да се одѕвијат на зборовите на псалмистот: „Дајте Му на Господа, племиња на народите, дајте Му на Господа, слава и сила! Дајте му ја на Господа славата на Неговото име!“ (Псалм 96:7, 8). Јеховините сведоци им помагаат на другите да научат за Јехова за да можат исправно да му дадат слава. А приемливите извлекуваат голема корист. Какви користи уживаат? За тоа ќе биде дискутирано во следната статија.
[Фусноти]
a Според The Catholic Encyclopedia, во текот на реформацијата присилното наметнување религија врз некој народ било изразено со мотото: Cuius regio, illius et religio (Ова во суштина значи: „Оној што владее со земјата ја одредува и нејзината религија“).
b На еден состанок на Меѓународната комисија за религиозна слобода од Соединетите Држави, одржан на 16 ноември 2000, еден учесник направил разлика меѓу оние што се обидуваат да вршат присилни преобраќања и активноста на Јеховините сведоци. Било забележано дека кога им проповедаат на другите, Јеховините сведоци го прават тоа на начин што човек може едноставно да каже: „Не ме интересира“ и да ја затвори вратата.
c Целосниот наслов на списанието е Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство.
Можеш ли да објасниш?
• Зошто се Јеховините сведоци ревносни евангелизатори?
• Зошто проповедаат Јеховините сведоци дури и таму каде што христијанскиот свет има основано цркви?
• Зошто Јеховините сведоци не прозелитизираат во смисла на современото значење на тој збор?
• Како пораснало денес делото на евангелизирање на Јеховините сведоци?
[Слика на страница 9]
Исус бил ревносен евангелизатор и ги обучувал другите да го прават истото
[Слика на страница 10]
Сите во собранието во првиот век учествувале во евангелизирање
[Слика на страница 11]
Да се принудуваат луѓето да си ја сменат религијата е погрешно