Евангелијата — историја или мит?
ВО СТРУКТУРАТА на општеството ширум светот се проткајува приказната за Исус од Назарет — млад човек кој го сменил текот на човечката историја. Таа е составен дел на формалното и неформалното образование на луѓето. Многумина ги сметаат евангелијата за извор на безвременски вистини и изреки како, на пример, „Зборот ваш да биде: да, да, — не, не“ (Матеј 5:37). Всушност, евангелските извештаи можеби се темел на поуките кои ти ги давале родителите, сеедно дали се христијани или не.
За милиони искрени следбеници на Христос, евангелијата даваат опис на човекот за кого биле спремни да страдаат и да умрат. Исто така, евангелијата се темел и инспирација за храброст, истрајност, вера и надеж. Тогаш, зарем не би се сложил дека е потребен несоборлив доказ за да се отфрлат овие извештаи како чиста фантазија? Земајќи го предвид огромното влијание кое го имале евангелските извештаи врз размислувањето и однесувањето на човекот, зарем ти не би побарал убедлив доказ ако некој сака да фрли сомнение во врска со нивната автентичност?
Те покануваме да разгледаш неколку прашања кои поттикнуваат на размислување во врска со евангелијата. Види што мислат за овие спорни прашања луѓе кои ги проучуваат евангелијата, иако некои од нив не се ни исповедуваат како христијани. Потоа ќе можеш да извлечеш сопствени информирани заклучоци.
ПРАШАЊА ЗА РАЗГЛЕДУВАЊЕ
◆ Дали е можно евангелијата да се мајсторска измислица?
Роберт Фанк, основачот на Исусовиот семинар, вели: „Матеј, Марко, Лука и Јован ‚го изложиле Месијата‘ за да одговара на христијанската доктрина која се развила по смртта на Исус“. Меѓутоа, додека биле пишувани евангелијата сѐ уште биле живи многумина од оние кои ги чуле Исусовите зборови, ги набљудувале неговите дела и го виделе по неговото воскресение. Тие не ги обвиниле евангелските писатели за некаков облик на измама.
Размисли и за смртта и воскресението на Христос. Веродостојни извештаи за Исусовата смрт и воскресение не содржат само евангелијата, туку и првото канонско писмо на апостол Павле до христијаните во древниот Коринт. Тој напишал: „Ви го предадов најнапред она, што го бев и примил, дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата; дека Он беше погребан и дека на третиот ден воскресна, според Писмата, и дека му се јави на Кифа и потоа на единаесетте; после им се јави еднаш на повеќе од петстотини браќа, од кои повеќето се живи и до денес, а некои починаа; потоа му се јави на Јакова и на сите апостоли, а по сите, најпосле ми се јави и мене, како на некое недоносче“ (1. Коринтјаните 15:3—8). Тие сведоци биле чувари на историските факти во врска со животот на Исус.
Таквите измислици кои ги наведуваат современите критичари не постојат во Христијанските грчки списи. Наместо тоа, се појавуваат во документи од вториот век н.е. Значи, некои небиблиски раскази за Христос биле напишани кога во средините отуѓени од апостолското собрание се развил отпад од вистинското христијанство (Дела 20:28—30).
◆ Дали е можно евангелијата да се легенди?
На авторот и критичарот К. С. Луис му е тешко да гледа на евангелијата како на чисти легенди. „Како историчар на книжевност сосема сум уверен дека што и да се, евангелијата не се легенди“, напишал тој. „Тие не се доволно уметнички за да бидат легенди . . . Поголемиот дел од животот на Исус ни е непознат, и ниеден народ кој измислува легенда не би си го дозволил тоа.“ Исто така, интересно е и тоа што иако не тврдел дека е христијанин, познатиот историчар Х. Џ. Велс признал: „Сите четири [евангелски писатели] се доследни во тоа што ни даваат слика на една многу одредена личност; тие пренесуваат . . . една убедлива реалност“.
Разгледај еден пример кога воскреснатиот Исус им се појавил на своите ученици. Еден добар измислувач на легенди веројатно би составил сцена како Исус се враќа на спектакуларен начин, како одржува значаен говор или е облеан во светлина и сјај. Наместо тоа, писателите на евангелијата едноставно го опишуваат како застанува пред своите ученици. Потоа прашува: „Деца, имате ли нешто за јадење?“ (Јован 21:5). Изучувачот Грег Истербрук заклучува: „Ова се такви ситни детали што укажуваат на вистински извештај, а не на измислување митови“.
