Животна приказна
Служење со дух на самопожртвуваност
РАСКАЖАЛ ДОН РЕНДЕЛ
Мајка ми умре во 1927, кога имав само пет години. Сепак, нејзината вера многу влијаеше врз мојот живот. Како беше можно тоа?
КОГА се омажила за татко ми, професионален војник, мајка ми била верен член на англиканската црква. Тоа било пред I светска војна. Таа војна избувнала во 1914, и мајка ми не се сложила со викарот за тоа што неговата проповедалница се користела како подиум за регрутирање војници. Каков бил одговорот на свештеникот? „Оди си дома, и не мачи се со такви прашања!“ Тоа не ја задоволило.
Во 1917, во зенитот на војната, мајка ми отишла да ја гледа ‚Фото-драмата за создавањето‘. Уверена дека ја пронашла вистината, веднаш ја напуштила својата црква за да им се придружи на Библиските студенти, како што тогаш биле познати Јеховините сведоци. Присуствувала на состаноците во едно собрание во Јоувил, најблискиот град до нашето село Вест Кокер, во англиската покраина Самерсет.
Набрзо мајка ми ја споделила својата новопронајдена вера со нејзините три сестри. Постарите членови на собранието Јоувил ми опишуваа како мајка ми и нејзината сестра Мили ревносно со велосипеди го обиколувале нашето широко рурално подрачје, дистрибуирајќи ги помагалата за проучување на Библијата Studies in the Scriptures (Студии на Писмото). Но, за жал, во последните 18 месеци од својот живот, мајка ми беше врзана за кревет поради туберкулоза, за која во тоа време немаше лек.
Самопожртвуваност на дело
Тетка Мили, која во тоа време живееше со нас, ја негуваше мајка ми кога се разболе и се грижеше за мене и за мојата седумгодишна сестра Џоан. Кога мајка ми умре, тетка Мили веднаш се понуди да се грижи за нас децата. Татко ми, радосен што можеше да се ослободи од таа одговорност, спремно се сложи тетка Мили засекогаш да живее со нас.
Ние ја сакавме тетка ми и бевме среќни што таа остана со нас. Но, зошто донесе тетка ми таква одлука? По многу години, тетка Мили ни кажа дека била свесна за својата обврска да гради врз темелот што го положила мајка ми — да нѐ поучува Џоан и мене за библиската вистина — нешто за кое увиде дека татко ми нема никогаш да го прави, затоа што немаше никаков интерес за религија.
Потоа, дознавме и дека тетка Мили донела уште една многу лична одлука. Никогаш да не се омажи за да се грижи адекватно за нас. Каква самопожртвуваност! Џоан и јас ја имавме секоја причина да ѝ бидеме многу благодарни. Сѐ што нѐ поучи тетка Мили и одличниот пример што ни го даде остана во нас.
Време на одлука
Џоан и јас одевме во селското училиште на англиканската црква каде што тетка Мили зазеде цврст став пред директорката во врска со нашето религиозно образование. Кога другите деца ќе се упатеа кон црквата, ние си одевме дома, а кога викарот доаѓаше на училиште за да држи верска настава, ние седевме посебно и ни беше задавано да учиме напамет библиски стихови. Ова добро ми се најде, бидејќи овие стихови останаа неизбришливо врежани во мојот ум.
На 14-годишна возраст го напуштив училиштето за да работам четири години како чирак во една локална фабрика за производство на сирење. Исто така, научив да свирам на пијано, а музиката и класичните танци ми станаа хоби. Библиската вистина, иако ми беше вкоренета во срцето, допрва требаше да ме мотивира. Потоа, еден ден во март 1940, една постара жена Сведок ме покани да ја придружувам на еден собир во Свиндон, оддалечен околу 110 километри. Јавното предавање го одржа Алберт Д. Шредер, претседавачкиот министер на Јеховините сведоци во Британија. Тој собир беше пресвртница за мене.
Беснееше II светска војна. Што правев со животот? Решив да се вратам во Салата на Царството во Јоувил. На првиот состанок на кој присуствував, беше воведено сведочење на улица. И покрај моето ограничено спознание, доброволно се пријавив за да учествувам во оваа активност, на големо изненадување на многу таканаречени пријатели, кои ми се исмејуваа додека поминував покрај нив!
Во јуни 1940 се крстив во градот Бристол. По еден месец се пријавив како општ пионер — полновремен евангелизатор. Колку само бев среќен кога, малку подоцна, и сестра ми го симболизираше своето предание со крштавање во вода!
