Животна приказна
Му благодарев на Јехова — со полновремената служба!
РАСКАЖАЛ СТЕНЛИ И. РЕЈНОЛДС
Роден сум во Лондон (Англија), во 1910 година. После I светска војна, моите родители се преселија во едно селце во Вилтшир, кое се викаше Вестбари Леј. Како младич, честопати се прашував: ‚Кој е Бог?‘ Никој не можеше да ми каже. И никогаш не можев да откријам зошто на една мала средина како нашата ѝ се потребни две капели, а и црква, за да се обожава Бог.
ВО 1935, четири години пред почетокот на II светска војна, мојот помлад брат Дик и јас отидовме со велосипед на кампување во Вејмут, на јужниот брег на Англија. Додека седевме во шаторот слушајќи го поројниот дожд и прашувајќи се што да правиме, нѐ посети еден постар господин и ми понуди три помагала за проучување на Библијата — The Harp of God, Light I и Light II (Харфа Божја, Светлина I и Светлина II). Ги зедов, среќен што имав нешто што ќе ми ја разбие монотонијата. Она што го читав веднаш ме фасцинира, но тогаш не ни претпоставував дека тоа целосно ќе ми го промени животот — а и животот на брат ми.
Кога се вратив дома, мајка ми ми кажа дека Кејт Парсонс, која живееше во нашето село, го разнесувала истиот вид библиска литература. Таа беше добро позната бидејќи, иако прилично стара, возеше мал мотоцикл за да ги посетува луѓето во таа овде-онде населена околина. Отидов да се видам со неа, и таа радосно ми ги даде книгите Creation (Создавање) и Riches (Богатство) како и други публикации од Watch Tower Society. Ми кажа и дека е Јеховин сведок.
Откако ги прочитав книгите заедно со мојата Библија, знаев дека Јехова е вистинскиот Бог и сакав да го обожавам. Затоа, испратив писмо за испис од нашата црква и почнав да ги посетувам библиските студии во домот на Џон и Елис Муди. Тие живееја во Вестбари, најблискиот град. На тие состаноци бевме само седуммина. Пред и после состаноците, Кејт Парсонс свиреше на хармониум додека заедно на сет глас ги пеевме песните на Царството.
Раните денови
Можев да увидам дека живееме во значајни времиња, и копнеев да имам удел во делото на проповедање проречено во Матеј 24:14. Затоа, прекинав со пушењето, си купив актовка и му се предадов на Великиот Бог Јехова.
Во август 1936, Џозеф Ф. Ратерфорд, претседателот на Watch Tower Society, дојде во посета на Глазгов (Шкотска) за да зборува на темата „Армагедон“. Иако Глазгов беше оддалечен 600 километри, бев решен да одам таму и да се крстам на конгресот. Немав доволно пари, па затоа земајќи го со себе велосипедот се качив на воз до Карлајл, град на шкотската граница, и оттаму возев со него 160 километри кон север. Исто така, на велосипедот го поминав и поголемиот дел од патот до дома, враќајќи се физички исцрпен, но духовно зајакнат.
Оттогаш, со велосипедот одев секаде каде што ја споделував мојата вера со луѓето од блиските села. Во тие денови, секој Сведок имаше картичка за сведочење со некоја библиска порака која им се даваше на станарите да ја прочитаат. Исто така, користевме портабл фонографи за да пуштаме снимки на библиски предавања од претседателот на Заедницата. И, секако, секогаш носевме торба со списанијаa‚ која нѐ идентификуваше како Јеховини сведоци.
Пионерење во време на војна
Брат ми се крсти во 1940 година. Втората светска војна започна во 1939, и обајцата увидовме дека постои итна потреба од полновремени проповедници. Затоа предадовме молби за пионери. Бевме благодарни што заедно добивме доделба во пионерскиот дом во Бристол, каде што им се придруживме на Едит Пул, Берт Фармер, Том и Дороти Бриџис, Бернард Хојтен и на другите пионери на чија вера долго време се восхитувавме.
Набрзо по нас дојде едно мало комбе на кое на обете страни со масни букви пишуваше „ЈЕХОВИНИ СВЕДОЦИ“. Возач беше Стенли Џонс, кој подоцна стана мисионер во Кина каде што седум години беше затворен во самица заради својата проповедничка активност.
Како што војната земаше замав, навечер ретко можевме да спиеме по цела ноќ. Околу нашиот пионерски дом паѓаа бомби и моравме постојано да внимаваме на опасноста од експлозивни направи. Една вечер, после еден убав собир на кој присуствуваа 200 Сведоци го напуштивме центарот на Бристол и стигнавме до нашиот релативно сигурен дом пробивајќи се низ град од противавионски шрапнел.
