Школа чии дипломци им помагаат на луѓето во целиот свет
ВО ПРЕКУ 98.000 собранија на Јеховините сведоци во повеќе од 200 земји, луѓе од секаква професија и економски статус се поучени од Бог. Главниот учебник е Библијата, а целта на нивното образование е да им помогнат на луѓето да напредуваат духовно со тоа што ќе научат која е Божјата волја и како да живеат во склад со неа. Оние што го прифаќаат ова образование извлекуваат голема корист. Она што го учат им го пренесуваат и на другите, во склад со Исусовиот налог да се прават ученици (Матеј 28:19, 20).
Освен тоа што Јеховините сведоци имаат редовна програма за поука во своите собранија, тие имаат отворено и неколку школи за посебна обука. Една од нив е Школата за организациско оспособување. Таа била воведена во октомври 1987 година во Питсбург (Пенсилванија, САД). Првиот клас бил составен од 24 ученици од англиско говорно подрачје. Оттогаш се одржуваат курсеви на 21 јазик во 43 земји. Досега оваа школа ја завршиле неженети старешини и слуги помошници од преку 90 земји. Кога ќе го завршат курсот, кој трае осум седмици, дипломците добиваат доделба да служат таму каде што има потреба, сеедно дали во нивната земја или во странство. До крајот на 2005 година, овој курс го завршиле преку 22.000 Јеховини сведоци. Нивните понизни напори да се зголеми службата за Царството и да им се помогне на другите беа богато благословени (Изреки 10:22; 1. Петрово 5:5).
Како да се присуствува на Школата
За да се присуствува на Школата за организациско оспособување, многу ученици мораат да побараат слободни денови од нивната работа, сеедно дали работат со скратено или со цело работно време. Понекогаш тоа не е баш лесно. На Хаваите, двајца христијани што работеле како наставници морале да побараат слободни денови кога биле повикани да присуствуваат на оваа школа. Со доверба во Јехова, тие поднеле барање за тие слободни денови и објасниле зошто им се потребни и колку ќе им користи школата што ќе ја завршат. Обајцата ги добиле слободните денови.
На некои Сведоци што побарале слободни денови им рекле дека ќе ја изгубат работата кога ќе се вратат. Тие избрале да ја добијат обуката од Јеховината организација, иако тоа би значело дека ќе останат без работа. Откако ја завршиле школата, некои од нив сепак биле повикани од своите работодавци да се вратат на своето работно место. Таквата одлучност да се присуствува на школата би можела накратко да се изрази со овие зборови: Поднеси барање за одмор, моли го Јехова за помош и остави тој да го стори останатото (Псалм 37:5).
„Поучени од Јехова“
Овој осумнеделен курс се состои од продлабочено изучување на Библијата. Оние што присуствуваат на него, учат како Јеховиниот народ е организиран да ја врши неговата волја и како можат уште поделотворно да ја користат Библијата во службата на проповедање, на собраниските состаноци и на собирите.
Еден дипломец што многу ја цени оваа школа му го напишал следново на еден друг ученик што сѐ уште не започнал со школата: „Верувај ми, ова ќе ти биде најубавата школа досега. Библискиот стих во кој се вели дека ќе бидеме ‚поучени од Јехова‘ добива уште поголемо значење. Сето тоа ќе те обликува и ќе го подобри твоето срце и личност, за да го следиш уште подобро примерот на Исус Христос. Ќе го доживееш најубавото нешто во својот живот“ (Исаија 54:13).
Проповедници, пастири и учители
Дипломците на Школата за организациско оспособување моментално служат во 117 земји. Некои од нив се островите во Атлантикот, на Карибите и на Пацификот, како и повеќето земји каде што има подружници на Јеховините сведоци. Подружниците известуваат дека добрата обука што ја добиваат учениците се гледа во нивното проповедање, пастирење и поучување. Обуката ги опремува подобро да ја користат Библијата во службата на теренот (2. Тимотеј 2:15). Кога одговараат на прашањата што ги поставуваат станарите, тие често ја користат и книгата Расправљање на темељу Писмаa и ги обучуваат да го прават истото и другите објавители на Царството. Ревноста на дипломците е заразна, а нивните активности ги зајакнуваат собранијата.
