Животна приказна
„Сегашниот живот“ — го живеам во потполност!
РАСКАЖАЛ ТЕД БАКИНГЕМ
Веќе шест години служев како полновремен слуга и шест месеци бев женет, кога неочекувано се разболев од детска парализа. Беше 1950 година и имав само 24 години. Во следните девет месеци што ги прележав во болница имав доста време да размислувам за мојот живот. Каква иднина нѐ чекаше мене и мојата жена Џојс сега, со оглед на инвалидноста која е последица од оваа болест?
ВО 1938 година, татко ми, кој воопшто не беше религиозен, набави примерок од книгата Government (Влада).a Најверојатно политичките немири и неизбежноста на војната го натераа да ја земе книгата. Колку што знам, никогаш не ја прочита, но ја прочита мајка ми, која беше навистина религиозна жена. Она што го прочита веднаш ја погоди в срце. Се отпиша од Англиканската црква и, и покрај противењето од страна на татко ми, стана верен Сведок на Јехова и остана верна сѐ до својата смрт во 1990 година.
Мајка ми за првпат ме одведе на христијански состанок во Салата на Царството во Епсом, јужно од Лондон. Собранието се состануваше во една просторија што порано била дуќан, и во таа прилика слушавме снимка од едно предавање на Џ. Ф. Ратерфорд, кој го надгледуваше делото на Јеховините сведоци во тоа време. Овој говор ми остави силен впечаток.
Силното бомбардирање во текот на воздушните напади врз Лондон стануваше сѐ поопасно. Затоа, во 1940 година, татко ми реши сите ние, како семејство, да се преселиме на побезбедно место — во Мејденхед, едно гратче на 45 километри од Лондон. Ова беше многу добар чекор, затоа што 30-те члена на тоа собрание ни станаа голем извор на охрабрување. Фред Смит, еден верен христијанин кој беше крстен во 1917 година, лично се заинтересира за мене и ме обучи да проповедам поделотворно. До ден-денес, од срце сум му благодарен за неговиот пример и за помошта што со љубов ми ја даде.
Почнувам со полновремена служба
Се крстив во реката Темза, во еден студен мартовски ден во 1941 година. Имав 15 години. Мојот постар брат, Џим, во тоа време веќе служеше како полновремен проповедник. Тој и неговата жена, Меџ, сега живеат во Бирмингем, откако целиот живот му служеа на Јехова во покраинското и обласното дело низ цела Британија. Мојата помала сестра, Робина, и нејзиниот сопруг, Френк, исто така верно му служат на Јехова.
Работев како сметководител во една конфекција. Еден ден, директорот ме повика во својата канцеларија и ми понуди да започнам со успешна кариера како набавувач за фирмата. Но, веќе извесно време пред тоа размислував да тргнам по стапките на брат ми. Затоа учтиво ја одбив понудата на мојот работодавач, и му објаснив од која причина одбивам. На мое изненадување, тој срдечно ме пофали затоа што сакам да ѝ се посветам на таква благородна христијанска служба. И така, по обласниот конгрес што се одржа во Нортемптон во 1944 година, станав полновремен проповедник.
Мојата прва доделба беше Егзетер, во грофовијата Девон. Во тоа време овој град полека се креваше на нозе по воените бомбардирања. Се сместив во еден стан во кој веќе престојуваа двајца пионери, Френк и Рут Мидлтон, кои беа многу љубезни со мене. Имав само 18 години и не знаев многу да перам и да готвам, но полека-полека почнав да се подобрувам.
Проповедав заедно со 50-годишниот Виктор Гурд, Ирец кој сведочеше уште од 1920-тите. Тој ме научи добро да си го организирам времето, да развијам длабок интерес за читањето на Библијата и да имам ценење за различните библиски преводи. Во тие години, додека сѐ уште созревав, непоколебливоста на Виктор беше токму она што ми требаше.
Проблемот со неутралноста
Војната веќе беше при крај, но властите сѐ уште ги гонеа младите мажи за да ги регрутираат за воена служба. Во 1943 година имав излезено на суд во Мејденхед, каде што дадов јасна изјава дека сакам да бидам изземен од таа служба затоа што сум проповедник на евангелието. Иако мојата жалба беше одбиена, сепак решив да се преселам во Егзетер и да почнам да служам на мојата доделба. И така на крајот бев повикан да се појавам пред локалниот суд во Егзетер. Судијата ме осуди на шест месеци присилна работа во затвор, и ми рече дека му е жал што не може да ме осуди на повеќе. Откако поминав шест месеци таму, повторно бев осуден на додатни четири месеци.
Бидејќи бев единствениот Сведок во затворот, чуварите ме викаа Јехова. Ми беше многу необично да се одѕвијам на ова име кога нѐ прозиваа, иако морав, но колкава само чест беше да се слуша Божјето име секој ден! Така на затворениците им стана јасно дека сум меѓу нив заради мојот неутрален став како Јеховин сведок. Подоцна, во истиот затвор беше пратен и Норман Кастро, па името беше сменето. Станавме Мојсеј и Арон.