Обвинението дека евангелијата се легенди наидува на препрека и кога ќе се соочи со строгата рабинска метода на поучување која била во мода кога се пишувале евангелијата. Таа метода тесно се придржувала за учењето напамет — процес на памтење при кој се користела рутина или повторување. Ова оди во прилог на точното и внимателно преведување на Исусовите зборови и дела, за разлика од создавањето на некоја дотерана верзија.
◆ Ако евангелијата се легенди, можно ли е да биле составени толку брзо по смртта на Исус?
Според доказите што стојат на располагање, евангелијата се напишани меѓу 41 и 98 н.е. Исус умрел во 33 година н.е. Тоа значи дека извештаите за неговиот живот биле составени во релативно краток временски период по завршувањето на неговата служба. Ова претставува огромна препрека за тврдењето дека расказите во евангелијата се чисти легенди. За да се развијат легенди потребно е време. Земи ги за пример Илијада и Одисеја од древниот грчки поет Хомер. Некои сметаат дека текстот од тие две епски легенди се развивал додека конечно не се утврдил во период од над стотици години. А како било со евангелијата?
Во својата книга Цезар и Христ, историчарот Вил Дјурант пишува: „Неколку прости луѓе . . . да измислат една толку силна и привлечна личност, толку возвишена етика и толку инспирирачка визија за човечко братство, тоа би било чудо далеку поневеројатно од кое и да било забележано во евангелијата. После два века на ‚виш критицизам‘ главните аспекти од Христовиот живот, карактер и учење, остануваат сразмерно јасни и претставуваат најфасцинантно обележје на историјата на западниот човек“.
◆ Дали евангелијата биле уредени подоцна за да одговараат на потребите на околината на раните христијани?
Некои критичари тврдат дека политиката во средината на раните христијани ги натерала писателите на евангелијата да ја уредат приказната за Исус или да ѝ додадат нешто. Меѓутоа, внимателното проучување на евангелијата покажува дека немало такво чепкање. Ако евангелските извештаи во врска со Исус биле изменети како резултат на некоја сплетка на христијаните од првиот век, зошто во текстот сепак се појавуваат негативни забелешки како за Евреи така и за не-Евреи?
Еден пример за тоа се наоѓа во Матеј 6:5—7, каде е цитиран Исус кога рекол: „Кога се молиш, не биди како лицемерите, што сакаат да стојат по синагогите и раскрсниците за да се молат и да се покажуваат пред луѓето. Вистина ви велам дека тие веќе си ја добиле својата награда“. Очигледно, ова било осуда на еврејските верски водачи. Исус понатаму рекол: „Кога се молите, не говорете многу [едни исти работи, NW] како незнабошците [не-Евреите], зашто тие мислат дека за своите многу зборови ќе бидат услишени“. Цитирајќи го Исус на ваков начин, писателите на евангелијата не се обидувале да придобијат преобратеници. Тие само ги запишале изјавите кои всушност ги дал Исус Христос.
Разгледај ги и евангелските извештаи во врска со жените кои отишле на Исусовиот гроб и виделе дека е празен (Марко 16:1—8). Според Грег Истербрук, „во социологијата на древниот Среден Исток, сведоштвото на жените задолжително се сметало за недоверливо: на пример, двајца машки сведоци биле доволни за да се осуди една жена за прељуба, додека маж не можел да биде осуден на темел на сведоштвото на ниту една жена“. Навистина, Исусовите ученици не им поверувале на жените! (Лука 24:11). Значи многу е неверојатно дека таква приказна би била намерно измислена.
Отсуството на параболи во посланијата и во книгата Дела е силен аргумент дека параболите во евангелијата не ги вметнале раните христијани, туку дека ги кажал самиот Исус. Освен тоа, грижливото споредување на евангелијата со посланијата открива дека ниту Павловите зборови ниту, пак, зборовите на другите писатели на Грчките списи не биле умешно преиначени и припишани на Исус. Ако заедницата на раните христијани направила такво нешто, тогаш би требало да очекуваме барем дел од материјалот од посланијата да се најде во евангелските извештаи. Бидејќи такво нешто не наоѓаме, можеме со сигурност да заклучиме дека материјалот во евангелијата е оригинален и автентичен.
◆ А што е со привидните противречности во евангелијата?
Критичарите долго време тврделе дека евангелијата се полни со противречности. Историчарот Дјурант настојувал да ги испита евангелските извештаи од чисто објективна гледна точка — како историски документи. Иако вели дека во нив постојат привидни противречности, тој заклучува: „Противречностите се во поглед на поединости [ситни детали], а не на суштината; во основа синоптичните евангелија се во приличен склад и создаваат доследен портрет на Христос“.
Привидните противречности во евангелските извештаи честопати лесно се решаваат. Да илустрираме: Во Матеј 8:5 се вели дека ‚стотникот дошол [кај Исус] и го молел‘ да му го излечи слугата. Во Лука 7:3 читаме дека стотникот ‚ги пратил [кај Исус] старешините јудејски, молејќи Го да дојде и да го излекува слугата негов‘. Стотникот ги испратил старешините како свои претставници. Матеј вели дека самиот стотник го преколнувал Исус бидејќи човекот го изнел тоа барање преку старешините, кои послужиле како негов говорник. Ова е само еден пример кој покажува дека наводните разидувања во евангелијата можат да се решат.
А што е со тврдењата на вишите критичари дека евангелијата не ги задоволуваат критериумите на вистинска историја? Дјурант продолжува: „Воодушевен од своите откритија, вишиот критицизам на Новиот завет применил толку строги тестови за автентичност што според нив сто древни антички личности — на пример, Хамураби, Давид, Сократ — би отишле во легенда. И покрај предрасудите и теолошките предубедувања, евангелистите бележат многу настани кои еден обичен измислувач би ги прикрил — натпреварувањето на апостолите за високи положби во Царството, нивното бегство после Исусовото апсење, одрекувањето на Петар . . . никој кој ги чита тие епизоди не може да се сомнева во вистинитоста на личноста која стои зад нив“.
◆ Дали современото христијанство го прикажува истиот Исус од евангелијата?
На Исусовиот семинар било изјавено дека нивното истражување на евангелијата „не е ограничено со она што го налагаат црковните концили“. Но, историчарот Велс увидел дека постои огромна провалија меѓу учењата на Исус претставени во евангелијата и учењата на христијанскиот свет. Тој напишал: „Не постои доказ дека Исусовите апостоли некогаш чуле за тројството — барем не од него . . . Ниту, пак, [Исус] кажал макар еден збор за обожавањето на неговата мајка Марија, под маската на Изида, царицата на небото. Тој го игнорирал сето она што е карактеристично христијанско во обожавањето и е во употреба“. Затоа, никој не може да ја просудува вредноста на евангелијата на темел на учењата на христијанскиот свет.
КАКОВ Е ТВОЈОТ ЗАКЛУЧОК?
Откако ги разгледа штотуку споменатите точки, што мислиш ти? Постои ли вистински, уверлив доказ дека евангелијата се само мит? За многумина, прашањата и сомневањата околу автентичноста на евангелијата се несигурни и неуверливи. За да формираш лично мислење, треба да ги прочиташ евангелијата без предрасуди (Дела 17:11). Кога ја разгледуваш доследноста, чесноста и точноста со која евангелијата ја претставуваат личноста на Исус, ќе сфатиш дека овие извештаи дефинитивно не се збирка бајки.a
Ако внимателно ја испиташ Библијата и ги примениш нејзините совети, ќе видиш како таа може да го промени твојот живот на подобро (Јован 6:68). Тоа е особено случај со Исусовите зборови запишани во евангелијата. Освен тоа, од неа можеш да научиш за прекрасната иднина која го очекува послушното човештво (Јован 3:16; 17:3, 17).
[Фуснота]
a Види ги поглавјата 5 до 7 во книгата Библијата — Реч Божја или човечка? и брошурата Книга за сите луѓе. Обете се издадени од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Рамка на страница 7]
Доказ за автентично известување
ПРЕД неколку години еден австралиски текстописец и поранешен критичар на Библијата признал: „За првпат во животот сторив нешто што обично е прва должност на еден известувач: ги проверив моите факти . . . И бев шокиран, бидејќи она што го читав [во евангелските извештаи] не беше легенда и не беше измислица што звучи реалистички. Тоа беше извештај. Извештаи од прва и втора рака за извонредни настани . . . Извештајот има печат на идентификација, и тој печат се наоѓа во евангелијата“.
Слично и Е. М. Блеклок, професор по класика на универзитетот во Оукланд, изјавил: „Тврдам дека сум историчар. Мојот пристап кон класиката е историски. И ви велам дека постои поголема поткрепа за автентичноста на доказот за животот, смртта и воскресението на Христос отколку за повеќето факти на древната историја“.
[Рамка/слики на страници 8 и 9]
(Види во публикацијата)
ФЕНИКИЈА
ГАЛИЛЕЈА
река Јордан
ЈУДЕЈА
[Слики]
„Постои поголема поткрепа за автентичноста на доказот за животот, смртта и воскресението на Христос отколку за повеќето факти на древната историја“. ПРОФЕСОР Е. М. БЛЕКЛОК
[Извор на слика]
Карти во заднината: На темел на една карта чие авторско право го има Pictorial Archive (Near Eastern History) Est. and Survey of Israel.