Собраниските старешини имаат чест ‚да го пасат стадото‘, помагајќи да се згрижат духовните потреби на другите (1. Петрово 5:2, 3). Еден старешина го рекол следново во врска со оваа школа: „Многу сме благодарни што канцеларијата на подружницата испраќа добро обучени браќа да ни помогнат во грижата за Божјето стадо“. И една подружница на Далечниот Исток известува нешто слично: „Дипломците се многу сочувствителни. Многу се вредни и сите во собранието многу ги почитуваат. Нивната понизност, топлина и ревност се добро познати и другите многу ги ценат. Тие спремно се жртвуваат и радосно се преселуваат во собранијата каде што има потреба од пастири“ (Филипјаните 2:4). Таквите браќа ги зајакнуваат своите соверници и заслужуваат пофалба (1. Коринќаните 16:18).
Освен тоа, инструкторите на Школата за организациско оспособување им помагаат на учениците да ги подобрат своите вештини во јавно говорење. Применувајќи ги предлозите и советите што ги добиваат, многу дипломци можат наскоро да се користат како учесници на покраинските собири и на обласните конгреси. Еден покраински надгледник забележал дека дипломците изнесуваат „одлични говори и многу добро го разработуваат материјалот“ (1. Тимотеј 4:13).
Во една африканска земја, квалитетот на собраниските состаноци многу се подобрил откако таму била одржана Школата за организациско оспособување и дипломците биле испратени на подрачјето. Старешините што се испратени од школата помагаат во проповедањето, пастирењето и поучувањето, и на тој начин духовно ги изградуваат собранијата (Ефешаните 4:8, 11, 12).
Подобро надгледување на собранијата
На многу места има потреба од повеќе старешини и слуги помошници. Во некои собранија не би имало ниеден старешина ако не бил испратен дипломец од Школата за организациско оспособување. Затоа, многу дипломци се доделени да служат таму каде што има таква потреба.
Многу подружници известуваат дека овие мажи „добро ги знаат организациските работи“, „сериозно ги сфаќаат своите одговорности“, „им помагаат на другите да разберат каква е Јеховината организација и да ја ценат“, и „придонесуваат за топлината и духовноста на нивните собранија“. Ова е така затоа што дипломците од оваа школа го следат она што е напишано во Божјата реч и не се потпираат на сопствениот разум ниту мислат самите за себе дека се мудри (Изреки 3:5-7). Таквите браќа стануваат духовни дарови за собранијата во кои се доделени.
Служба на изолирани подрачја
Некои дипломци што се доделени како специјални пионери помагаат изолираните групи да станат собранија. Изразувајќи благодарност за нивната помош, еден старешина во едно оддалечено подрачје во Гватемала рекол: „Цели 20 години загрижено се прашував како ќе се обработи ова огромно подрачје. Честопати се молев за тоа. Браќата од Школата за организациско оспособување се добро обучени да држат говори како и во организациските работи, и благодарен сум што гледам дека сега на ова подрачје со љубов му се посветува внимание“.
Дипломците научиле да бидат делотворни и на подрачјата како што се далечните зафрлени селца, до коишто можат да стигнат само ако долго патуваат преку планински предели. Таму брзо започнуваат и организраат изолирани групи, дури и кога другите објавители не успеале во тоа. На пример, еден старешина во Нигер побарал помош од дипломците затоа што сметал дека можат добро да ја завршат работата во местото каде што живеел. Особено на оддалечените места, на неженетите браќа им е полесно да служат како специјални пионери и покраински надгледници. Како апостол Павле, тие мораат да се соочуваат со ‚опасности од реки, разбојници и опасности во пустината‘, со разни неповолни услови и со грижа за собранијата во кои служат (2. Коринќаните 11:26-28).