Пионерење во време на војна
Една година откако почна војната, добив покана за војска. Затоа што бев регистриран како лице со приговор на совеста во Јоувил, морав да излезам на суд во Бристол. Му се придружив како пионер на Џон Вин во Синдефорд (Глоучестер), а потоа во Хаверфордвест и Кармартен (Велс).a Подоцна, на едно судско сослушување во Кармартен, бев осуден на казна затвор од три месеци во Свонси, со додатна парична казна од 25 фунти — прилична сума пари во тоа време. Потоа добив и втора казна од три месеци затвор заради тоа што не ја платив паричната казна.
На третото сослушување ме прашаа: „Зарем не знаеш дека Библијата вели ‚плаќајте му го цезаревото на цезарот‘?“ „Да“, одговорив, „го сфаќам тоа, но би сакал да го довршам стихот: ‚И Божјето на Бог‘. Тоа и го правам“ (Матеј 22:21). По неколку седмици добив писмо во кое ми беше кажано дека сум ослободен од обврските за воена служба.
Во почетокот на 1945, бев поканет да ѝ се придружам на лондонската бетелска фамилија. Следната зима, Натан Х. Нор, кој предводеше во организирањето на светското проповедничко дело, и неговиот секретар Милтон Џ. Хеншел, го посетија Лондон. Осум млади браќа од Британија, меѓу кои и јас, беа запишани во осмиот клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower за мисионерска обука.
Мисионерски доделби
На 23 мај 1946 се качивме од малото корнуолско пристаниште Фауи на бродот Либерти, од времето на војната. Шефот на пристаништето, капетан Колинс, беше Јеховин сведок, и додека го напуштавме кејот, ја огласи сирената. Секако, на сите ни беа измешани чувствата додека гледавме како брегот на Англија исчезнува. Тоа преминување на Атлантикот беше многу бурно, но, по 13 дена стигнавме безбедно во Соединетите Држави.
Присуството на осумдневниот меѓународен Теократски собир на радосните нации во Кливленд (Охајо), од 4 до 11 август 1946, беше едно незаборавно искуство. Беа присутни осумдесет илјади делегати, меѓу кои имаше 302 од 32 други земји. На тој конгрес излезе списанието Разбудете се!b‚ а пред одушевеното мноштво беше објавено помагалото за проучување на Библијата “Let God Be True” („Нека Бог биде вистинит“).
На Гилеад дипломиравме во 1947, а Бил Копсон и јас бевме доделени во Египет. Но пред да заминеме, имав предност да добијам добро канцелариско обучување од Ричард Абрахамсон во бруклинскиот Бетел. Слеговме од брод во Александрија, и наскоро се привикнавме на животниот стил на Средниот Исток. Меѓутоа, учењето арапски јазик беше предизвик, и морав да користам картици за сведочење на четири јазици.
Бил Копсон остана седум години, но јас не можев да ја обновам визата по првата година, така што морав да ја напуштам земјата. На таа година мисионерска служба гледам како на најпродуктивната од мојот живот. Имав предност да водам повеќе од 20 домашни библиски студии секоја седмица, и некои од тие што ја запознаа вистината тогаш сѐ уште активно го фалат Јехова. Од Египет бев упатен на Кипар.
Кипар и Израел
Почнав да учам нов јазик, грчки, и да се запознавам со локалниот дијалект. Малку подоцна, кога Антони Сидерис беше замолен да се префрли во Грција, јас бев наименуван да го надгледувам делото на Кипар. Во тоа време канцеларијата на подружницата на Кипар се грижеше и за Израел, па затоа, заедно со други браќа, имав предност одвреме навреме да ги посетувам неколкуте тамошни Сведоци.
Кога првпат отпатував во Израел, одржавме мал собир во еден ресторан во Хаифа, на кој беа присутни 50 до 60 луѓе. Ги раздвоивме националните групи, и така програмата на собирот ја изнесовме на шест различни јазици! Во една друга прилика, можев да прикажам филм во Ерусалим произведен од Јеховините сведоци, и да одржам јавно предавање за што имаше поволен извештај во весникот на англиски јазик.
Во тоа време на Кипар имаше околу 100 Сведоци, и тие мораа да водат тешка борба за својата вера. Толпи предводени од свештеници на грчката Православна црква ги прекинуваа нашите собири, а за мене беше ново искуство да бидам каменуван кога сведочев во руралните подрачја. Морав да научам брзо да се повлекувам! Наспроти таквото насилничко противење, верата ми се зајакна кога на островот беа доделени и други мисионери. Денис и Мавис Метјус, заедно со Џоан Хали и Берл Хајвуд ми се придружија во Фамагуста, додека Том и Мери Гулден и Нина Константи, Кипранка родена во Лондон, заминаа за Лимасол. Во истото време и Бил Копсон беше префрлен на Кипар, а подоцна им се придружи на Берт и Берл Вејси.
