Се сеќаваш ли?
Дали го ценеше тоа што можеше да ги читаш неодамнешните изданија на Стражарска кула?
Тогаш, види дали ќе можеш да одговориш на следниве прашања:
• Зошто прашањата поставени во Јов, 38. поглавје, заслужуваат внимание дури и денес?
Многу од чудесните дела кон кои Бог го насочил вниманието не можат да ги разберат во целост дури ни денешните научници. Во нив спаѓаат: како гравитацијата ја држи Земјата во орбитата, што точно е светлината, зошто има бескрајно различни снегулки, како се формираат дождовните капки и како енергијата е вклучена во луњите (15.4., страници 4 —11).
• Кои библиски примери можат да ни помогнат да излеземе на крај со негативните чувства?
Асаф, Варух и Ноемина се соочиле со периоди на обесхрабрување или со други негативни чувства, а библискиот запис за тоа како успешно излегле на крај со таквите ситуации може да ни помогне и нам (15.4., страници 22—24).
• Кои се некои практични начини да им се помогне на христијанските вдовици?
Пријателите можат љубезно и јасно да понудат помош. Членовите на семејството или другите можеби се во состојба да понудат финансиска или материјална помош, таму каде што има вистинска потреба. Сохристијаните можат исто така да помогнат на тој начин што ќе понудат љубезна рака на пријателство, давајќи духовна поддршка и утеха (1.5., страници 5—7).
• Зошто е важно да се стапува во брак „само во Господ“, како што се советува во 1. Коринќаните 7:39?
Браковите со неверници честопати се покажуваат катастрофални. Освен тоа, следењето на овој божествен совет е прашање на лојалност кон Јехова Бог. Кога се повинуваме на Божјата реч, срцата не нѐ осудуваат (1. Јованово 3:21, 22; 15.5., страници 20, 21).
• Со оглед на тоа што Јехова е тој што може да ни ги прости гревовите, зошто христијаните ги исповедаат сериозните гревови пред старешините во собранието?
Да, христијанинот треба да бара Јехова да му ги прости сериозните гревови (2. Самоил 12:13). Но, исто како што пророкот Натан му дал помош на Давид така и зрелите старешини во собранието можат да им помогнат на покајничките грешници. Одењето кај старешините е во согласност со упатството дадено во Јаков 5:14, 15 (1.6., страница 31).
• Каков доказ постои дека треба да се грижиме за сираците и вдовиците кои се во немаштија?
Историскиот запис покажува дека таквата грижа била обележје на вистинското обожавање кај древните Евреи и кај раните христијани (Излез 22:22, 23; Галатите 2:9, 10; Јаков 1:27). Апостол Павле во Писмото вклучил и јасни упатства христијаните да се грижат за бедните вдовици (1. Тимотеј 5:3-16; 15.6., страници 9—11).
• Што е клучот за среќен, смисловен живот?
Мораме да негуваме и да задржиме еден исправен однос со Јехова, нашиот небесен Татко. Проучувањето на Библијата е важно помагало во тоа (1.7., страници 4, 5).
• Дали секој човек има бесмртен дух што ја преживува смртта?
Иако некои луѓе веруваат дека некој дух — а не душа — е бесмртен, Библијата не ја поддржува ваквата идеја. Таа покажува дека кога умира, човекот се враќа во прав и не постои. Но, Бог ја има способноста да го врати во живот, така што секоја надеж за иден живот, преку воскресение, се наоѓа кај Бог (Проповедник 12:7; 15.7., страници 3—6).
• Каде се наоѓал Даниел кога тројцата Евреи биле испитани во рамницата Дура?
Библијата не зборува за тоа. Можеби Даниел не бил обврзан да биде таму поради својот ранг или можеби бил отсутен заради некоја службена задача. Но, можеме да бидеме сигурни дека не ја компромитирал својата верност на Јехова (1.8., страница 31).