Потоа ме преместија од Егзетер во Бристол и на крајот во затворот во Винчестер. Условите не беа секогаш најпријатни, но смислата за хумор ни беше од голема помош. Јас и Норман бевме среќни што можевме да го одбележиме заедно Меморијалот додека бевме во Винчестер. Франсис Кук, кој нѐ посети во затворот, во таа прилика одржа убав говор.
Промени во повоените години
На конгресот во Бристол во 1946 година, кога излезе книгата „Нека Бог биде вистинит“, се сретнав со Џојс Мур, една прекрасна млада девојка, која исто така служеше како пионер во Девон. Станавме блиски пријатели, а четири години подоцна се венчавме во Тивертон, каде што живеев од 1947 година. Дом ни стана една изнајмена соба за која плаќавме 15 шилинзи (1 евро) седмично. Тоа беа убави денови!
Во првата година од бракот уште еднаш се преселивме на југ, во Бриксам, едно прекрасно пристанишно гратче каде што за првпат била усовршена техниката за ловење риби со повлечни мрежи. Но, недолго по преселбата, додека бевме на пат за конгрес во Лондон, се разболев од детска парализа. Паднав во кома. На крајот бев пуштен од болницата — по девет месеци, како што спомнав во почетокот. На десната рака и на двете нозе имав потешки последици — и сѐ уште имам — па морав да се служам со бастун. Мојата мила жена ми беше постојан, весел придружник и извор на охрабрување, особено со тоа што успеа да продолжи со полновремената служба. Но, што ќе правиме сега? Наскоро увидов дека Јеховината рака никогаш не е прекратка.
Следната година присуствувавме на еден собир во Вимблдон, Лондон. Дотогаш веќе можев да одам без бастун. Таму се сретнавме со Прајс Хјуз, кој го надгледуваше делото во Британија. Тој веднаш ме поздрави со зборовите: „Еј, потребен си ни во покраинското дело!“ Зар можеше нешто друго да ме охрабри повеќе од ова?! Дали можев да ја издржам таа служба со оглед на моето здравје? И јас и Џојс си го поставувавме тоа прашање, но по еднонеделна обука и со целосна доверба во Јехова, веќе бевме на пат кон југозападна Англија, каде што бев доделен да служам како покраински надгледник. Тогаш имав само 25 години, но сѐ уште со длабока благодарност се сеќавам на љубезноста и на стрпливоста на тамошните Сведоци кои толку многу ми помагаа.
Од сите теократски активности, јас и Џојс сфативме дека посетувањето на собранијата најмногу нѐ зближува со нашите христијански браќа и сестри. Немавме автомобил, па патувавме или со воз или со автобус. Иако сѐ уште се приспособував на ограничувањата што ми ги наметна болеста, уживавме во оваа посебна служба сѐ до 1957 година. Водевме навистина исполнет живот, но таа година се најдовме пред еден нов предизвик.
Мисионерска служба
Бевме пресреќни кога добивме покана да присуствуваме на 30-тиот клас на Гилеад. Бидејќи добро се снаоѓав со мојата парализа, јас и Џојс со радост ја прифативме поканата. Од искуство знаевме дека Јехова секогаш дава сила ако се трудиме да ја вршиме неговата волја. Петте месеци на интензивна обука во Библиската школа Watchtower на Гилеад, која се одржуваше во прекрасниот Саут Ленсинг, Њујорк (САД), просто како да летнаа. Повеќето од студентите беа брачни двојки што служеа во патувачкото дело. Кога нѐ прашаа дали некои од нас сакаат доброволно да се пријават да служат како мисионери во странство, ние спремно се пријавивме. Каде ќе заминеме? Во Уганда, источна Африка!
Бидејќи во тоа време делото на Јеховините сведоци во Уганда беше под забрана, бев советуван да се сместиме во некое село и таму да најдам некоја работа. По едно долго патување со воз и со брод, стигнавме во Кампала (Уганда). На службениците од одделот за имиграција не им беше баш мило што сме таму и ни дадоа дозвола за престој со траење од само неколку месеци. Потоа ни беше наредено да си заминеме. Следејќи ги упатствата од главното седиште, отпатувавме за Северна Родезија (сегашна Замбија). Бевме пресреќни кога таму се најдовме со четворица од мисионерите со кои бевме на Гилеад — Френк и Кери Луис, и Хајс и Хериет Хоскинс. Од таму, по кратко време, бевме доделени во Јужна Родезија (денешно Зимбабве).
Патувавме со воз, и пред да стигнеме во Булавајо, за првпат имавме прилика да ги видиме величествените Викториини водопади. Кратко живеевме кај семејството Меклаки, кои беа едни од првите Сведоци што се доселиле таму. За нас беше чест што имавме прилика добро да ги запознаеме во текот на следните 16 години.
