Послушност — важна лекција од детството?
„РОДИТЕЛИТЕ сакаат индивидуи, а не само послушни деца.“ Така гласел еден новински наслов. Овој извештај се темелел на резултатите од една анкета спроведена на Нов Зеланд, со која било откриено дека само „22 проценти од анкетираните сметале дека децата треба да бидат поучени на послушност дома“. Анкетата открила и дека родителите денес сметаат дека е многу поважно да ги поучат децата за работи како што се добрите манири, независноста и одговорноста.
Во оваа ера на индивидуализам и саможивост, не изненадува тоа што повеќето луѓе имаат едно скептично гледиште за послушноста и за тоа да се поучуваат децата за неа. Но, дали послушноста од детството едноставно треба да се отфрли како нешто старомодно и застарено? Или, пак, таа спаѓа меѓу важните лекции кои можат да ги научат децата и од кои можат да извлечат корист? Што е уште поважно, како Јехова Бог, Основачот на семејното уредување, гледа на послушноста кон родителите, и кои се некои од користите што произлегуваат од таквата послушност? (Дела 17:28; Ефешаните 3:14, 15).
„Тоа е праведно“
На христијанското собрание во Ефес од првиот век, апостол Павле му напишал: „Деца, бидете им послушни на своите родители во обединетост со Господ, зашто тоа е праведно“ (Ефешаните 6:1). Значи, првенствена причина за таквата послушност е тоа што таа е во склад со божественото мерило за она што е исправно. Како што рекол Павле, „тоа е праведно“.
Во склад со ова, забележуваме дека Божјата реч ја опишува родителската дисциплина дадена во љубов како украс, „милостив венец на главата и ѓердан околу твојот врат“ и како нешто „угодно во Господ“ (Пословици 1:8, 9; Колошаните 3:20). Во директна спротивност, непослушноста кон родителите повлекува божествено неодобрување (Римјаните 1:30, 32).
„За да ти биде добро“
Павле укажал и на една друга предност од послушноста, кога напишал: „,Искажувај им чест на татка си и мајка си‘; што е првата заповед со ветување: ‚За да ти биде добро и да останеш долго на земјата‘“ (Ефешаните 6:2, 3; Излез 20:12). На кои начини може да произлезе благосостојба од послушноста кон родителите?
Пред сѐ, зарем не е вистина дека родителите се во подобра положба поради годините и искуството? Иако можеби се чини дека не знаат многу за компјутерите или некои други предмети што се учат на училиште, тие знаат многу за животот и за справувањето со животните проблеми. На младите луѓе пак, од друга страна, им недостига урамнотеженото размислување кое доаѓа со зрелоста. Затоа, тие се склони да бидат брзи во донесувањето одлуки, честопати попуштајќи на негативниот притисок од врсниците, и тоа на сопствена штета. Реалистично, Библијата вели: „Глупоста се прилепува до срцето на детето“. Што е лекот? „Прачката на поуката ја отстранува од него“ (Пословици 22:15).
Користите од послушноста одат и подалеку од односот родител—дете. За да функционира човечкото општество без проблеми и да биде продуктивно, мора да постои соработка, која од своја страна бара извесна мера послушност. На пример, во бракот спремноста да се попушта, наместо да се има преголеми барања и да се биде неосетлив за правата и чувствата на другите, е она што доведува до мир, хармонија и среќа. На работното место, подложноста на вработените е неопходна за да успее некој бизнис или потфат. Во однос на државните закони и одредби, послушноста не само што ослободува од казна туку и донесува барем некаква безбедност и заштита (Римјаните 13:1-7; Ефешаните 5:21-25; 6:5-8).
Младите луѓе кои не се послушни на авторитет честопати стануваат лица што не можат да се вклопат во општеството. За разлика од нив, лекцијата на послушност која се учи во детството може да стане наградувачка низ нечиј живот. Колку само е корисно да се научи таа уште во детството!
Голема награда за послушноста
Послушноста не само што доведува до среќни семејни односи и други доживотни користи туку го поставува и темелот на кој може да се гради најбитниот од сите односи — односот меѓу човекот и неговиот Творец. Како „Величествен Творец“ (NW) во кого е „изворот на животот“, Јехова Бог со право ја заслужува нашата целосна послушност (Проповедник 12:1; Псалм 36:9).
Зборот „да се послуша“ во сите негови различни облици се појавува во Библијата повеќе од 160 пати. Освен тоа, во неа постојат стотици осврнувања на Божјите закони, наредби, заповеди, судски одлуки и одредби со кои се бара подложност. Нема сомнение дека Бог гледа на послушноста како на барање за да се има неговото одобрување. Да, послушноста е неопходна состојка за да се изгради еден однос со Јехова (1. Самоил 15:22). За жал, човекот има природна тенденција кон непослушност, а не кон послушност. „Склоноста на човечкото срце е лоша уште од неговата младост“, вели Библијата (Битие 8:21, NW). Затоа, лекцијата на послушност мора да се учи не само во детството туку и низ целиот живот. Тоа донесува голема награда.
Сети се дека, како што кажал апостол Павле, заповедта да им се биде послушен на родителите доаѓа со двократно ветување, имено, „за да ти биде добро и да останеш долго на земјата“. Потврда за ова ветување се наоѓа во Пословици 3:1, 2: „Сине мој, не ги заборавај моите поуки, и твоето срце нека ги чува моите заповеди, зашто ќе ти ги продолжат деновите и годините на животот и ќе ти додадат мир“. Главната награда за оние кои се послушни е личниот однос со Јехова сега и вечниот живот во мирољубивиот нов свет (Откровение 21:3, 4).
[Слики на страници 30 и 31]
Послушноста доведува до среќни односи во семејството, на работното место и со Јехова