ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w01 15/12 стр. 5-8
  • Вистинскиот Исус

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Вистинскиот Исус
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Основани сомневања?
  • Во потрага по Исус
  • Вистинскиот Исус
  • Вистинскиот Исус и твојата иднина
  • Евангелијата — историја или мит?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2000
  • Одговори на нашите прашања за Исус Христос
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
  • Најголемиот човек кој некогаш живеел
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1992
  • Вистината за Исус
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1996
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
w01 15/12 стр. 5-8

Вистинскиот Исус

ОТКАКО од своите апостоли дознал што мислеле луѓето за него, Исус ги прашал: „А вие, што велите вие, кој сум јас?“ Во евангелието по Матеј е запишан одговорот на апостол Петар: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог“ (Матеј 16:15, 16). Други го имале истото мислење. Натанаел, кој подоцна станал апостол, му рекол на Исус: „Раби, ти си Синот Божји, ти си Цар на Израел“ (Јован 1:49). Самиот Исус зборувал за важноста на својата улога: „Јас сум патот и вистината и животот. Никој не доаѓа кај Таткото освен преку мене“ (Јован 14:6). Во различни прилики се нарекувал себеси „Синот Божји“ (Јован 5:24, 25; 11:4). И, ова тврдење го поткрепил со чудесни дела, подигајќи дури и мртви.

Основани сомневања?

Но, можеме ли навистина да имаме доверба во верзијата на евангелијата за Исус? Дали го прикажуваат вистинскиот Исус? Починатиот Фредерик Ф. Брус, професор по критицизам и толкувања на Библијата при Универзитетот Манчестер (Англија), рекол: „Обично не е можно со историски аргументи да се докаже вистината за секој детаљ од древниот запис, сеедно дали е тоа во или надвор од Библијата. Доволно е да се има разумна доверба во општата веродостојност на писателот; ако тоа се утврди, постои очигледна веројатност дека неговите детали се точни . . . Не е помала веројатноста за историската веродостојност на Новиот завет затоа што христијаните го добиваат како ‚света‘ литература“.

Откако ги испитал сомневањата за Исус, според начинот на кој е прикажан во евангелијата, Џејмс Р. Едвардс, професор по религија на колеџот во Џејмстаун (Северна Дакота, САД), напишал: „Со доверба можеме да потврдиме дека евангелијата зачувуваат еден разновиден и значаен систем од докази за вистината во врска со Исус . . . Најразумниот одговор на прашањето зошто евангелијата го прикажуваат Исус така е затоа што Исус во суштина бил таков. Евангелијата верно ги зачувуваат впечатоците што тој ги оставил кај своите следбеници, дека тој имал божествена легитимност и бил овластен да биде Божји Син и Слуга“.a

Во потрага по Исус

Што е со небиблиските осврти на Исус Христос? Како се проценуваат тие? Делата на Тацит, Светониј, Јосиф, Плиниј Помладиот и неколку други класици вклучуваат бројни осврти на Исус. За нив The New Encyclopædia Britannica (1995) вели: „Овие независни извештаи докажуваат дека во древни времиња дури и противниците на христијанството никогаш не се сомневале во историското постоење на Исус, кое било оспорено за првпат и на неадекватна основа кон крајот на 18, во текот на 19 и во почетокот на 20 век“.

За жал, современите изучувачи, во својата потрага во „вистинскиот“ или „историскиот“ Исус, изгледа го скриле неговиот вистински идентитет зад слоевите на неосновани шпекулации, бесмислени сомневања и теоретизирање без темел. Во извесна смисла тие се виновни за правење митови за што лажно ги обвинуваат писателите на евангелијата. Некои се толку желни да стекнат лична репутација и да го поврзат своето име со некоја нова изненадувачка теорија што пропуштаат чесно да ги преиспитаат доказите за Исус. Притоа создаваат еден „Исус“ што е еднаков на измислица на научната фантазија.

За оние што сакаат да го најдат, вистинскиот Исус може да се најде во Библијата. Лука Џонсон, професор по Нов завет и потекло на христијанството при Теолошката школа Кандлер на универзитетот Емори, тврди дека поголемиот дел од истражувањето за историскиот Исус ја промашува библиската цел. Тој вели дека можеби е интересно да се испитаат социјалните, политичките, антрополошките и културните контексти на Исусовиот живот и ера. Сепак, додава дека откривањето на она што изучувачите го нарекуваат историски Исус „тешко дека е целта на Писмото“ кое „повеќе е заинтересирано за описот на личноста на Исус“, за неговата порака и за неговата улога како Откупител. Тогаш, кој бил вистинскиот лик и порака на Исус?

