Дали е навистина можно бескласно општество?
ЏОН АДАМС, кој станал втор претседател на Соединетите Држави, бил еден од потписниците на историската Декларација за независност, во која стоеле овие благородни зборови: „Веруваме дека овие вистини се очигледни, дека сите луѓе се создадени еднакви“. Сепак, изгледа Џон Адамс имал сомневања дека луѓето се навистина еднакви, зашто напишал: „Нееднаквоста во умот и телото се толку утврдени од Семоќниот Бог во неговото конструирање на човековата природа што ниедна вештина ниту политика не може да ги израмни“. За разлика од тоа, британскиот историчар Х. Џ. Велс можел да замисли едно рамноправно општество што се темели на три работи: заедничка, но чиста и незагадена светска религија, универзално образование и невооружени сили.
Досега историјата не го создала рамноправното општество што си го замислувал Велс. Луѓето се далеку од еднакви, а класните разлики сѐ уште претставуваат доминантно обележје на општеството. Дали тие класи донеле некакви користи за општеството како целина? Не. Општествените класни системи ги делат луѓето, што има за последица завист, омраза, болка во срцето и многу крвопролевање. Некогашниот менталитет за супериорноста на белата раса кој постоел во Африка, Австралија и Северна Америка, им донел беда на оние што не се белци — вклучувајќи го и тоталниот геноцид на Абориџините во Ван Дименовата земја (сега Тасманија). Во Европа, класифицирањето на Евреите во пониска класа било предигра во холокаустот. Големото богатство на аристократијата и незадоволството меѓу ниската и средната класа биле фактори што воделе до Француската револуција во 18 век и до Болшевичката револуција во Русија во 20 век.
Еден мудар човек од минатото напишал: „Човек владее над човек за негова несреќа“ (Проповедник 8:9). Неговите зборови се вистинити сеедно дали оние што владеат се поединци или класи. Кога една група луѓе се возвишува над друга, неминовно следат беда и страдања.
Пред Бог се сите еднакви
Дали некои групи луѓе се наследно супериорни во однос на други групи? Во Божји очи, не. Библијата вели: „[Бог] од еден човек ја создаде секоја човечка нација да живее по целата површина на земјата“ (Дела 17:26). Освен тоа, Творецот „не е пристрасен кон кнезовите, и еднаков Му е бедниот и богатиот, зашто тие се дело на Неговите раце“ (Јов 34:19). Сите луѓе се во роднинска врска, и пред Бог сите се родени еднакви.
Запомни го и тоа дека кога некој умира, сите негови претензии дека е супериорен во однос на другите исчезнуваат. Древните Египќани не верувале во тоа. Кога некој фараон ќе умрел, во неговиот гроб ставале предмети со голема вредност за да може тој да ужива во нив додека и понатаму зазема висока положба во задгробниот живот. Дали било така? Не. Голем дел од тоа богатство завршувал во рацете на луѓето што ги пљачкале гробниците, а многу предмети што останале неукрадени, денес можат да се видат во музеите.
Затоа што бил мртов, фараонот воопшто не ги користел тие скапи предмети. При смртта нема високи и ниски класи, нема богатство ни сиромаштија. Библијата вели: „И мудрите умираат, гинат и лудиот и безумниот. Човекот со сета своја слава не ќе трае. Сличен е на животните што гинат“ (Псалм 49:10, 12). Сеедно дали сме цареви или робови, овие инспирирани зборови важат за сите нас: „Мртвите не знаат ништо, ниту имаат веќе награда . . . нема ни дела, ни умување, ни сознавање, ни мудрост во Подземјето во кое одиш“ (Проповедник 9:5, 10).
Сите ние сме родени еднакви во Божји очи, и со смртта сите завршуваме еднакво. Тогаш, колку е само залудно да издигнуваме една група луѓе над друга во текот на нашиот краток животен век!
Бескласно општество — како?
Сепак, постои ли некаква надеж дека еден ден ќе има општество меѓу живите каде што нема да биде важна општествената класа? Да, постои. Речиси пред 2.000 години, кога Исус живеел на Земјата, бил положен темелот за едно такво општество. Исус го дал својот живот како откупна жртва за сите луѓе што веруваат, така што „секој кој практикува вера во него, да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16).
За да покаже дека ниеден од неговите следбеници не треба да се возвишува над соверниците, Исус рекол: „Вие не дозволувајте да ве нарекуваат Раби, зашто еден е вашиот учител, а вие сите сте браќа. Освен тоа, никого на земјата не нарекувајте го свој татко, зашто еден е вашиот Татко, небесниот. Не дозволувајте да ве нарекуваат ниту ‚водачи‘, зашто еден е вашиот Водач, Христос. Но најголемиот меѓу вас да ви биде слуга. Кој се воздига, ќе биде понижен“ (Матеј 23:8—12). Во Божји очи, сите Исусови вистински ученици се еднакви во верата.
