Прашања од читателите
Дали е исправно да се рече дека Јеховината милост ја ублажува неговата правда?
Иако овој израз се користи, најдобро е тој да се избегнува бидејќи изгледа подразбира дека Јеховината милост ја омекнува или ја ограничува неговата правда, како неговата милост да е супериорна во однос на построгата особина правда. Тоа не е точно.
Хебрејскиот збор кој во Превод Нов свет е преведен со „правда“ може да значи и „суд“. Правдата е тесно поврзана со праведноста. Меѓутоа, правдата обично има законски импликации. Праведноста обично нема. Точно е дека Јеховината правда може да вклучува одмерување заслужена казна, но таа може да вклучува и да им се обезбеди спасение на достојните (Битие 18:20—32; Исаија 56:1; Малахија 4:2). Според тоа, Јеховината правда не треба да се смета за строга или за таква што треба да се омекне.
Хебрејскиот збор за „милост“ може да укажува на тоа да се практикува воздржување кога се спроведува суд. Исто така, може да укажува на тоа активно да се изразува сочувство, да им се донесе олеснување на обесправените (Второзаконие 10:18; Лука 10:29—37).
Јехова е Бог и на правда и на милост (Излез 34:6, 7; Второзаконие 32:4; Псалм 145:9). Неговата правда и неговата милост се совршени, и складно дејствуваат заедно (Псалм 116:5; Осија 2:19). Обете особини совршено се урамнотежуваат или надополнуваат една со друга. Според тоа, ако кажеме дека Јеховината милост ја ублажува неговата правда, би морале да кажеме и дека неговата правда ја ублажува неговата милост.
Исаија прорекол: „Господ чека час за да ви се смилува, и по таа причина да ви искаже милост, зашто Господ е праведен Бог“ (Исаија 30:18). Овде Исаија покажува дека Јеховината правда мотивира на дела на милост, а не дека неговата милост ја омекнува или ја ограничува неговата правда. Јехова покажува милост затоа што е праведен и, исто така, затоа што е полн со љубов.
Точно, библискиот писател Јаков напишал: „Милоста триумфално ликува над судот“ (Јаков 2:13б). Меѓутоа, Јаков во контекстот не зборува за Јехова туку за христијаните што покажуваат милост — на пример, кон измачените и сиромашните (Јаков 1:27; 2:1—9). Кога таквите милостиви се судени, Јехова го зема предвид нивното однесување и милостиво им простува на темел на жртвата на својот Син. На тој начин нивното милостиво однесување триумфира над секој неповолен суд на кој би можеле да бидат изложени (Пословици 14:21; Матеј 5:7; 6:12; 7:2).
Според тоа, не е исправно да се каже дека Јеховиниот суд е ублажен со неговата милост во смисла дека неговата правда треба да се омекне со милост. Овие две особини кај Јехова се наоѓаат во совршена рамнотежа. Тие се урамнотежуваат една со друга како што се урамнотежуваат — и се урамнотежени — со другите Јеховини особини, како што се љубовта и мудроста.