Следното утро Дик и јас се вративме во градот за да собереме некои работи што ги имавме оставено. Бевме шокирани. Бристол беше лом. Центарот на градот беше разрушен и изгорен. Парк Стрит, каде што се наоѓаше нашата Сала на Царството, беше претворен во куп од урнатини од кој се креваше чад. Меѓутоа, ниеден Сведок не беше убиен ниту повреден. За среќа, веќе ја имавме пренесено нашата библиска литература од Салата на Царството во домовите на членови на собранието. Му благодаревме на Јехова и за едното и за другото.
Неочекувана слобода
До времето кога ги добив документите за воена служба, собранието Бристол, каде што служев како претседавачки надгледник, порасна на 64 слуги. Многу други Сведоци беа испратени в затвор заради својот неутрален став, а јас очекував на сличен начин да ми ја ограничат слободата на проповедање. Мојот случај беше сослушан во локалниот бристолски суд каде што во моја корист зборуваше брат Ентони Бак, поранешен затворски службеник. Тој беше смел, бестрашен човек, цврст за библиската вистина, и како резултат на неговото добро излагање, неочекувано бев целосно изземен од воената обврска под услов да продолжам со полновремената служба!
Бев возбуден што сум на слобода, и одлучив да ја искористам за да проповедам во најголема можна мера. Кога бев повикан да се јавам во лондонската канцеларија на подружницата за да разговарам со Алберт Д. Шредер, надгледникот на подружницата, беше разбирливо да се прашам што ме очекува. Замислете си го моето изненадување кога бев поканет да одам во Јоркшир за да служам како патувачки надгледник, посетувајќи различни собранија секоја седмица со цел да им помагам на браќата и да ги храбрам. Се чувствував многу неадекватен за таа доделба, но бев изземен од воената служба и можев слободно да одам. Така, го прифатив Јеховиното насочување и спремно заминав.
Алберт Шредер ме претстави на браќата на еден собир во Хадезфилд, и во април 1941 започнав со мојата нова доделба. Колку само се радував што можев да ги запознаам тие драги браќа! Нивната љубов и љубезност уште повеќе ме натераа да го ценам тоа што Јехова има народ кој му е целосно оддаден нему и кој покажува меѓусебна љубов (Јован 13:35).
Повеќе предности на службата
Во 1941 во салата Де Монтфорт во Лестер се одржа еден незаборавен петдневен народен конгрес. И покрај тоа што резервите во храна беа ограничени, како и националниот превоз, во неделата имаше највисок број од 12.000 присутни; сепак, во тоа време во земјата имаше само над 11.000 Сведоци. Беа пуштени снимки со предавања од претседателот на Заедницата, и беше објавена книгата Children (Деца). Тој конгрес, одржан среде II светска војна, сигурно беше меѓник во теократската историја на Јеховиниот народ во Британија.
Набрзо после овој конгрес, добив покана да служам во лондонската бетелска фамилија. Таму работев во одделите за испорака и пакување, и подоцна во канцеларија, грижејќи се за работи поврзани со собранијата.
Бетелската фамилија мораше да се справува со воздушните напади над Лондон дење и ноќе, како и со постојаните проверки од властите на одговорните браќа кои работеа таму. Прајс Хјуз, Еверт Чити и Френк Плат беа ставени в затвор заради својот неутрален став, а на крај Алберт Шредер беше депортиран во Соединетите Држави. И покрај овие притисоци, собранијата и интересите на Царството и понатаму беа добро згрижени.
Напред во Гилеад!
Кога во 1945 војната заврши, дадов молба за мисионерска обука во Библиската школа Гилеад на Watchtower и во 1946 година бев примен во осмиот клас. Заедницата организираше неколкумина од нас, вклучувајќи ги и Тони Атвуд, Стенли Џонс, Харолд Кинг, Дон Рендел и Стенли Вудбарн, да отпловиме од корнволското рибарско пристаниште Фауи. Еден локален Сведок ни направи резервации да патуваме со еден мал товарен брод кој пренесуваше каолин. Просторот каде што бевме сместени беше многу тесен, а палубата обично беше преплавена. Колку само ни олесна кога конечно се приближивме кон нашето влезно пристаниште — Филаделфија!
Студентскиот дом Гилеад беше сместен во прекрасна околина во Саут Лансинг, во северниот дел од Њујорк, а обуката што таму ја добив ми значеше многу. Студентите од нашиот клас беа од 18 нации — Заедницата за првпат можеше да запише толку многу министри од странски земји — и сите станавме блиски пријатели. Уживав во друштвото на мојот цимер Кале Салавара од Финска.
