Животна приказна
Зајакнат од нашето светско братство
РАСКАЖАЛ ТОМСОН КАНГАЛ
На 24 април 1993, во Лусака, Замбија, бев поканет да присуствувам на програмата за свеченото отворање на новиот комплекс на канцеларијата на подружницата, кој вклучува 13 згради. Бидејќи имав проблеми со одењето, христијанската сестра што нѐ водеше во обиколка на објектите на подружницата љубезно ме праша: „Ќе сакаш ли да носам едно столче за тебе за да можеш да се одмораш одвреме навреме?“ Јас сум црнец, а таа е бела, но за неа тоа не беше важно. Длабоко трогнат, ѝ се заблагодарив зашто нејзината љубезност ми овозможи да ги разгледам сите објекти на подружницата.
НИЗ годините, ваквите искуства ми го грееја срцето, потврдувајќи ја мојата увереност дека во христијанската заедница на Јеховините сведоци постои љубовта по која Христос рекол дека ќе се познаат неговите вистински следбеници (Јован 13:35; 1. Петрово 2:17). Дозволете ми да ви раскажам како се запознав со овие христијани во 1931 година, годината кога јавно ја објавија својата желба да бидат познати по библиски темеленото име, Јеховини сведоци (Исаија 43:12).
Раната служба во Африка
Во ноември 1931, имав 22 години и живеев во Китве, кој се наоѓа во областа Бакарен Појас во Северна Родезија (сега Замбија). Еден пријател со кого играв фудбал ме запозна со Сведоците. Присуствував на некои од нивните состаноци и пишав до канцеларијата на подружницата во Кејп Таун, Јужна Африка, барајќи го помошното средство за проучување на Библијата The Harp of God (Харфа Божја).a Книгата беше на англиски и ми беше тешко да ја разберам зашто не го знаев добро тој јазик.
Многу луѓе од другите провинции беа вработени во рудниците за бакар во областа Бакарен Појас, сместена околу 240 километри југозападно од езерото Бангвеулу, близу до областа каде што пораснав. Неколку групи Сведоци редовно се состануваа таму за студија на Библијата. По некое време, се преселив од Китве во блискиот град Ндола и почнав да се дружам со една група Сведоци таму. Во тоа време бев капитен на еден фудбалски тим што се викаше Принцот од Велс. Исто така, работев и како слуга за еден директор белец во корпорацијата Африкан Лејкс, компанија што имаше синџир од продавници во централна Африка.
Имав ограничено формално образование и научив по нешто англиски од Европејците за кои работев. Сепак, бев желен да го зголемам моето световно образование и дадов молба да студирам во едно училиште во Пламтри, Јужна Родезија (сега Зимбабве). Меѓутоа, во меѓувреме по вторпат пратив писмо до канцеларијата на подружницата во Кејп Таун. Ги известив дека ја добив Харфа Божја и дека сакам да му служам на Јехова полновремено.
Бев изненаден кога го добив нивниот одговор, кој гласеше: „Ја цениме твојата желба да му служиш на Јехова. Би сакале да те охрабриме да го направиш тоа предмет на молитва и Јехова ќе ти помогне подобро да ја разбереш вистината и ќе ти најде место да му служиш“. Откако го прочитав писмото неколкупати, прашав повеќе Сведоци што да правам. Тие рекоа: „Ако навистина имаш желба да му служиш на Јехова, само напред и стори го тоа уште сега“.
Цела недела се молев за тоа и конечно решив да се откажам од световното образование и да продолжам со мојата библиска студија со Сведоците. Следната година, во јануари 1932, го симболизирав моето предание на Јехова Бог со крштавање во вода. Откако се преселив од Ндола во блискиот град Луаншија, запознав една соверничка, Жанет, и се венчавме во септември 1934. Кога се венчавме, Жанет веќе имаше син и ќерка.
Постепено напредував духовно и во 1937 стапив во полновремена служба. Кратко потоа бев наименуван да служам како патувачки министер, кој сега се вика покраински надгледник. Патувачките надгледници ги посетуваат собранијата на Јеховините сведоци за да ги зајакнат духовно.
Проповедање во раните години
Во јануари 1938, бев упатен да се сретнам со еден африкански поглавица по име Соконтве, кој побарал да биде посетен од Јеховините сведоци. Три дена возев со велосипед за да дојдам до тоа подрачје. Кога му кажав дека сум дојден во одговор на неговото писмо до нашата канцеларија во Кејп Таун, беше многу благодарен.
Одев од колиба до колиба кај неговиот народ и ги поканив на инсака (на сред село). Кога се собраа, му зборував на мноштвото. Како резултат на тоа, беа започнати многу библиски студии. Поглавицата на селото и неговиот службеник беа првите што станаа надгледници во тамошното собрание. Денес има повеќе од 50 собранија на тоа подрачје, што е познато како област Самфија.