Вистинскиот Исус

Евангелијата — четирите библиски извештаи за Исусовиот живот — прикажуваат еден човек со големо сочувство. Сожалувањето и сочувството го поттикнале Исус да им помага на луѓето што страдале од болести, слепило и други маки (Матеј 9:36; 14:14; 20:34). Смртта на неговиот пријател Лазар и жалоста што со тоа им била нанесена на Лазаровите сестри го трогнале Исус, тој ‚се вознемирил и ронел солзи‘ (Јован 11:32-36). Всушност, евангелијата откриваат еден широк дијапазон на Исусовите чувства — сочувство кон лепрозен човек, радост заради успесите на своите ученици, огорченост кон бесчувствителните легалисти и жалост заради тоа што Ерусалим го отфрлил Месијата.

Кога ќе направел чудо, Исус честопати се сосредоточувал на уделот на учесникот во тој процес: „Твојата вера те оздраве“ (Матеј 9:22). Тој го пофалил Натанаел како „вистински Израелец“ велејќи: ‚Во него нема измама‘ (Јован 1:47). Кога некои помислиле дека дарот полн со ценење на една жена бил претеран, Исус ја одбранил и рекол дека извештајот за нејзината великодушност долго ќе се памти (Матеј 26:6-13). Тој се докажал како вистински пријател и срдечен соработник на своите следбеници, ‚љубејќи ги докрај‘ (Јован 13:1; 15:11-15).

Исто така, евангелијата покажуваат дека Исус брзо ги прочитал повеќето луѓе што ги среќавал. Сеедно дали разговарал со жена на бунар, со некој верски учител во градина или со рибар покрај езеро, тој продирал директно во срцето. По Исусовите уводни зборови, многу од тие луѓе му ги откривале своите најдлабоки мисли. Тој ја погодувал правата жица кај нив. Иако луѓето од негово време можеби се држеле на сигурно отстојание од оние со авторитет, во случајот со Исус луѓето се собирале околу него. Тие сакале да бидат со Исус; се чувствувале пријатно во негово друштво. Децата се чувствувале опуштено со него, и кога како пример употребил едно дете, тој не само што го ставил детето пред своите ученици, туку и ‚го прегрнал‘ (Марко 9:36; 10:13-16). Навистина, евангелијата го прикажуваат Исус како човек кој имал таква харизма што луѓето останале три дена само за да ги слушаат неговите восхитувачки зборови (Матеј 15:32).

Совршеноста не го направила Исус претерано критизерски настроен ниту арогантен и доминирачки во однос на несовршените, со грев натоварени луѓе меѓу кои живеел и проповедал (Матеј 9:10-13; 21:31, 32; Лука 7:36-48; 15:1-32; 18:9-14). Исус никогаш немал преголеми барања. Не додавал на товарите на луѓето. Наместо тоа, рекол: „Дојдете кај мене сите кои се измачувате . . . јас ќе ве освежам“. Неговите ученици увиделе дека тој е „со благ нарав и понизен во срце“; неговиот јарем бил благ и неговиот товар лесен (Матеј 11:28-30).

Исусовиот лик е претставен во евангелските извештаи со одлучен звук на вистина. Не би било лесно четворица различни поединци да измислат некој необичен лик и потоа да насликаат доследен портрет за него низ четири различни раскази. Би било речиси невозможно четворица различни писатели да ја опишат истата личност и доследно да ја насликаат истата слика за него ако тој лик никогаш вистински не постоел.

Историчарот Мајкл Грант поставува едно прашање што поттикнува на размислување: „Како е можно, низ сите евангелски традиции без исклучок, да се јавува еден извонредно јасен портрет на атрактивен млад човек што слободно се движи меѓу секакви жени, вклучувајќи и такви кои дефинитивно се на лош глас, без трага на сентименталност, неприродност, односно извештаченост, а сепак, човек кој во секоја прилика задржува чист интегритет на личноста?“ Разумниот одговор е дека таков човек навистина постоел и постапувал на начинот на којшто кажува Библијата.

Вистинскиот Исус и твојата иднина

Освен што дава вистинска слика на Исус додека бил на Земјата, Библијата покажува дека тој имал претчовечко постоење како единороден Божји Син, „првороден од сето создание“ (Колошаните 1:15). Пред дваесет века Бог го преместил животот на неговиот небесен Син во утробата на една еврејска девица за тој да се роди како човек (Матеј 1:18). Во текот на својата служба на Земјата, Исус го објавувал Божјето Царство како единствена надеж за несреќното човештво, и ги обучил своите ученици да продолжат со ова проповедничко дело (Матеј 4:17; 10:5-7; 28:19, 20).

