Ослободување од стресот — практичен лек
„Дојдете кај мене сите кои се измачувате и кои сте оптоварени, и јас ќе ве освежам“ (МАТЕЈ 11:28).
1, 2. а) Што е тоа во Библијата кое помага да се ублажи стресот? б) Колку биле делотворни учењата на Исус?
ВЕРОЈАТНО ќе се сложиш дека премногу стрес е штетен; еднаков е на мака. Библијата истакнува дека целото човечко создание е толку натрупано со товари што многумина желно очекуваат ослободување од денешниот живот исполнет со стресови (Римјаните 8:20-22). Но, Писмото исто така покажува како можеме да најдеме прилично ослободување од маките уште сега. Тоа доаѓа ако го следиме советот и примерот на еден млад човек што живеел пред 20 векови. Тој бил дрводелец но, сепак, имал многу поголема љубов кон луѓето. Им зборувал на срцата на луѓето, се занимавал со нивните потреби помагајќи им на слабите и тешејќи ги депримираните. Освен тоа, им помогнал на многумина да го достигнат својот духовен потенцијал. На тој начин нашле ослободување од претераниот стрес, како што можеш да најдеш и ти (Лука 4:16-21; 19:47, 48; Јован 7:46).
2 Овој човек, Исус од Назарет, не бил воден од некакво световно мудро знаење какво што барале некои во древниот Рим, Атина или Александрија. Сепак, неговите учења се прочуени. Имале една тема: владата преку која Бог успешно ќе владее над нашата Земја. Исто така, Исус ги објаснил основните начела за живеење — начела што имаат вистинска вредност денес. Оние што го учат и применуваат она за кое поучувал Исус уживаат непосредни користи, вклучувајќи и ослободување од претераниот стрес. Зарем не би сакал да уживаш во тоа и ти?
3. Каква величествена покана упатил Исус?
3 Можеби имаш сомневања. ‚Може ли некој што живеел толку одамна да биде значаен во мојот живот сега?‘ Па, слушни ги Исусовите привлечни зборови: „Дојдете кај мене сите кои се измачувате и кои сте оптоварени, и јас ќе ве освежам. Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум со благ нарав и понизен во срце, и ќе најдете освежување за своите души. Зашто мојот јарем е благ и мојот товар е лесен“ (Матеј 11:28-30). Што мислел со тоа? Да ги испитаме овие зборови во детали и да видиме како ни го отвораат патот за ослободување од угнетувачкиот стрес.
4. Со кого разговарал Исус, и зошто можеби на неговите слушатели им било тешко да го прават она што се барало од нив?
4 Исус разговарал со многумина што очајнички се обидувале да го прават она што било исправно, но биле „оптоварени“ бидејќи еврејските водачи ја направиле религијата тешка (Матеј 23:4). Тие се сосредоточиле на безброј правила за речиси сите аспекти од животот. Зарем не би ти било стресно ако цело време ги слушаш зборовите „не смееш“ ова или „не смееш“ она? За разлика од тоа, поканата на Исус упатувала кон вистината, кон праведноста, кон подобар живот со тоа што би го слушале него. Да, патот да се запознае вистинскиот Бог вклучувал да се обрне внимание на Исус Христос, зашто во него луѓето можеле — и можат — да видат каков е Јехова. Исус рекол: „Кој ме видел мене, го видел и Таткото“ (Јован 14:9).
Дали ти е животот исполнет со премногу стресови?
5, 6. Како можат работните услови и платата во времето на Исус да се споредат со нашите денес?
5 Ова би можело да те загрижува бидејќи твојата работа или семејна ситуација може многу да ти натежнува. Или, можеби некои други одговорности ти изгледаат огромни. Ако е така, ти си како искрените поединци кои Исус ги сретнал и на кои им помогнал. На пример, разгледај го проблемот со заработувањето за живеачка. Мнозина денес се борат со него, како што било случај и со многумина во времето на Исус.
6 Во тоа време, еден физички работник напорно работел по 12 часа на ден, 6 дена во седмицата, обично само за еден денариј за цел ден (Матеј 20:2-10). Како може тоа да се спореди со твојата плата или платата на твоите пријатели? Може да биде предизвик да се спореди платата од старо време со платата денес. Еден начин е да се разгледа куповната моќ, она што може да се купи со парите. Еден изучувач вели дека во времето на Исус еден леб направен од четири чаши пченично брашно чинел приближно колку заработувачката од еден час. Друг изучувач вели дека чаша добро вино чинела приближно колку заработувачката од два часа. Од овие детали можеш да видиш дека во тоа време луѓето напорно и долго се мачеле за да останат во живот. Им било потребно ослободување и освежување, исто како и нам. Ако си вработен, можеби се чувствуваш под притисок да бидеш уште попродуктивен. Честопати не наоѓаме време да донесуваме промислени одлуки. Можеби признаваш дека копнееш по ослободување.
7. Каква била реакцијата на Исусовата порака?
7 Јасно, Исусовата покана до сите што ‚се измачувале и биле оптоварени‘ била мошне привлечна за многу слушатели во тоа време (Матеј 4:25; Марко 3:7, 8). И сети се дека Исус на тоа ветување додал: „Јас ќе ве освежам“. Истото ветување важи и денес. Може да важи за нас ако ‚се измачуваме и сме оптоварени‘. А може да важи и за нашите сакани, чија ситуација е веројатно слична.
8. Како подигањето деца и староста го зголемуваат стресот?
8 Луѓето ги оптоваруваат и други работи. Подигањето деца е голем предизвик. Дури и само да се биде дете може да биде предизвик. Сѐ поголем број поединци од сите возрасти се соочуваат со умствени и физички здравствени проблеми. И, иако луѓето можеби живеат подолго, постарите се борат со посебни проблеми, и покрај напредокот на медицината (Проповедник 12:1).
Под јаремот
9, 10. На што бил симбол јаремот во старо време, и зошто ги повикал Исус луѓето да го земат неговиот јарем на себе?
9 Дали си забележал дека во зборовите цитирани во Матеј 11:28, 29 Исус рекол: „Земете го мојот јарем на себе и учете од мене“? Во тоа време, обичниот човек можеби имал чувство дека работи под јарем. Уште во старо време, јаремот бил симбол на ропство или слугување (Битие 27:40; Левит 26:13; Второзаконие 28:48). Многу од физичките работници што ги сретнал Исус работеле со дословен јарем на рамениците, носејќи тешки товари. Зависно од својот облик, јаремот можел да биде лесен за вратот и за рамениците или можел да разјадува. Како дрводелец, Исус можеби правел јареми и знаел како да обликува јарем што ќе биде „благ“. Можеби допирните точки ги обложувал со кожа или ткаенина за да го направи јаремот колку што е можно поудобен.
10 Кога рекол: „Земете го мојот јарем на себе“, Исус можеби се споредил себеси со човек што обезбедувал добро изработени јареми, кои биле ‚благи‘ за вратот и за рамениците на работникот. Затоа додал: „Мојот товар е лесен“. Ова значело дека напречното дрво на јаремот не било непријатно за носење ниту, пак, работата била ропска. Секако, повикувајќи ги своите слушатели да го прифатат неговиот јарем, Исус не нудел директно ослободување од сите угнетувачки околности што постоеле тогаш. Сепак, промената во гледиштето за која зборувал тој ќе донела прилично освежување. Ќе ги ослободеле и преиначувањата во нивниот животен стил и во начинот на вршење на работите. Што е уште поважно, јасната и цврста надеж ќе им помогнела животот да им биде исполнет со помалку стресови.
И ти можеш да најдеш освежување
11. Зошто не укажувал Исус чисто на разменување на јареми?
11 Те молиме, забележи дека Исус не рекол дека луѓето ќе разменуваат јарем за јарем. Рим сѐ уште имал власт над земјата, исто како што денешните влади имаат власт таму каде што живеат христијаните. Римскиот данок од првиот век немало да се укине. Здравствените и економските проблеми ќе останеле. Несовршеноста и гревот и понатаму ќе влијаеле врз луѓето. Сепак, можеле да најдат освежување ако го прифателе Исусовото учење, како што можеме да најдеме и ние денес.
12, 13. Што истакнал Исус дека ќе донесе освежување, и како реагирале некои?
12 Една клучна примена на Исусовата илустрација за јаремот станала видлива во врска со делото на правење ученици. Нема сомнение дека главна активност на Исус му била да ги поучува другите, при што акцентот го ставал на Божјето Царство (Матеј 4:23). Затоа, кога рекол: „Земете го мојот јарем на себе“, тоа сигурно вклучувало да го следат во истата таа активност. Евангелскиот извештај покажува дека Исус ги поттикнал искрените луѓе да го сменат своето занимање, главна преокупација во животот на многумина. Сети се на неговиот повик до Петар, Андреј, Јаков и Јован: „Елате по мене, и јас ќе ве направам рибари на луѓе“ (Марко 1:16-20). На тие рибари им покажал колкаво задоволство ќе имаат ако ја работат онаа работа што тој ја ставил на прво место во животот, и тоа под негово водство и со негова помош.