Од 1942 до 1947, служев во областа околу езерото Бангвеулу. Поминував по 10 дена во секое собрание. Бидејќи работниците зафатени во духовната жетва тогаш беа малку, се чувствувавме токму како и нашиот Господ, Исус Христос, кога рекол: „Жетвата е голема, а работници малку. Затоа, молете го Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва“ (Матеј 9:36—38). Во тие рани денови патувањето беше тешко, па затоа Жанет обично остануваше во Луаншија со децата додека јас ги посетував собранијата. Дотогаш, Жанет и јас имавме уште две деца, но едното од нив почина кога имаше десет месеци.
Во тоа време автомобилите беа малку а, се разбира, и патиштата. Еден ден, со велосипедот на Жанет тргнав на патување од преку 200 километри. Понекогаш, кога морав да преминам некоја мала река, ќе го ставев велосипедот на рамењата, ќе го држев со едната рака, а со другата ќе пливав. Патем речено, бројот на Сведоци во Луаншија драматично се зголеми и во 1946, на Меморијалот за Христовата смрт, присуствуваа 1.850 лица.
Се соочуваме со противење на нашето дело
Во една прилика за време на Втората светска војна, обласниот комесар во Кавамвба ме повика и ми рече: „Сакам да престанете да ги користите книгите на Watch Tower Society зашто сега се забранети. Но, можам да ти дадам алатки што можеш да ги користиш за пишување други книги што ќе ги користите во вашето дело“.
„Јас сум задоволен со литературата што ја имаме“, одговорив. „Не ми е потребно ништо повеќе.“
„Не ги знаеш ти Американците“, рече тој (нашата литература тогаш се печатеше во Соединетите Држави). „Ќе те заведат.“
„Не, оние со кој јас сум поврзан, нема“, одговорив.
Потоа ме праша: „Зарем не можеш да ги охрабриш вашите собранија да дадат парични донации за да помогнат околу војната како што прават и другите религии?“
„Тоа е работа на владините курири“, одговорив јас.
„Зошто не одиш дома и не размислиш за тоа?“ рече тој.
„Во Излез 20:13 и 2. Тимотеј 2:24, Библијата ни заповеда да не убиваме ниту да се бориме“, одговорив.
Иако ми беше дозволено да си одам, подоцна бев повикан од покраинскиот комесар во Форт Роузбери, град што сега се вика Манса. „Те повикав овде за да ти кажам дека владата ги забрани вашите книги“, рече тој.
„Да. Слушнав за тоа“, реков.
„Затоа треба да одиш до сите ваши собранија и да им кажеш на луѓето со кои обожаваш да ги донесат сите книги овде. Разбра?“
„Тоа не е моја работа“, одговорив. „Тоа е работа на владините курири.“
Една средба раѓа плод
По војната продолживме да проповедаме. Во 1947 година, откако штотуку завршив со служењето во едно собрание во селото Мванза, прашав каде можам да добијам филџан чај. Бев упатен до куќата на г. Нконде, каде што имаше чајџилница. Г. Нконде и неговата сопруга срдечно ме примија. Го замолив г. Нконде ако сака, додека јас го пијам чајот, да го прочита поглавјето „Пеколот, место на одмор во надеж“ од книгата “Let God Be True” (Нека Бог биде вистинит).
„Па, како го разбирате пеколот?“, прашав откако го допив чајот. Зачуден од она што го прочита, почна да ја проучува Библијата со Сведоците и подоцна се крсти заедно со жена му. Иако тој не остана Сведок, неговата жена и повеќето деца останаа. Всушност, едно од неговите деца, Пилни, сѐ уште служи во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Замбија. И, иако мајката на Пилни сега е доста стара, таа сѐ уште е верен Сведок.
Вкусот на источна Африка
Нашата канцеларија на подружницата во Северна Родезија, која беше основана во 1948 во Лусака, ме додели во Тангањика (сега Танзанија). Еден друг Сведок нѐ придружуваше мене и сопругата на нашето патување пешки низ планински предел. Патувањето траеше три дена и беше многу заморно. Додека јас носев еден куп книги, сопругата ја носеше нашата облека, а другиот Сведок ја носеше постелнината.
Кога стигнавме во Мбеја, во март 1948, имаше многу работа околу тоа да им се помогне на браќата да направат преиначувања за попотполно да се придржуваат кон библиските учења. Една работа беше што во тоа подрачје бевме познати како луѓе на Watchtower. Иако името Јеховини сведоци беше прифатено од браќата, јавно не беше познато. Освен тоа, некои Сведоци требаше да напуштат одредени обичаи поврзани со укажувањето чест на мртвите. Но, веројатно најтешката промена за многумина беше законски да ги регистрираат своите бракови, правејќи ги чесни пред сите (Евреите 13:4).
Подоцна, имав предност да служам на други подрачја во источна Африка, вклучувајќи ја и Уганда. Поминав околу шест недели во Ентебе и Кампала, каде што на многумина им беше помогнато да ја запознаат библиската вистина.
Покана за Њујорк Сити
Откако некое време служев во Уганда, во почетокот на 1956 пристигнав во Дар ес Салам, главниот град на Тангањика. Таму ме чекаше писмо од светското седиште на Јеховините сведоци. Писмото содржеше упатства да почнам да се подготвувам да заминам за Њујорк за да присуствувам на меѓународниот конгрес што требаше да се одржи од 27 јули до 3 август, 1958. Нема потреба да кажам дека бев возбуден од тој изглед.