На 14 нисан (околу 1 април) 33 н.е., Исус бил уапсен, осуден, казнет и погубен под лажно обвинение за бунт (Матеј 26:18-20, Мт 26:48—27:50). Исусовата смрт служи како откупнина и ги ослободува луѓето што веруваат од нивната грешна состојба, отворајќи го на тој начин патот до вечен живот за сите што практикуваат вера во него (Римјаните 3:23, 24; 1. Јованово 2:2). На 16 нисан Исус бил воскреснат, и кратко потоа се вознел назад на небото (Марко 16:1-8; Лука 24:50-53; Дела 1:6-9). Како Јеховин наименуван Цар, воскреснатиот Исус има целосен авторитет да ја спроведе Божјата првобитна намера со човекот (Исаија 9:6, 7; Лука 1:32, 33). Да, Библијата го претставува Исус како клучна личност во исполнувањето на Божјите намери.

Во првиот век, мноштва го прифатиле Исус заради она што тој бил — ветениот Месија, односно Христос, испратен на Земјата за да го оправда Јеховиниот суверенитет и да умре како откупнина за човештвото (Матеј 20:28; Лука 2:25-32; Јован 17:25, 26; 18:37). Наспроти сурово прогонство, тешко дека луѓето ќе биле мотивирани да станат Исусови ученици ако не биле сигурни во неговиот идентитет. Тие храбро и ревносно го презеле налогот што тој им го дал, да ‚прават ученици од луѓето од сите нации‘ (Матеј 28:19).

Денес, милиони искрени и информирани христијани знаат дека Исус не е некој легендарен лик. Тие го прифаќаат како востоличен Цар на Божјето воспоставено Царство на небото, кој наскоро ќе преземе целосна контрола над Земјата и нејзините работи. Оваа божествена влада е добредојдена вест бидејќи ветува ослободување од светските проблеми. Вистинските христијани ја покажуваат својата лојална поддршка на Јеховиниот избран Цар на тој начин што им ја објавуваат „оваа добра вест за царството“ на другите (Матеј 24:14).

Оние што го поддржуваат уредувањето на Царството преку Христос, Синот на живиот Бог, ќе живеат за да уживаат вечни благослови. Овие благослови можеш да ги имаш и ти! На издавачите на ова списание ќе им биде драго да ти помогнат да го запознаеш вистинскиот Исус.

[Фуснота]

a За детално испитување на евангелските извештаи, види ги поглавјата 5 до 7 од книгата Библијата — Реч Божја или човечка?, издадена од Јеховини сведоци.

[Рамка/слика на страница 6]

Што рекле другите

„Исус од Назарет го сметам за еден од моќните учители што светот ги имал . . . Ќе им кажам на хиндусите дека нивниот живот нема да биде комплетен ако не ги проучат со почит учењата на Исус“ (Мохандас К. Ганди, The Message of Jesus Christ — Пораката на Исус Христос).

„Еден толку оригинален, толку комплетен, толку секогаш доследен, толку совршен, толку човечен, а сепак толку возвишен лик над сета човечка големина, не може да биде ни измама ни измислица . . . Треба да се најде некој поголем од Исус за да го измисли Исус“ (Филип Шаф, History of the Christian Church — Историја на христијанската црква).

„Дека неколку прости луѓе во една генерација би измислиле една толку силна и привлечна личност, толку возвишена етика и толку инспирирачка визија за човечкото братство, би било далеку поневеројатно чудо од кое и да било запишано во евангелијата“ (Вил Дјурант, Цезар и Христ).

„Можеби изгледа несфатливо едно верско движење раширено низ целата Земјина топка да било поттикнато од лице што не постоело а било измислено како древен еквивалент на рекламите, кога ќе се земе предвид дека постоеле неоспорно вистински луѓе што се обидувале да основаат вери, н о не успеале“ (Грег Истербрук, Beside Still Waters — Крај мирни води).

„Како литературен историчар сосема сум уверен дека што и да се, евангелијата не се легенди. Не се доволно уметнички за да бидат легенди. Поголемиот дел од животот на Исус ни е непознат, и ниеден народ што измислува легенда не би си го дозволил тоа (К. С. Луис, God in the Dock — Бог на обвинителна клупа).

[Слики на страница 7]

Евангелијата откриваат еден широк дијапазон на Исусови чувства

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели