Школа за оспособување на слуги — голема врата која води во активност
1 Преку пророкот Еремија, Јехова претскажал: „Ќе им подигнам пастири [на мојот народ], за да ги пасат, та веќе не ќе се плашат од ништо, ниту ќе се загубуваат“ (Ерем. 23:4). Меѓу луѓето од сите нации денес се врши едно вакво дело на пастирење. Го вршат десетици илјади собраниски старешини. Освен нив, една чета млади луѓе бројни како капки роса спремно се нудат да му служат на Јехова (Псал. 110:3, NW). Каков само благослов се овие понизни браќа за собранијата на Божјиот народ! Додека делото на духовно собирање продолжува, сѐ уште постои потреба од оспособени мажи што ќе се стават на располагање да им служат на своите браќа.
2 Школата за оспособување на слуги е една прекрасна подготовка за да можат старешини и слуги помошници кои се самци да се обучат за зголемени одговорности. Повеќе од 22.000 студенти од околу 140 земји добија обука во 999-те класа што беа одржани откако се воведе школата во 1987. За овие браќа, Школата се покажа како „голема врата која води во активност“ (1. Кор. 16:9).
3 Цел на школата: Целта на Школата за оспособување на слуги е да обучи и опреми квалификувани мажи да преземат одговорности секаде каде што има потреба во организацијата. Школата ги прави поспособни да предводат во евангелизаторското дело, да учествуваат во пастирењето на стадото и да поучуваат во собранието. Откако ќе дипломираат, некои од студентите се доделуваат како специјални пионери или патувачки надгледници во својата земја или во странство. Други добиваат доделби да служат во своите матични собранија или во места на подрачјето на подружницата каде што има поголема потреба.
4 Во текот на курсот што трае 8 седмици, студентите се зафаќаат со интензивно проучување на Библијата. Внимателно разгледуваат широка палета на библиски учења и на пастирски одговорности, како и на упатства за тоа како да се решаваат проблемите во христијанскиот живот. Исто така учат што кажува Библијата во врска со административните, правните и организациските работи. Тие добиваат специјализирана обука за јавно говорништво и добиваат лична помош за да го забрзаат својот духовен напредок.
5 Барања: Се разбира, барањата за да се присуствува на оваа школа се високи. Оние што се пријавуваат мора да служеле како старешини или слуги помошници најмалку две години едноподруго. Сите мора да бидат самци и на возраст од 23 до 50 години. Мора да знаат да читаат, да пишуваат и да го зборуваат течно јазикот на кој се води школата, мора да имаат добро здравје, и да не им биде потребна посебна нега или исхрана. Предност имаат тие што се во општа пионерска служба.
6 Оние што доброволно се пријавуваат мораат да бидат спремни и способни да служат таму каде што ќе има потреба од нив. За ова е потребно да имаат дух како оној на пророкот Исаија, кој спремно се понудил да врши едно посебно дело, велејќи: „Еве ме, испрати ме мене!“ (Иса. 6:8). Тој исто така покажал понизност во текот на целиот свој живот. Оние што се пријавуваат за Школата за оспособување на слуги треба да бидат мотивирани од љубов кон своите браќа и од желба да им служат, а не од желба да се истакнуваат или да имаат некоја посебна положба. Откако ја добиваат таа прекрасна обука, од дипломците се очекува да го применуваат она што го научиле во корист на другите (Лука 12:48).
7 Користи: Во текот на осумте седмици на интензивна обука, дипломците се ‚хранети со зборовите на верата и со доброто учење‘ (1. Тим. 4:6). Ова ги оспособува да им помагаат и да ги храбрат другите во собранијата и покраините каде што ќе бидат доделени. Во многу места каде што биле доделени дипломци од Школата за оспособување на слуги се зголемила активноста на теренот; објавителите, посебно младите, биле охрабрени на пионерска служба, а на многу од новите што почнуваат да се дружат со Божјиот народ им било посветено поголемо лично внимание.
8 Дали си неженет старешина или слуга помошник на возраст меѓу 23 и 50 години? Зошто не размислиш да се пријавиш за Школата за оспособување на слуги? Дали си млад брат што си поставува долгорочни цели во Јеховината служба? Зошто не водиш едноставен живот во кој ништо нема да ти го одвлекува вниманието за да можеш да поминеш низ оваа „голема врата која води во активност“? Тоа може да ти донесе голема радост и задоволство. Школата за оспособување на слуги се покажала вистински благослов не само за оние што дипломирале на неа туку и за собранијата на Божјиот народ ширум светот.
[Рамка на страница 3]
Каква корист извлекле од обуката
„Обуката навистина ми ја подобри службата и способноста на пастирење — да го правам тоа со мудрост, користејќи го Писмото.“
„Школата ми помогна да ги извршувам различните одговорности во собранието со многу поголема самодоверба.“
„Го промени скоро секој аспект на мојот живот, вклучувајќи го и начинот на кој гледам на теократијата и на Божјата организација.“
„Обуката што ја добив ми помогна да ја сфатам потребата да се ставам на располагање за да служам таму каде што има потреба.“