Приспособување кон променливите околности
На крајот од 1957 се разболев и не можев да продолжам со мојата мисионерска доделба. Со жалење дојдов до заклучок дека за да закрепнам, треба да се вратам во Англија, каде што продолжив да пионерам до 1960 година. Сестра ми и нејзиниот сопруг љубезно ме сместија кај нив, но околностите се сменија. Работите за Џоан стануваа сѐ потешки. Освен што се грижеше за својот сопруг и за младата ќерка во текот на 17-те години кога бев отсутен, таа со љубов ги негуваше татко ми и тетка Мили, кои веќе беа остарени и не беа добри. Потребата да го следам примерот на самопожртвуваност на тетка ми стана очигледна, па затоа останав кај сестра ми сѐ до смртта на тетка ми и татко ми.
Ќе беше многу лесно да останам да живеам во Англија, но по краток одмор, почувствував обврска да се вратам на мојата доделба. Впрочем, зарем не потроши Јеховината организација многу пари за да ме обучи? Затоа, во 1972 сам си го платив патот до Кипар за повторно да пионерам таму.
Пристигна Натан Х. Нор за да организира еден конгрес што требаше да се одржи наредната година. Кога виде дека се вратив, препорача да бидам наименуван за покраински надгледник за целиот остров, предност што ја имав четири години. Меѓутоа, тоа беше застрашувачка задача, бидејќи значеше во поголемиот дел од времето да зборувам грчки.
Време на неволја
Домот, во селото Каракуми, источно од Киренија на северниот брег, го делев со Пол Ендрју, Сведок од Кипар што зборуваше грчки. Кипарската канцеларија на подружницата беше во Никозија, јужно од планината Киренија. Во почетокот на јули 1974, бев во Никозија кога дојде до државен удар за соборување на претседателот Макариос, и видов како неговата палата гори во пламен. Кога беше безбедно да се патува, набрзина се вратив во Киренија, каде што се подготвувавме за покраински собир. Два дена подоцна чув како падна првата бомба на пристаништето, и го видов небото полно со хеликоптери што носеа напаѓачки трупи од Турција.
Затоа што бев британски граѓанин, турските војници ме одведоа во предградието на Никозија, каде што бев сослушуван од персонал на Обединетите нации, кој потоа стапи во контакт со канцеларијата на подружницата. Потоа се соочив со една застрашувачка задача — да поминам преку еден куп заплеткани телефонски и електрични кабли до напуштените домови од другата страна на неутрален терен. Колку само бев среќен што мојата линија на комуникација со Јехова Бог не можеше да се прекине! Молитвите ме поддржуваа низ едно од најстрашните искуства во животот.
Изгубив сѐ што имав, но бев среќен што бев безбеден во канцеларијата на подружницата. Но, ваквата ситуација траеше кратко. За неколку дена, напаѓачките трупи презедоа контрола над северната третина од островот. Бетел мораше да се напушти, и се преселивме во Лимасол. Бев среќен што можев да работам таму во еден одбор што беше формиран да се грижи за оние 300 браќа што беа погодени од немирите, од кои многумина ги изгубија своите домови.
Понатамошни промени во доделбата
Во јануари 1981, Водечкото тело ме замоли да се префрлам во Грција и да ѝ се придружам на бетелската фамилија во Атина, но до крајот на истата година, повторно се најдов на Кипар и бев наименуван за координатор на Одборот на подружницата. Андреас Контојоргис и неговата сопруга Маро, Кипрани што беа испратени од Лондон, ми беа „зајакнувачка помош“ (Колошаните 4:11).
Кога заврши зонската посета од Теодор Џерес, во 1984, добив писмо од Водечкото тело во кое беше кажано само: „Кога брат Џерес ќе ја заврши посетата, би сакале да го придружуваш до Грција“. Не беше наведена никаква причина, но кога стигнав во Грција, пред Одборот на подружницата беше прочитано едно друго писмо од Водечкото тело во кое бев наименуван за координатор на Одборот на подружницата во таа земја.