Дали раните христијани се сметале себеси за еднакви? Оние што ја сфатиле смислата на Исусовото учење постапувале така. Се сметале еден со друг за еднакви во верата и тоа го покажале обраќајќи се меѓу себе со „брате“ (Филимон 1, 7, 20). Никој не бил охрабрен да гледа на себе како на подобар од другите. Размисли, на пример, за понизниот начин на кој Петар се опишал себеси во своето второ писмо: „Симон Петар, роб и апостол на Исус Христос, до оние кои стекнале вера која се смета за предност еднаква на нашата“ (2. Петрово 1:1). Петар бил поучен лично од Исус, и како апостол, поседувал важна положба на одговорност. Сепак, се сметал себеси за роб и признал дека и другите христијани имале вера која се сметала за предност еднаква на неговата.
Можеби некои велат дека на идеалот за еднаквост му противречи фактот дека во претхристијанските времиња Бог го направил Израел своја посебна нација (Излез 19:5, 6). Можеби тврдат дека ова е пример за расна супериорност, но не е така. Точно е дека Израелците, како потомци на Авраам, уживале еден посебен однос со Бог и дека биле користени како канал за божествени откровенија (Римјаните 3:1, 2). Но, целта на ова не била тие да бидат ставени на пиедестал. Напротив, целта била да „бидат благословени сите нации“ (Битие 22:18; Галатите 3:8).
Испаднало дека повеќето Израелци не ја имитирале верата на својот предок Авраам. Биле неверни и го отфрлиле Исус како Месија. Затоа, Бог ги отфрлил нив (Матеј 21:43). Меѓутоа, кротките луѓе не пропуштиле да ги добијат ветените благослови. На Пентекост 33 н.е. се родило христијанското собрание. Оваа организација на христијани, кои биле помазани со свет дух, била наречена „Израелот Божји“, и се покажало дека е каналот преку кој ќе дојдат тие благослови (Галатите 6:16).
На некои членови на тоа собрание им било потребно школување во поглед на еднаквоста. На пример, ученикот Јаков им дал совет на оние што на богатите христијани им оддавале поголема чест отколку на посиромашните (Јаков 2:1—4). Тоа било неисправно. Апостол Павле покажал дека нееврејските христијани во никој случај не биле пониски од еврејските христијани, и дека христијанките во никој случај не биле пониски од мажите. Тој напишал: „Всушност, сите вие сте синови Божји преку вашата вера во Христос Исус. Зашто сите вие, кои сте се крстиле во Христос, во Христос сте се облекле. Нема тука ни Евреин ни Грк, нема ни роб ни слободен, нема ни машко ни женско; зашто сите вие сте едно во обединетост со Христос Исус“ (Галатите 3:26—28).
Бескласен народ денес
Јеховините сведоци денес се обидуваат да живеат во согласност со библиските начела. Тие признаваат дека општествените класи немаат никакво значење во очите на Бог. Затоа, кај нив нема поделба на свештеници и лаици, и тие не се одвоени според бојата на кожата или според богатството. Иако некои од нив се можеби богати, тие не се сосредоточуваат на „нападното истакнување на своите средства за живот“, зашто увидуваат дека тие работи се само минливи (1. Јованово 2:15—17). Наместо тоа, сите се обединети во своето обожавање на Универзалниот Суверен, Јехова Бог.
Секој од нив ја прифаќа одговорноста да учествува во делото на проповедање на добрата вест за Царството на својот ближен. Исто како Исус, тие им оддаваат чест на угнетените и запоставените на тој начин што ги посетуваат во нивните домови, нудејќи им да ги поучат за Божјата реч. Лица што имаат понижен статус во животот работат рамо до рамо со оние што можеби некои ги сметаат за висока класа. Духовните особини вредат, а не општествената класа. Како и во првиот век, сите се браќа и сестри во верата.
Еднаквоста дозволува разноликост
Се разбира, еднаквоста не значи целосна еднообразност. Мажи и жени, стари и млади се застапени во оваа христијанска организација, во која има луѓе од многу, многу расни, јазични, национални и економски заднини. Како поединци, тие имаат различни умствени и физички способности. Но, тие разлики не ги прават некои супериорни или други пониски. Наместо тоа, таквите разлики имаат за резултат една прекрасна разноликост. Тие христијани признаваат дека сите таленти што ги имаат се дарови од Бог и дека не постои причина за чувства на супериорност.
Класните поделби се резултат на човековиот обид да владее со себе наместо да го следи Божјето водство. Наскоро Божјето Царство ќе ја преземе контролата над денешното владетелство над Земјата, и резултатот ќе биде крај на човечките класни разлики, како и на сите други работи што предизвикувале страдања низ вековите. Потоа, во вистинска смисла на зборот, „кротките ќе ја наследат земјата“ (Псалм 37:11). Сите причини за фалење заради нечија наводна супериорност ќе исчезнат. Никогаш повторно нема да се дозволи општествените класи да го делат човечкото светско братство.
[Истакната мисла на страница 5]
На Творецот „еднаков Му е бедниот и богатиот, зашто тие се дело на Неговите раце“ (Јов 34:19)
[Слика на страница 6]
Јеховините сведоци им оддаваат чест на своите ближни
[Слики на страница 7]
Меѓу вистинските христијани вредат духовните особини