Времето брзо помина, и на крајот од петте месеци претседателот на Заедницата Натан Х. Нор пристигна од централата во Бруклин за да ни ги врачи дипломите и да ни каже каде сме доделени. Во тие денови, студентите не ги знаеја своите одредишта сѐ додека не им беа објавени на промоцијата. Јас добив доделба да се вратам во лондонскиот Бетел за да продолжам со работа таму.
Назад во Лондон
Повоените години во Британија беа сурови. И понатаму резервите во храна и многу други неопходни работи, вклучувајќи и хартија, беа ограничени. Но, ние се снаоѓавме и интересите на Јеховиното Царство напредуваа. Освен што работев во Бетел, служев на обласните и покраинските собири и ги посетував собранијата, вклучувајќи и некои во Ирска. Исто така, за мене беше предност што се запознав со Ерик Фрост и други браќа и сестри од Европа и што од нив дознав нешто за интегритетот на другите Сведоци кои се соочија со ужасите на нацистичките концентрациони логори. Бетелската служба навистина беше благословена предност.
Веќе десет години ја познавав Џоан Веб, специјална пионерка која служеше во Вотфорд, град северно од Лондон. Во 1952 се венчавме. Обајцата сакавме да продолжиме со полновремената служба, па затоа и бевме возбудени кога, откако го напуштив Бетелот, бев наименуван како покраински надгледник. Нашата прва покраина беше по должината на јужниот брег на Англија, во Сасекс и Хемпшир. Покраинското дело во тие денови не беше лесно. Патувавме претежно со автобус, велосипед и пешки. Многу собранија имаа големи, селски подрачја до кои честопати беше тешко да се дојде, но бројот на Сведоци постојано растеше.
Њујорк Сити, 1958
Во 1957 добив друга покана од Бетелот: „Дали би сакал да дојдеш во канцеларијата и да помогнеш околу подготовките за патување на претстојниот меѓународен собир кој ќе се одржи на Јенки Стадион и на Поло Граундз во Њујорк Сити во 1958?“ Набрзо, Џоан и јас се зафативме со проследување на молбите од браќата за чартер летовите и бродовите на Заедницата. Ова испадна најпрочуениот меѓународен собир, Божествена волја, на кој присуствуваа огромен број луѓе — 253.922. На овој конгрес, 7.136 лица го симболизираа своето предание на Јехова со подронување во вода — повеќе од двапати од бројот на крстени во историската прилика на Пентекост 33 н.е., како што се известува во Библијата (Дела 2:41).
Џоан и јас никогаш нема да ја заборавиме љубезноста на брат Нор кога лично нѐ покани да присуствуваме на собирот за да помогнеме во грижата за делегатите кои пристигнаа во Њујорк Сити од 123 земји. Тоа беше среќно и задоволувачко искуство за обајцата.
Благослови од полновремената служба
После нашето враќање, продолживме со патувачкото дело сѐ додека не се појавија здравствени проблеми. Џоан беше задржана во болница, а јас имав мал мозочен удар. Се префрливме во редовите на специјалните пионери, но подоцна имавме предност повремено пак да служиме во покраинското дело. На крај, се вративме во Бристол каде што останавме во полновремената служба. Брат ми Дик живее во близина со своето семејство и често се присетуваме на тие денови.
Во 1971 видот трајно ми се оштети бидејќи имам проблем со одвоени мрежници. Оттогаш имам голема тешкотија со читањето, па затоа мислам дека снимките од библиска литература на касети се прекрасна подготовка од Јехова. Џоан и јас сѐ уште водиме домашни библиски студии, а низ годините имавме предност да им помогнеме на отприлика 40 лица да дојдат до спознание на вистината, меѓу кои имаше едно седумчлено семејство.
Кога му го предадовме својот живот на Јехова, пред повеќе од 60 години, наша желба беше да стапиме во полновремена служба и да останеме во неа. Колку само сме благодарни што сѐ уште имаме сила да му служиме на Великиот Јехова — единствениот начин на кој можеме да му покажеме благодарност за неговата доброта кон нас и за нашите заеднички години на среќа!
[Фуснота]
a Торба од ткаенина која можела да се носи на рамо и била наменета за носење примероци од Стражарска кула и Утеха (подоцна Разбудете се!).
[Слика на страница 25]
Со брат ми Дик (сосема лево; Дик стои) и други пионери пред пионерскиот дом во Бристол
[Слика на страница 25]
Пионерскиот дом во Бристол во 1940
[Слики на страница 26]
Стенли и Џоан Рејнолдс на денот на својата свадба, 12 јануари 1952, и денес