Како им помагаат на младите
Светото писмо ги поттикнува младите да се сеќаваат на својот Творец (Проповедник 12:1). Ревносните дипломци на Школата за организациско оспособување се убав пример за христијанските млади. Откако во едно собрание во Соединетите Држави пристигнале двајца дипломци од оваа школа, објавителите почнале да посветуваат двапати повеќе време во службата на проповедање. Освен тоа, бројот на општи пионери, односно полновремени објавители на Царството, пораснал од 2 на 11. Ова се случува во многу собранија.
Освен тоа, дипломците ги охрабруваат младите и самите да размислат за Школата за организациско оспособување. Ова мотивирало некои што сѐ уште не се слуги помошници да размислат за таа привилегија. Подружницата во Холандија ги нарекува дипломците на Школата за организациско оспособување „живи примери за младите што размислуваат што да прават со својот живот“.
Служба во собранија на странски јазик
Во многу земји сѐ повеќе се вложуваат напори да им се проповеда добрата вест на луѓето на нивниот мајчин јазик. Дипломците на Школата за организациско оспособување честопати учат други јазици и служат на подрачја каде што има многу имигранти. На пример, во Белгија има потреба од повеќе објавители на Царството што ќе проповедаат меѓу населението од албанско, персиско и руско говорно подрачје.
На собранијата и групите на странски јазик во Британија, Германија, Италија, Мексико и Соединетите Држави и во други земји веќе многу им помагаат патувачките надгледници, старешините и слугите помошници што се дипломци на Школата за организациско оспособување. Подружницата во Кореја известува дека „повеќе од 200 дипломци играат клучна улога во помагањето во собранијата и групите на странски јазик“.
Понизно служат и во други својства
Освен тоа што служат во групи и собранија на друг јазик, оние што дипломирале на Школата за организациско оспособување служат и како старешини, слуги помошници и патувачки надгледници. Некои ја прифаќаат задачата да служат во други земји, можеби задоволувајќи ја итната потреба во Службеното одделение на некоја подружница. Оние што се стручни во градежништвото може да учествуваат во програмата за изградба на Сали на Царството.
Светскиот пораст во бројот на собранија и покраини значи дека постојано има потреба од уште повеќе патувачки надгледници. За да помогнат да се задоволи оваа потреба, избрани дипломци на Школата за организациско оспособување добиваат десетнеделна обука за патувачката служба и потоа служат како замена на покраинскиот надгледник или како редовни покраински надгледници. Во моментов, околу 1.300 дипломци служат како патувачки надгледници во 97 земји. Во една африканска земја, 55 отсто од патувачките надгледници се дипломци на Школата за организациско оспособување. Во една друга африканска земја таа бројка изнесува 70 отсто.
Во Австралија, на Далечниот Исток, во Европа, во Канада и во Соединетите Држави, стотици дипломци на оваа школа се испратени да ги задоволат посебните потреби во други земји. На овој начин користа од школата се чувствува во целиот свет.
Преку својот Син, Исус Христос, Јехова поставил проповедници, пастири, учители и други што служат за Царството во овие последни денови. Постои ли можност за натамошен пораст меѓу Божјиот народ? Сигурно! Затоа има и сѐ поголема потреба од посветени браќа што ќе извршуваат поголеми одговорности (Исаија 60:22; 1. Тимотеј 3:1, 13). Школата за организациско оспособување им дава можност на старешините и на слугите помошници да бидат опремени да ја зголемат својата служба, и тоа многу да им користи и ним лично и на другите луѓе во светот.
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци.
[Слики на страница 10]
Школата за организациско оспособување има за цел да се зголеми службата за Царството во целиот свет
[Слики на страница 13]
Дали сакаш да ја завршиш Школата за организациско оспособување и потоа да им помагаш на другите?