13 Некои од неговите еврејски слушатели ја сфатиле поентата и ја примениле. Претстави си ја сцената покрај морето за која читаме во Лука 5:1—11. Четворица рибари се мачеле цела ноќ, но не уловиле ништо. Одеднаш, нивните мрежи биле полни! Тоа не било случајно; било резултат на Исусовата интервенција. Додека гледале кон брегот, тие виделе мноштво луѓе што биле длабоко заинтересирани за Исусовите учења. Тоа помогнало да се објасни она што Исус им го рекол на четворицата: ‚Отсега ќе ловите живи луѓе‘. Каква била нивната реакција? „Ги доведоа чамците назад на копно, оставија сѐ и го следеа.“
14. а) Како можеме да најдеме освежување денес? б) Која освежувачка добра вест ја објавувал Исус?
14 Во основа, ти можеш да реагираш на сличен начин. Делото на поучување на луѓето за библиската вистина сѐ уште трае. Околу шест милиони Јеховини сведоци низ целиот свет ја прифатиле Исусовата покана да ‚го земат неговиот јарем‘ на себе — станале „рибари на луѓе“ (Матеј 4:19). За некои тоа станало полновремено занимање; други прават колку што можат. Тоа е освежување за сите, така што во животот имаат помалку стресови. Го прават она во кое уживаат, им кажуваат на другите добра вест — „добрата вест за царството“ (Матеј 4:23). Секогаш е задоволство да се зборува за добра вест, но особено за оваа добра вест. Библијата го содржи основниот материјал што ни е потребен за да увериме многумина дека можат да водат живот со помалку стресови (2. Тимотеј 3:16, 17).
15. Како можеш да извлечеш корист од Исусовите учења за животот?
15 Во одредена мера, дури и луѓето кои штотуку почнале да учат за Божјето Царство извлекуваат корист од Исусовите учења за тоа како да живеат. Многумина со сигурност можат да кажат дека Исусовите учења ги освежиле и им помогнале сосема да го сменат животот. Тоа и самиот можеш да го утврдиш ако испиташ некои од начелата за живеење изложени во извештаите за Исусовиот живот и служба, особено евангелијата што ги запишале Матеј, Марко и Лука.
Пат до освежување
16, 17. а) Каде можеш да најдеш некои од Исусовите клучни учења? б) Што е потребно за да се најде освежување преку примената на Исусовите учења?
16 Во пролетта 31 н.е. Исус одржал еден говор што до ден-денес е прочуен во светот. Обично се нарекува Проповед на гората. Запишан е во Матеј, поглавја 5 до 7, и во Лука, поглавје 6, и во него се резимирани многу негови учења. Можеш да најдеш и други учења на Исус на други места во евангелијата. Голем дел од она што е кажано е јасно само по себе, иако може да биде предизвик да се спроведе во пракса. Зошто не ги прочиташ тие поглавја внимателно, промислено? Нека силата на неговите идеи влијае врз твоето размислување и врз твојот став.
17 Очигледно, Исусовите учења можат да се подредат на различни начини. Да ги групираме клучните учења така што ќе има по едно за секој ден во месецот, со цел да ги примениш во својот живот. Како? Па, не прелетувај пребрзо преку нив. Сети се на богатиот владетел што го прашал Исус Христос: „Што морам да правам за да наследам вечен живот?“ Кога Исус ги повторил виталните барања од Божјиот закон, човекот одговорил дека веќе ги исполнува. Сепак, сфатил дека треба да стори повеќе од тоа. Исус го повикал да вложи поголеми напори за да ги примени побожните начела на практичен начин, да биде активен ученик. Изгледа човекот не бил спремен да направи толку (Лука 18:18-23). Според тоа, оној што сака да научи за Исусовите учења денес, треба да се сети дека постои разлика меѓу тоа да се сложува со нив и активно да ги прифати — и со тоа да го намали стресот.
18. Илустрирај како можеш корисно да ја употребиш придружната рамка.
18 За почеток на испитувањето и применувањето на Исусовите учења, погледни ја првата точка во придружната рамка. Таа се осврнува на Матеј 5:3—9. Навистина, секој од нас би можел да помине прилично време медитирајќи за прекрасните совети што се изнесени во тие стихови. Но, гледајќи ги во целина, што заклучуваш за ставот? Ако навистина сакаш да го совладаш ефектот на премногу стрес во својот живот, што ќе ти помогне во тоа? Како може да влијае врз тебе на подобро тоа што ќе обрнеш поголемо внимание на духовните работи, дозволувајќи твоите мисли во голема мера да бидат зафатени со нив? Има ли нешто во твојот живот на кое ќе треба да му придадеш помала важност, посветувајќи поголемо внимание на духовните прашања? Ако постапиш така, ќе бидеш посреќен сега.