Се приспособуваме на промените
Откако добив двонеделна обука за да се запознаам со службата во Африка, бев доделен да служам како обласен надгледник. Сведочењето во африканската дивина значеше да се носи со себе вода, храна, постелнина, облека, филмски проектор и електричен генератор, големо платно за проектирање и други неопходни работи. Сето ова беше натоварено на едно камионче кое беше доволно издржливо за да нѐ носи по нерамните патишта.
Јас соработував со африканските покраински надгледници, а Џојс со радост им помагаше на нивните жени и деца што исто така ни се придружуваа. Пешачењето низ африканските савани може да биде доста заморно, посебно под жешкото сонце, но наскоро сфатив дека на оваа клима можев полесно да се справувам со моите здравствени ограничувања, и бев многу благодарен за тоа.
Повеќето луѓе беа сиромашни. Мнозина беа заплеткани во разни традиции и суеверија и живееја во полигамни бракови. Сепак покажаа длабока почит кон Библијата. Во некои области, собраниските состаноци се одржуваа под сенката на големи дрвја, а во текот на вечерта просторот беше осветлен со закачени газиени лампи. Секогаш чувствувавме голема страхопочит кога ја проучувавме Божјата реч под јасното ѕвездено небо, тој толку величествен дел од Божјето создание.
Прикажувањето на филмовите на Watch Tower Society во африканските резервати беше уште едно незаборавно искуство. Имаше собранија кои броеја околу 30-тина Сведоци, но во тие прилики знаевме дека можеме да очекуваме посетеност од 1.000 па и повеќе луѓе!
Се разбира, во тропските подрачја слабото здравје може да биде проблем, но многу е важно секогаш да се задржи позитивно гледиште. Јас и Џојс научивме прилично добро да се снаоѓаме — јас со моите повремени напади на маларија, а таа со болест што ја предизвикуваат амеби.
Подоцна бевме доделени во подружницата во Салисбури (сегашно Хараре), каде што ја имав честа да служам покрај други верни слуги на Јехова, меѓу кои беа и Лестер Дејви и Џорџ и Руби Бредли. Владата ме назначи да служам како матичар, и така имав прилика да ги венчавам африканските браќа, јакнејќи ги на тој начин брачните врски на христијаните во самите собранија. Неколку години подоцна имав уште една привилегија. Требаше да ги посетувам сите собранија што не ги зборуваа африканските јазици банту. Повеќе од една деценија, јас и Џојс со задоволство ги запознававме браќата на овој начин и се радувавме гледајќи како духовно напредуваат. Во тоа време исто така ги посетивме и браќата во Боцвана и во Мозамбик.
Повторно на пат
По многу среќни години поминати во јужна Африка, во 1975 година бевме доделени во Сиера Леоне (западна Африка). Наскоро се сместивме во тамошната подружница за да уживаме на нашето ново поле на активност, но ова не потраја долго. Се разболев и многу опаднав од еден тежок напад на маларија, така што наскоро морав да заминам на лекување во Лондон, каде што ми беше советувано да не се враќам во Африка. Ни беше многу жал поради ова, но бетелската фамилија во Лондон нѐ прифати со раширени раце. Со многуте африкански браќа во бројните лондонски собранија ни беше исто како дома. Додека полека закрепнував, се приспособивме на една поинаква рутина, и бев замолен да служам во одделението за набавка. Со оглед на порастот што следеше наредните години, оваа работа беше многу интересна.
Во почетокот на 1990-тите, мојата мила Џојс се разболе од болест на моторниот неврон и во 1994 година почина. Таа ми беше предана и верна сопруга, полна со љубов и секогаш спремна да се приспособи на различните околности со кои се соочувавме заедно. Сфатив дека, за да се справам со една ваква загуба, многу е важно мојата духовна визија да остане јасна и да продолжам да гледам напред. Постојано го молам Јехова и понатаму да продолжам редовно да ги вршам теократските активности, вклучувајќи го и проповедањето, и тоа ми помага мислите да ми бидат зафатени (Пословици 3:5, 6).
Службата во Бетел е чест и прекрасен начин на живот. Овде има толку многу млади луѓе со кои работам и со кои можам да ги делам многуте радости. Уште еден благослов се многуте гости што ни доаѓаат во Лондон. Понекогаш се среќавам со драги пријатели од времето кога служев во Африка и ми надоаѓаат спомени на тие среќни денови. Сето ова ми помага да продолжам во целост да го живеам „животот сега“ и со доверба и со надеж да ја задржам во мислите сликата на животот „кој ќе дојде“ (1. Тимотеј 4:8).
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци во 1928 година, но веќе не се печати.
[Слика на страница 25]
Со мајка ми во 1946 година
[Слика на страница 26]
Со Џојс на нашата венчавка во 1950 година
[Слика на страница 26]
На конгрес во Бристол во 1953 година
[Слики на страница 27]
Служиме во една изолирана група (горе) и во едно собрание (лево) во Јужна Родезија, сегашно Зимбабве