Во тоа време се соочивме со појава на отпадништво. Исто така, добивме многу обвиненија за незаконски прозелитизам. Јеховиниот народ секојдневно беше апсен и воден пред судови. Каква само предност беше за мене што запознав браќа и сестри чиј интегритет го положи испитот на времето! Некои нивни случаи потоа беа сослушани пред Европскиот суд за човекови права, со извонредни резултати што имаа добар ефект врз делото на проповедање во Грција.c
Додека служев во Грција можев да присуствувам на незаборавни конгреси во Атина, Солун и на островите Родос и Крит. Тоа беа четири среќни, плодни години, но во тек беше една друга промена — враќање на Кипар во 1988.
Кипар — и назад во Грција
Додека бев отсутен од Кипар, браќата добија нови простории на подружницата во Нису, на неколку километри од Никозија, и говорот за свечено отворање го одржа Кери Барбер, од бруклинското главно седиште на Јеховините сведоци. Овој пат работите на островот беа посмирени, и бев среќен што се вратив — но тоа не траеше баш долго.
Водечкото тело ги одобри плановите за изградба на нов бетелски дом во Грција, неколку километри северно од Атина. Затоа што зборував и англиски и грчки, бев замолен да се вратам за да работам на новото градилиште во 1990 како толкувач за фамилијата на меѓународни слуги што работеа таму. Сѐ уште се сеќавам колку беше радосно да се биде на градилиштето во шест часот во летните утра, за да им изразам добредојде на стотици браќа и сестри од Грција, кои доброволно се пријавија да работат заедно со фамилијата за градба! Спомените за нивната среќа и ревност засекогаш ќе останат во мене.
Грчките православни свештеници и оние што ги поддржуваа се обидоа да влезат на градилиштето и да ни ја прекинат работата, но Јехова ги сослуша нашите молитви и бевме заштитени. Останав на градилиштето сѐ до свеченото отворање на новиот бетелски дом на 13 април 1991.
Поддршка на мојата драга сестра
Следната година се вратив во Англија на одмор, при што престојував кај сестра ми и кај нејзиниот сопруг. За жал, додека бев таму, зет ми доби два срцеви удара и почина. Џоан ми даваше неограничена поддршка додека бев во мисионерска служба. Скоро не поминуваше ни една седмица а таа да не ми напише писмо на охрабрување. Каков благослов е таквиот контакт за еден мисионер! Сега, таа беше вдовица со влошено здравје и ѝ беше потребна поддршка. Што да правам?
Телма, ќерката на Џоан, и нејзиниот сопруг веќе се грижеа за една друга верна вдовица во нивното собрание, една наша роднина која беше болна од смртоносна болест. Затоа, по многу молитви, решив да останам и да помогнам во грижата за Џоан. Приспособувањето не беше лесно, но имам предност да служам како старешина во Пен Мил, едно од двете собранија во Јоувил.
Браќата со кои служев во странство одржуваат редовен контакт со мене по телефон и со писма, и многу сум им благодарен за тоа. Ако некогаш изразам желба да се вратам во Грција или на Кипар, знам дека патничките билети брзо ќе ми стигнат. Но, сега имам 80 години, и ниту видот ниту здравјето не ме служат како некогаш. Фрустрирачки е да не се биде толку активен како порано, но годините што ги поминав во бетелска служба ми помогнаа да развијам многу навики што денес ми користат. На пример, секогаш пред појадок го читам дневниот стих. Исто така, научив да се сложувам со другите луѓе и да ги сакам — клуч за успешна мисионерска служба.
Кога ќе се осврнам на овие над 60 прекрасни години што ги поминав фалејќи го Јехова, знам дека полновремената служба е најголемата заштита и го обезбедува најдоброто школување. Можам со сето срце да ги одгласувам зборовите што Давид му ги упатил на Јехова: „Ти ми стана засолниште и прибежиште во ден на неволја“ (Псалм 59:16).
[Фусноти]
a Животната приказна на Џон Вин „Моето срце се прелева од благодарност“ излезе во Стражарска кула од 1 септември 1997, страници 25—28.
b Порано познато како Consolation (Утеха).
c Види Стражарска кула од 1 декември 1998, страници 20, 21 и 1 септември 1993, страници 27—31; Разбудете се! од 8 април 1998, страници 27, 28 и 8 јули 1997, страници 18, 19.
[Карти на страница 24]
(Види во публикацијата)
ГРЦИЈА
Атина
КИПАР
Никозија
Киренија
Фамагуста
Лимасол
[Слика на страница 21]
Мајка ми, во 1915
[Слика на страница 22]
На покривот на бруклинскиот Бетел во 1946, јас (четврти од лево) и други браќа од осмиот клас на Гилеад
[Слика на страница 23]
Со тетка Мили, по моето прво враќање во Англија