Кога дојде времето, еден друг патувачки надгледник, Лука Мванго, и јас летавме со авион од Ндола до Салисбури (сега Хараре), Јужна Родезија, потоа до Најроби, Кенија. Од таму летавме до Лондон, Англија, каде што бевме срдечно примени. Кога си легнавме вечерта откако пристигнавме во Англија, бевме возбудени и зборувавме за тоа како ние Африканци бевме толку гостољубиво примени од белци. Бевме особено охрабрени од тоа искуство.
Конечно, стигнавме во Њујорк, каде што се одржа конгресот. Еден ден во текот на конгресот, јас дадов извештај за активноста на Јеховините сведоци во Северна Родезија. Тој ден имаше речиси 200.000 присутни собрани на Поло Граундс и на стадионот Јенки во Њујорк Сити. Таа вечер не можев да спијам зашто размислував за прекрасната предност што ја уживав.
Конгресот заврши многу брзо, и ние се вративме дома. На патувањето кон дома повторно ја искусивме љубезната гостољубивост на нашите браќа и сестри во Англија. На ова патување единството на Јеховиниот народ, без разлика на расата или нацоналноста, беше покажано на незаборавен начин!
Понатамошна служба и испити
Во 1967 бев наименуван како обласен слуга — министер кој патува од покраина до покраина. Дотогаш бројот на Сведоците во Замбија порасна на 35.000. Подоцна, поради нарушено здравје, повторно бев доделен како покраински надгледник во Бакарен Појас. Со текот на времето, кај Жанет се појавија здравствени проблеми и во декември 1984 таа почина верна на Јехова.
По нејзината смрт, длабоко бев повреден кога нејзините роднини неверници ме обвинија дека сум ја убил користејќи магија. Но, некои што знаеја за болеста на Жанет и што разговараа со нејзиниот лекар им ја објаснија на овие роднини вистината за случајот. Потоа дојде друг испит. Некои роднини сакаа да постапам според традиционалниот обичај наречен укупјаника. Во областа од каде што потекнувам, според овој обичај, кога еден од сопружниците ќе умре, другиот што е жив треба да има сексуален однос со близок роднина на починатиот. Се разбира, јас одбив.
На крај, притисокот од роднините престана. Бев благодарен што Јехова ми помогна да заземам цврст став. Еден месец по погребот на мојата сопруга, еден брат ми пријде и ми рече: „Брате Кангал, ти навистина беше охрабрување за нас кога умре твојата сопруга зашто не подлегна на ниедна безбожна традиција. Сакаме многу да ти се заблагодариме“.
Прекрасна жетва
Минаа 65 години откако почнав со полновремената служба како Јеховин сведок. Колкава радост е да се види како се формираат стотици собранија и како се градат многу Сали на Царството на подрачја каде што некогаш служев како патувачки надгледник! Од околу 2.800 Сведоци во 1943, сега имаме пораст на повеќе од 122.000 објавители на Царството во Замбија. Всушност, минатата година на Меморијалот во оваа земја, која има помалку од 11 милиони население, присуствуваа 514.000 лица.
Во меѓувреме, Јехова добро се грижи за мене. Кога ми треба медицинска нега еден брат ме носи до болница. Собранијата сѐ уште ме покануваат да држам јавни предавања, а тоа ми дава многу изградувачки моменти. Моето собрание организира христијански сестри наизменично да ми ја чистат куќата, а браќата доброволно се пријавуваат да ме придружуваат на состаноците секоја седмица. Знам дека никогаш немаше да уживам таква љубезна грижа ако не му служев на Јехова. Му благодарам што продолжува да ме користи во полновремената служба, како и за многуте одговорности што можев да ги носам сѐ досега.
Видот ми е ослабен, и додека одам до Салата на Царството, морам да се одморам повеќепати. Чантата со книги се чини како да е потешка во последно време, затоа ја олеснувам така што ги вадам сите книги што нема да ми требаат на состанокот. Мојата служба на теренот главно се состои од водење библиски студии со оние што доаѓаат во мојата куќа. Сепак, какво задоволство е да можеш да погледнеш наназад низ годините и да се осврнеш на прекрасниот пораст! Јас служев на подрачје каде што Јеховините зборови запишани во Исаија 60:22 имаат извонредно исполнување. Таму вели: „Од најмалиот ќе станат илјада, од слабиот силен народ, Јас, Господ, ви зборував, ќе го извршам тоа во право време“. Навистина, јас доживеав да видам како токму тоа се случува не само во Замбија туку и ширум светот.b
[Фусноти]
a Издадена од Јеховините сведоци, но сега веќе не се печати.
b За жал, брат Кангал на крај го напушти силата и тој почина верен додека оваа статија се подготвуваше за печатење.
[Слики на страница 24]
Томсон со замбиската подружница во заднина
[Слика на страница 26]
Замбиската подружница денес