19. Што можеш да сториш за да добиеш додатен увид и разбирање?
19 Сега оди чекор понатаму. Зошто не подискутираш за тие стихови со некој друг Божји слуга, можеби со својот брачен партнер, со некој близок роднина или пријател? (Пословици 18:24; 20:5). Имај на ум дека богатиот владетел прашал некого друг — Исус — за една важна работа. Одговорот можел да го зголеми неговиот изглед за среќа и вечен живот. Сообожавателот со кого дискутираш за тие стихови нема да биде рамен на Исус; сепак, разговорот за Исусовите учења ќе ви користи и на двајцата. Пробај да го сториш тоа наскоро.
20, 21. Каква програма можеш да следиш за да учиш за Исусовите учења, и како можеш да го процениш својот напредок?
20 Погледни ја уште еднаш придружната рамка „Учења што ти помагаат“. Овие учења се групирани така што ќе можеш да разгледаш барем по едно учење на ден. Најпрвин можеш да го прочиташ она што Исус го кажал во наведените стихови. Потоа, размисли за неговите зборови. Длабоко размислувај како можеш да ги примениш во животот. Ако мислиш дека веќе го правиш тоа, размисли длабоко што уште можеш да сториш за да живееш според тоа божествено учење. Работи на него во текот на тој ден. Ако се мачиш да го разбереш или да увидиш како можеш да го примениш, помини на него уште еден ден. Меѓутоа, задржи на ум дека не мораш да го совладаш пред да преминеш на следното. Следниот ден, можеш да разгледаш некое друго учење. На крајот од седмицата, можеш да видиш колку си успешен во усвојувањето на четири или пет Исусови учења. Втората седмица додавај уште, од ден на ден. Ако увидиш дека потфрлаш во примената на некое учење, не обесхрабрувај се. Секој христијанин ќе го доживее тоа (2. Летописи 6:36; Псалм 130:3; Проповедник 7:20; Јаков 3:8). Продолжи така третата седмица и четвртата.
21 По околу еден месец, ќе ги опфатиш сите 31 точка. Во секој случај, како ќе се чувствуваш потоа? Зар нема да бидеш некако посреќен, можеби поопуштен? Макар да постигнеш и само мало подобрување, веројатно ќе чувствуваш помалку стрес, или барем подобро ќе се справуваш со стресот, а ќе знаеш по која метода да продолжиш. Не заборавај дека постојат и многу други прекрасни точки од Исусовите учења што не се на списокот. Зошто не истражиш некои од нив и не се обидеш да ги спроведеш во пракса? (Филипјаните 3:16).
22. Каков може да биде резултатот од следењето на Исусовите учења, но кој додатен аспект заслужува да го проучиме?
22 Можеш да видиш дека Исусовиот јарем, иако не е без тежина, е навистина благ. Товарот на неговите учења и на учеништвото е лесен. По повеќе од 60 години лично искуство, апостол Јован, Исусовиот драг пријател, се сложил: „Љубовта кон Бог значи ова: да ги држиме неговите заповеди; а неговите заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5:3). И ти можеш да бидеш исто толку сигурен во тоа. Колку подолго ги применуваш Исусовите учења толку повеќе ќе увидуваш дека она што им го прави животот исполнет со стресови на многумина денес нема толку да те вознемирува тебе. Ќе увидиш дека си нашол прилично ослободување (Псалм 34:8). Сепак, постои уште еден аспект на Исусовиот благ јарем што треба да го разгледаш. Исто така, Исус спомнал дека е „со благ нарав и понизен во срце“. Како се вклопува тоа во нашето учење од Исус и имитирање на Исус? Ова ќе го разгледаме во следната статија (Матеј 11:29).
Каков е твојот одговор?
• Зошто треба да се потпираме на Исус кога бараме ослободување од премногу стрес?
• На што бил симбол јаремот, и зошто?
• Зошто ги повикал Исус луѓето да го земат неговиот јарем?
• Како можеш и ти да најдеш духовно освежување?
[Истакната мисла на страница 14]
Годишниот стих на Јеховините сведоци во текот на 2002 година ќе биде: „Дојдете кај мене . . . и јас ќе ве освежам“ (Матеј 11:28).
[Рамка/слика на страници 12 и 13]
Учења што ќе ти помогнат
Кои добри работи можеш да ги најдеш во Матеј, поглавја 5 до 7? Овие поглавја содржат учења што ги изнел Исус, Врвниот Учител, на една галилејска падина. Те молиме, прочитај ги долунаведените стихови, користејќи ја сопствената Библија, и постави си ги прашањата.
1. 5:3-9 Што ми кажува ова за мојот став воопшто? Како можам да работам на тоа да бидам посреќен? Како можам да обрнам поголемо внимание на моите духовни потреби?
2. 5:25,26 Што е подобро од тоа да се имитира кавгаџискиот дух што го имаат многумина? (Лука 12:58, 59).
3. 5:27-30 Што нагласуваат Исусовите зборови во врска со романтичното фантазирање? На кој начин тоа што ќе го избегнувам ќе придонесе за мојата среќа и за мојот умствен мир?
4. 5:38-42 Зошто треба да настојувам да го избегнувам акцентот што го става современото општество на претераната агресивност?
5. 5:43-48 Како ќе извлечам корист од тоа што подобро ќе ги запознаам соработниците кои можеби ги сметам за непријатели? Што веројатно ќе се постигне со тоа за да се намали или отстрани напнатоста?
6. 6:14,15 Ако сум понекогаш склон да не простувам, дали можеби основна причина за тоа е зависта или огорченоста? Како можам да го променам тоа?
7. 6:16-18 Дали сум склон да бидам позагрижен за надворешниот изглед отколку за тоа кој сум однатре? За што треба да бидам посвесен?
8. 6:19-32 Каков би можел да биде ефектот ако сум претерано загрижен за парите и поседите? За што треба да размислувам за да останам урамнотежен во тој поглед?
9. 7:1-5 Како се чувствувам кога сум со луѓе што се осудувачки и критизерски настроени, кои секогаш наоѓаат маани? Зошто е важно да избегнувам да бидам таков?
10. 7:7-11 Ако упорноста е добра кога му упатуваме молби на Бог, што е со другите фасети на животот? (Лука 11:5-13).
11. 7:12 Иако го знам Златното правило, колку често го применувам овој совет во постапките со другите?
12. 7:24-27 Со оглед на тоа што јас сум одговорен за тоа како го водам својот живот, како можам подобро да се подготвам за бурите од проблеми и за пороите од неволји? Зошто треба да размислувам за ова сега? (Лука 6:46-49).
Додатни учења за кои можам да размислувам:
13. 8:2,3 Како можам да одразувам сочувство кон обесправените, како што често покажувал Исус?
14. 9:9-38 Каква улога има покажувањето милост во мојот живот, и како можам да ја покажувам уште повеќе?
15. 12:19 Учејќи од пророштвото за Исус, дали настојувам да избегнувам спорни расправии?
16. 12:20,21 Какво добро можам да постигнам ако не ги здробувам другите со зборови и со дела?
17. 12:34-37 За што зборувам поголем дел од времето? Знам дека кога ќе исцедам портокал, од него излегува сок од портокал, тогаш зошто треба да размислам за она што е во мене, во моето срце? (Марко 7:20-23).
18. 15:4-6 Од Исусовите коментари, што увидувам во врска со љубезната грижа за постарите?
19. 19:13-15 За што треба да одвојувам време?
20. 20:25-28 Зошто е бескорисно да се спроведува авторитет само заради тоа што некој го сака авторитетот? Како можам да го имитирам Исус во тој поглед?
Додатни мисли, кои ги запишал Марко:
21. 4:24, 25 Од какво значење е моето однесување со другите?
22. 9:50 Ако она што го кажувам и начинот на кој го кажувам е со добар вкус, какви добри резултати веројатно ќе произлезат?
На крајот, некои учења што ги запишал Лука:
23. 8:11, 14 Ако дозволам грижите, богатството и задоволството да завладеат со мојот живот, каков може да биде резултатот?
24. 9:1-6 Иако Исус имал моќ да ги лекува болните, што имало приоритет пред тоа?
25. 9:52-56 Дали брзо се навредувам? Дали го избегнувам духот на враќање со иста мера?
26. 9:62 Како треба да гледам на мојата одговорност да зборувам за Божјето Царство?
27. 10:29-37 Како можам да докажам дека сум ближен, а не странец?
28. 11:33-36 Какви промени би можел да направам за животот да ми биде поедноставен?
29. 12:15 Каков е односот меѓу животот и поседите?
30. 14:28-30 Ако одвојам време за внимателно да ги одмерам одлуките, што би можел да избегнам, и каква ќе биде користа од тоа?
31. 16:10-12 Кои користи можам да ги добијам од живот на интегритет?
[Слики на страница 10]
Животоспасувачкото дело под Исусовиот јарем освежува