Старешини — обучувајте ги другите да го носат товарот
ВО СОБРАНИЈАТА на Јеховините сведоци низ целиот свет постои итна потреба од мажи што можат да служат на надгледнички положби. Постојат три главни причини за ваквиот развој на работите.
Прво, Јехова го исполнува своето ветување дека ќе го направи ‚слабиот силен народ‘ (Исаија 60:22). Преку неговата незаслужена љубезност, во последниве три години речиси еден милион нови ученици се крстени како Јеховини сведоци. Потребни се одговорни мажи за да им помагаат на овие новокрстени поединци да напредуваат кон христијанска зрелост (Евреите 6:1).
Второ, напреднатата старост или здравствените проблеми принудиле некои што со децении служеле како старешини да го намалат товарот на работа што го носат во собранието.
Трето, извесен број ревносни христијански старешини сега служат како членови на Одборите за контактирање со болниците, Регионалните одбори за градба или Одборите на собирните сали. Во некои случаи тие мора да постигнат рамнотежа со тоа што ќе се откажат барем од некои свои одговорности во локалното собрание.
Како може да се задоволи итната потреба од повеќе квалификувани мажи? Клучот лежи во обучувањето. Библијата ги охрабрува христијанските надгледници да обучуваат „верни луѓе кои, пак, ќе бидат соодветно оспособени да поучуваат други“ (2. Тимотеј 2:2). Според еден речник, глаголот „обучува“ значи да се поучи за да се направи погоден, квалификуван или вешт. Да разгледаме како старешините можат да обучуваат други квалификувани мажи.
Следете го Јеховиниот пример
Исус Христос сигурно бил ‚погоден, квалификуван и вешт‘ во својата работа — и не е ни чудо! Бил обучен од самиот Јехова Бог. Кои фактори ја направиле оваа програма на обука толку делотворна? Исус спомнал три, кои се запишани во Јован 5:20: „Таткото [1] има наклоност кон Синот и [2] му покажува сѐ што самиот прави, и ќе му покаже [3] дела поголеми од овие“. Испитувањето на секој од овие фактори ќе ни даде увид во темата обучување.
Забележи дека Исус најпрвин рекол: „Таткото има наклоност кон Синот“. Уште од почетокот на создавањето постоела една срдечна врска меѓу Јехова и неговиот Син. Пословици 8:30 фрла светлина врз тој однос: „[Јас, Исус] Бев покрај Него [Јехова Бог], како градежничка, бев радосна [оној кон кого тој имаше посебна наклоност, NW], од ден на ден, радувајќи се пред Него сето време“. Во Исусовиот ум немало сомневање дека Јехова имал „посебна наклоност“ кон него. А Исус не ја криел радоста што ја чувствувал додека работел покрај својот Татко. Колку е само убаво кога постои еден срдечен, отворен однос меѓу христијанските старешини и оние што тие ги обучуваат!
Вториот фактор што Исус го спомнал е тоа што Таткото „му покажува сѐ што самиот прави“. Овие зборови го потврдуваат она што е наведено во Пословици 8:30, имено, дека Исус ‚бил покрај‘ Јехова додека бил создаван универзумот (Битие 1:26). Старешините можат да го следат тој одличен пример на тој начин што тесно ќе соработуваат со слугите помошници, покажувајќи им како да ги извршуваат своите должности на способен начин. Меѓутоа, новонаименуваните слуги помошници не се единствените на кои им е потребно прогресивно обучување. Што е со оние верни браќа кои многу години тежнеат по служба на надгледник, но никогаш не биле наименувани? (1. Тимотеј 3:1). Старешините треба на таквите мажи да им дадат конкретен совет за тие да знаат како да ги насочуваат своите напори.
На пример, можеби еден слуга помошник е доверлив, точен и совесен во извршувањето на своите должности. Можеби е и добар учител. Можеби врши одлична работа во собранието во многу погледи. Меѓутоа, можеби не сфаќа дека е склон да биде груб во своите постапки со сохристијаните. Старешините треба да покажуваат „благост која ѝ припаѓа на мудроста“ (Јаков 3:13). Зарем не би било љубезно од еден старешина да поразговара со тој слуга помошник, јасно изнесувајќи му го проблемот, давајќи му конкретни примери и практични предлози како да се подобри? Ако старешината внимателно ‚го зачини својот совет со сол‘, неговите коментари веројатно ќе наидат на добар прием (Колошаните 4:6). Се разбира, слугата помошник ќе ја направи задачата на старешината попријатна со тоа што ќе биде отворен и приемлив за секој совет што го добива (Псалм 141:5).
Во некои собранија старешините им даваат практично, постојано обучување на слугите помошници. На пример, тие земаат со себе квалификувани слуги помошници кога ги посетуваат болните или старите. На тој начин слугите помошници стекнуваат искуство во делото на пастирење. Се разбира, постои многу нешто што еден слуга помошник може да стори во унапредувањето на својот духовен напредок. (Види ја рамката подолу со наслов: „Што можат да сторат слугите помошници.“)
Третиот фактор што го направил Исусовото обучување толку делотворно бил тоа што Јехова го обучил имајќи го на ум идниот напредок. Исус за својот Татко рекол дека ќе му покаже на Синот „дела поголеми од овие“. Искуството што Исус го стекнал кога бил на Земјата му овозможило да развие особини што му биле потребни во извршувањето на идните задачи (Евреите 4:15; 5:8, 9). На пример, каква само тешка задача треба Исус наскоро да добие — да воскресне милијарди луѓе што сега се мртви и да им суди! (Јован 5:21, 22).
Кога ги обучуваат слугите помошници, старешините денес треба да ги имаат на ум идните потреби. Иако можеби изгледа дека има доволно старешини и слуги помошници што се грижат за моменталните потреби, дали ќе биде тоа случај ако се формира ново собрание? Што ако се формираат неколку собранија? Во текот на изминатите три години низ целиот свет имаше повеќе од 6.000 нови собранија. Колкав само голем број старешини и слуги помошници се потребни во грижата за тие нови собранија!
Старешини, дали го следите Јеховиниот пример негувајќи срдечен личен однос со мажите што ги обучувате? Дали им покажувате како да ја вршат својата работа? Дали сте свесни за идните потреби? Следењето на примерот на кој Јехова го обучувал Исус ќе има за резултат богати благослови за многумина.
Немојте да се плашите да доделувате задачи
Способните старешини, кои се навикнати да жонглираат со по неколку тешки задачи, можеби некако се колебаат да им доделуваат авторитет на другите. Можеби во минатото се обиделе да го сторат тоа, но немало задоволителни резултати. Затоа, можеби го усвоиле ставот: ‚Ако сакаш работата да се заврши добро, мораш самиот да ја завршиш‘. Но, дали е ваквиот став во согласност со Јеховината волја, изразена во Писмото, дека помалку искусните мажи треба да добиваат обука од поискусните? (2. Тимотеј 2:2).
Апостол Павле се разочарал кога еден од неговите сопатници, Јован Марко, ја напуштил својата задача во Памфилија и се вратил дома (Дела 15:38, 39). Меѓутоа, Павле не дозволил тој неуспех да го обесхрабри во обучувањето на другите. Избрал еден друг млад брат, Тимотеј, и го обучил во мисионерското делоa (Дела 16:1—3). Во Верија мисионерите наишле на толку сурово противење што веќе не било практично Павле да остане таму. Затоа, новото собрание го препуштил на грижата на Сила, еден зрел постар брат, и на Тимотеј (Дела 17:13—15). Несомнено Тимотеј многу научил од Сила. Подоцна, кога Тимотеј бил спремен да преземе понатамошна одговорност, Павле го испратил во Солун да го охрабри тамошното собрание (1. Солуњаните 3:1—3).
Односот меѓу Павле и Тимотеј не бил деловен, студен или механички. Меѓу нив постоела срдечна врска. Кога му пишувал на собранието во Коринт, Павле се осврнал на Тимотеј, кого планирал да го испрати таму, како на свое „љубено и верно дете во Господ“. Тој додал: „[Тимотеј] ќе ве потсети на моите методи во врска со Христос Исус“ (1. Коринќаните 4:17). Тимотеј се одѕвал на обучувањето што го добил од Павле, и станал квалификуван за да ги врши своите задачи. Многу млади браќа станале способни слуги помошници, старешини или дури и патувачки надгледници затоа што извлекле корист од обучувањето што го добиле од заинтересираните постари мажи, кои покажале вистинска грижа за нив, како што сторил Павле со Тимотеј.
Старешини, обучувајте ги другите!
Јасно е дека пророштвото во Исаија 60:22 се исполнува денес. Јехова го прави „слабиот силен народ“. За да остане „силен“, тој народ мора да биде добро организиран. Старешини, зошто не ги разгледате начините на кои можете да им дадете додатно обучување на предадените мажи што се квалификуваат да го добијат? Погрижете се секој слуга помошник да биде потполно свесен за сите подобрувања што треба да ги направи со цел да напредува. А вие, крстени браќа, добро искористете го личното внимание што ви се посветува. Искористете ги приликите да ја зголемите својата способност, спознание и искуство. Јехова сигурно ќе ја благослови таквата програма на љубезна помош (Исаија 61:5).
[Фуснота]
a Подоцна, Павле повторно соработувал со Јован Марко (Колошаните 4:10).
[Рамка на страница 30]
Што можат да сторат слугите помошници
Старешините треба да им даваат обука на слугите помошници, но постојат многу работи што слугите помошници можат да ги сторат за да го унапредуваат својот духовен напредок.
—Слугите помошници треба да бидат трудољубиви и доверливи во грижата за своите задачи. Исто така, треба да развијат добри навики на проучување. Напредокот во прилична мера зависи од проучувањето и примената на наученото.
—Кога еден слуга помошник се подготвува да изнесе говор на еден христијански состанок, тој не треба да се колеба да побара предлози од некој способен старешина околу тоа како да го презентира материјалот.
—Слугата помошник можеби ќе замоли некој старешина и да го набљудува додека тој изнесува еден библиски говор и да му даде совети за подобрување.
Слугите помошници треба да бараат, да ги прифаќаат и да ги применуваат советите од старешините. На тој начин нивниот напредок ќе „им биде видлив на сите“ (1. Тимотеј 4:15).